Добивај вести на Viber
Србија нема да воведе санкции кон Русија - ова е пораката што српските власти ја изнесоа пред еврокомесарот за соседство и преговори за проширување Јоханес Хан, кој денеска го посети Белград.
Хан не крие дека одбивањето на Србија да воведе санкции за Русија било едно од клучните прашања на неговите средби со српските власти. Иако вели дека инсистирање нема, сепак пораката со дипломатски речник е јасна - Брисел наскоро од Србија очекува избор - или ЕУ или Русија.
„Членките на ЕУ внимателно го следат развојот на настаните, но како што кажав, за сега нема притисок врз земјата во целост да се усогласи со европската надоврешна политика“, вели Хан, сепак додавајќи дека „европското семејство очекува Србија постепено да се усогласи со нејзината политика, вклучително и со надворешната политика“.
На ова, од српскиот премиер Александар Вучиќ добил повторување дека српската Влада се води од интересите на граѓаните при креирањето на политиката.
„Ние немаме три политики или две политики. Нашата стратешка цел е членство во ЕУ, нема да воведуваме санкции за Русија и го почитуваме територијалниот интегритет на Украина“, рече Вучиќ, нагласувајќи дека ова е ставот кој веќе го изнел и пред рускиот претседател Владимир Путин и пред сите со кои разговарал на оваа тема.
Српскиот претседател Томислав Николиќ сепак признава оти од земјата се бара да започне постепено да „игра“ по европски правила и оти тоа наскоро ќе мора да го направи.
„Србија денес, овие часови, овие години сигурно нема да воведе санкции за Русија. Србија не е членка во ЕУ и се уште е самостојна во водењето на надворешната политика. Но, членството подразбира обврска да се спроведува заедничка надворешна политика“, вели Николиќ.
Србија е првата земја од регионот што ја посетува еврокомесарот Хан по неговото стапување на должност на оваа функција. Тој утре ќе ја посети и Црна Гора, како земја која веќе ги води преговорите за членство во Унијата. Посета на Македонија за сега не е на неговата агенда. И Македонија, како и Србија, не се приклучила на европските санкции кон Русија, иако е земја-кандидат за членство во ЕУ.