ИНТЕРВЈУ БЕСИМИ ЗА ФАКТОР: Како граѓаните да вложат во граѓанската обврзница, таа за нив ќе значи сигурност и атрактивна камата
Објавено во: Финансии 16 Јуни, 2023
Се ближи тајмингот кога државата ќе ја издаде првата граѓанска обврзница во историјата на земјава. Кога тоа ќе се случи, како да постапат граѓаните, каков ќе биде бенефитот за нив од овој финансиски инструмент, за Фактор во ексклузивно интервју открива министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Господине Бесими, неодамна најавивте дека граѓанската обврзница ќе се издава овој месец. Можете ли точно да ни прецизирате на кој датум ќе се случи тоа, односно кога ќе се издаде граѓанската обврзница?
Бесими: До крајот на месецот, Министерството за финансии ќе го објави Проспектот со кој ќе известиме за првата аукција на граѓански обврзници кај нас. Проспектот ќе биде достапен на веб-страницата на Министерството за финансии, а службата за односи со јавноста ќе информира и преку медиумите, веднаш штом проспектот биде издаден.
Постапката за купување, односно запишување, на граѓански обврзници ќе биде едноставна. Штом биде објавен проспектот граѓаните ќе можат да појдат во експозитурите на банките и преку нив да пополнат барање за учество на аукцијата и да извршат уплата на паричниот износ за кој сакаат да купат обврзници. Износот на една граѓанска обврзница ќе биде 10.000 денари. Барањето треба да биде доставено до банката најдоцна еден ден пред одржувањето на аукцијата.
По одржување на аукцијата, обврзницата ќе им биде издадена на имателите, односно ќе биде запишана на нивно име. Обврзниците имаат купонска камата, што значи дека секоја година на вложената сума ќе биде исплаќана договорената камата, додека на истек на рокот се враќа и вложената главнина, односно износот кој граѓаните ќе го уплатат. Граѓанската обврзница ќе има рочност од две години.
Која сума ќе биде таа, односно останувате ли на најавата дека на тој начин државата ќе собере 50 милиони евра, или можеби тука настапиле промени и ќе ни откриете ли конечно колку ќе изнесува каматната стапка?
Бесими: Со Проспектот ќе се објави и сумата која ќе биде запишана со граѓанските обврзници, како и каматната стапка. Каматната стапка ќе биде формулирана согласно тековните пазарни услови за државните хартии од вредност, но можам уште од сега да најавам дека ќе биде атрактивна за граѓаните да инвестираат во неа. При првата аукција планираме да издадеме обврзници деноминирани во денари, како и со девизна клаузула.
Мора да се истакне дека поентата на граѓанската обврзница не е државата да собере пари - аукции на државни хартии од вредност на домашниот пазар државата одржува веќе две децении и морам да нагласам дека изминатите години секогаш има огромен интерес од страна на институционалните инвеститори (банки и фондови). Поентата е да се понудат нови можности за инвестирање на финансискиот пазар за граѓаните, можности кои се вообичаени во повеќето економии во светот.
Задоволен сум што од најавата за издавање на граѓанските обврзници наваму, има голем интерес од страна на граѓаните. Верувам дека со отварање нови можности за инвестирање, напоредно со јакнењето на финансиската едукација на населението, ќе се подигне општата свест за доброто управување со заштедите и можностите за заработка од нив.
Дали очекувате дека граѓаните ќе бидат заинтересирани да ја финансираат државата и дали сметате дека ќе запишат 100 отсто од емитуваната граѓанска обврзница?
Бесими: Граѓаните своите расположиви средства можат да ги инвестираат во граѓанските обврзници и за тоа да добијат надомест - атрактивна камата, за која ќе информираме набргу преку издавањето на Проспектот за аукцијата. Граѓаните добиваат и сигурност, бидејќи државните обврзници секаде во светот се сметаат за безризична инвестиција (инструментот го издава државата), а воедно ги штитат своите средства од ефектите од инфлацијата.
Од макроекономски аспект, придобивките се дека со запишување на обврзниците се намалува на готовината во оптек, а тоа е позитивно од аспект на сузбивање на сивата економија. Се развива и пазарот на капитал во земјава, а со тоа и капацитетот за инвестирање и поддршка на проекти, што ќе влијае на забрзување на економскиот раст и развој. Исто така, со развојот на домашниот пазар на капитал се придонесува кон диверзификација на изворите за финансирање од аспект на рочност и трошок, а со тоа и кон спроведување на заложбата за консолидација и фискална одржливост.
Имајќи ги во вид сите овие придобивки, но и досегашниот изразен интерес од страна на граѓаните за граѓански обврзници, очекувам висок интерес при првата аукција.
Сметате ли дека оваа обврзница ќе биде своевидна конкуренција за банките и дека ќе изврши притисок и врз нивната политика на каматните стапки?
Бесими: Обврзниците се финансиски инструменти кои постојат во скоро сите економии и тие не се супститут ниту за штедни влогови, ниту пак за инвестиции во други хартии од вредност, на пример акции и удели во инвестициски фондови. Граѓанската обврзница нема за цел да замени, туку да го дополни релативно едноставното инвестициско милје во нашата земја. Прва лекција за инвеститорите е „не ги ставај сите јајца во иста кошничка - изгради портфолио“. Ние го дополнуваме портфолиото со можност за безризична инвестиција.
Како ги толкувате повиците до македонските граѓани да инвестираат во хартии од вредност на други држави и дали тоа е поисплатлива опција?
Бесими: Многу убава забелешка имате во прашањето - ако ние не им понудиме опција за вложување на граѓаните, тогаш тие своите средства ќе ги вложат надвор, бидејќи имаат право на тоа. Ако граѓаните вложат надвор, тогаш таа земја ќе има средства да инвестира во инфраструктура и други јавни добра, ќе се развива и ќе им понуди подобар стандард на нејзините граѓани и подобри услови за живот.
Оттаму, во Планот за забрзување на економскиот раст ние превидуваме креирање нови финансиски инструментни, покрај граѓанските обврзници, кои преку поволните услови кои ќе ги понудат, ќе го мобилизираат капиталот од приватниот сектор (правни и физички лица) и ќе го насочат кон домашниот развој.
Со Планот, но и со Стратегијата за управување со јавниот долг, планирани се финансиски инструменти со различна примена. На пример, развојните обврзници ќе имаат за цел да го поттикнат финансирањето на развојните проекти во земјата, а ќе бидат наменети за банките, пензиските фондови и други институционални и правни инвеститори, но и за физички лица. Зелените обврзници ќе бидат наменети за поттикнување и поддршка на проекти за унапредување и заштита на животната средина и финансирање еколошки проекти. Проектните обврзници ќе бидат алтернативен начин за финансирање проекти поврзани со инфраструктура, со кои институционалните инвеститори ќе можат да учествуваат во инфраструктурни проекти преку котирани хартии од вредност што можат да се тргуваат, а воедно можат да понудат супериорни приноси прилагодени на ризикот. Сето ова ќе придонесе кон развивање на примарниот пазар на хартии од вредност во земјава, а со тек на време се надевам и развој на секундарниот пазар, односно имателите да можат да ги препродаваат хартиите од вредност и да оставруваат убава заработка и врз основа на тоа.
Нина Нинеска-Фиданоска* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.