ИНТЕРВЈУ ДЕСПОТОВСКИ: Гасната централа ќе донесе пониски сметки за струја, а парното ќе поевтини и до 40 отсто, државната помош е многу помала од бенефитите
Објавено во: Економија 16 Февруари, 2024
Голема бура во јавноста крена најавата за доделување на статус на стратешки инвеститор на грчки Митилинеос, кој во земјава ќе гради гасна централа, но за тоа ќе добие значајно државно субвенционирање. Стручната јавност даде забелешки дека станува збор за давање преголеми повластици и дека можеби било подобро земјава сама да ја гради централата. За сите овие дилеми Фактор разговараше со Јован Деспотовски, првиот човек на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони. Тој е дециден дека со овој договор нема да им се наштети на интересите на државата, туку напротив, како што вели, граѓаните ќе добијат пониски сметки за струја, како и за парно, и тоа за дури 40 проценти, а скопјани конечно ќе почнат да дишат почист воздух. Деспотовски открива дека на договорот се работело повеќе од две години, а биле вклучени најмалку десетина државни институции, и најмалку стотина стручњаци дале свое мислење. Вели дека државната помош што ќе се даде на Митилинеос се практикува и во други европски држави, и целосно е во согласност со законите, а е значајно помала од онаа што им се одобрува и на други странски инвеститори во земјава. За нас дополнителна заштита ќе биде и фактот што последен филтер за овој договор ќе биде мислењето на Енергетската заедница, чии забелешки ќе се вградат во конечната верзија. За противниците на цената на изградба која е предвидена за централата има одговор дека сегашните услови после ковид пандемијата и војната во Украина се далеку поразлични, а тоа го поткрепува и со примери. Во интервјуто Деспотовски обзнанува и зошто земјава не се одлучила сама да ја гради централата, а тврди и дека од оваа инвестиција бенефит ќе има и буџетот на државата во идните години.
Господине Деспотовски, најновата информација е дека министерот за економија Крешник Бектеши бара на владина седница да се повлече предлог законот за стратешки инвеститор за централата на грчки Митилинеос, и преговорите да почнат одново, а како причина за тоа го наведува фактот што компанијата добивала премногу бенефиции, односно неколку видови државна помош, нешто што го немало во ниту една држава. Вицепремиерот Битиќи, пак, не гледа ништо спорно во договорот. Како ова го коментирате, зошто се случи вакво разногласие во владиниот врв во врска со ова стратешки важно прашање?
Деспотовски:Договорот со „Митилинеос“ не се подготви преку ноќ. Се работи за сеопфатен процес кој почна пред повеќе од три година со јавен повик отворен подеднакво и за домашни и за странски субјекти.Во процесот на разговори којшто траеше повеќе од две години, беа вклучени повеќе од десетина државни институции. И сите имаа можност и дадоа свој придонес во креирање на Законот договорот за стратешки инвестиции. Дополнително овие проекти се разгледувале и на Енергетскиот совет на Владата со кој претседава премиерот. Зборуваме за најмалку стотина луѓе кои во различни фази од процесот ги имаат анализирано и дадено свое мислење за овие документи. Знаејќи го тоа никако не може да стане збор за проекти, односно инвестиции кои се договарале во четири очи. Дополнително, суштината на Законот за стратешки инвестиции предвидува и расправа во Собранието што само говори дека за вакви проекти целта на Владата била да се обезбеди и придонес од пошироката јавност и сите политички структури застапени во Собранието. Впрочем целта на проектите за обезбедување на долгорочна енергетска независност за граѓаните и државата го оправдува ваквиот широк пристап.
Во однос на вашето прашање ќе кажам дека лично многу ги почитувам и имам одлична соработка и со министерот за економија Бектеши и со вицепремиерот Битиќи. И сакам да верувам дека нема лоша намера од било која страна. И како Влада и како политички партии покажавме дека не бегаме од отворена дискусија, иако не секогаш отворањето на прашања во јавноста наместо во Владата и институциите остава позитивен впечаток кај истата таа јавност. На крајот очекувам дека токму значењето на овој проект за сите сегашни и идни генерации граѓани ќе преовладее кај сите страни.
Во однос на прашањата што се отворија во јавноста ќе бидам многу прецизен. Вакви модели на поддршка на инвестиции во енергетиката се веќе пракса во многу држави во ЕУ. Во самата фаза на разговорите користевме искуства од програми и проекти во земјите членки, а за кои позитивно мислење дала Европската комисија. И не случајно во едно мое претходно излагање споменав дека и по донесувањето на Законот, кога ќе почнеме со подготовка на Договорот за државна помош, Владата па дури и ние како институција ќе се обратиме до Енергетската заедница во Виена за да обезбедиме исто такво мислење.
Во однос на поволностите што се даваат конкретно за проектот на Митилинеос, само ќе кажам дека единствен елемент на државна поддршка се финансиските средства што ги доделуваме во период од пет години и се условени со реализација на инвестицијата. Овие финансиски средства се помалку од една петтина од целокупната инвестиција и се значително под максимумот за вакви проекти утврден со европската и домашната регулатива, и 50 отсто помалку од бенефициите кои ги уживаат странските инвеститори во државата во изминативе 20 години.
Според информациите, Комисијата за заштита на конкуренцијата до Владата доставила негативно мислење за предлог Законот и за предлог договорот со Митилинеос во врска со доделувањето на државната помош, а има информации и дека таа добила две верзии на предлог договорите. Од Комисијата бараат како институција да бидат изоставени, односно избришани од текстот на членот 38 од предложениот договор, според кој би требало да го „поддржи и одбрани доделувањето на пакетот на државна помош пред надлежните судови“. Дали ево ред една ваква клучна институција која ја гарантира рамноправноста на субјектите на пазарот да биде исклучена од овој процес?
Деспотовски:Не е точна информацијата дека Комисијата за заштита на конкурентност дала негативно мислење за Предлог договорот. И согласно европската и согласно домашната регулатива не е можно доделување на државна помош без решение од страна на КЗК и ние оваа пракса и регулатива ја имаме наназад со години. Редоследот на чекорите предвидува Комисијата да обезбеди мислење за Законот, а откако ќе се усвои Законот следи изготвување на Договор за државна помош со детални права и обврски и за инвеститорот и за државата кој и го доставуваме на Комисијата. Откако таа ќе издаде решение дури тогаш државната помош ќе може да се додели. И тука ниту Законот ниту Договорот предвидува исклучоци од оваа регулатива. Имам целосно разбирање за Комисијата дека не може да го застапува договорот пред надлежните судови бидејќи тоа и не е нејзина надлежност, ниту имаме таква пракса. Токму страните потписнички, односно Владата и инвеститорот ја имаат таа обврска и тоа ќе остане така.
Од Здружението на инженери на земјава обвинија дека реалната пазарна цена на гасната електрана Митилинеос чини околу 180 -190 милиони евра за предвидените максимални 165 MWh електрична моќност, а секако не чини 290 милиони евра како што е наведено во Предлог законот. На пример, гасната електрана што Газпром ја пушти во работа во Панчево во 2022-ра година има моќност од 200 MW и чинеше 180 милиони евра. Кој е Вашиот одговор на ова обвинување?
Деспотовски: Има клучна разлика - договорот за гасната централа во Панчево е потпишан пред Ковид-пандемијата во 2018 година по што е почната градбата. Сите директно ги почувствуваме последиците од пандемијата кои се засилија по енергетската криза поради војната во Украина, која се уште трае.
Па така, ако сакаме да бидеме реални и јасни - колку чинеше метар квадратен во 2018, а колку е во 2024 - повеќекратно зголемен. Не сакам да шпекулирам за која сума би се изградила централата во Панчево според денешните цени и економски параметри, ама еве ќе употребам пример од септември 2023 година, кога Полска затвори тендер за изградба на гасна електрана налик на таа на „Митилинеос“ во Скопје (Gdynia Heat and Power Plant). Нејзиниот инсталиран капацитет е од 140 - 170 MW електрична моќност и 100 - 130 MW топлинска моќност, а цената на инвестицијата 324 милиони евра. Тоа е за околу 30 милиони евра повеќе од проектот на „Митилинеос“ во Скопје.
Досега сум покажал дека поддржувам здрава демократска дискусија затоа што таа е најдобар начин да се дојде до квалитетни решенија за сите прашања. Притоа ваквата демократска дискусија мораме да ја водиме со аргументи базирани на реалноста. Навистина ми е жал што универзитетски професори чијашто примарна обврска е да ги едуцираат младите луѓе во оваа држава прават обид своите ставови и интереси кон овие проекти да ги поткрепат со бројки кои едноставно не се реални.
Оттаму велат дека не треба да му се дава никаква помош на Митилинеос бидејќи Македонија се обврзува да купува од Митилинеос загарантирани количини на електрична енергија од 977 GWh годишно по цени што се од 15 до 35 отсто повисоки од берзанските цени според HUPX берзата во Унгарија, што, според нив, ќе предизвика финансиска штета за Македонија од околу 20 милиони евра годишно. Кој е Вашиот одговор?
Деспотовски:И овие бројки не се точни. Не сум експерт за енергетика, меѓутоа во тимот којшто разговараше има луѓе и институции кои се итоа како стручни во оваа област. Истите тие институции излегоа со свои пресметки во јавноста според кои цената на електричната енергија ќе биде најмалку 5 отсто пониска, а цената на топлинската енергија 40 отсто пониска. Меѓутоа знам економија и едноставната економска логика упатува на прашањето - како може нешто што се купува во странство за иста цена како и дома да биде поевтино? Со други зборови би сакал да слушнам аргументи за тоа како струјата произведена одгас што се купува на илјадници километри подалеку од тука да биде поевтина од иста таква струја од ист таков гас што се произведува дома. Каде се трошоците за транспорт, односно пренос, каде се трошоците за граничните капацитети и на крајот на денот каде е маржата за трговците. И исто така она што е можеби најважно, би сакал да слушнам аргументи коишто ќе го оправдаат продолжувањето на праксата на увоз на струја од странски производители што годишно граѓаните ги чини повеќе од 150 милиони евра, а во време на енергетската криза оваа бројка отиде над 400 милиони. И каква е таа штета за граѓаните на Македонија ако таа увозна зависност ја намалуваме за половина само со овој проект.
Како ќе одговорите и на уште една забелешка, а таа е дека со договорот земјава ќе се обврзе да купува од Митилинеос загарантирани количини на топлинска енергија од 275 GWh годишно со загарантирана маржа од 16,2 EUR/MWh, што ќе му овозможи годишна маржа од 4,4 милиони евра?
Деспотовски: Ќе одговорам како што би одговорил и секој друг граѓанин на оваа држава и на градот Скопје. Прво цената на парното ќе се намали барем за 40 отсто, што значи помали сметки за десетици илјади домаќинства само во главниот град. Второ истиот тој договор и таа топлинска енергија по цени пониски за 40 отсто ќе ги поттикне и останатите домаќинства кои заради високите цени не можат да користат парно ќе се мотивираат да го направат тоа. Придонесот што тоа ќе го има за намалувањето на загадувањето на главниот град е немерлив. Ова заради тоа што човековото здравје и живот немаат цена. Дополнително, ќе потенцирам дека државата нема обврска да купува топлинска енергија во летниот период и добро е што противниците на проектот тоа самите го увидоа и го повлекоа тој аргумент којшто го користеа на почетокот.
Од Здружението уште и предупредуваат дека Митилинеос ќе има маржа од околу 52 милиони евра на годишно ниво, како збир од маржата за електрична енергија, топлинска енергија и старт на електраната, односно ќе има профит од над 40 милиони евра на годишно ниво, или над 1,2 милијарди евра за период од 30 години колку што предвидува Предлог законот. Исто така, за нас постојат и обврски за плаќање за емисијата на CО2 после 2030 година, уредување на плацот и слично? Нели е подобро за толку многу бенефиции сами како држава да ја градевме електраната?
Деспотовски:Искрено не можам да ги разберам аргументите позади оваа математика. Прво договорот за закуп на капацитет не е 30 туку 20 години и тоа е јасно наведено во договорот. Второ, проектираната добивка на самата компанија во период од тие 20 години е најмалку 60 отсто пониска од тоа што се зборува.
Позитивниот финансиски ефект за граѓаните доколку се реализира овој проект изнесува повеќе од една и пол милијарди евра. Како? Прво директниот финансиски ефект врз буџетот од данок на добивка, придонеси, царини и други давачки е помеѓу 120 и 150 милиони евра за 30 години колку што е предвидено да работи централата. Ако државата инвестира во централата овие пари ги нема. Следно ако веќе дискутираме за опцијата државата сама да гради треба да се одговори на прашањето кој тоа ќе го прави и колкави ќе бидат трошоците. Под трошоци тука мислам на задолжувањето за целиот износ на инвестицијата, каматите кои во еден период од 15 години ќе достигнат 50 отсто на тој износ, ама и трошоците за редовно одржување и ремонт на централата. Анализите со коишто јас располагам зборуваат за негативен ефект за граѓаните од најмалку една милијарда евра. Дополнително, и ќе го искористам токму примерот на централата од Панчево, самиот процес на подготовка и спроведување на тендер, и обезбедување на потребното финансирање ќе го одложи почетокот на реализацијата на проектот за најмалку две години. Иако прашање е и дали овие две години ќе бидат доволни. Во такви околности државата ќе го задржи постојното производство базирано на јаглен наместо да почне со производство на енергија од гас, па со во воведувањето на ЦО2 таксата граѓаните во своите сметки за струја ќе бидат изложени на најмалку дополнителни 100 милиони евра трошок. Кога ќе го удрите овој есап треба како добридомаќини да донесеме мудра одлука дали повеќе се исплати да градиме сами или да постапиме мудро и домаќински и да ангажираме некој друг да го направи тоа за нас, со помал влог, многу помал ризик и поголема добивка за граѓаните.
Сакам да верувам дека ја научивме лекцијата од енергетската криза, и од конфликтот во Украина, што не ни дава да комоција да седиме со скрстени раце и да чекаме нешто некогаш да се случи. Напротив, мора да се адаптираме и да креираме услови во кои ќе работиме не за утре, туку и за задутре, уште сега. На граѓаните им е потребна сигурност и енергетска, а со тоа и економска.
Господине Деспотовски, Ве молам одговорете јасно за нашите граѓани, кој е оној бенефит што ќе ни го донесе оваа централа поради кој ние како држава се согласуваме на чисто државно субвенционирање од 50 милиони евра плус многу други бенефиции?
Деспотовски: Пониски сметки за струја за сите граѓани на државата, пониски сметки и до 40 отсто за парно и значително поздрав воздух за моите сограѓани од Скопје е директна придобивка од овој проект. Дополнително 120 до 150 милиони евра коишто ќе влезат во државниот буџет по основ на данок на добивка, придонеси, царини и други давачки. Околу 250 директни и индиректни работни места за македонските граѓани, како и дополнителни најмалку 300 работници коишто ќе се ангажираат во фаза на изградба на централата. Сето тоа се плати, и тоа добри плати за македонските граѓани. Враќање во живот на еден дел од поранешниот индустриски гигант Рудници и железарница Скопје а со тоа и заштита на јавниот интерес, односно задржување во државна сопственост на 12 хектари земјиште во близина на центарот на Скопје. И ова не го велам случајно туку потполно свесен за ризикот од интересите кај поединци за да стават рака на ова земјиште. Тука гледам делумно и мотив за поттикнување на негативен став во јавноста кон овој проект. Ако зборуваме за безбедноста на државата и идните генерации со овој проект одиме кон енергетска независност, односно нема веќе да се доведуваме во ситуација да молиме странски држави (ќе го споменам примерот со Бугарија) во ситуација на криза да зависиме од други. Ако сакате, цената на таа стабилност и достоинство е исто така немерлива.
Во Вашата изјава до медиумите рековте дека за овој договор главен филтер ќе биде Енергетската заедница во Виена. Што доколку и оттаму кажат дека овој договор не е добар, дали Владата ќе го повлече предлог законот и како ќе излезе од целата оваа ситуација?
Деспотовски:Мислењето од Енергетската заедница во Виена секако ќе го побараме за Договорот за државна помош. Верувам во нашите капацитети и знаења да подготвиме договор кој ќе биде целосно во согласност со стандардите на ЕУ. Тоа впрочем сме го покажале и во изминатите години. И секако доколку се добијат одредени забелешки тие ќе се пресликаат во самиот договор. Сакам да порачам дека процесот на подготовка на овој Договор за којшто постапка ќе водиме откако Законот ќе се изгласа во Собрание ќе ја водиме целосно отворени и ги поканувам сите заинтересирани страни да се вклучат при неговото разгледување.
Дали сметате дека е оправдано да се затвори централата Те-То, и кои би биле владините реални аргументи за такво нешто да се направи?
Деспотовски: Оправданоста или неоправданоста за функционирање на одреден приватен субјект ја утврдува пазарот, а не институциите. Институциите се тука да се водат од интересот на граѓаните. Она што можам да го кажам е дека со новата централа ќе добиеме конкурентност на пазарот, а со тоа нема веќе да зависиме само од еден производител на пазарот. Во таа смисла сакам да порачам дека сме целосно отворени за вакви иницијативи, односно проекти кои би се реализирале и од други компании во иднина, а моја желба е еден од тие следни проекти да дојде токму од домашните компании.
Нина Нинеска-Фиданоска