ГРАЃАНИ, ДАЛИ ГО ПОЧУВСТВУВАВТЕ ПОЕВТИНУВАЊЕТО НА КРЕДИТИТЕ - во декември малку пониски камати на новите заеми, но не е доволно за задолжениот Македонец
Објавено во: Финансии 01 Февруари, 2024
Народна банка можеби реши засега да игра внимателно и да ја задржи основната камата на досегашното ниво од 6,3 проценти, односно да се воздржи од избрзано намалување, но затоа деловните банки како да попуштаат, иако нивните каматни стапки се далеку од посакуваното ниво, барем за граѓаните и компаниите кои ги користат нивните кредити.
Централната банка ги објави податоците за каматните стапки на кредитите и депозитите кои деловните банки ги практикувале заклучно со декември годинава, кои говорат за сосема благо и воопшто незначително попуштање на нивната висина. За тоа да биде повидливо ќе треба да почекаме да согледаме како оваа година ќе се „однесуваат“ цените, а во зависност од нив и централните банки, во смисла дали и колку ќе ги олабават своите монетарни политики.
На крајот на декември минатата година вкупните кредити имале просечна каматна стапка од 5,47 отсто, речиси идентично колку во ноември, кога таа била 5,48 отсто, што воопшто не може ни да се смета за намалување.
Ако се направи споредба со почетокот на 2023 година, односно практично крајот на 2022 година, пак, каматните стапки тогаш биле значително пониски, односно тие на вкупните кредити изнесувале 4,44 отсто, или разликата е повеќе од цел еден процентен поен.
Тоа покажува колку минатата година беше во знакот на зголемување на каматните стапки, што, пак, беше неопходно поради високите инфлаторни притисоци.
Декември сепак донел мало олабавување кај граѓаните и фирмите, кога станува збор за новоодобрените кредити. Тоа значи дека тие што решиле да се задолжат кај домашните банки во декември, успеале да добијат колку толку пониска камата во однос на претходните месеци.
Па така, каматата на новоодобрените кредити во декември 2023 година изнесувала 5,21 отсто, што е намалување за скромни 0,17 отсто, но сепак е некаков сигнал дека банките ги олабавуваат каматните вентили.
Позначајно е намалувањето, пак, на овие камати во однос на декември лани, кога тие изнесувале 4,83 проценти.
Она што може да се забележи од бројките на НБМ, е дека од благото поевтинување на кредитите многу повеќе ќариле граѓаните, отколку компаниите.
Имено, новоодобрените кредити кои им се дадени на домаќинствата во декември лани изнесувале 5,02 отсто, што е повеќе од половина процентен поен помалку од 5,35 отсто, колку што изнесувале овие камати само еден месец претходно, во ноември лани.
А, само колку за споредба, на крајот на 2022 година, тие камати биле на ниво од 4,38 отсто.
Кога станува збор за фирмите, пак, кај нив новоодобрените кредити имале камата од 5,3 отсто, што е многу повеќе во однос на домаќинствата.
Каматите на депозитите, иако се зголемија, се многу пониски од оние на кредитите. Тоа е таа висока каматна маргина што ги создава високите банкарски нето приходи, а со тоа и огромните добивки што ги книжи банкарскиот сектор.
Кај каматните стапки на депозитите, за волја на вистината, се уште не почнал трендот на намалување, па тие кај вкупните депозити во декември лани биле 1,79 отсто, а нешто подобри кај новопримените депозити, или 2,37 отсто.
Граѓаните, значи домаќинствата кои во декември ги вложиле своите пари во банка, што всушност ги означува новопримените депозити, за нив ќе добијат камтна стапка од 2,42 проценти.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.