Хан: Дајте им мотив на младите да останат во земјата
Објавено во: Македонија 18 Септември, 2018
Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан при денешната посета на Македонија на заедничка прес-конференција со премиерот Зоран Заев изјави дека успехопт на референдумот е најважен од аспект на младите да им се обезбеди мотив да останат во земјата и да не си заминуваат.
- Следната недела имаме важен состанок во Брисел, кој ќе означи почеток на скринингот. Почеток на подготвителните акти за преговорите. Граѓаните нека се информираат правилно и да го дадат својот глас, особено младите луѓе да излезат и да ја зграбат шансата. Се работи за животната заштита, образованието, здравството и таа администрација ќе се подготвува уште веднаш. Се надевам дека паметните млади луѓе тогаш ќе останат овде, инаку во спротивно нема да може да ги задржите ниту пак да ги мотивирате да се вратат - рече Хан.
Тој наведе дека европската заедница ќе знае да го цени историскиот потег за обид да се одмрзне комплициран спор.
- Во светот имало многу долготрајни конфликти, но ова е редок пример на решавање на таков комплициран спор, и тоа меѓународоната заедница го цени. Ова е доказ дека и „замрзнатите“ конфликти можат да се решат. Импликациите од оваа спогодба се на добар глас во Европа. На 30 септември вашите граѓани ќе имаат можност што се јавува еднаш во животот - изјави Хан.
Додаде дека политичарите, особено од опозицијата, не треба да „играат политички игри“ и да го разберат сериозно моментот.
- Во овој момент сакам да кажам граѓанските организации и медиумите правилно да информираат. Оваа спогодба е чувар на европската иднина и евро-атлантските преспективи на вашата земја. Морам се уште да ве ословувам како БЈРМ, иако оваа кратенка воопшто не ми се допаѓа - наведе гостинот.
Австриецот рече дека следната недела во Брисел наедно ќе се оценува и напредокот кој во меѓувреме го постигнала Македонија.
Заев му се заблагодари за поддршката и за ангажираноста на неговиот тим да ја донесе Македонија во што подобра позиција.