26 Ноември, 2024
0.0287

ИНТЕРВЈУ БАБИЛИС, ПРВ ЧОВЕК НА ЕДС: Ќе учествуваме на јавниот повик за универзален снабдувач, очекуваме транспарентен избор

Објавено во: Економија, Интервјуа 27 Декември, 2023

Добивај вести на Viber

Енерџи деливери солушнс ќе учествува на јавниот повик што го распиша Владата за избор на универзален снабдувач со електрична енергија во земјава, открива во интервју за Фактор Милтиадес Бабилис, главен извршен директор на оваа компанија, која пред пет години беше купена од грчката ППЦ. Вели дека како компанија и како тим се комплетно подготвени да одговорат на оваа одговорна улога во државата, како и дека целосно ги исполнуваат условите, а зад нив стои и активата на ППЦ, која, како што објаснува, е најсилен регионален играч на пазарот со електрична енергија. Бабилис во интервјуто нагласува и дека очекуваат постапката да се спроведе целосно транспарентно. Со првиот човек на ЕДС разговаравме и за проблемите кои оваа компанија ги има со долговите од јавните претпријатија, за прогнозите за движењето на цените на енергенсите, движењата на македонскиот пазар... 

Господине Бабилис, неодамна ја презедовте функцијата извршен директор на ЕДС, компанија која веќе 10 години постои и работи на домашниот пазар. Какви се Вашите првични впечатоци, во каква состојба ја наследувате компанијата и какви се Вашите амбиции за наредниот период?

Бабилис: Раководењето со компанијата го презедов пред околу четири месеци. И навистина е чест да се предводи тимот во ЕДС. Од самиот почеток зацртавме амбициозен план за идниот раст и развој на компанијата и напорно работиме на негова реализација. ЕДС е компанија која ужива висок авторитет на домашниот енергетски пазар, завидно ниво на доверба од своите клиенти, но сметаме дека можеме да испорачаме многу повеќе и да ги надминеме очекувањата.

Пред пет години нашата компанија-мајка ППЦ ја купи ЕДС за 4,8 милиони евра. Тогаш кај дел од домашната јавност постоеше срамежлив впечаток дека претходното деловно портфолио на ЕДС е резултат на некакво политичко влијание.

Сметаме дека со нашиот професионален пристап по преземањето на сопственоста, сите евентуални дилеми за причините за нашето присуство на пазарот се расчистени во целост. Не бараме привилегии, само сакаме објективна проценка на квалитетот на нашите услуги. Наша стратешка определба е постепено интегрирање на овој енергетски пазар во сите сегменти.

Сметаме дека по нормализирањето на билатералните односи, Грција, иако и претходно е еден од најголемите инвеститори во земјата, сега уште повеќе се создадени предуслови за продлабочување на економската размена во двете насоки. Како добавувачи сме лидери на слободниот пазар.

Во континуитет ни се зголемуваат побарувањата за испорачана електрична енергија кон институции корисници на централниот буџет, како и општински претпријатија и единици на локална самоуправа. Свесни сме дека државата полека влегува во предизборно расположение, но очекуваме дека во 2024 година ќе се создаде амбиент да се преиспита регулативата која го третира начинот на сервисирање на долговите.

Постојат информации дека Енерџи Деливери Солушнс има амбиција да аплицира на јавниот повик за универзален снабдувач со електрична енергија на регулираниот пазар, кој неодамна го распиша Владата. Какви се Вашите очекувања, дали имате изгледи како компанија и дали очекувате да помогне фактот што зад Вас во ова стои Вашата компанија мајка, односно грчката државна компанија ППЦ?

Бабилис: Во рамки на нашата стратегија за развој на компанијата и нејзино целосно интегрирање во секој сегмент од енергетскиот пазар донесовме деловна одлука да земеме учество во јавниот повик за избор на универзален снабдувач.

Изминатиот период сериозно работевме и се подготвувавме за овој навистина значаен подвиг. Оценивме дека како компанија, како тим сме комплетно подготвени да одговориме на оваа одговорна улога во државата.

Еден од условите на јавниот повик за избор за универзален снабдувач со електрична енергија на регулираниот пазар е работен капитал од 40 милиони евра. Согласно законите за јавни набавки и енергетика зад ЕДС стои корпоративниот углед, но и активата на ППЦ.

Како што говорев, станува збор за релативно млад пазар кој што се уште се соочува со почетни предизвици, но очекуваме дека целата постапка за избор на нов универзален снабдувач за домаќинствата и малите потрошувачи ќе биде транспарентно спроведена, со почитување на начелата за фер конкуренција и дека ќе биде донесена одлука од која што најголема придобивка ќе имаат граѓаните.

И токму она што е најголем интерес на граѓаните, го имавме ние како компанија предвид при подготовката за овој повик. Јавноста треба да знае дека нашата понуда ќе биде многу конкурентна и со значително пониска маржа.

Не сакаме да веруваме дека со политичка одлука може да се спречува поевтина струја за граѓаните. Без да звучам претенциозно, но важно е да се знае дека фактичката состојба упатува на заклучокот дека во извесна смисла ЕДС на одреден начин ги субвенционира дел од државните и општински институции, но и целата економија.

ППЦ, пак, како што знаеме, е и компанијата која го доби тендерот за изградба на ХЕЦ Чебрен. Како ќе одговорите на критиките што доаѓаат од бројни македонски енергетичари и инженери, кои се на линија дека македонските води се даваат на странци, кои од нив ќе ќаруваат преку повеќедецениската концесија?

Бабилис: ППЦ е регионален енергетски гигант и затоа е голема привилегија присуството на компанија со вакво портфолио во домашниот енергетски биланс. Земајќи предвид дека административните процедури за евентуална изградба на ХЕЦ Чебрен се во многу чувствителна фаза, не би сакал да дадам некој коментар во оваа фаза.

Како ќе ја оцените годинава што измина и какви се амбициите на компанијата за овој пазар за следниот период?

Бабилис: Она што компанијата го имаше како свој план за 2023 година, со задоволство можам да кажам дека е остварено. Секако, предизвиците не изостанаа и во текот на оваа година, енергетскиот пазар е променлив и континуирано се надоградува, но како компанија која располага со големо искуство, јасна стратегија, но и тим од експерти, успеавме да одговориме соодветно и со успех на се што се постави пред ЕДС како предизвик.

Остануваме посветено да работиме во насока на нашите клиенти, во делот на снабдувањето на слободниот пазар, да им испорачаме врвна услуга, нови услуги скроени согласно нивните индивидуални потреби.

Како што говорев и претходно, во фокусот на нашите амбиции за наредниот период е повикот за универзален снабдувач, бидејќи сме уверени дека изборот на нашата компанија ќе донесе нов квалитет на пазарот и ќе значи сериозна придобивка за субјектите, односно домаќинствата и малите потрошувачи, кои се снабдуваат со електрична енергија на регулираниот пазар.

Какви се Вашите прогнози за цената на електричната енергија и воопшто и за другите енергенси за следниот период? Што ќе има најголемо влијание и дали и во блиска иднина можат да ни се случат такви ужасни енергетски шокови какви што имавме минатата година?

Бабилис: Неблагодарно е да се прогнозираат цените на електрична енергија бидејќи енергетскиот пазар е променлив и на него влијаат повеќе фактори, директни и индиректни.

Сепак,анализитеговорат за извесно ниво на оптимизам во однос на цените на гасот и електричната енергија во текот на зимата 2023/2024 година. Се очекува умерен пораст на цените во однос на сегашните во текот на грејната сезона и поради зголемената потрошувачка на гас и струја, но и поради намалениот број сончеви часови за производството на фотоволтаичните централи. Високите резерви на гас во Европа при просечно ладна зима гарантираат доволни количини за снабдување, а со тоа не би се очекувале непредвидливи скокови на цените.

Како и секогаш, мора да напоменам дека покрај физичките количини гас кои вообичаено Европа ги троши, а се веќе обезбедени или ќе се обезбедат тековно во текот на зимата, постои плејада на други фактори и причини кои можат неочекувано да гонарушат пазарот на енергенси и цените неочекувано да пораснат или пак да се намалат.

Такви фактори можат да бидат: нагли промени на воените дејствија во Украина, нагли промени на пазарот на сирова нафта поради наметнување или кревање санкции на накои поголеми извозници на нафта, изразени политички несогласувања помеѓу големите светски сили кои би го зголемиле ризикот од нови конфликти или несигурност, забавување на големите економии поради евентуални повторувања на пандемијата и други. Во принцип секој глобален инцидент кој влева несигурност кај инвеститорската јавност, влијае врз берзанските цени.

Можете ли да ни откриете дали ЕДС беше во групата на компании кои платија солидарен данок и доколку е така, колку изнесуваше таа сума?

Бабилис: Согласно Законот за солидарен данок, нашата компанија не беше задолжена да плаќа солидарен данок. Регулативата предвидува ваква обврска за компании кои имаат минимум 10 милиони евра остварен приход. Ние не го исполнуваме овој услов и тоа се должи на фактот што во периодот на т.н. енергетска криза, кога цената на електрична енергија достигнуваше историско високо ниво, ЕДС и нашата мајка компанија, ППЦ, одлучија да покажеме солидарност кон нашите клиенти. Па, така наместо да ги раскинеме или менуваме договорите со клиентите, ние продолживме да ги снабдуваме со електрична енергија согласно претходно договорени цени иако тие беа далеку под цената по која што ЕДС ја набавуваше електричната енергија на берзите.

Компанијата во повеќе наврати апелираше за поголема свесност во однос на плаќање на долговите на струја од страна на јавни претпријатија кои само кон ЕДС изнесуваат неколку милиони евра. Компанијата имаше и еден апел до Владата за еднаков третман кон сите снабдувачи на електрична енергија. Дали власта излезе во пресрет на ова Ваше барање?

Бабилис: И покрај фактот што акумулацијата на нефункционални побарувања, посебно во сегментот на јавните институции, може да предизвика опасност за целата балансна група на еден снабдувач, ЕДС сепак не дозволува проблематичните побарувања да наметнат ликвидносен проблем од толкави размери. Долгот од јавните претпријатија претставува сериозна сума и ги зголемува финансиските трошоци на ЕДС, но ЕДС има доволна финансиска моќ која му обезбедува еластицитет во заштита на балансната група – да ги заштити сите останати клиенти кои редовно ги подмируваат своите обврски, секако со поддршка на ППЦ.

Во справувањето со овие проблеми, ЕДС секогаш тежнее да обезбеди соработка со јавните институции и бараме начин да им излеземе пресрет, но секогаш инсистирајќи на взаемна почит. Сакаме да видиме дека јавното претпријатие се обидува да предложи решение зад кое цврсто ќе застане, сакаме да видиме дека јавното претпријатие се обидува максимално да ги исцрпи сите можности во нивна моќ да ги сервисира обврските.


Секако, во една прилика апелиравме до Владата за еднаков третман на сите снабдувачи со електрична енергија бидејќи сведоци сме дека државата интервенираше во повеќе наврати кога јавни институции должеа кон еден снабдувач, но слична интервенција изостанува кога станува збор за долгови на ист таков вид на претпријатија кон нас или пак кон некој друг од снабдувачите со електрична енергија на слободниот пазар.

Но, во однос на ова прашање би сакал да истакнам дека иако комуналните претпријатија чија дејност претставува основна животна потреба на граѓаните, дури имаат и законска обврска да обезбедат инструмент за наплата на нивните обврски во полза на снабдувачот (како на пример банкарска гаранција) согласно членот 44 од Правилата за снабдување со електрична енергија. Но, праксата на нашиот пазар е оваа обврска да не се почитува ниту од самото комунално претпријатие ниту од нивниот основач, што за нив, но и за граѓаните кои овие претпријатија ги опслужуваат, претставува опасност тие да бидат исклучени од мрежата и да не можат нормално да функционираат. ЕДС вложува крајни напори да се воздржи од посегање кон законски предвидените инструменти за наплата и да не ги стави граѓаните во состојба да не можат да ги уживаат неопходните услуги на комуналните претпријатија. Но, верувајте, одговорноста во овие случаи е секогаш на товар на јавните претпријатија.

Вашата компанија го снабдуваше со струја комбинатот Еуроникел Индустри, поранешен ФЕНИ. Но, како што е познато, тие должат големи суми за неплатена електрична енергија. Можете ли да ни откриете колку тие изнесуваат и каква е сега состојбата, дали сеуште го снабдувате комбинатот со струја и како очекувате дека таму ќе се надминат проблемите?

Бабилис: Иако како компанија практикуваме целосна транспарентност и отвореност за сите прашања кои доаѓаат од медиумите, во оваа прилика должни сме да одговориме дека ЕДС, следејќи ги добрите корпоративни практики, не ја коментира финансиска состојба на своите клиенти.

Нина Нинеска-Фиданоска

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

БОЖИЌЕН БОНУС ЗА ПЕНЗИОНЕРИТЕ ДО 600 ЕВРА: Кој град од регионот ја нуди оваа привилегија?

БОЖИЌЕН БОНУС ЗА ПЕНЗИОНЕРИТЕ ДО 600 ЕВРА: Кој град од регионот ја нуди оваа привилегија?

ЕВЕ КАКО ИЗГЛЕДААТ ШЕСТЕ ЕКОЛОШКИ АВТОБУСИ, ЌЕ СЕ ДВИЖАТ ПО ВНИМАТЕЛНО ПЛАНИРАНИ ЛИНИИ ВО СКОПЈЕ - свеченост за донацијата од Европската унија

ЕВЕ КАКО ИЗГЛЕДААТ ШЕСТЕ ЕКОЛОШКИ АВТОБУСИ, ЌЕ СЕ ДВИЖАТ ПО ВНИМАТЕЛНО ПЛАНИРАНИ ЛИНИИ ВО СКОПЈЕ - свеченост за донацијата од Европската унија

Ова е велешкото економско чудо! Кој може и знае како да заработи 4,2 милиони евра за девет месеци од ивоз на конци и предива?

Ова е велешкото економско чудо! Кој може и знае како да заработи 4,2 милиони евра за девет месеци од ивоз на конци и предива?

Засилени контроли на патарините, казни од по 200 евра за неплаќачите

Засилени контроли на патарините, казни од по 200 евра за неплаќачите

ТРГОВСКИТЕ БАРИЕРИ НА ТРАМП ЌЕ БИДАТ ИСКЛУЧИТЕЛНО БОЛНИ ЗА ГЕРМАНСКИТЕ КОМПАНИИ: Еве на што предупредуваат економистите

ТРГОВСКИТЕ БАРИЕРИ НА ТРАМП ЌЕ БИДАТ ИСКЛУЧИТЕЛНО БОЛНИ ЗА ГЕРМАНСКИТЕ КОМПАНИИ: Еве на што предупредуваат економистите

Винарија Камник со најмногу освоени медали и два трофеи на саемот Винска визија на Отворен Балкан

Винарија Камник со најмногу освоени медали и два трофеи на саемот Винска визија на Отворен Балкан

Авионска линија Прага-Скопје, партнерство со универзитети – иницијативи на Божиновска за поблиски односи со Чешка во бизнисот, образованието и енергетиката

Авионска линија Прага-Скопје, партнерство со универзитети – иницијативи на Божиновска за поблиски односи со Чешка во бизнисот, образованието и енергетиката

ДОЛАРОТ ОТФРЛЕН: Русија и Иран започнаа со меѓусебна трговија само со национални валути

ДОЛАРОТ ОТФРЛЕН: Русија и Иран започнаа со меѓусебна трговија само со национални валути

РЕНОМИРАН ХОТЕЛ СЕ ШИРИ НА БАЛКАНОТ: Се отвара во четири земји, но не во Македонија

РЕНОМИРАН ХОТЕЛ СЕ ШИРИ НА БАЛКАНОТ: Се отвара во четири земји, но не во Македонија