06 Февруари, 2023
0.0310

ИНТЕРВЈУ ЧЕРЕПНАЛКОСКИ ОД ЕДС: Дури и војната да заврши набргу и цената на струјата да се стабилизира, не очекувам да се спушти под 100 евра за мегаватчас

Објавено во: Економија, Интервјуа 04 Ноември, 2022

Добивај вести на Viber

Енергетската криза како никогаш досега ја потресе Европа, но и македонската економија и компании. Цените на струјата за фирмите растеа преку ноќ, некои снабдувачи откажуваа договори, а дел од претпријатијата беа принудени да стават и клуч на врата. За тоа какви движења на цените на струјата можат да се очекуваат за наредниот период, дали најлошото помина, или, пак, ни следуваат уште пострашни предизвици, разговараме со еден од најдобрите познавачи на оваа проблематика во земјава, Златко Черепналкоски, извршен директор за продажба и маркетинг во компанијата ЕДС. За ова интервју, повод, меѓу другото, е и одбележувањето на 10 годишниот јубилеј од работењето на ЕДС на македонскиот пазар. За Фактор, тој открива и како компанијата ги надминува проблемите со јавните претпријатија кои не ги плаќаат своите обврски за потрошената струја, но и како ќе влијае ставањето на училиштата на регулираниот пазар. Черепналковски со нас спподели и неколку ексклузивни информации, а тие се очекувањата од тендерот за ХЕЦ Чебрен, на кој се пријави грчката компанија PPC, која е нивни сопственик, но и каков квалитет ќе донесе обезбедената лиценца на ЕДС за трговија со природен гас... Прочитајте.

Компанијата со која раководите, Енерџиделиверисолушнс (ЕДС) постои веќе десет години на македонскиот пазар. Oд пред неколку години е купена од грчката ППЦ. Како работи компанијата со новиот сопственик и можете ли да ни кажете колкаво е во моментов Вашето учество на македонскиот пазар?

Черепналкоски: ЕДС бележи тенденција на константен пораст на својот пазарен удел на македонскиот пазар на електрична енергија. Поради наглиот пораст на цените на електричната енергија во втората половина од 2021 година, ЕДС доживеа и нагло зголемување на своето портфолио поради трендот помали снабдувачи да ги раскинуваат договорите за снабдување со своите клиенти. Очекувам ЕДС да ја заврши 2022 година со пазарен удел од над 30 отсто од слободниот сегмент на пазарот.

ПРАВИМЕ СЕ ЗА ДА ИМ ИЗЛЕЗЕМЕ ВО ПРЕСРЕТ НА ЈП ЗА НИВНИТЕ ДОЛГОВИ, НО БАРЕМ ДА ПОКАЖАТ ВОЉА ЗА РЕШАВАЊЕ НА ПРОБЛЕМОТ

Како снабдувач на пазарот се соочувате со сериозни проблеми при наплатата на долговите, главно од јавните претпријатија, за што компанијата и јавно проговори за случајот со Водовод. Како Ви се одразуваат тие проблеми врз работењето и како ги решавате?

Черепналкоски: И покрај фактот што акумулацијата на нефункционални побарувања, посебно во сегментот на јавните институции, може да предизвика опасност за целата балансна група на еден снабдувач, ЕДС сепак не дозволува проблематичните побарувања да наметнат ликвидносен проблем од толкави размери. Долгот од јавните претпријатија претставува сериозна сума и ги зголемува финансиските трошоци на ЕДС, но ЕДС има доволна финансиска моќ која му обезбедува еластицитет во заштита на балансната група – да ги заштити сите останати клиенти кои редовно ги подмируваат своите обврски.

Во справувањето со овие проблеми, ЕДС секогаш тежнее да обезбеди соработка со јавните институции и бараме начин да им излеземе пресрет, но секогаш инсистирајќи на взаемна почит. Сакаме да видиме дека јавното претпријатие се обидува да предложи решение зад кое цврсто ќе застане, сакаме да видиме дека јавното претпријатие се обидува максимално да ги исцрпи сите можности во нивна моќ да ги сервисира обврските.

Комуналните претпријатија чија дејност претставува основна животна потреба на граѓаните, дури имаат и законска обврска да обезбедат инструмент за наплата на нивните обврски во полза на снабдувачот (како на пример банкарска гаранција) согласно членот 44 од Правилата за снабдување со електрична енергија. Но, праксата на нашиот пазар е оваа обврска да не се почитува ниту од самото комунално претпријатие ниту од нивниот основач, што за нив но и за граѓаните кои овие претпријатија ги опслужуваат, претставува опасност тие да бидат исклучени од мрежата и да не можат нормално да функционираат. ЕДС вложува крајни напори да се воздржи од посегање кон законски предвидените инструменти за наплата и да не ги стави граѓаните во состојба да не можат да ги уживаат неопходните услуги на комуналните претпријатија. Но, верувајте, одговорноста во овие случаи е секогаш на товар на јавните претпријатија.

Конечно, доколку ЕДС не гледа надеж за взаемно прифатливо решение, на законски определен начин може да го раскине договорот за снабдување за да не дозволи долговите да растат понатаму.

Високата цена на струјата ја тресе Европа, а земјава уште повеќе, а главниот удар го почуствува македонското стопанство кое купува на слободниот пазар. Колку изнесува цената во овој период, и можете ли да ни дадете некое Ваше лично предвидување, кога да очекуваме намалување и до кои нивоа би се стабилизирала?

Черепналкоски: Македонското стопанство навистина доживеа финансиски удар на начин без преседан во историјата на енергетиката. Светот бил сведок кога сировата нафта се користела како инструмент за политичко влијание и покрај тоа што поскапувањето на барелот сирова нафта генерално го следело економскиот бум на западниот свет па со тоа и зголемената побарувачка на нафта. Но сепак, историски гледано барелот сирова нафта е поскапен четири до 4,5 пати во период од 70 години, додека цената на природниот гас и електричната енергија во Европа истото покачување го доживеаја за помалку од една година. Повеќе од јасно е дека овој ценовен тренд се должи исклучиво на безбедносните ризици во источна Европа.

Од крајот на август 2022 се бележи константен тренд на намалување на берзанските цени на електричната енергија. Август досега беше историски најскапиот месец во однос на електричната енергија, која на месечно просечно ниво изнесуваше 495 EUR/MWh. Вреди да се каже дека сличен тренд на намалување на цените имаше и во втората половина на март 2022, но тој тренд во текот на летните месеци премина во тренд на пораст и се случи август. Ова е само еден од безбројните докази дека цените на берзанските производи е најнеблагодарно да се прогнозираат.

Во последната седмица од октомври, цените на Унгарската спот берза се движат на ниво од 150 EUR/MWh на просечно дневно ниво. Просечната цена за октомври е нешто под 194 EUR/MWh, а дневната цена за први ноември 2022 е веќе 130 EUR/MWh.

Официјалната статистика од ЕУ покажува дека заклучно со 31 октомври 2022 година, стратешките и задолжителни резерви од природен гас во земјите членки на унијата се на ниво од 90, што претставува 15 отсто зголемување во однос на истиот период минатата годниа. Овој податок оди во прилог на предвидувањата на Голдман Сакс банката објавени во лондонски Гардијан на почетокот од септември, дека е можно сценарио во кое цената на природниот гас во Европа би можела да падне на половина од цената која беше актуелна на почетокот на септември. Доволните количини во задолжителните резерви во комбинација со програмата за штедење природен гас би обезбедиле доволни количини во текот на грејната сезона. Доколку се оствари прогнозата за 50 отсто намалување на цената на природниот гас, тоа само ќе покаже дека трендот на берзанските цени не зависи единствено од сувопарниот биланс помеѓу понудата и побарувачката, туку дека огромно влијание врз цените игра и перцепцијата на трговците во однос на ризиците од недостиг на енергија.

Конечно, дури и најоптимистичките очекувања дека воените дејства во Украина би завршиле набргу и би се случила стабилизација на енергенсите, не очекувајте цените да се стабилизираат на нивото од пред кризата. Пред оваа сигурносна криза, светот претрпе и здравствена криза во текот на која цената на електричната енергија падна и до 19 EUR/MWh. Новото нормално не очекувам да биде под 100 EUR/MWh – магична цена за која во минатите неколку години се сметаше дека е непријатно висока.

Дали бевте принудени, како снабдувач, поради високите цени на берзите, да им ги откажете договорите на некои од компаниите со кои соработувате?

Черепналкоски: Не. Ниту еден договор не беше раскинат поради високите цени. ЕДС има долга историја и искуство во берзанското работење. ЕДС беше првата компанија која на своите клиенти на пазарот на мало почна да им нуди т.н. индексирани цени (цени врзани за HUPX индексот) уште од крајот на 2021 година. Како што веќе објавивме и претходно, ЕДС воведе и понуди во претплата со цел клиентите да имаат можност да одберат пакети со пониски цени доколку учествуваат во финансирањето на набавката на енергија – особено ако одберат годишна претплата со што би ги уживале најниските цени на пазарот.

Се покажа како исправна политиката на нудење енергија по индексирани цени бидејќи по месец август, кој како изолиран случај беше навистина поскап од останатите месеци, сега се случува период на релативно релаксирани цени, па нашите клиенти очекуваме да го плаќаат потрошениот мегаватчас по цена под 200 евра.

Дали можеме да кажеме дека најтешкото помина, дотолку повеќе што и цената на гасот значително се намали откако европските држави ги наполнија сопствените резерви, или цената на струјата и натаму ќе и создава главоболки на Европа и на земјава?

Черепналкоски: Секогаш можеме да се прашаме дали е можно да има потешко и од најтешкото кое досега го искусивме. Теоретски сé е можно. Но, секоја ваква криза во себе има вграден природен механизам кој би ја ограничил т.н. ценовна агонија. Имено, цените на енергијата нема да можат да растат во недоглед, од проста причина што во даден момент кога индустриите ќе ги исцрпат финансиските резерви кои се спремни да ги потрошат за да санираат акутен проблем, ќе почнат да ги затвораат погоните и да го стопираат производството со што побарувачката на енергија ќе опадне а со тоа и растот на цените ќе се ограничи. Според тоа, прашањето може да се парафразира во „ќе се нормализираат ли цените пред да се претрпи поголема економска штета“?

Стопанствениците знаат многу добро колкава штета се предизвикува со привремено запирање на производствените процеси, расте несигурноста и нервозата кај вработените кои треба привремено да ги напуштат работните места, се раскинуваат договори со добавувачи кои потоа потешко или по полоши услови се обновуваат итн.
Одново, неблагодарно е и скоро невозможно да се каже дали најтешкото е зад нас. Но, доколку Европа во текот на оваа грејна сезона успее да покаже дека се обезбедила со доволни количини на природен гас и потрошувачите успеат да се придржуваат до предложените мерки за заштеда на гасот дури и по цена да се откажат до извесна мера од својот комфор на кој Европа е навикната, тогаш сметам дека без разлика дали кризата ќе трае до крај на грејната сезона или би спласнала порано, Европа ќе покаже способност да се справи со овој тип на политички/безбедносни предизвици. Таквиот посакуван исход од своја страна ќе значи зголемена доверба во енергетските пазари и избегнување на волатилност на цените на енергенсите каква што гледаме сега.

СЕ НАДЕВАМ ДЕКА И ФИРМИТЕ КОИ ЌЕ ДОБИЈАТ ПОНИСКА ЦЕНА НА СТРУЈАТА, ЌЕ ГИ НАМАЛАТ ЦЕНИТЕ НА НИВНИТЕ ПРОИЗВОДИ

Како ги коментирате владините одлуки според кои околу 150 компании производители на масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, како и на јајца, ќе имаат фиксна цена на струјата од 100 евра за мегават час или двојно пониска од онаа на пазарот, но и фактот што основните и средните училишта на територијата на цела држава ќе бидат на регулиран пазар, а сите јавни здравствени установи ќе бидат обезбедени со електрична енергија преку ЕСМ продажба по поповолна цена од берзанската? Дали, според Вас, тоа се издржани владини одлуки?

Черепналкоски: Во врска со одлуките на Владата за обезбедување поевтина електрична енергија за јавните здравствени установи како и за производителите на основни прехранбени производи и префрлањето на обврската за снабдување на основните училишта и гимназиите врз универзалниот снабдувач, зборуваме за два ефекта.

Едниот ефект е одземање на дел од портфолиото од комерцијалните снабдувачи. Во името на ЕДС можам да кажам дека ние не гледаме на овој ефект како на проблем. Точно е дека во нашите деловни планови оваа продажба ќе биде загубена, но исто така е точно дека со преземањето на овие потрошувачи (особено во сегментот на јавните институции) државата во извесна мера го елиминира нашиот ризик да ни се зголемуваат ризичните побарувања. Конечно, сите разбираме дека наведените јавни и приватни претпријатија се со таква дејност што нивното изложување кон зголемени трошоци за енергија го отежнува животот на сите граѓани.

Вториот ефект е зголемениот товар врз буџетот на државата. И преземањето на обврската за снабдување од страна на универзалниот снабдувач (ЕВН Хоме), и пренесувањето на обврската за снабдување кон ЕСМ Продажба ќе значи дополнителен притисок врз регулираните цени за домаќинствата и малите потрошувачи, но ќе значи и дополнителни финансиски загуби за ЕСМ АД. Согласен сум со ставот на РКЕ дека преземањето на обврските во поголема мера од страна на ЕСМ Продажба е финансиски пооправдано отколку товарот да се прелее на регулираниот пазар.

Во секој случај, во вакви времиња, одлука која во основа е непопуларна е секако храбра одлука. Се надевам дека во контекст на ваквата одлука, и самите приватни компании кои ќе бидат предмет на ова најавено олеснување, симетрично ќе постапат и ќе ги нивелираат цените на основните прехранбени производи кон нивните реални трошоци за енергија.

Како сето ова ќе се одрази на Вашиот бизнис, и воопшто како се одвива работењето на компанијата во вакви услови?

Черепналкоски: Намалувањето на продажното портфолио не е секогаш негативен деловен развој. Во ситуација кога берзанските цени по кои ЕДС ја набавува потребната количина енергија за своите клиенти секој ден, и тоа два месеца пред истата количината од првиот месец да биде платена, се на ниво невидено досега, намалувањето на портфолиото ви дава поголем простор за ликвидносна еластичност. Дополнително, пак, кога намалената продажба се случува токму во најризичниот сегмент од клиентите, тогаш всушност зборуваме за извесна релаксација на ризиците за стабилно снабдување на остатокот од балансната група.

Каков удар е скапата струја за македонското стопанство, ќе успеат ли фирмите да излезат без поголеми последици од кризава?

Черепналкоски: Оваа криза, страшна по својата природа, се случи во најтежок можен момент за македонското стопанство. Само што почна да се гледа какво-такво опоравување од пандемијата Ковид-19, се случи ценовен шок за целиот спектар дејности – дури и транспортниот сектор кој нема голема потрошувачка на електрична енергија или природен гас беше засегнат поради порастот на цените на нафтените деривати.

Што се однесува до ефектот кој врз македонското стопанство го предизвикува оваа криза, нема потрошувач кој ќе остане без последици. Секој сегмент од стопанството трпи последици. Дури и ако некоја фирма нема изразита потрошувачка на електрична енергија, секако ќе се соочи со поскапени услуги и сервиси од други нивни добавувачи чии цени се зголемени како последица на финансиско-енергетската криза.

Најголем предизвик на македонските производители ќе биде зачувување на тешко стекнатата конкурентност на странските пазари и нивното ре-позиционирање на тие пазари во новото опкружување. И овој предизвик би рекол ќе биде привилегија за оние кои ќе ја пребродат кризата, бидејќи, за жал, очекувам производители чие учество на електричната енергија во финалниот производ е значително, да се соочат со поегзистенционални проблеми отколку ре-позиционирање на пазарите.

АКО PPC СТАНЕ КОНЦЕСИОНЕР НА ХЕЦ ЧЕБРЕН, МАКЕДОНИЈА ЌЕ ДОБИЕ НАЈГОЛЕМА СТРАНСКА ИНВЕСТИЦИЈА И КАПАЦИТЕТ СО СНАГА ОД 333 MW

Би можеле ли да ни кажете со колкав финансиски резултат ќе ја завршите годинава и дали ќе преминете во зоната на профитабилното работење?

Черепналкоски: ЕДС веќе од јули оваа година бележи високи позитивни резултати. Од причина што две фирми, наши примарни добавувачи, не успеаја да му одолеат на волатилниот пазар при крајот на 2021 година, во првата половина од 2022 ЕДС имаше контролирана загуба. Очекуваме со висок степен сигурност 2023 година да биде досега најдобрата година на ЕДС.

Грчката национална компанија PPC SA, чиј дел е и ЕДС, е единствениот понудувач за изградба на хидроцентралата „Чебрен“. Какви се очекувањата за овој голем енергетски проект?

Черепналкоски: Се надевам дека тендерската постапка за доделување на концесијата за изградба на ХЕЦ Чебрен ќе заврши во предвидениот рок и ќе резултира со избор на PPC SA како концесионер. Таквиот исход ќе значи максимална извесност дека еден стратешки објект на Црна река конечно ќе се реализира, и реализацијата ќе биде обезбедена од енергетски гигант каква што е PPC. Се разбира концесионерството ќе биде остварено како приватно-јавно партнерство во кое државната ЕСМ АД ќе биде партнер наспроти вклучувањето на ХЕЦ Тиквеш како средство во заедничката компанија откако ХЕЦ Чебрен ќе започне со работа.
Изградбата на ХЕ Чебрен како и браната Орлов Камен (во зависност од избраната опција), за Македонија ќе значи повеќегодишен градежен зафат во кој ќе бидат вклучени огромен број градежни и други услужни и логистички компании. Проценетата вредност од околу 550 милиони евра секако ќе биде надмината бидејќи проценката на капиталната инвестиција е направена пред пандемијата а од тогаш на глобално ниво цените на транспортот, материјалите и енергијата се значително зголемени. Но, Македонија ќе добие нова огромна (веројатно најголема досега) странска инвестиција, а резултатот ќе биде хидро енергетски капацитет со инсталирана снага од 333 MW, со проектирано производство од 850 милијарди kWh годишно и со акумулација од скоро една милијарда кубни метри вода од која 80 – 100 отсто би претставувала годишна регулација согласно просечната хидрологија на Црна река.

Вакви стратешки капацитети се планираат и се градат во подолг временски период, и затоа е многу важно Македонија да не губи време при реализација наостанатите стратешки објекти, како што е гасоводното поврзување со Грција и други идентификувани инвестиции во енергетиката.

Во енергетиката ништо не се случува одеднаш, ниту проблемите ниту пак решенијата.Токму оваа криза која се случува во години кога АД ЕСМ има проблем да ги ангажира производните капацитети на максимум снага, покажа колку е важно стратешките решенија грижливо да се реализираат чекор по чекор без губење време и без водење меѓупартиска политика.

Какви се Вашите предвидувања за македонскиот енергетски пазар за наредниот период, но и какви се деловните планови на компанијата?

Черепналкоски: Во Македонија полека но сигурно се исцрпуваат домашните резерви на лигнит кои економично можат да се ескплоатираат. Со тоа, одржувањето во оперативен живот на ТЕЦ Битола зависи од физибилноста на транспорт на лигнит со слични карактеристики од северна Грција или од Косово. Без разлика дали би се обезбедил транспорт на начин кој нема премногу да го поскапи увезениот лигнит како основно гориво, факт е дека Европскиот континент води политика на затворање на електричните централи кои користат цврсти фосилни горива.

Сегашната криза може за една или две години да ја одложи примената на таквата политика, но таа политика нема да се смени – тоа е јасно. Најмалку во земјите на Европската унија за една до еднаипол деценија, ќе нема производство на електрична енергија од централи кои користат цврсто фосилно гориво освен централи со CCS технологија – тоа е технологија на целосно зафаќање на стакленичките гасови од согореното цврсто фосилно гориво и нивно контролирано искористување и/или подземно складирање. Но оваа технологија е скапа па единствено најбогатите економии можат да си ја дозволат како форма на диверзификација на производните капацитети.

Според тоа, Македонија исто така ќе биде исправена пред одлуката цврстото фосилно гориво да се замени со друго гориво – најверојатно со природниот гас. Се разбира Македонија не мора да брза со таа промена, но таа мора да почне да се планира и реализира веднаш. Со воведувањето на гасната технологија во РЕК Битола и ТЕЦ Неготино може да се зачува со децении граденото работно искуство на стручниот персонал во овие централи.

Во таа смисла ЕДС АД веќе обезбеди лиценца за трговија со природен гас. Плановите на ЕДС вклучуваат позиционирање на пазарот за природен гас не само во Македонија туку и во регионот, како и обезбедување оперативна контрола врз поголеми извори на електрична енергија во и вон Македонија со цел менаџирање на поголемо производно и продажно портфолио кои со обемот стануваат поекономични, а нашата услуга поконкурентна.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

КОЈ СЕ ЌЕ ДОБИЕ ПАРИ ЗА СПРАВУВАЊЕ СО ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА - проверете дали ве има на листата

КОЈ СЕ ЌЕ ДОБИЕ ПАРИ ЗА СПРАВУВАЊЕ СО ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА - проверете дали ве има на листата

НАФТАТА НА НАЈНИСКО НИВО ВО ПОСЛЕДНИТЕ ТРИ НЕДЕЛИ - Цената падна за речиси 8 отсто

НАФТАТА НА НАЈНИСКО НИВО ВО ПОСЛЕДНИТЕ ТРИ НЕДЕЛИ - Цената падна за речиси 8 отсто

ШЕСТ ФИРМИ ЈА САКААТ КУЛАТА ГЕНЕКС - денеска конечна одлука, цената падна од 17 на 7 милиони евра

ШЕСТ ФИРМИ ЈА САКААТ КУЛАТА ГЕНЕКС - денеска конечна одлука, цената падна од 17 на 7 милиони евра

Лабораторијата на Кунгуловски излегува од „Жан Митрев“, но соработката продолжува

Лабораторијата на Кунгуловски излегува од „Жан Митрев“, но соработката продолжува

РОМАНЦИТЕ И БУГАРИТЕ НАЈМНОГУ ТРОШАТ НА ХРАНА - колкави се нашите трошоци и кој троши најмалку во ЕУ на основни потреби?

РОМАНЦИТЕ И БУГАРИТЕ НАЈМНОГУ ТРОШАТ НА ХРАНА - колкави се нашите трошоци и кој троши најмалку во ЕУ на основни потреби?

КАКО ИМ УСПЕА ДА УКРАДАТ 1,7 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ ВО КРИПТОВАЛУТИ: Лидери се, во светот им нема рамен

КАКО ИМ УСПЕА ДА УКРАДАТ 1,7 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ ВО КРИПТОВАЛУТИ: Лидери се, во светот им нема рамен

ШВАЈЦАРСКИОТ ГИГАНТ ГИ КРЕВА ЦЕНИТЕ: Слатките задоволства поскапо ќе ги купуваме

ШВАЈЦАРСКИОТ ГИГАНТ ГИ КРЕВА ЦЕНИТЕ: Слатките задоволства поскапо ќе ги купуваме

НЕДЕЛЕН БУЏЕТ ЗА ХРАНА ОД 1 МИЛИОН ДОЛАРИ, на најголемиот крузер на светот се прават повеќе од 30.000 оброци дневно

НЕДЕЛЕН БУЏЕТ ЗА ХРАНА ОД 1 МИЛИОН ДОЛАРИ, на најголемиот крузер на светот се прават повеќе од 30.000 оброци дневно

СТОПАНСКАТА КОМОРА Е ГОРДА НА ГОЦЕ КАМЧЕВ, РЕГИОНАЛНИОТ БИЗНИС ЛИДЕР

СТОПАНСКАТА КОМОРА Е ГОРДА НА ГОЦЕ КАМЧЕВ, РЕГИОНАЛНИОТ БИЗНИС ЛИДЕР