19 Април, 2024
0.0299

Марија Бошковска-Јанковски, директорка на Централен регистар

ИНТЕРВЈУ БОШКОВСКА-ЈАНКОВСКИ: Во минатата година порасна бројот на компании кои работат со зголемени приходи и добивка за 25 отсто

Објавено во: Економија, Интервјуа 06 Мај, 2022

Добивај вести на Viber

Охрабрувачки резултати покажа опсежната анализа на Централниот регистар на земјава за минатата година. Споредбата е направена со претходната 2020 година, а беа анализирани над 77 илјади годишни сметки на компаниите. За резултатите од анализата разговараме со директорката на Централен регистар, Марија Бошковска-Јанковски.

Заврши обработката на годишните сметки во регистарот кој го води Централен регистар на Република Северна Македонија. Каков е трендот на движење на економијата во 2021 година?

Бошковска-Јанковски: Во Централен регистар на Република Северна Македонија за 2021 година се поднесени годишни завршни сметки за 86 255 правни субјекти од сите организациони облици.

По извршената обработка на податоците од годишните сметки за 2021 година, ЦР изготви анализа на работењето на правните субјекти по големина, по сектори, по дефинирани критериуми.

По извршената обработка на податоците од годишните сметки за 2021 година, ЦРРСМ изготви анализана работењето на правните субјекти по големина, по сектори, по дефинирани критериуми, користејќи финансиски податоци од доставените и одобрени годишни сметки за 2021 година на трговските друштва, трговците поединци, банки, осигурителни компании, јавни претпријатија, акционерски друштва во државна сопственост, агенции во државна сопственост и останати облици кои водат сметководство по МСС и известуваат по МСФИ и доставуват годишна сметка согласно Законот за трговските друштва.

Направена е компарација на податоците со 2020 година со цел да се прикаже трендот на движење во економијата.

Предмет на анализа се доставените и обработени 77 21годишни сметки (од кои 3.671 се изјави т.е. известувања за немање деловна активност) од наведените категории на обврзници, или анализирано по вид на субјекти, опфатени во анализата, структурата е следна:

-Трговски друштва и останати обврзници согласно ЗТД 67.102 субјекти

-Трговци поединци и самостојни вршители на дејност 10.070 субјекти

-Банки 26 субјекти

-Осигурителни компании 18 субјекти

Просечениот број вработени врз основа на часовите на работа, според обработените податоци во годишните сметки на Трговските друштва и останати обврзници согласно ЗТД и трговците поединци и самостојни вршители на дејност за 2021 година има раст од 1,5 отсто во однос на просечниот број на вработени во 2020 година.

Согласно критериумот финансиски резултат, ДОБИВКА во 2021 година оствариле вкупно 54.107 правни субјекти.

Евидентиран е растечки тренд кај бројот на трговски друштва кои работат со добивка во 2021 година, во споредба со 2020 од 25 отсто или во апсолутен број, бројот на друштва кои работат со добивка е зголемен за 9.267 субјекти во однос на 2020 година.

Исто така, растечки тренд во бројот на субјекти кои оствариле добивка во 2021 во однос на 2020 година од 25,04 отсто е забележан и кај трговците поединци и самостојни вршители на дејност, или во оваа категорија 1.523 субјекти повеќе работат со добивка. 

Во 2021 година во однос на 2020 намален е бројот на трговски друштва кои работеле со загуба.

Согласно критериумот финансиски резултат, ЗАГУБА во 2021 година искажале 23.109 правни субјекти.

Од ова може да се заклучи дека постои опаѓачки тренд во бројот на трговски друштва кои работат со загуба во 2021 година во споредба со 2020 од 28,4 отсто или во апсолутен број, бројот на друштва кои работат со загуба е помал за  8.165 субјекти во однос на 2020 година.

Постои тренд на намалување на бројот на трговците поединци и самостојни вршители на дејност кои оствариле загуба во 2021 во однос на 2020 година од  41,3 отсто или евидентирани се 1.734 помалку субјекти во оваа категорија кои работат со загуба.

Анализирајќи по критериум големина на трговски друштва, освен големите трговски друштва, кај кои е забележан тренд на намалување на бројот на субјекти кои работат со добивка од 12,5 отсто, кај сите останати големини, односно средни, мали и микро трговски друштва постои растечки тренд на бројот на друштва кои остваруваат добивка во 2021 во однос на 2020 година. 

Кај сите категоризирани друштва по големина, во 2021 година е евидентиран тренд на намалување на субјекти кои работат со загуба. Најголемо намалување е забележано кај малите друштва од 29,1 отсто или тоа се 1.227 субјекти помалку кои работеле со загуба во 2021 во однос на 2020 година.

По однос на работењето на банките и осигурителните компании според податоците од годишните сметкиза 2021 година, банка која има најголемраст на приходи во 2021 година во однос на 2020 година, е Халкбанка АД Скопје, со стапка на раст од 16 отсто.

Банка која бележи најголема добивка пред оданочување во 2021 година е Стопанска банка АД Скопје, по неа следат Комерцијална банка АД Скопје и НЛБ банка АД Скопје.

Осигурително друштво кое според податоците од годишната сметка за 2021 година, има најголеми приходи е Триглав осигурување АД Скопје. По него следи Уника АД Скопје кое во однос на 2020 година има најголем раст на приходите од 22 отсто. Уника АД Скопје и Сава осигурување АД Скопје иако влегуваат во првите пет осигурителни друштва, според остварените приходи за 2021 година и бележат раст на истите в оспоредба со претходната година, и двете работат со загуба.

Осигурително друштво кое според податоците од годишната сметка за 2021 година има најголема добивка е Еуролинк АД Скопје, зголемена за 2,3 пати во споредба со претходната година.

ТОП 10 компании со најголема добивка во 2021 година се:

 1.ЏОНСОН МЕТИ ДООЕЛ Скопје

 2.ИГМ-ТРЕЈД Илија и др. ДОО Кавадарци

 3.Рудник САСА ДООЕЛ Македонска Каменица

 4.ЕВН Македонија А.Д. Скопје

 5.Македонски Телеком А.Д.– Скопје

 6.ЈП за државни патишта

 7.МАКПЕТРОЛ А.Д.Скопје

 8.АЛКАЛОИД АД Скопје

 9.ТЕ-ТО АД-Скопје

10.Цементарница УСЈЕ АД Скопје

ТОП 10 компании со најголем пораст во просечен број на вработени во 2021 споредено со 2020 година се:

 1. Таскфорце БПО ДОО Битола

 2.Амфенол Технолоџи Македонија ДООЕЛ Кочани

 3. Дура АутомотивеСтрекчерс ДООЕЛ Илинден

 4. Костал Македонија ДООЕЛ Охрид

 5.Синохидро КорпорејшнЛимитид Пекинг - Подружница Скопје

 6.Боров Дол ДООЕЛ Радовиш

 7.Телеперформанс ДООЕЛ Скопје

 8.Дрекслмајер Мануфакторинг Македонија ДООЕЛ Кавадарци

 9.А.Д.„Пошта на Северна Македонија„ Скопје

10.ЈП Комунална Хигиена-Скопје

ТОП 10 компании со најголем пораст на остварена добивка во 2021 споредено со 2020 година се:

  1.ИГМ-Трејд Илија и др. ДОО Кавадарци

  2.Макпетрол А.Д.Скопје

  3.Макстил А.Д.Скопје

  4.Боров Дол ДООЕЛ Радовиш

  5.Аџибадем Систина Скопје

  6.Џонсон Мети ДООЕЛ Скопје

  7.Рудник САСА ДООЕЛ Македонска Каменица

  8.ТЕ-ТО АД-Скопје

  9.Булмак 2016 ДООЕЛ Пробиштип

10.Синохидро КорпорејшнЛимитит Пекинг- Подружница Скопје

ТОП 10 компании со најголем пораст на остварени приходи во 2021 споредено со 2020 година се:

 1.Џонсон Мети ДООЕЛ Скопје

 2.ОКТА А.Д.-Скопје

 3.Ген-и продажба на енергија ДООЕЛ Скопје

 4.Макпетрол А.Д. Скопје

 5.Алпик енергија Скопје ДООЕЛ Скопје

 6.А.Д. МЕПСО Скопје

 7.ИГМ-Трејд Илија и др. ДОО Кавадарци

 8.Лантус Комерц ДООЕЛ Скопје

 9.А.Д. Електрани на Северна Македонија Скопје

10.Про-Бетинг ДОО Скопје

Од сето погоре прикажано евидентиран е пораст на компании кои работат со зголемен обем на приходи и поголем е бројот на компании кои работат со добивка во 2021 година во однос на 2020 година за 25 отсто, истовремено со забележано паѓачки тренд во бројот на компании кои работат со загуба.

Секторот В - Преработувачка индустрија се истакнува како сектор во кој се остварени најдобри резултати од аспект на остварени приходи, добивка и број на вработени. 

Анализата по сектори упатува на позитивен тренд во работењето во 13 од вкупно 21 сектор во економијата.

Во енергетскиот сектор, покрај позитивниот тренд во обемот на остварени приходи, како последица од енергетската криза во глобалното макроекономско окружување, евидентирано е работење со загуба во 2021 година.

Секторот Г- СНАБДУВАЊЕ СО ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА, ГАС, ПАРЕА И КЛИМАТИЗАЦИЈА иако има најголем раст на приходите (од 51 отсто) сепак работи со загуба.

Секторот З - ОБЈЕКТИ ЗА СМЕСТУВАЊЕ И СЕРВИСНИ ДЕЈНОСТИ СО ХРАНА еден од најзагрозените сектори во ковид кризата, во 2021 година бележи зголемување на вкупните приходи од 40 отсто, зголемување на добивкатаза 2,7 пати и намалување на загубата за 54 отсто.

Сакам да потенцирам дека и покрај пролонгирањето на роковите за доставување на годишните сметки, голем процент односно 87 отсто од правните субјекти своите годишни пријави ги поднесoа до 15-ти март. Интересен податок е и тоа што оваа година во однос на претходната, бројот на анализираните субјекти кои поднеле годишна сметка е поголем за околу 700 субјекти.

Во измината 2021 година новорегистрирани се 8.644 правни субјекти од сите организациони облици, што е највисока бројка во изминативе пет и повеќе години.

Да напоменам дека во 2021 година скоро сите правни субјекти покажаа финансиска дисциплина и го запишаа вистинскиот сопственик во регистарот на вистински сопственици согласно Законот за спречување на пари и финансирање на тероризам. Доказ за високата посветеност и одговорност е високиот процент на субјекти кој ја исполниле оваа обврска. Имено, 92,5 отсто од обврзаните субјекти веќе имаат запишано вистински сопственик 75 188 правни субјект.

Најголемиот дел од оние кои не се регистрирани т.е не направиле упис во регистарот на вистински сопственици се субјекти кои подолг временски период немаат економска активност, ниту контакти или сметка во банка, како и субјекти кои биле во постапка на стечај или ликвидација. Од запишаните лица 92,6 отсто се македонски државјани, 0,5 отсто се странци со регулиран престој, а останатите 6,9 отсто, односно околу 5.369 лица, се странци. Странците доаѓаат од 102 држави, а најмногу вистински сопственици – странци имаме запишано од следните пет држави: Турција, Србија, Бугарија, Грција и Германија. 

Во изминатиот период се работеше и на регионално поврзување на податоците на деловните регистри на Западен Балкан. Дел од Регионалниот портал на деловни регистри на Југоисточна Европа - Bifidexce Северна Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора и Република Српска. Со кои придобивки резултираше овој проект и кои се неговите очекувани влијанија?

Бошковска-Јанковски: Со пуштањето на продукција на Регионалниот портал на деловни регистри на југоисточна Европа - BIFIDEX, кој го креиравме заедно со Српската агенција за деловни регистри, создадовме место за информирање на бизнисмените и инвеститорите, обезбедувајќи пристап до ажурирани информации од националните агенции за бизнис регистри од регионот сите достапни од едно место.

Порталот нуди услуги на бизнис аналитика од регистарски податоци кои ќе бидат основа за сите понатамошни иницијативи за воспоставување на Единствен Пазар на Западен Балкан, а воедно претставува и прв вистински пример на институционална интероперабилност помеѓу Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора и Република Српска.

Како прва повеќејазична и интерактивна платформа на регионални деловни регистри, BIFIDEX вклучува податоци и услуги што може да се пребаруваат во реално време за 1,5 милиони компании и правни лица и над 2 милиони сопственици и администратори.

На крајот на февруариво рамките на петтиот Инвестициски Самит на земјите од Западен Балкан кој се одржа во Лондон беше истакната важноста која ја нуди Регионалниот портал на деловни регистри на југоисточна Европа – BIFIDEX за потенцијалните инвеститори во овој дел од Европа.

Регионалниот портал на деловни регистри на југоисточна Европа – BIFIDEX ќе придонесе кон остварување на целите на иницијативата „Отворен Балкан“ преку целосно електронски пристап до информации за можни деловни партнери од регионот и можност за следење на активности на постојни деловни партнери.

Перспективно овој портал се планира да се користи како еден од виталните столбови кон воспоставување единствен пазар за регионот на Западен Балкан но, исто така и во однос на единствениот пазар на ЕУ, заради: промовирање на прекугранични деловни активности и трговија, подобрување на климата за инвестиции во регионот, обезбедување на слободно трговско движење низ целиот регион и зголемување на заштитата на доверителите и трети лица преку откривање на дисквалификувани информации за директори итн.

За непречено функционирање на процесите во стопанството од особена важност е дигиталното поврзување меѓу институциите односно интероперабилноста. Колку Централен регистар е вклучен во овој процес?

Бошковска-Јанковски: Бизнис процесите не зависат од само една институција, тоа е врзан процес за кој ние како институција особено се заложуваме да го олесниме преку проекти на интероперабилност, со кои институциите системски се поврзуваат заради достапност на податоците, нивна лесна расположливост како и подобрување на квалитетот на податоците со што на граѓаните им се скратува времето на чекање како и процедурите за добивање на некоја услуга. Со проектите на интероперабилност настојуваме да се елиминира макотрпното препраќање од шалтер на една институција во друга како и настојуваме да се намалат трошоците на граѓаните што е еден вид на стимулирање на микро и малите бизниси.

Изминативе години Централниот регистар континуирано развиваше успешна соработка со своите партнери, давајќи поддршка низ работниот циклус и овозможувајќи интероперабилност преку која се развиваа идеите за Единствената точка за контакт, едношалтерскиот систем и низа други проекти кои не би биле успешни без нашите соработници.

Токму двата најголеми проекти кои ги реализиравме во последните две години – Заедничката платформа за отпочнување бизнис и Регистарот на вистински сопственици се реализираат преку меѓу-институционално поврзување преку националната магистрала и системот за интероперабилност на Министерството за Информатичко Општество и Администрација, што претставува своевидна револуција во насока на точност на податоците и намалување на административниот товар на субјектите. Со тоа се дава значителен придонес кон процесот на дигитализација на јавната администрација но, и исполнување на европските директиви и дигиталната агенда. Со усогласување на националната легислатива со правото на ЕУ како важен предуслов во нашиот евро-интеграциски процес, активно работиме и на изнаоѓање можности за прекугранична интероперабилност на регистрите на вистински сопственици со земјите од Западен Балкан, што ќе не подготви за целосна размена на податоци со земјите од Европската Унија.

Најголем дел од податоците со кои располага Централниот регистар се достапни по електронски пат, преку кориснички посредник или преку веб-сервис преку националната платформа за интероперабилност. Централниот регистар, како одговор на специфичните потреби на институциите, развива веб сервиси, при што системите комуницираат меѓусебно без човечка интервенција. Најчесто, веб сервисите ги алармираат институциите доколку настане некоја промена во податоците во трговскиот регистар.

Согласно стратегијата на Владата за Отворено владино партнерство, ЦРРСМ е задолжен за дел од податоците да бидат отворени за јавноста, на кој начин?

Бошковска-Јанковски: Институциите кои функционираат во рамки на едно општество, треба да бидат мрежа на потребите на граѓаните и можностите за имплементација на  истите. Со пуштањето на продукција на мултијазичниот сервисен портал на Централен регистар, со кој имплементиравме нов сервисен кориснички интуитивен пристап до услугите, покрај последни објави на сите видови уписи, преглед на статус на обработка на предмет, како Статистички билтен, секој посетител на порталот има можност за увид на Основен профил на субјектите, како отворени податоци. Сметаме дека со тој потег се унапредува транспарентноста но, и се подобрува точноста и релевантноста на деловните податоци од кои имаат потреба бизнисите и граѓаните. Во поглед на стратегиите на партнерството за отворена власт направени се и дополнителни чекори како што се поширока и зголемена достапност на информации за граѓанските организации како и отворање на податоците за вистински сопственици на компаниите кои учествуваат во постапки за јавни набавки.

Во делот пак за статистички податоци, имплементирани се контроли со преглед на низа збирни, макроекономски податоци од регистрите кои ги управува ЦРРСМ, систематизирани по региони, регистри и компаративно по години.

Со какви предизвици се соочувате со оглед на тоа што се настојува да се отворат податоците кон јавноста, а од друга страна треба да се има во предвид комплексноста на политиките за заштита на лични податоци и приватноста на физичките лица?

Бошковска-Јанковски: Ова прашање се повеќе станува актуелно и за него се дискутира на ниво на ЕУ. ЦРРСМ е полноправен член на работната група на Европската Асоцијација на Бизнис Регистри (EBRA) која работи на хармонизација на новата предлог директива за Трговско Право и изменетата Директива за користење на јавни податоци (ПСИ Директива). Главен фокус е нивната усогласеност со ГДПР директивата (Директивата за заштита на лични податоци на ЕУ), бидејќи во моментов постои неусогласеноста на двете директиви со ГДПР директивата и колизија на одредбите помеѓу јавниот и приватниот интерес. Иако, веќе ГДПР е комплетно имплементирана во закон во РСМ.За овој проблем нема јасно толкување, ниту насоки од страна на Комисијата.ГДПР како правна рамка го лимитира опсегот на податоци кои може да се споделат како отворени податоци. Постои конфликт помеѓу ГДПР и ПСИ во поглед на отвореноста на податоците. Бизнис регистрите се притиснати помеѓу двете директиви. Оваа дискрепанца мора да се реши на ниво на Европа со балансирање помеѓу приватниот и јавниот интерес при објава на податоците.

Централен регистар, иако Република Северна Македонија не е полноправна членка на ЕУ, е препознаен како институција со висок степен на усогласеност со ЕУ Директивите, за што признание е и номинацијата за учество во директниот дијалог со Европската Комисија при дефинирањето на идната директива за Трговско Право, во рамките на ЕБРА. Во таа насока, Централен регистар ќе го следи курсот на донесените одлуки и пракси на ниво на Европа усогласени со Европската Комисија и ќе делува на иста линија со останатите европски бизнис регистри, почитувајќи го секако и мислењето и одлуките на Владата.

Во 2021 година Централен регистар се закити со две престижни меѓународни награди/признанија. За кои проекти сте наградени?

Бошковска-Јанковски: Реализираните проекти и континуираниот развој кој е од стратешко значење за оваа институција, добија и меѓународни признанија, преку кои Централен регистар е институција, одликувана со најпрестижните награди и тоа:

-  прва Награда за иновации (извонредност) од страна на Светскиот форум на корпоративни регистри CorporateRegistersForum (CRF). Наградата ја добивме за проектот Заедничка платформа за отпочнување на бизнис. Токму за овој проект Централен регистар е избран за добитник на највисоката награда за иновации која ја доделува Светскиот форум на корпоративни регистри. Можност за пријавување имаа сите држави ширум светот, а наградата има за цел да го промовира и стимулира духот на континуирано подобрување и развој на регистрите ширум светот.

-  Втората награда ја добивме од Управниот одбор на IACA (International AssociationforCommercialAdministrators) кој го награди Централниот регистар со престижната награда MeritAward за проектот - Воспоставување на Национален Регистар на вистински сопственици. Наградата ја добивме со исполнување на критериумите за ефективност, оригиналност, значење и стекнато искуство. Беа оценувани сите клучни аспекти на проектот, поради што беше одликуван со оваа престижна награда. 

Ме радува фактот што јавноста веќе го препознава Централен регистар како една од водечките институции во регионот, а и пошироко, токму поради фактот што фокусот на сите развојни чекори кои се преземаат се граѓаните, потребите на бизнис заедницата и олеснувањето на процедурите за отпочнување на бизнис. Препознавајќи ја ваквата наша определба, мене како директор на Централен регистар по втор пат ми е укажана честа да бидам избрана за член на Извршниот одбор на Светскиот форум на корпоративни регистри и да учествувам во креирањето на политиките за развој на регистрите ширум светот.

По одржувањето на Светскиот форум на бизнис регистри во Скопје и Охрид во 2019 година, Централниот регистар го позициониравме меѓу првите 5 најуспешни институции од областа на својата дејност, што е од фундаментално значење за иднината на оваа институција и меѓународните проекти кои ги започнавме како резултат на Меморандумите за соработка.

Централен регистар на Република Северна Македонија го чека светла иднина, ова е веќе стабилна институција која претставува пример на многу организации ширум светот.

Во февруари сте реизбрани за уште еден мандат на функцијата директор на Централен регистар. Што можеме да очекуваме во периодот што следи кога е во прашање развојот на тековни и идни проекти или понатамошна дигитализација на процесите кои се под директна одговорност на Централниот регистар?

Бошковска-Јанковски: Имаме навистина бројни и амбициозни планови за иднина и се надевам дека ќе успееме да ги реализираме сите. Во периодот пред нас, продолжуваме со интензивна работа на понатамошна дигитализација. Во фокус на Централниот Регистар секогаш е подобрувањето на деловната клима и потребите задоволството на нашите корисници.

Па така, следува надградба на Едношалтерскиот систем со дополнителни сервиси со Царинската Управа и Управата за Јавни Приходи во функција на олеснување на прибирањето на потврди при влез во бизнисот во државата по електронски пат - автоматско добивање на податоци/документи за платени даноци, придонеси и царински давачки. Надградбата на Едношалтерскиот систем ќе ги прошири електронските услуги кои се нудат на едношалтерски принцип, ќе ги забрза и поедностави процесите на поднесување на пријави за упис, ќе придонесе во повисок квалитет на податоците кои се евидентираат во Трговскиот регистар и регистарот на други правни лица и ќе овозможи усогласување со законската регулатива.

Исто така се прави технолошка надградба на дистрибутивниот систем, кој ќе овозможи развивање на цела нова палета на електронски услуги кои би се пласирале преку дистрибутивниот систем и системот за електронски потврди. Тоа ќе овозможи побрз и поедноставен пристап до релевантни правни и финансиски податоци за бизнис заедницата, односно ќе придонесе кон подобра информираност, а со тоа и можност за носење на поквалитетни одлуки, како и побрзи административни услуги.

Посебно би сакала да го истакнам и проектот за активирање на банкарската сметка при иницијална регистрација на правно лице. Тоа е проект кој веќе подолго време го усогласуваме со Македонската Банкарска Асоцијација, Кибс, Народна Банка и Управата за финансиско разузнавање. Со новите законските решенија за платен промет и перење пари, клиентите не се повеќе обврзани деловниот однос со банките да го остварат со физичко присуство. Од таа причина се разгледа можноста, покрај веќе овозможената услуга за резервација на сметка при регистрација на правен субјект, подносителите користејќи алатки за дигитални идентификација - да можат да ја активираат својата деловна сметка во банката по избор преку Едношалтерскиот систем. 

Инициравме и проект за Централизирана платформа за евидентирање на издадени лиценци и дозволи со нивната важност, истекот, условите под кои се издава лиценцата/дозволата, како и секоја последователна измена на истата - одземање, продолжување и сл. – информации кои би се интегрирале во Тековната состојба на правните лица, со што би се зголемила транспарентноста на процесот на издавање и одржување на лиценци и дозволи но, и би се збогатиле информациите по однос на самите правни лица и нивните потенцијални деловни партнери.

За крај, би сакала да го споменам и предлог проектот за модернизација на регистрите за залог и лизинг и нивно подведување под режимот на обезбедени трансакции, преку кој би се олеснил пристапот до кредитирање на малите и средни претпријатија, кои се и најпогодени од пандемијата.  Со овој проект под единствен режим треба да се обединат постојните регистри за залог, лизинг, фидуција и продажба со задржување на правото на сопственост но, и поедноставување на постапката за пристап до кредитирање. Ова е повеќегодишен проект што ќе значи возобнова на најстариот регистар кој се води во застарено технолошко решение и обединување на повеќе системски решенија што поддржуваат евидентирање на побарувања од доменот обезбедени трансакции.

Исто така, продолжуваме да го одржуваме високото ниво на безбедност на податоци кој е наш императив особено значајно заради сигурноста на базите на податоци со кои располагаме и сигурност на воспоставениот информациски систем во целост во наш интерес и во интерес на државата.

Можеби ќе ве интересира

СТРИМИНГ ГИГАНТОТ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: наспроти забраната за делење лозинка - голем раст на профитот и претплатниците

СТРИМИНГ ГИГАНТОТ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: наспроти забраната за делење лозинка - голем раст на профитот и претплатниците

Марко Бислимовски останува вонреден претседавач на Бордот на регулатори на Енергетската Заедница

Марко Бислимовски останува вонреден претседавач на Бордот на регулатори на Енергетската Заедница

ЕСКАЛАЦИЈАТА И ТЕНЗИИТЕ НА БЛИСКИОТ ИСТОК ЈА КАЧИЈА ЦЕНАТА НА НАФТАТА: Еве како да тргувате со црно злато

ЕСКАЛАЦИЈАТА И ТЕНЗИИТЕ НА БЛИСКИОТ ИСТОК ЈА КАЧИЈА ЦЕНАТА НА НАФТАТА: Еве како да тргувате со црно злато

„АЛКАЛОИД“ СЀ ПОБЛИСКУ ДО ЕВРОПА: Компанијата регистрираше ново друштво во Хрватска, осми по ред правен субјект основан во земја членка на ЕУ

„АЛКАЛОИД“ СЀ ПОБЛИСКУ ДО ЕВРОПА: Компанијата регистрираше ново друштво во Хрватска, осми по ред правен субјект основан во земја членка на ЕУ

„НАЈСРЕЌЕН СУМ КОГА ГО СОБИРАМ СЕМЕЈСТВОТО И ОДИМЕ ДА ПАКУВАМЕ МЛЕЧНИ ПРОИЗВОДИ“ - познатиот бизнисмен Дабевски ексклузивно за „Бизнис муабети“ на Фактор

„НАЈСРЕЌЕН СУМ КОГА ГО СОБИРАМ СЕМЕЈСТВОТО И ОДИМЕ ДА ПАКУВАМЕ МЛЕЧНИ ПРОИЗВОДИ“ - познатиот бизнисмен Дабевски ексклузивно за „Бизнис муабети“ на Фактор

ЗА ПОМАЛКУ ОД 2 МЕСЕЦИ: Кој директор на државна фирма успеа да потроши 35 милиони евра?

ЗА ПОМАЛКУ ОД 2 МЕСЕЦИ: Кој директор на државна фирма успеа да потроши 35 милиони евра?

ЗА ПЛОЧКАР, МОЛЕР, ФАСАДЕР МОЖЕ ДА СЕ СЛУЧИ ДА ЧЕКАТЕ СО МЕСЕЦИ: Дали се ова „златни времиња“ за занаетчиите?

ЗА ПЛОЧКАР, МОЛЕР, ФАСАДЕР МОЖЕ ДА СЕ СЛУЧИ ДА ЧЕКАТЕ СО МЕСЕЦИ: Дали се ова „златни времиња“ за занаетчиите?

„ДЕБАРСКИ БАЊИ-ЦАПА“ НАЈАВУВА ИНВЕСТИЦИИ ЗА ГОДИНАВА ОД 163 ИЛЈАДИ ЕВРА - и дивиденда за акционерите, сепак, ќе има

„ДЕБАРСКИ БАЊИ-ЦАПА“ НАЈАВУВА ИНВЕСТИЦИИ ЗА ГОДИНАВА ОД 163 ИЛЈАДИ ЕВРА - и дивиденда за акционерите, сепак, ќе има

Финансиските инспектори лани биле страв и трепет за функционерите

Финансиските инспектори лани биле страв и трепет за функционерите