Граѓаните имаат над 34 милиони евра заштедени пензии во трет пензиски столб: Ќе можат да ги земат најрано на 52, односно 54 години
Објавено во: Економија 22 Октомври, 2020
Со над 34,5 милиони евра доброволни пензиски заштеди располагаат во моментов двете друштва кои управуваат со пензиски фондови од третиот доброволен пензиски столб во државата. Десет години откако беше воведено, покажуваат податоците од МАПАС, граѓаните доброволно да штедат за пензија, можноста засега ја користат 25.593 лица. Тие уплатуваат на своите доброволни пензиски сметки, или некое друго физичко или правно лице уплатува за нив, пари кои ќе ги користат како дополнителна пензија. Опцијата има низа предности, клучно е што парите се оплодуваат дополнително, а законски осигурениците имаат можност да ги повлечат најрано десет години пред навршувањето на возраста за пензионирање која е законски определена – односно на 54 години за мажи и на 52 години за жени. Во услови на сериозна економска криза, неизвесност и непредвидливи пензиски реформи, треба да се согласиме дека доброволните пензиски фондови се добра опција за обезбедувањето на посигурни пензиски денови. Концептот кој во светот обезбедува значајни приходи на семејствата и во земјава нуди доста поволности и солиден принос. Во време кога алтернативните начини на заштеда се лимитирани, штедењето во доброволните фондови има простор за значаен раст. Фактор анализира каква е ситуацијата во Македонија.
ОПЛОДУВАЊЕ НА ПАРИТЕ
Две друштва управуваат со средствата на осигурениците во доброволниот пензиски столб – Отворен доброволен пензиски фонд- Сава пензија Плус и КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд. Според податоците од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) – 25.593 осигуреници се членови во Сава пензија Плус и во КБ Прв доброволен пензиски фонд, што е за над 28 проценти повеќе од состојбата од пред пет години. Во доброволниот фонд секој може да уплатува сам за себе, друго физичко лице да уплаќа за него, но тоа може да го прави и работодавачот во таканаречена професионална пензиска шема. Од вкупниот број членови* – 10.670 се индивидуални, додека 14.923 се во пензиска шема со професионална сметка. Во моментов двете друштва управуваат со 34,5 милиони евра, а вредноста на сметководствената единица за десет години пораснала од 100 на над 182 денари – или кај Сава пензија Плус вреди 186 денари, а кај КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд е 182 денари. Тоа значи дека 1.000 денари инвестирани на самото формирање на фондот денеска вредат 1.820 денари, односно 820 денари е износот за кој пензиските друштва преку инвестирање ја зголемиле вредноста на иницијалниот влог на осигурениците за целиот период. Секако ова е различно за секој уплатен придонес, бидејќи членовите за секоја уплата стекнуваат одреден број на сметководствени единици од фондот, а бројот на единици кој ќе го добијат зависи од висината на уплатата и од вредноста на сметководствената единица на датумот кога уплатиле придонес. Просечниот принос на инвестираните средства од почетокот на реформата до сега во номинален износ изнесува 5,7%, додека во реален износ тој е 4,15%. Приносите се од инвестирањето на парите во сопственички хартии од вредност - акции, должнички хартии од вредност – обврзници и депозити во домашни банки, а покрај инвестиционите одлуки, на приносите влијаат и надоместоците кои ги наплаќаат пензиските Друштва. Заклучно со септември, над 56 проценти од парите се инвестирани во домашни хартии од вредност додека, околу 30 проценти во странски акции, обврзници и инвестициски фондови.
ПЕНЗИЈА НА 52 ГОДИНИ И 54 ГОДИНИ
Во услови на зголемување на староста на населението на глобално ниво, но и во земјава, повеќето држави одлучија да ги зголемат старосните граници за пензионирање. Во земјава се најавени пензиски реформи, но пензискиот систем на државно ниво е сеуште зависен од државниот буџет. Штедењето во доброволниот пензиски столб од тој аспект се смета за добра опција со која се обезбедува посигурна пензија од повеќе извори и дополнителен приход. Предност е што парите може да се исплатат порано од законската можност за пензионирање, а во случај на смрт на осигуреникот парите влегуваат во оставинската маса.
Дополнително, државата дава и даночни олеснувања ако компаниите одлучат да отворат пензиски шеми за своите вработени. Од Сава пензиско друштво истакнуваат дека во третиот пензиски столб може да штедат и вработени, но и невработените лица или тие кои немаат редовни месечни примања по ниту еден основ. На ваков начин, вработените обезбедуваат дополнителна пензија, невработените пензија која инаку би ја немале. Впрочем член на доброволен пензиски столб во земјава може да биде секое лице од 15 до 70 години кој не е корисник на некој вид пензија, а уплатите во доброволниот пензиски фонд, секој индивидуално ги прилагодува согласно своите можности. Предноста на овој финансиски продукт е токму флексибилноста при одредување на висината на средствата кои сака да ги вложи во трет столб, како и начинот и динамиката на нивна уплата. Инаку според законот, во случај на нередовни уплати, членството не престанува. Веќе уплатените средства продолжуваат да се инвестираат од страна на пензиското друштво и да им се остварува принос.
Средствата во доброволниот пензиски фонд можат да се исплатат со еднократна или повеќекратна исплата, како пензиски ануитет, програмирани повлекувања или со комбинација од овие опции.
ГОДИШЕН ПРИНОС ОД НАД ПЕТ ПРОЦЕНТИ, КАМАТИТЕ НА ДЕПОЗИТИТЕ СЕ МНОГУ ПОНИСКИ
Анализа на монетарните агрегати во земјава покажува значаен раст на депозитната маса. Од година в година се зголемува сумата на заштедени средства од граѓаните и од компаниите во домашните банки. Афинитетот за штедење на вишокот пари, се покажа, не престанува и во време на економски предизвици па и во криза. За тоа секако придонесува и стабилноста на банкарскиот сектор кој е високо регулиран. Заклучно со август граѓаните и компаниите во банките чуваат 6,8 милијарди евра. Иако на месечно ниво вкупните заштеди бележат пад од 1,1 проценти, на годишно ниво депозитите се зголемени за 5,2 процени при раст на депозитите кај двата сектори којшто е поизразен кај секторот домаќинства.
Во исто време каматните стапки на штедењето се во континуиран пад, а тој тренд трае во последните неколку години. Во август просечната каматна стапка на вкупните депозити е 0,98 проценти, додека просечната каматна стапка на новопримените депозити на домаќинствата изнесува 0,66 проценти и во споредба со јули годинава забележа пад од 0,13 процентни поени.
Александра Томиќ
Супервизор
на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на
капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС)(02)
3224 229, www.mapas.mk
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.