26 Ноември, 2024
0.0813

ИНТЕРВЈУ БЕСИМИ: Буџетот за идната година не е предизборен, со него ќе ја доведеме економијата во „мирни води“, а потоа и ќе го забрзаме растот

Објавено во: Економија, Интервјуа 11 Декември, 2023

Добивај вести на Viber

Дали Буџетот за идната година е реален или необјективен како што обвинува опозицијата, дали станува збор за мегаломанско и предизборно проектирање на расходите, или за оговорно справување на Владата со големиот број предизвици, во исто време водејќи грижа за стопанството и граѓаните, на која основа се проектирани капиталните расходи, од каде ќе се обезбедат средствата за целиот сет од 26 мерки кои Владата ги најави, има ли мерки за даночната евазија, како и дали успешно власта се справи со високата инфлација и какви се очекувања за следниот период, во интервју за Фактор открива министерот за финансии Фатмир Бесими. Со првиот финнсиер зборувавме и за тоа дали е загрижувачки трендот на задолженост на државава, но и за неговата матична партија ДУИ....

Буџетот за 2024 година Владата го испроектира на 5,5 милијарди евра, и е убедливо најголем Буџет досега. Логично е државната каса да расте секоја година, но како ги коментирате наводите дека тој е нереален и дека растот и капиталните расходи се преоптимистички прогнозирани?

Бесими: Проекцијата за приходите на Предлог-буџетот за 2024 година е на ниво од 310,1 милијарди денари или 5 милијарди евра и истите се базираат на реализацијата на приходите во тековната 2023 година, очекувања за економскиот раст и подобрување на ефикасноста и ефективноста на системот за наплата на јавните приходи врз основа на донесените реформи во јавните финансии. Притоа, тука би ги истакнал мерките и активностите за намалување на даночната евазија преку спроведување на мерките за формализација на неформалната економија, воведување напредни технологии, модернизација и автоматизација на работните процеси, зајакнување на капацитетите на институциите во насока на зголемена и поефикасна наплата на даночните приходи, како и зајакнување на институционалната координација.

Министре, од опозицијата обвинија дека станува збор за мегаломански и предизборен буџет, кој е Вашиот коментар кон ова?

Бесими: Овој буџет е дел од поширока фискална стратегија, во услови на продолжена неизвесност, забавување на глобалната економија и ризици кои доаѓаат од геополитичките превирања, да ја доведеме економијата во „мирни води“. Оваа стратегија за заздравување, а понатаму и за забрзување на растот се заснова, прво и основно, на поттикнување на развојот преку силен инвестициски циклус. Носител на овој инвестициски циклус е јавниот сектор, преку крупните инфраструктурни проекти, но, исто така, и приватниот сектор, кој, исто така, ќе биде поддржан преку буџетските политики. Второ, клучно е обезбедувањето одржливост - фискална одржливост, преку континуирана фискална консолидација, но воедно и енергетска одржливост, одржливост во земјоделството и воопшто во економијата, преку водење зелена економија. 

Структурата на буџетот се менува. Од минатата година нивото на капитални расходи е поставено на два пати повисоко ниво во однос на 2020 година, додека оваа тендеција продолжува и во Буџетот за 2024 година.

Буџетскиот дефицит е намален за речиси една третина во однос на проектираното ниво за годинава на 3,4 отсто од БДП, од што само половина е примарниот дефицит, односно 1,7 отсто од БДП, додека другата половина од дефицитот оди за плаќање на каматите за долгот акумулиран од минатото до сега. Ова ниво соодветствува со среднорочните проекции опфатени во Фискалната стратегија до 2028 година, односно буџетскиот дефицит во 2025 и 2026 година да се сведе на 3 отсто или во согласност со Мастришките критериуми, додека во 2027 и 2028 година да падне и под 3 отсто, односно на 2,8 отсто и 2,5 отсто, респективно. Што се однесува за економската одржливост, во рамки на средствата издвоени за капитални расходи предвидена е поддршка во оваа насока. Преку носењето на новиот Закон за буџети, зајакната е и контролата за обезбедување на фискалната одржливост преку воведување Фискален совет, како и фискални правила.

Господине Бесими, Владата неодамна го објави најновиот сет мерки, со кои, како што велите, 662 милиони евра ќе се вратат назад кон граѓаните. Во оваа група има 26 мерки за социјалните категории граѓани, но и компании на кои им е потребна помош. Како ги коментирате одредените експертски ставови дека станува збор за предизборен пакет и како би ја увериле јавноста дека ова не е тоа, туку вистинска грижа за граѓаните?

Бесими: Деветтиот пакет на антикризни мерки беше најавен со Буџетот за 2023 година, кој беше усвоен минатата година. Оттаму тезите дека е предизборен, ненадеен, веднаш се побиваат.

Во услови на глобална неизвесност, затегнати финансиски услови и забавување на глобалниот економскиот раст, фискалната политика, а воедно и овој пакет антикризни мерки го насочивме кон поддршка на економскиот развој и поддршка на ранливите категории граѓани. Ќе се поддржат студентите, учениците од семејствата со ниски примања, пензионерите со ниски пензии преку додаток, компаниите, главно мали и средни компании, со ликвидносни инјекции.

Впрочем, зборуваме за деветти пакет на мерки. Од пандемијата наваму, Владата беше континуирана поддршка на граѓаните и стопанството во надминувањето на ефектите од глобалните кризи. Сите сме сведоци дека глобалната економија во изминатите, веќе четири години, во континуитет влегува од една криза во друга. Деветте пакети антикризни мерки кои досега Владата ги донесе се проценуваат на околу 2,66 милијарди евра. За време на пандемијата одговорот на Владата го амортизираше ударот врз стопанството, штитејќи илјадници работни места и значајно намалувајќи го падот на БДП. Понатамошните пакети антикризни мерки во налетот на енергетската и инфлаторната криза, беа насочени кон ублажување на ценовниот шок од растот на цените на енергенсите врз населението и компаниите, а подоцна и кон ублажување на последиците од високите цени на храната. Целта беше да се задржи куповната моќ на населението и ликвидноста на компаниите, со постепено таргетирање кон најранливите категории граѓани и истовремена поддршка на инвестициите. Мерките овозможија да се забави преносниот ефект од увезената инфлација, да се обезбеди стабилно снабдување со електрична енергија и да се спречат ценовните шокови. Благодарение на мерките насочени кон ограничување на порастот на цените, инфлацијата е во постојан пад 12 месеци по ред и достигна 3,5 отсто во октомври 2023 година, откако во октомври 2022 година ги достигна највисоките 19,8 отсто.

Може ли да ни откриете, за која од овие мерки сметате дека е најдобра, а за која не се согласувате, но Вашите колеги од Владата сепак ја прифатија?

Бесими: Во насока на продолжување на таргетираната поддршка кон ранливите домаќинства и компаниите во 2023 година, новиот деветти пакет мерки има за цел поддршка на млади лица (ученици и студенти) од ранливи категории на семејства, најранливи категории на  граѓани (пензионери со ниски пензии, лица и деца со посебни потреби, самохрани родители приматели на ГМП, итн.), земјоделците за стимулирање на производството на храна, како и поддршка на компаниите во процесот на зелена транзиција (земјаќи предвид дека климатските промени се еден од факторите кои можат да имаат ефект врз ценовните притисоци во иднина). Ако подетално анализираме, секоја од овие мерки има за цел обезбедување социјална и економска одржливост.

Со мерките од деветтиот пакет се опфаќаат 120.000 млади лица, околу 74.000 социјално ранливи категории на граѓани, околу 187.000 пензионери, 40.000 земјоделци, 540.000 корисници на апликацијата Мој ДДВ, 600.000 домаќинства, како и 70.000 компании. Додека, ако се земат предвид и системските мерки, зборуваме за 338.000 пензионери и 106.000 вработени во јавниот сектор. Истовремено, преку прудентната политика ќе се зачува фискалниот простор и ќе се осигури одржувањето на макроекономската и фискална стабилност.

Ветувате пари за пензионерите, студентите, социјалците, земјоделците, компаниите... Од каде толку многу средства? Ве молам едноставно објаснете кои се изворите?

Бесими: Средства за овој пакет антикризни мерки се распределени во две фискални години, исто така сите мерки немаат фискални импликации, а дел од средствата, особено кредитите за поддршката на конкурентноста и зелената транзиција на приватниот сектор се преку поволни линии на меѓународни финансиски институции. Имено, со Буџетот за 2023 година беа предвидени 225 милиони евра за антикризни мерки, додека за следната, во Предлог-буџетот за 2024 година предвидени се средства во износ од 3,5 милијарди денари или 60 милиони евра.

Дали овие мерки ќе ја зголемат задолженоста на државата и како нив ги коментира ММФ, од аспект на тоа што тие побараа фискална консолидација и намалување на непотребните тековни трошења?

Бесими: Како што напоменав и претходно, овие мерки се дел од веќе планираните средства во Буџетот за 2023 и 2024 година и оттука тие нема да направат дополнително задолжувања од она што е предвидено.

Од ММФ предупредуваат и за ризиците во однос на јавните финансии кои произлегуваат од коридорите 8/10-д, кои, како што велат, ќе имаат големо влијание на економијата и на јавните финансии. Како ќе се справите со овие предизвици?

Бесими: Реализацијата на проектот за изградба на двете патни делници на Коридорот 8 и Коридорот 10д претставува најголема градежна офанзива во поновата историја на нашата земја и неговата реализација има исклучително економско и геополитичко значење, која ќе донесе значајни финансиски и економски придобивки за државата, економијата и населението. Неговата реализација во текот на петте години (2023-2027), колку што е предвидено да трае, ќе има директен ефект врз номиналниот БДП од дополнителни 2 отсто годишно.

Господине Бесими, Ве молам одговорете ми како граѓанин, а не како министер, како ги поднесувате превисоките цени во маркетите и какви се Вашите прогнози за инфлацијата за наредниот период?

Бесими: Очекувањата, како на домашните, така и на меѓународните финансиски институции се дека инфлацијата годинава ќе биде едноцифрена, следната ќе продолжи да се намалува на ниво од околу 3 отсто, додека на среден рок, или следните две години ќе се сведе на историски ниските стапки од околу 2 отсто. Инфлацијата во 2022 година ги опфати скоро сите економии во светот, а согласно структурата на националните економии, кај некои беше поизразена. Кај нас високото учество на храната и на енергентите во потрошувачката кошница резултираше со повисоки стапки на инфлација, кои, како што посочивме во 2023 година имаат изразен надолен тренд. Како Влада, преземаме мерки за да се заштитат граѓаните, како преку замрзнувањето на цените во маркетите, така и преку таргетирана  поддршка на ранливите категории, како што впрочем реагираат и останатите влади.

Го следиме развојот на состојбите како во домашната економија, така и надвор. Иако инфлацијата глобално се намалува, сепак постојат ризици кои доаѓаат од геополитичките превирања на Блискиот Исток, како и пролонгирањето на војната во Украина. Ние како Влада сме подготвени доколку има потреба да делуваме.

Едно политичко прашање. Партијата на која припаѓате, ДУИ, во јавноста неодминливо се споменува како склона на корупција, особено кај некои нејзини функционери. Дали Вие и како се борите внатре во партијата со тие појави?

Бесими: Не би било праведно и чесно да одговорам на такво етикетирање, но ќе ви одговорам што правам како министер за финансии, за што сум платен од државата, за сузбивање на корупцијата. Ќе го наведам напредокот забележан од Манивал во делот на спречување на перење пари и финансирање тероризам. Ќе ги наведам реформите во јавните финансии со кои се зајакнува и контролата и фискалната транспарентност, тие се признаени од голем број меѓународни институции.

Нина Нинеска-Фиданоска

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

НАЈЧЕВСКА: За мене силна економија е таа во која нема сиромашни и бездомници

НАЈЧЕВСКА: За мене силна економија е таа во која нема сиромашни и бездомници

НИКОГАШ ПОСКАПО: Цените на кафето највисоки во последните 27 години

НИКОГАШ ПОСКАПО: Цените на кафето највисоки во последните 27 години

БОЖИЌЕН БОНУС ЗА ПЕНЗИОНЕРИТЕ ДО 600 ЕВРА: Кој град од регионот ја нуди оваа привилегија?

БОЖИЌЕН БОНУС ЗА ПЕНЗИОНЕРИТЕ ДО 600 ЕВРА: Кој град од регионот ја нуди оваа привилегија?

ЕВЕ КАКО ИЗГЛЕДААТ ШЕСТЕ ЕКОЛОШКИ АВТОБУСИ, ЌЕ СЕ ДВИЖАТ ПО ВНИМАТЕЛНО ПЛАНИРАНИ ЛИНИИ ВО СКОПЈЕ - свеченост за донацијата од Европската унија

ЕВЕ КАКО ИЗГЛЕДААТ ШЕСТЕ ЕКОЛОШКИ АВТОБУСИ, ЌЕ СЕ ДВИЖАТ ПО ВНИМАТЕЛНО ПЛАНИРАНИ ЛИНИИ ВО СКОПЈЕ - свеченост за донацијата од Европската унија

Ова е велешкото економско чудо! Кој може и знае како да заработи 4,2 милиони евра за девет месеци од ивоз на конци и предива?

Ова е велешкото економско чудо! Кој може и знае како да заработи 4,2 милиони евра за девет месеци од ивоз на конци и предива?

Засилени контроли на патарините, казни од по 200 евра за неплаќачите

Засилени контроли на патарините, казни од по 200 евра за неплаќачите

ТРГОВСКИТЕ БАРИЕРИ НА ТРАМП ЌЕ БИДАТ ИСКЛУЧИТЕЛНО БОЛНИ ЗА ГЕРМАНСКИТЕ КОМПАНИИ: Еве на што предупредуваат економистите

ТРГОВСКИТЕ БАРИЕРИ НА ТРАМП ЌЕ БИДАТ ИСКЛУЧИТЕЛНО БОЛНИ ЗА ГЕРМАНСКИТЕ КОМПАНИИ: Еве на што предупредуваат економистите

Винарија Камник со најмногу освоени медали и два трофеи на саемот Винска визија на Отворен Балкан

Винарија Камник со најмногу освоени медали и два трофеи на саемот Винска визија на Отворен Балкан

Авионска линија Прага-Скопје, партнерство со универзитети – иницијативи на Божиновска за поблиски односи со Чешка во бизнисот, образованието и енергетиката

Авионска линија Прага-Скопје, партнерство со универзитети – иницијативи на Божиновска за поблиски односи со Чешка во бизнисот, образованието и енергетиката