Добивај вести на Viber
Хрватска и официјално од вечерва станува 28-ма земја членка на Европската Унија. Аналитичарите предвидуваат многу предизвици, бидејќи земјата веќе четири години е во рецесија, а невработеноста стигна до 20 проценти. И Бруто домашниот призвод е 40 отсто под европскиот просек, па оттука Хрватска во Унијата ќе има економски параметри подобри само од Грција.
Според најавите, на граничниот премин „Бајаково“ точно на полноќ ќе се открие таблата на Европската унија.
Во Хрватска отпатува и маледонскиот Претседател, Ѓорге Иванов, кој денеска и утре престојува во Загреб, а ќе присуствува и на свеченоста по повод пристапувањето на Хрватска кон ЕУ.
Синоќа за хрватската државна телевизија ХТВ претседателот на Европската комисија Жозе мануел Барозо изјави дека членството на Хрватска во ЕУ нема да и ги реши сите проблеми, но земјите кои се приклучиле во Унијата пред неа постигнаа голем напредок во економските и социјалните односи и во реформите.
„Користа од членството на Хрватска во ЕУ е голема, бидејќи како релативно мала држава таа ќе биде на исто ниво како и другите и ќе учествува во донесувањето одлуки“, истакна Барозо.
Хрватска ќе биде првата земја која ќе влезе во Унијата по присоединувањето на Бугарија и Романија во 2007 година.