Иловица лежи на околу 184 милиони тони руден потенцијал и стартува со работа во 2017 година
Објавено во: Економија 10 Август, 2013 16:56
Според новата процена на независниот консултант „Тетра Теч“, наоѓалиштето Иловица располага со злато и бакар со многу поголем потенцијал од претпоставеното. Како што информираат од канадската компанија „Еуромакс“, која ја доби концесијата, Иловица лежи на околу 184 милиони тони руден потенцијал во категориите измерено и номинално, за разлика од 22 милиони тони, колку што покажа ланската процена.
Според плановите, рудникот за бакар и злато треба да стартува со работа во 2017 година, а во неговата изградба ќе бидат вложени околу 500 милиони долари. Жителите на општина Босилово, поточно од селата Иловица и Штука, во чија близина треба да биде отворен најголемиот рудник за бакар и злато во Југоисточна Европа, со радост ги примија најновите вести дека располага со поголем руден потенцијал од досега утврденото. За нив тоа е потврда дека канадската компанија „Еуромакс ресорсис“ е сериозен инвеститор и дека ветувањето рудникот во 2017 година да почне со работа, целосно ќе се исполни.
„За населените места и за општина Босилово рудникот е големо значење, затоа што не само што ќе се отвораат нови работни места, туку ќе има и други бенефиции. Гледаме дека луѓето сериозно си ја сфатиле работата, па во февруари годинава отворија Информативен центар во Иловица, кој работи секој ден и каде што можеме да се информираме за се' што не' интересира“, велат повеќе жители на селото Иловица, пишува „Утрински“. Дел од жителите на селото, пак, велат дека земјоделството може индиректно да добие уште повеќе со отворање на рударскиот капацитет. „Зошто да не станеме рудари. Тоа не значи повеќе рудари, а помалку земјоделци, бидејќи нема да имаме понеквалитетно земјоделство или помали приноси“, сметаат дел од жителите на Иловица. Локалната самоуправа на Босилово од почеток ги поддржува активностите за отворање на рудникот. Според градоначалникот Љупчо Колев, општинската администрација уште од сега се подготвува за да може да одговори на предизвиците. Тој додава дека како општина ги поддржуваат напорите и мерките на инвеститорот за заштита на животната средина, бидејќи се работи за густо населено подрачје и дека во иднина ќе продолжи заедничката соработка. Министерството за животна средина и просторно планирање поодамна ја потврди согласноста за Студијата за оцена на влијанието врз животната средина за овој проект, со што се гарантира дека сите активности ги задоволуваат барањата за заштита и се во согласност со регулативите од оваа област, како и европските директиви за заштита на животната средина.
Можеби ќе ве интересира
Цената на среброто скокна над рекордните 65 долари за унца
Фатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје
„Бауер БГ“ ја реконструира Палата АСНОМ по стара шема, со нови анекс-договори од 700.000 евра засега
КУПЦИТЕ НА СТАНОВИ МОЖЕ ДА ЗДИВНАТ – повластената даночна стапка останува и следните три години
Кончар потпиша договор со позната американска компанија
ВАЛУТАТА ПОТОНА: Се тргуваат 1,3 милиони риали за еден американски долар
Најскапиот град во светот за излегување е во Азија
Сијарто: Унгарија потпиша договор со САД за снабдување со течен природен гас




