И од Македонија ќе може да се пазари од американските сајтови
Објавено во: Економија 05 Декември, 2012
Компаниите Виза и Мy.US.com склучија партнерство кое ќе овоможи полесно интернет купување и испорака на производи до купувачите надвор од САД, вклучувајќи ги и од Македонија.
По пат на сопствен сервис за испорака, компанијата за достава на пратки Мy.US.com им обезбедува на меѓународните корисници пристап и во американските продавници кои немаат можност за прекуокеанска достава или не прифаќаат неамерикански платежни картички. Благодарение на партнерството на овие две компании Виза корисниците и во Македонија ќе имаат можност да одберат плаќање со Виза картичка по сопствен избор.
Според Биљана Петрушевска-Трајковска, менаџер на Виза за Македонија, ова партнерство ќе значи за корисниците на Виза платежните картички во земјава можност за купување на другиот крај на светот.
- Интернет купувањето го отвори глобалниот пазар, а можноста за купување на врвните американски брендови со испорака до повеќе од 200 земји е особено привлечна за корисниците. Истражувањето на компанијата Виза покажува дека 25 проценти од испитаниците размислуваат за користење услуги кои би им го олесниле купувањето на прекуокеанските пазари во следните 12 месеци, истакна Пол Јанг, одговорен во Виза е-трговија за територијата на Азија и Пацификот, централна Европа, Блискиот Исток и Африка.
Мајкл Чалуб, финансов директор во Мy.US.com ги уверува корисниците во безбедноста на плаќањето.
- Виза е идеален партнер токму поради тоа што овозможува сигурност при плаќањето за услугите, потенцира тој.