26 Ноември, 2024
0.0464

Крешник Бектеши, Министер за економија

ИНТЕРВЈУ БЕКТЕШИ: Инфлацијата е „скротена“, мерките ќе се продолжат ако има потреба – злоупотреби на цени нема да се толерираат

Објавено во: Економија, Интервјуа 18 Декември, 2023

Добивај вести на Viber

Каков е ефектот од мерките за заштита на стандарот на граѓаните, дали новите мерки кои ќе се применуваат следниве месеци се „предизборен маркетинг“, но и идните планови за заштита на граѓаните се дел од темите на кои разговаравме со министерот за економија, Крешник Бектеши. Во интервјуто за Фактор, Бектеши открива каков ефект очекува од новиот закон за нефер практики, но и очекување за следната година...

Годинава ја одбележуваат мерките кои ги донесе Владата за заштита на животниот стандард на граѓаните. Каков е ефектот од нив и како се контролира нивната примена? Има ли непочитувачи и колку компании се казнети?

Бектеши: Следејќи го растот на цените на домашниот пазар и потрошувачката моќ на граѓаните оценивме дека заради заштита на животниот стандард на населението да се ограничат цените на слободниот пазар на одделни прехранбени производи кои се доминантни производи за конзумирање. Следејќи ги состојбите на пазарот од страна на учесниците во ланецот трговија на големо и на мало, Министерството во континуитет носи мерки за ограничување на цените за да се спречи нарушување на пазарот и да се овозможи редовно снабдување на населението со основните прехранбени производи.
Индексот на трошоците за живот во ноември 2023 година во делот на храната и безалкохолните пијалоци во споредба со ноември 2022 година е со мнимален раст од 0,3 отсто. Пад на трошоците има кај прехранбените производи наменети за исхрана за кои се ограничени цените и тоа: кај лебот е 1,5 проценти, млекото, сирењето и јајцата за 6,1 отсто, кај маслата и мастите за 23,9 проценти и кај минералната вода, безалкохолните пијалоци и сокови од овошје и зеленчук е 1,1 отсто.
Податоците за стапката на инфлација за октомври и за ноември покажуваат дека трошоците на живот се помали од 5 проценти, нашите проекции беа дека до крајот на годината, односно во декември инфлацијата ќе биде под 5 отсто, што покажува дека мерките даваат резултат.
Ако во случај не се почитува некоја од мерките, не само ќе ги продолжиме, туку дополнително ќе ги зајакнеме инспекциските контроли. Пазарниот инспекторат е на терен и континуирано контролира дали се почитуваат мерките од страна на трговците.

Во насока на заштита на граѓаните, Министерството го изработи Законот за нефер практики. Каков ефект се очекува од ова законско решение?

Бектеши: Преку Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи се врши хармонизација со Директивата на Eвропскиот парламент и треба да обезбеди примена на европските практики во целокупниот синџир на снабдување со земјоделски и прехранбени производи.  Нашата земја е единствената од Западен Балкан кој ја транспонира оваа Директива, со цел да воспостави фер и рамноправни односи во однос на доминацијата на преговарачка моќ во трговијата помеѓу двајца или повеќе деловни партнери. Се очекуваат позитивни ефекти во деловното работење кај сите оператори, кои се активни во синџирот снабдување со земјоделство и храна во различни фази на производство. Елиминирање на неоправданиот и непропорционалниот трансфер на економски ризик од еден трговски партнер на друг или да се наметне значителна нерамнотежа на правата и обврските на еден трговски партнер кон друг. Надоместоците кои сега се наплаќаат во договорниот однос меѓу купувач и добавувач, кои влијаат на малопродажната цена на штета на потрошувачите, ќе се сметаат за забранета нефер трговска практика. 

Пролетва влеговте во „конфликт“ со пекарската индустрија кога се носеа мерките за намалување на цените на лебот. Какви се очекувањата за следниот период за поскапување на основните прехранбени продукти?

Бектеши: Со последните измени на Одлуките за ограничување на цените и посебни услови во трговијата мерките за вкупно 25 прехранбени производи во кои се вклучени лебот, бел и полубел ќе важат до 31 декекмври 2023 година. До крајот на годината согласно анализите ќе донесеме одлука дали ќе има потреба за продолжување на мерката за замрзнување на цените или не. Но, генерално прехранбената индустрија и трговците на големо и мало и за пијалоци веќе знаат дека злоупотреби со цените нема да бидат толерирани.

Владата објави нови мерки за кои ќе се потрошат 662 милиони евра, наменети и за граѓаните и за компаниите. Бројни се коментарите дека мерките се „предизборен маркетинг“, како Вие гледата на овие мерки?

Бектеши: Нашето ветување беше дека ниту еден граѓанин нема да го почуствува товарот на енергетската и на економската криза. Ветивме дека товарот ќе го превземеме како држава преку мерки за поддршка на оние на кои помошта им е потребна најмногу. Мерките беа најавени од почетокот на годината и се мерки кои граѓаните ги очекуваа.
Деветтиот пакет антикризни мерки тежок 662 милиони евра содржи 26 мерки за социјална сигурност, насочени кон таргетирана поддршка за ранливите категории на граѓани и компании како и поддршка за надминување на потешкотии во услови на зголемени трошоци на живот, но и во услови на продолжени ефекти од енергетската криза.
Мерките ги донесовме за надминување на потешкотиите во услови на зголемени трошоци на живот, како и во услови кога имаме продолжени ефекти од енергетската криза. Ако правиме споредба со зголемувањето на просечната плата и зголемувањеето на инфлацијата, ќе забележиме дека од септември повеќе се зголемуваат платите отколку инфлацијата. Согласно методологијата од сега знаеме колку ќе биде зголемувањето на мининалната плата од март согласно Законот за утврдување на минимална плата.

Мерките ги донесовме сега на крајот на годината бидејќи при секој пакет мерки треба да бидеме внимателни кога носиме одлуки, да бидат точно таргетирани и точно систематизирани се со цел да не донесат дополнителна дестабилизиација на пазарот.

Голем уддар за македонските жители е и поскапувањето на енергијата. Какви се плановите за поголемо домашнот производство и дали тоа ќе овозможи попристпани цените на енергијата?

Бектеши: Можеме да кажеме дека изминатиот период имаме значително намалување на увозот на електрична енергија, како резултат на зголемено домашно производство на електрична енергија. Тоа е постигнато поради инвестицискиот бум во обновливите извори на енергија, особено во фотонапонските електроцентрали. Имено во изминатава година се инсталирани фотонапонски централи со над 500 MW моќност. Таквиот тренд се очекува да продолжи и во наредниот период, каде согласно стратегијата за развој на енергетика се предвидува моќноста на фотонапонските централи да достигне 1400 MW, додека за ветерните електроцентрали се предвидени 700MW до 2030 година.
Ако бидат во целост реализирани ќе има значително зголемување на производството на енергија од домашни капацитети и со тоа целосно ќе ја намалиме увозната зависност. Со зголемените инвестиции во ОИЕ треба да се очекува дека цената на електричната енергија во наредниот период ќе има надолен тренд на берзите на електрична енергија во Европа. Сепак, бидејќи најголемото производство на енергија во државата доаѓа од термоцентралите, опремата е дотраена, количините на јаглен се ограничени, трошоците за оджување од година во година се зголемуваат, а со тоа и производствената цена на електричната енергија. Наш императив е цените да ги одржиме на едно конкурентно ниво и доколку е возможно да имаме и намалување за нашите граѓани.


Би вклучила и едно политичко прашање, со оглед дека следната година имаме избори. Како претставник на ДУИ, партија која двесет години е дел од владејачката гарнитура, но воедно и партија кон која последниов период се упатени бројни критики поврзани со корупција. Како Вие како член на оваа партија се борите со овој проблем во самата партија?

Бектеши: Не би се согласил со вакво етикетирање. Она што јас можам да го кажам во делот на Министерство за економија и како министер кој го води овој ресор е дека сме силно посветени на борба против корупцијата. Министерството за економија ja има усвоено Политика за интегритет со развиен План за интегритет во 2022 година со кој се имплементира системот за интегритет. Исто така имаме и развиен План за ризици од корупција во 2022 година и постапуваме согласно сите. Сите Закони кои ги предлага Министерството за економија и ги носи Владата се целосно усогласени со Европската унија и се имплементирани сите европски директиви што е императив во делот на борбата со корупција и владеење на правото.

Веќе сме на истекот на оваа година, какви се Вашите очекувања за следната година, ќе се остварат ли плановите за економски раст, ќе има ли подобар животен стандард и за граѓаните?

Бектеши: Следната година иако е изборна, очекуваме да биде година на економско закрепнување на државата. Согласно проекциите во Буџетот за 2024 очекувањата се да се вратиме на повисоки стапки на раст на економијата од 3,4 отсто, и што е најважно многу пониска едноцифрена инфлација од 3,6 проценти. Ова го кажувам од аспект на мерките и на политиките кои ги носевме и ги носиме како Влада во изминатата година кои секако имаат ефект на долг рок.
Поминавме неколку тешки години за нашата економија предизвикани од пандемијата, потоа енергетската криза и на крај ценовната криза, но со нашите мерки и политики успеваме да го подобриме стандардот на граѓаните.
Следната година се проектирани и многу повисоки капитални инвестиции, поголеми плати, поголеми пензии и повисоки социјални давачки без притоа да се зголемат даноци. Изминатите години се покажа и докажа дека мерките кои ги носиме ги даваат вистинските резултати за што сум убеден и дека истите резултати ќе ги оствариме и следната година, а дури може и да ги надминеме.

Петранка Огнаноска

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

НИКОГАШ ПОСКАПО: Цените на кафето највисоки во последните 27 години

НИКОГАШ ПОСКАПО: Цените на кафето највисоки во последните 27 години

БОЖИЌЕН БОНУС ЗА ПЕНЗИОНЕРИТЕ ДО 600 ЕВРА: Кој град од регионот ја нуди оваа привилегија?

БОЖИЌЕН БОНУС ЗА ПЕНЗИОНЕРИТЕ ДО 600 ЕВРА: Кој град од регионот ја нуди оваа привилегија?

ЕВЕ КАКО ИЗГЛЕДААТ ШЕСТЕ ЕКОЛОШКИ АВТОБУСИ, ЌЕ СЕ ДВИЖАТ ПО ВНИМАТЕЛНО ПЛАНИРАНИ ЛИНИИ ВО СКОПЈЕ - свеченост за донацијата од Европската унија

ЕВЕ КАКО ИЗГЛЕДААТ ШЕСТЕ ЕКОЛОШКИ АВТОБУСИ, ЌЕ СЕ ДВИЖАТ ПО ВНИМАТЕЛНО ПЛАНИРАНИ ЛИНИИ ВО СКОПЈЕ - свеченост за донацијата од Европската унија

Ова е велешкото економско чудо! Кој може и знае како да заработи 4,2 милиони евра за девет месеци од ивоз на конци и предива?

Ова е велешкото економско чудо! Кој може и знае како да заработи 4,2 милиони евра за девет месеци од ивоз на конци и предива?

Засилени контроли на патарините, казни од по 200 евра за неплаќачите

Засилени контроли на патарините, казни од по 200 евра за неплаќачите

ТРГОВСКИТЕ БАРИЕРИ НА ТРАМП ЌЕ БИДАТ ИСКЛУЧИТЕЛНО БОЛНИ ЗА ГЕРМАНСКИТЕ КОМПАНИИ: Еве на што предупредуваат економистите

ТРГОВСКИТЕ БАРИЕРИ НА ТРАМП ЌЕ БИДАТ ИСКЛУЧИТЕЛНО БОЛНИ ЗА ГЕРМАНСКИТЕ КОМПАНИИ: Еве на што предупредуваат економистите

Винарија Камник со најмногу освоени медали и два трофеи на саемот Винска визија на Отворен Балкан

Винарија Камник со најмногу освоени медали и два трофеи на саемот Винска визија на Отворен Балкан

Авионска линија Прага-Скопје, партнерство со универзитети – иницијативи на Божиновска за поблиски односи со Чешка во бизнисот, образованието и енергетиката

Авионска линија Прага-Скопје, партнерство со универзитети – иницијативи на Божиновска за поблиски односи со Чешка во бизнисот, образованието и енергетиката

ДОЛАРОТ ОТФРЛЕН: Русија и Иран започнаа со меѓусебна трговија само со национални валути

ДОЛАРОТ ОТФРЛЕН: Русија и Иран започнаа со меѓусебна трговија само со национални валути