29 Март, 2024
0.0291

ИНТЕРВЈУ БОРОЗАНОВ ЕКСКЛУЗИВНО ЗА ФАКТОР: Клучни работи на кои треба да се фокусира државата се скапата енергија, усогласување на царините и подобра инфраструктура во зоните

Објавено во: Економија, Интервјуа 12 Септември, 2022

Добивај вести на Viber

Компанијата со која раководи е најголем извозник во земјава и најголем контрибутор на данок на добивка во државниот буџет. Боријан Борозанов е прв човек на големата странска инвестиција во Македонија, Џонсон Мети во технолошко индустриската зона Бунарџик во близина на Скопје, а од неодамна и потпретседател на Асоцијацијата на странски компании со напредно технолошко производство. За тоа што конкретно произведува оваа фабрика и какво е нејзиното значење за македонската економија, но и за тоа со какви проблеми се соочуваат странските компании што работат во зоните, и што е побитно, колку државата прави или не за да го поддржи нивното работење овде, Фактор открива преку ексклузивно интервју со Борозанов.

Со директорот на Џонсон Мети разговараме и за големите светски и домашни економски предизвици, меѓу кои клучен сега - енормно скапите енергенс, потоа, за недостигот од работна сила не само како квантитет туку и во поглед на квалитетот на кадрите што можат да се обезбедат, како и за тоа дали и колку државата ги почитува договорите што ги има склучено со странските компании овде за доделување државна помош...

Џонсон Мети е меѓу првите и досега најголема реализирана инвестиција во Македонија, со обем на инвестицијата од над 150 милиони евра. Може ли подетално да откриете што произведувате и на кој начин?

Борозанов: Наједноставно кажано: Го правиме воздухот почист. Визијата на Џонсон Мети е почист и поздрав свет, сега и за идните генерации. Нашата фабрика е дел од глобална организација што неуморно работи на катализирање (забрзување) на транзицијата кон нет нула карбон емисии. Заедно со повеќе од 1.000 научници, лоцирани низ целиот свет, имаме директно влијание на креирање одржлива идниназа целиот свет.

Доминантен дел на нашето производство се катализатори, филтри за автомобили и товарни возила. Овие софистицирани технологии и производи го редуцираат нивото на полутанти и ПМ честици што излегуваат од моторите со внатрешно согорување. Благодарение на нашите иновации и производи во изминативе 30-40 години, ефектот на т.н. „кисели дождови“ е многукратно намален, заедно со нивоата на загадување во урбаните средини (т.н. смог). 

Скопската фабрика е една од најавтоматизираните и најмодерните во целата групацијаи е комбинација на напредни хемиски процеси и прецизно премачкување. Базирано на повеќедецениското искуство во металургија на благородни метали, произведуваме над 650 различни технологии и ги опслужуваме сите релеванти OEM во автомобилската индустрија. На добар пат сме во септември да го достигнеме јубилејот од 120 милиони парчиња произведени од отворање на фабриката во 2009 година. Според некои проценки, над 20 отсто од возилата што се возат во Европа, во моментов имаат дел што е Made in Macedonia.

Генерално, какво е искуството на компанијата со која раководите во земјава? Како се справивте со економската криза? Дали ги реализиравте плановито како што биле проектирани во изминативе 2,5 години?

Борозанов: Џонсон Мети во Македонија имаше рапиден раст преку двa силни инвестициски циклуси во последните 12 години. Сега сме зрела фабрика со релативно стабилен перформанс и горди сме што имаме исклучителен тим на професионалци. Мислам дека ги оправдавме очекувањата на групацијата и покрај силните предизвици што доаѓаат со гринфилд тип на инвестиција во една економија во развој.

Глобалната eкономска криза е мултидимензионална и се поизвесно е дека ќе има пролонгиран ефект. Паралелно со различните шокови во синџирите на добавување (Ковид, криза со чипови, дис-баланс на транспортни рути) забележливи се и притисоци од страна на побарувачката. Екстремите поврзани со енергетската криза и рапидната инфлација доведуваат до притисок и ерозија на маргините.

Многу сум горд на тоа како нашиот тим се претставува во овие предизвикувачки времиња. Нестабилноста на пазарот бара да продолжиме да ги прилагодуваме нашите распореди за производство, да бидеме екстра фокусирани на намалување на трошоците и екстра креативни кон можности за дополнителна продуктивност.

Џонсон Мети е најголемиот контрибутор во земјава за данокот на добивка. Би Ве прашала – дали како најголем даночен обврзник добивате пропорционално ниво на внимание од државата, односно, колку се слушаат Вашите барања и предлози од носителите на политиките? Дали сте задоволни од третманот кој го добивате од државата?

Борозанов: Џонсон Мети е мултинационална корпорација со 205 години историја и искуство во глобалниот бизнис. Македонија е стратешка локација за нашиот Clean Air бизнис, но истовремено сме најголем извозник, остваруваме солиден дел од македонскиот БДП и вработуваме околу 1.000 луѓе, од кои повеќе од 150 инженери и хемичари, односно над 300 високо квалификувани профили.

Нашиот придонес кон локалната економија е особено значаен во трансферот на т.н.најдобри практики и знаења од развиените економии и други места каде имаме бизнис. Се обидуваме да бидеме активен чинител и да го канализираме нашето учество преку коморските здруженија и асоцијации. Еден сме од основачите на Асоцијацијата на Компании со Напредно Производство и на Советот на Странски Инвеститори при Стопанската Комора на Северна Македонија.

Кризата особено ја потврди потребата од активна, навремена и транспарентна комуникација со бизнис секторот. Од наша страна активно би ја подржале двонасочноста на таа комуникација во секој момент и во секоја форма. Уверен сум дека има многу теми за кои имаме заеднички интерес. 

Можете ли да ни кажете, освен директните бенефити за вработените и за буџетската каса во земјава, како поинаку Џонсон Мети придонесува кон развој и унапредување на заедницата?

Борозанов: Само пред неколку недели почнавме многу возбудлив проект за поддршка на Здружението на хемичари и технолози и Институтот за хемија при ПМФ. Преку нашата глобална иницијатива „Science and me” и грант од 20.000 евра го подржуваме реновирањето на лабораторијата каде млади хемичари и средношколци ќе ги почнуваат првите чекори во науката. Исто така дониравме и за дополнување на збирката елементи за нивниот визуелен периодичен систем.

Имаме активна соработка и со повеќе факултети и средни училишта. Само во последнава година поддржавме повеќе од 50 студенти и средношколци преку нашите програми за практикантство и стипендии. Се зголемува и бројот на дипломци што ќе ја работат својата теза на тема поврзана со Џонсон Мети, а неколку од нив се веќе дел од нашиот тим. Од септември стануваме дел и од дуалното образование преку соработка со локално училиште од општина Илинден.

Одржливостаи работата со локалната заедница е составен дел на ЏМ како организација и е вградена во нашата стратегија. Нашите цели за одржливост обезбедуваат јасна визија за тоа како ќе продолжиме да го зголемуваме нашето позитивно влијание врз светот, од употребата на нашите производи и услуги до нашите сопствени операции и како се грижиме за нашите луѓе и синџири на снабдување.

Конкретен пример: компанијата поддржува за секој вработен два дена волонтерска работа годишно, а нашата фабрика има најмногу волонтерски денови во целата групација! Особено ми се драги акциите за поддршка на училиштето за деца со пречки во развој „Златан Сремац“ и училиштето за деца со оштетен вид „Димитар Влахов“. Тимот е навистина посветен на проекти што имаат трајно влијание.

Вашиот процес вклучува обработка, увоз и извоз на благородни метали. Со оглед на глобалните движења, порастот на цените на овие состојки беше значителен. Колку тоа се одрази на бројките за Вашиот реализиран извоз и увоз? Колку изнесуваше порастот на вредноста на извозот споредено со растот на увозот, но и растот на обемот на производство?

Борозанов: Џонсон Мети Македонија е една од најголемите производни локации на Clean Air Sector и е целосно интегрирана во системот каде повеќе од 80 отсто од благородните метали се рафинирани во рамките на групацијата. Интересно е да се спомене дека ЏМ помогна во создавањето на една од првите кружни економии во светот во металите од платинести групи, а денес сме најголемиот рециклирач на PGM во светот.

Нашите процеси на екстракција и одвојување на PGM се толку напредни што може да рециклираме платина, на пример, до минимална чистота од 99,95 отсто. И сите наши катализатори кои содржат метали се дизајнирани да ги забрзаат хемиските реакции, користејќи го минималното количество метали.

Ескалацијата на Руско-Украинската војна, енергетската криза и се уште актуелниот недостаток на чипови за автомобилската индустрија се непредвидливи фактори што сериозно можат да влијаат на нашиот перформанс. Сепак, имаме доста диверзифицирано ниво на клиенти што го намалува вкупниот ефект на кризата.

Во услови кога сите се жалат на недостиг од работна сила, интересно е да ни објасните дали наоѓате доволно квалификувани и искусни работници во земјава за Вашиот напреден процес?

Борозанов: Феноменот на „недостиг на работна сила“ не е лимитиран само на Македонија. Високите нивоа на автоматизацијаи напредно производство бараат поинаков сет вештини од она што се продуцира од националните образовни системи. Од друга страна, кризата покажува и силни структурни недостатоци што се гледаат преку историски најниските проценти на партиципација на работната сила во развиените земји.

Македонија има свои специфики и е релативно затворен пазар со ниска мобилност, а во исто време, засилен е традиционалниот ефект на емиграција на младата популација. Според многумина, постојат предизвици со базични вештини на критично размислување и решавање на проблеми. Веруваме дека ако може да најдеме вработени кои што се добар фит со нашата организациска култура, кои ги делат заедничките вредности и работна етика, тогаш може да ги научиме за техничките елементи.

Џонсон Мети Македонија стратешки инвестира во развој на човековите ресурси преку агресивни внатрешни тренинзи и обуки. Навистина радува што сме релативно млада организација со висок степен на ентузијазам и желба за натпревар и напредок. И сепак параметрите на атриција, споредено со други земји, се на релативно стабилно ниво.

Освен плата, дали и кои други поволности ги добиваат вработените во странските компании? Можете ли да ги квантифицирате?

Борозанов: Во Џонсон Мети примарен фокус е на безбедноста при работа и тоа е прашање кон кое пристапуваме без компромис. Безбедноста е на прво место и се радувам дека тоа е препознаено од нашите вработени и нашите семејства и е фундаментален дел на нашата култура. Ова беше особено значајно за време на Ковид кризата каде што воведовме највисоки светски нивоа на заштита на работното место. 

Континуираниот тренинг и обуки, развојот на кариера и нови знаења и можноста да се работи во меѓународен контекст се огромна предност. Вистинско богатство е да се работи за меѓународни клиенти преку интернационални тимови и соработка со колеги од различни земји. Особено радува што многу од нашите колеги што ја почнаа кариерата во скопската фабрика во моментов извршуваат регионални и глобални функции со многу поголема одговорност.

Бенефициите што ги овозможуваме се многу над минимално пропишаните со закон и се во пакет со мерит покачувања на годишно ниво. Ние сме и една од првите компании што овозможи и приватно здравствено осигурување за сите вработени – не само за менаџерските функции. Значаен дел од компензацијата е и преку т.н. перформанс бонус што зависи од личниот ангажман и од вкупните финансиски резултати на компанијата.

Вкупната годишна компензација е драстично поголема од актуелните просечни (не минимални) нивоа на државно ниво. Ако споредуваме со месечната номинална плата, целиот пакет може да биде и над 15, 16 номинални плати на годишно ниво за одредени профили. Но, сепак најважно од се е можноста да се биде дел од колаборативна организација со јасна цел, визија и стратегија што бизнис одлуките ги базира на долг рок.

По Вашето преземање на компанијата, се појавија некои реакции на незадоволство, имаше најави за штрајкови, откази... Може ли да кажете за што точно стануваше збор?

Борозанов: Да го цитирам нашиот CEO,Лиам Кондон: „Нашата мисија е двозначна „perform and transform”. Тоа, првенствено, вклучува фокус на клучните пазари каде ЏМ има право да победи и потоа да игра за победа. Поедноставување на начинот на кој работиме со јасна одговорност, намалена бирократија и lean процеси, за побрзо донесување одлуки и намалување на трошоците.  Сето ова за подобра егзекуција преку градење посилни комерцијални и проектни менаџмент способности, поткрепени со култура на високи перформанси.

Повеќе од 12 години Џонсон Мети Македонија инвестираше и продолжува да инвестира во нашите капацитети, опрема и нашите луѓе. Нашиот тим е многу горд со она што го постигнавме и што ќе го постигнеме во иднина. Но пазарот се менува и мора да се прилагодиме. И секако, мора да останеме фокусирани на она што го правиме најдобро: да ги задоволиме нашите клиенти и да испорачаме продуктивност.

Господине Борозанов, би можеле ли да кажете какви се натамошните планови на компанијата кои би можеле да ги споделите со јавноста?

Борозанов: На краток рок – мора да испорачаме стабилност, ефикасност и продуктивност. Во ситуација на економска контракција, мора да ги испорачаме готовинските текови што ќе ги обезбедат инвестициите потребни за нашата иднина, паралелно со соодветен поврат за нашите акционери.

На среден рок – преку селективни инвестиции во нови знаења и вештини да ја зголемиме додадената вредност на нашите производи. За да ја добиеме следната генерација ЕУР 7 производи мора да имаме ласерски фокус на нашите клиенти и нивните барања.

Скопската фабрика останува стратешка локација за нашиот Clean Air бизнис, но мора да останеме гладни и со амбиција за достигнување перформанси од светска класа.

Господине Борозанов, како потпретседател на Асоцијацијата на странски компании со напредно технолошко производство, би можеле ли да ни откриете нешто повеќе за досегашните активности на оваа организација? Колку членови имате, кој е нивниот импакт во економијата?

Борозанов: Асоцијацијата во моментов има 28 членки, што вработуваат над 20 илјади вработени и остваруваат 30-40 отсто од годишниот извоз на државата. Пет од членките, кои се 100 отсто извозно ориентирани, се во првите 25 компании според последната ранг листа на 100 НАЈГОЛЕМИ компани според приходи. Мнозинството од компаниите се во автомобилскиот сектор и се дел од глобалните синџири на добавување на најголемите произведувачи на автомобили. Производството варира од жичани системи, електрични склопови и лиена пластика до софистицирани компјутерски, контролни мехатронички модули и финални производи како автобуси. 

Главниот фокус е насочен кон фасилитирање на комуникацијата во рамки на Стопанската комора и соработка со домашните компании и државните институции. На пример, претседателот на асоцијацијата е и потпретседател на Комората, а една од главните активности се и кварталните средби со вицепремиерот за економски прашања и владиниот економски тим. Дополнително организираме и годишна анкета на нашите членки поврзана со оценка на бизнис климата – целта е транспарентно да се лоцираат проблемите и заеднички да се работи на нивно решавање.

Една од главните активности што делумно се реализира во изминатата година, по неколку владини одлуки за привремено намалување на давачките поттикнати од Ассоцијацијата, е и парцијалното хармонизирање на царинските давачки за увоз на опредeлени материјали со истите во Европската Унија. Ова дојде по инцијатива на неколку наши членки од секторот електроника и мехатроника и иако целиот процес не е целосно завршен, сметам дека многу ќе помогне за нивната конкурентност, што може да донесе на нови производи и бизнис во државата. Се залагаме за конечно решавања и на овој проблем, но и другите предизвици заедно со другите компании во земјата. Целта е заедничка – како македонски компании основани со странски капитал, заедно да се развиваме и да стигнеме до повисоки стапки на раст на продажба и профит.

Според Вашето мислење, како стои Македонија како инвестициска локација во однос на другите земји од регионот и кои се државите кои се наши главни конкуренти на тој план?

Борозанов: Треба да бидемe многу внимателни во сегментирање на различните типови инвестиции. Конкуренцијата е многу голема доколку се фокусираме на инвестиции во извозно ориентирани производи и услуги, што со време ќе креираат поголема додадена вредност. А и тие проекти се многу различни од опортуните инвестиции што доаѓаат поради можностите на домашниот пазар, како на пример јавно-приватни-партнерства во енергетика или инфраструктура. Едноставно, мултинационалните компании имаат повеќе можности стратешки да лоцираат делови од вредносните синџири, и државите што се проактивни победуваат.

Автомобилската индустрија е една од подинамичните и изминативе 10-на години навистина има интересни примери: Унгарија (Дајмлер, Ауди итн...) , Словачка што со само 5,4 милиони жители ќе има пет големи ОЕМи (неодамна Волво најави нова инвестиција во Кошице), Словенија со поддршката на Рено… Meѓу 100-ната гринфилд инвестиции што Србија ги генерира годишно, интересни се инвестициите на Стелантис во новата платформа на електрични возила, но и Континентал, што само во пет години два пати реинвестира, вклучувајќи и R&D центар од повеќе од 120 милиони евра во Нови Сад или Аптив што за пет години стигна до три фабрики... Бугарија е многу солидно позиционирана во однос на софтвер девелопмент центри од средна големина. Во Грција, само пред 3-4 месеци, Микрософт објави инвестиција во регионален дата центар од две милијарди, а и Хрватска стана соодветен хот-спот преку капитализацијата на Римац преку Порше/Бугаттии инвестицијата на СофтБанк/Голдман Сакс ассетс.

И покрај кризата, се случуваат многу проекти. Македонија треба многу внимателно да ги позиционира своите ограничени ресурси. Верувам дека најголем ефект може да се постигне преку партнерски однос со компаниите што веќе инвестирале во земјата.

Добар дел од инвеститорите во земјава имаа стари договори за субвенции со државата, склучени пред да се донесе Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Според официјалните податоци, Вие како најголем инвеститор, имате добиено најголем износ на државна помош, претежно во даночни ослободувања и олеснувања, а помал дел и во директна исплата. Имаше најави за изедначување на условите за помош за сите инвеститори, а се поактуелен е трендот на намалување на даночните поволности за сметка на директните трансакции. Дали измените во правилата во овој дел ве стимулираат доволно за почнување нови инвестиции?

Борозанов: Мултинационалните корпорации ги носат инвестициските одлуки врз база на сериозни анализи на сите фактори што имаат долгорочен импакт на профитабилноста и одржливоста на бизнисот. Достапноста на базичната инфраструктура, вкупните трошоци за водење бизниси стабилноста на бизнис климата, образовниот потенцијал, близината до крајните пазари и агилните и про-бизнис политики се примарни двигатели. Државните субвенции се само еден дел од мозаикот.

Во последниве две години од ТИРЗ информираат дека државата има нов пристап во грижата за корисниците, субвенциите, како и за креирање први напредни технолошки ТИРЗ зони. Што ова значи за Вас како компании, дали чувствувате подобрување во квалитетот на услугите, нови можности или раст на квалитетот на услугите, образованието, и генерално на Вашата интеркомпаниска и надворешна конкурентност?

Борозанов: Ќе повторам, субвенциите се само еден мал дел. Партнерскиот однос и поддршката во развој на образовни профили, базична инфраструктура и достапност на енергија, олеснување на бирократија, елиминирање на не-тарифни бариери и пара-фискални давачки, работни и градежни дозволи, развој на нови технологии, соработка со универзитети итн... се само некои сегменти што треба системски да се развиваат и поддржуваат. Со интерес ги следиме најавите во медиумите за најавениот нов пристап и отворени сме за соработка доколку државните институции сметаат дека е потребно.

Кои се главните предизвици со кои се соочуваат членките на асоцијацијата? Кои се Вашите главни барања, кои се проблемите и какви се Вашите предлози за нивно разрешување? Според членките, што конкретно треба да преземе државата за подобрување на условите за работа во зоните?

Борозанов: Автомобилската индустрија е циклична, но и пост-ковид закрепнувањето е многу анемично. Тие членки што се изложени на т.н. волуменски платформи се под силен притисок. Според некои проекции, волуменот на производство на автомобили за 2022 ќе е помал за околу 30 отсто споредено со пред-пандемиската 2019. Исто така, се предвидува релативно низок иден раст што води до зголемени фиксни трошоци, ерозија на маргините и потенцијално структурно губење на конкурентноста.

Од последната анкета кадебеа дефинирани топ пет прашања на кои треба да се фокусира државата како приоритети се: усогласување на царинските стапки со оние во ЕУ, намалување на оперативните трошоци во ТИРЗ, подобрување на инфраструктурата, унапредување на даночните и сметководствените правила според меѓународните стандарди (IFRS) и анексирање на договорите за државна помош. Дополнителни прашања кои се наметнуваа се олеснување на постапките за инсталација, користење и субвенционирње на фотоволтаични панели.

Основното барање за сите засегнати страни (власт, опозиција, струкови здруженија, синдикати...) е да работат на стабилност и предвидливост на бизнис климата. Брзото и често менување на клучни закони, без квалитетна дебата и соработка, дури и со најдобра намера, може да предизвика непропорционални штети.Од стратешки аспект, потребен е национален консензус за нула корупција без компромиси, помалку бирократија и фокус на образование.

Во иста насока, потребна е хармонизирана про-бизнис регулатива. Еден релативно лесен пример за решавање е неусогласеноста на националните сметководствени стандарди со меѓународно прифатените практики или непостоење на активни мерки за поддршка на одржување на бројот на вработени во период на криза. На долг рок, потребни се даночни и фискални политики што ќе катализираат нови инвестиции и ќе придонесат за агресивен раст.

Но она што е најесенцијално на краток рок, е јасна и одлучувачка енергетска стратегија и акционен план. Во моментов, цените на енергија за индустријата се меѓу највисоките во Европа, што не е случај во регионот. Она што е позагрижувачки е неизвесноста и недостатокот на лидерство, независно од геополитичките случувања. Ако има прекини во испораката на природен гас и електрична енергија, едно нешто е сигурно, нема да страдаат само компаниите.

Иницијативата Отворен Балкан ќе значи и слободно движење на работната сила меѓу земјите членки? Дали тоа носи и ризик за одлив на кадарот, веројатно најмногу во Србија?

Борозанов: Лично верувам во силата на конкуренцијата, пазарната економија и бенефитите од слободниот проток на стоки, луѓе, капитал и идеи. Намалувањето на бариерите на долг рок креира вин-вин сценарио за сите. Треба да прифатиме дека треба да се натпреваруваме со памет, напорна работа и визија, а не преку државен протекционизам.

За квалитетни фирми, иницијативата Отворен Балкан и целиот процес на пристапување кон ЕУ ќе отвори дополнителни можности за раст и развој. Не треба да заборавиме дека тие текови мора да бидат двонасочни. За мала и релативно отворена економија (како македонската) интеграцијата е неизбежна и сите треба да го прифатиме тоа што побрзо.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА УО НА „ГРАНИТ“ СТРАШО МИЛКОВСКИ СЕ СТЕКНА СО 4.200 АКЦИИ - исто толку нови акции има и Ивана Милковска Симева, претседател на НО

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА УО НА „ГРАНИТ“ СТРАШО МИЛКОВСКИ СЕ СТЕКНА СО 4.200 АКЦИИ - исто толку нови акции има и Ивана Милковска Симева, претседател на НО

ДОМАШНОТО ПРОИЗВОДСТВО НА МЛЕКО СЕ НАМАЛИЛО ЗА НАД 25 ПРОЦЕНТИ: статистика изброја и помалку говеда

ДОМАШНОТО ПРОИЗВОДСТВО НА МЛЕКО СЕ НАМАЛИЛО ЗА НАД 25 ПРОЦЕНТИ: статистика изброја и помалку говеда

БОГАТАШИТЕ И НИВНИТЕ ТЕЛЕФОНИ - ANDROID ИЛИ IPHONE: Овие видови мобилни ги користат Гејтс, Закерберг, Бафет и Безос

БОГАТАШИТЕ И НИВНИТЕ ТЕЛЕФОНИ - ANDROID ИЛИ IPHONE: Овие видови мобилни ги користат Гејтс, Закерберг, Бафет и Безос

ПОЗНАТИОТ ГОТВАЧ ЏЕЈМИ ОЛИВЕР ОТВОРИ РЕСТОРАН ВО НАШЕТО СОСЕДСТВО - еве каде точно се наоѓа и какви се цените

ПОЗНАТИОТ ГОТВАЧ ЏЕЈМИ ОЛИВЕР ОТВОРИ РЕСТОРАН ВО НАШЕТО СОСЕДСТВО - еве каде точно се наоѓа и какви се цените

ПЛАТЕНИ СЕ 45 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА 27 АКЦИИ НА „РЕПЛЕК“ - кој е инвеститорот во фармацевтската компанија

ПЛАТЕНИ СЕ 45 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА 27 АКЦИИ НА „РЕПЛЕК“ - кој е инвеститорот во фармацевтската компанија

Од 1 април зголемена минимална плата во Грција

Од 1 април зголемена минимална плата во Грција

ДУИ со експанзија во угостителството

ДУИ со експанзија во угостителството

ПРОДАЖБАТА НА ВИНО ДОНЕСЕ ПРИХОДИ ОД 950 ИЛЈАДИ ЕВРА, НО ОВА НЕ БЕА ЛЕСНИ ДЕНОВИ ЗА „ПОПОВА КУЛА“ - скапа струја и шишиња, недостиг од работници...

ПРОДАЖБАТА НА ВИНО ДОНЕСЕ ПРИХОДИ ОД 950 ИЛЈАДИ ЕВРА, НО ОВА НЕ БЕА ЛЕСНИ ДЕНОВИ ЗА „ПОПОВА КУЛА“ - скапа струја и шишиња, недостиг од работници...

КИНЕЗИТЕ ДОБИВААТ УШТЕ ДВЕ ГОДИНИ РОК ЗА ИЗГРАДБА НА АВТОПАТОТ КОН ОХРИД: измените на законот пред пратениците, кој ќе го гласа?

КИНЕЗИТЕ ДОБИВААТ УШТЕ ДВЕ ГОДИНИ РОК ЗА ИЗГРАДБА НА АВТОПАТОТ КОН ОХРИД: измените на законот пред пратениците, кој ќе го гласа?