Груевски во мејловите на Хилари: Барал покана, добил „корпа“!
Објавено во: Македонија 15 Октомври, 2016
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, се појави во мејловите на Хилари Клинтон кои ги објави Викиликс.
Од преписката помеѓу советникот за надворешна политика за претседателската кампања на Хилари, Џејк Саливен и Амитаб Десаи, директор за надворешна политика на Клинтоновата Глобална иницијатива, од кабинетот на тогашниот премиер на Македонија барале тој да биде поканет на редовниот годишен собир на фондацијата на поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон кој се одржува во Њујорк.
„Чарли Капчан препорачува избегнување. Ќе им објаснам на Македонците дека не сме во можност да го поканиме“, стои во мејлот од 21 јули 2015 година.
„Мислам дека Чарли веројатно е премногу претпазлив но јас не гледам никаква корист од негово поканување“, стои во одговорот од Саливен.
Купчан, виш директор за европски прашања при Националниот совет за безбедност на САД, на 15 август лани се сретна со лидерите на четирите партии потписници на договорот од Пржино.