Грција се подготвува да го укине Центарот за македонски јазик во Лерин, се повикува на Преспанскиот договор
Објавено во: Македонија 06 Јануари, 2023 15:13
Основачите на Центарот за македонски јазик во Лерин деновиве добија покани за на суд по приговорот на јавниот обвинител за укинување на првостепеното судско решение за регистрација на ова невладино здружение на Македонците во Грција. Како што дознава МКД.мк, во образложението грчките правосудни органи се повикуваат на Преспанскиот договор и постоењето на македонскиот јазик само во рамките на границите на Македонија.
Лани во Лерин судските власти ја регистрираа невладината организација Центар за македонски јазик чија цел е изучувањето на македонскиот јазик. Ова веднаш беше оценето како многу важен настан во Грција, а македонските политичари потписници на Преспанскиот договор ова веднаш го оквалификуваа како само еден од големите успеси на потписот во Нивици на 17 јуни 2018 година.

„Едно од основните права на човекот е да може да зборува, да комуницира и да се образува на својот мајчин јазик. Нашиот обид беше да се создадеме здружение, организација на такви основи кое ќе се обиде да го зачува македонскиот јазик во Грција и на легален начин да се обиде да се воведе изучување на македонски јазик во грчките училишта таму каде што е тоа потребно. Тоа се заврши успешно и се согласувам дека е тоа многу важен настан. Како првично, задоволство ни е тоа што судските државни органи донесоа одлука да се регистрира здружение кое се занимава со македонскиот јазик. Тоа e голем успех, некогаш такво нешто беше недостижна цел. Сега има надеж дека македонскиот јазик ќе го слушнеме и во училиштата“, изјави тогаш еден од основачите на Центарот.
Дека не е сѐ така розево, покажаа демонстрациите на неофашистичката партија во Грција Златна зора во Лерин кои бараат укинување на една таква организација.
Во судот во Лерин веќе пристигнаа и официјални жалби за регистрацијата на Центарот за македонски јазик, а од пред неколку дена тоа го стори и јавниот обвинител на Лерин.
Како што дознаваме, обвинителот се повикува директно на Преспанскиот договор и неговото толкување дека македонскиот јазик е распространет само во рамките на границите на Република Северна Македонија. На оваа глупост од Преспанскиот договор укажуваа и бројни јазичари и експерти за нелогичноста на едно вакво ограничување на распространетоста на еден јазик.
Разгледувањето на приговорите во грчкиот второстепен суд е закажано за 19 јануари и 2 февруари.
„Има реакции од националистички организации и движења и ќе се знае во следниот период дали судот ќе стои на таа одлука. Тоа ќе се види. Затоа што во Грција за овие национални малцински прашања нема независно судство, да не се лажеме. Решава ‘длабоката грчка држава’ и нејзините органи како ќе признаваат или нема да признаваат“, изјави Павлос Воскопулос Филипов од партијата на Македонците во Грција „Виножито“.
МКД.мк објави дека освен во Преспанскиот договор, грчките судски власти образложение за нивната намера да се забрани Центарот за македонски јазик го базира и на тоа што Грција сè уште не ја ратификувала Рамковната конвенција за заштита на малцинските права.
Можеби ќе ве интересира
ФАКТОР НА ДЕНОТ: Полицијата го уапси Бујар Дардишта, поранешен директор на Управата за водење на матични книги
Тошковски објасни во кои случаи полицијата ќе одзема возило
Toшковски откри кога „Безбеден град“ ќе се спроведе на целата територија на Македонија
Орце Ѓорѓиевски: Со едногласна одлука, реизбран сум за претседател на ЗЕЛС
ИЈЗ: Кога квалитетот на воздухот е лош – заштитете го вашето здравје!
СДСМ ИЗГУБИ НА СУД ОД МИЦКОСКИ: Апелација пресуди дека изнесувале невистини и клевети против него
ПОВЕЌЕТО ОД ОСУДЕНИТЕ ЗА 27 АПРИЛ, ДОБИЛЕ УСЛОВЕН ОТПУСТ: Издржале повеќе од две третини од казните
Европското знаење го применува дома: Милијана Богданоска праќа големи пораки преку еко начинот на живот




