Инфлацијата ги натера македонските работници да калкулираат пред да заминат во странство
Објавено во: Економија 15 Јуни, 2022
Поради инфлацијата која зема замав во Европа, македонските работници пред да се одлучат за работа во странство, без разлика дали се работи за Хрватска, Малта, Германија, или некоја друга држава, калкулираат колку ќе заработат, колку ќе потрошат, и колку пари ќе им останат.
Во повеќето земји, платите не растат толку брзо како што сега се зголемуваат трошоците за живот. Граѓаните најчесто се распрашуваат колку ќе ги чинат режиските трошоци во земјата каде планираат да одат. Цените на храната се споредна работа за нив, затоа што и онака настојуваат да пазарат на места каде намирниците се најевтини. Дел од нив се премислуваат, ако сумата која очекуваат дека ќе ја заработат не е онолку колку што првично сметале. Оваа појава дојде до израз сега кога инфлацијата „ја тресе“ Европа, но и претходно го имаше истото, кога пандемијата на коронавирусот го зафати светот.
„Oколу 30 отсто од кандидатите калкулираат, и кажуваат дека парите кои ќе им останат таму, овде би ги заработиле, но не со 8, туку со 15 часа работа. Најмногу ги интересира висината на режиските трошоци. На пример во Германија, градежните работници добиваат 16 евра бруто за еден час работа, но тие треба да си платат сместување бидејќи не е покриено од работодавецот. Ние мораме да им ја доловиме реалната слика, да бидеме крајно траспарентни, затоа што не сакаме незадоволни клиенти, а сите одат во странство со цел да заработат повеќе“, вели Милан Џинлев од агенцијата „Приорити солуции за вработување“.
Од агенцијата Контекст објаснуваат дека работниците отсекогаш се распрашувале на оваа тема.
„Најмногу прашуваат за кирии, храна, даночна класа, колку е цената за работен час. Бираат да најдат поевтини кирии, и доколку се сместуваат во Минхен, Берлин, Хамбург, таму сместувањето е скапо, а ако сакаат пониски цени, можат да одат во некој мал град, кој има добри конекции, и ќе можат да патуваат до работа“, додаваат од оваа агенција.
Инфлацијата на потрошувачките цени во еврозоната се искачи на највисоко ниво досега. Потрошувачките цени во еврозоната се зголемија за 8,1 отсто на годишно ниво во мај, што е рекорд од воведувањето на единствената валута. Јазот помеѓу највисоките и најниските стапки на инфлација меѓу 19-те земји-членки нагло се зголеми. Малта е со стапка на инфлација од 5,6 отсто во мај, а за споредба во Естонија, инфлацијата достигна 20,1 отсто минатиот месец, што е разлика од 14,5 отсто.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.