22 Ноември, 2024
0.0285

Интервју Филипче: Градежните гиганти француски Bouygues и германски Vamed во трка за изградба на Клинички центар

Објавено во: Македонија 06 Ноември, 2019

Добивај вести на Viber

До крајот на годината ќе има нов тендер за набавка на реагенси, откако претходниот вреден 35 милиони евра беше поништен, вели во интервју за Фактор, министерот за здравство Венко Филипче. Ексклузивно открива кои се градежните гиганти кои влегоа во втората фаза од процесот за избор на фирма што ќе го гради новиот Клинички центар во Скопје. Ресорот со кој раководи не му донесе голема слава, иако самиот предводеше неколку клучни реформи – укинувањето на квоите за лекови, зголемувањето на капитацискиот бод за матичните лекари и за стоматолозите ортодонти и протетичари. Вели дека не е лесно да се менуваат работите во јавното здравство, но тврди дека почнал да ги решава работите системски и со анализи. Ветува здравствен систем како во развиените земји, ама за тоа треба време.

Филипче соопштивте пред два дена дека со 465 милиони денари од државниот буџет ќе се финансира зголемување на капитацискиот бод за матичните доктори. Како овие пари ќе го зголемат квалитетот на услугите за граѓаните? Дополнително Владата ги зголеми надоместоците за специјалистите стоматолози протетичари и ортодонти – какви ефекти очекувате?

Се зголемува вкупната сума пари што ја добиваат докторите и сестрите кои работат со нив, како матични лекари по општа пракса, но и како педијатри, специјалистите по општа трудова медицина и по семејна медицина и матичните стоматолози и специјалистите по протетика - орална хирургија и ортодонција. И дополнително специјалистите кои имаат договор со Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) за специјалистичка консултативна дејност. Прво, ова значи дека им се зголемуваат примањата на матичните лекари за 15 проценти и нешто повеќе како процент е зголемувањето кај стоматолозите затоа што нивниот бод до сега беше понизок. Верувам дека со ова значајно ќе им се олесни работата. Ова зголемување е дел од поголемата односно крупната реформа која ја правиме на примарната здравствена заштита. Работевме изминативе години со меѓународните институции и од таа соработка произлегоа анализи за примарното, но и за секундарното и терцијарното здравство. Сега го имплементираме моделот којшто е најблизок до словенечкиот. Што значи тоа за пациентите? Сметам дека сега односно со зголемувањето на сумата која ќе ја добиваат за секој пациент ќе бидат стимулирани да извршуваат контролни превентивни прегледи со цел рано откривање болести. Второ, но не помалку значајно е што со зголемувањето на бројот на услуги кои пациентите ќе ги добиваат кај матичните доктори тие ќе се задржуваат подолго време во примарното здравство па ќе се намали гужвата во болниците. Значи, за разлика од досега, кога пациентите се праќаа за мамографија на пример и за тоа се наплаќаше од Фондот, сега бараме прегледот да биде навистина извршен за да се евидентира како завршена обврска и тогаш да биде наплатен. Така ќе бидеме сигурни дека групата пациенти кај матичниот лекар согласно ризичната група, возрасната група ќе биде повикана на преглед. На пример, во соодветна возрасна група маж ќе биде повикан на преглед за карцином на простата, проблеми со тежината кај децата, односно ќе бидат повикани да се измерат за да се интервенира рано кога треба. Полесно ќе се следат хроничните болести, но и сите други. Друг пример – пациент нема да има потреба да оди на специјалист пулмолог за да му препише некој спреј за хронично респираторна болест или астма, ако тоа, согласно протоколите, може да го направи и матичниот доктор.

Ама ќе треба да инвестираат во опрема?

За добар дел не треба опрема, но некои можеби ќе треба да инвестираат нешто. Сепак матичните доктори ќе бидат стимулирани да вработат и екстра медицинска сестра да работи со скратено работно време што ќе биде признаено од Фондот. Третата мерка од таа голема приказна за реформа е укинувањето на квотите за подигнување на лекови во аптеките. Ние допрва ќе правиме анализи, но првичните покажуваат дека во некои аптеки трошкот е помал.

Сето ова значи ставање на силен акцент на примарното здравство, задржување на пациентите на примарно ниво, што помало упатување на пациентите и намалување на трошоците на пациентите. Најважна работа, сепак е рано откривање на болести и полесно следење на хронично болните.


Една од реформите, веќе ја споменавте, е и укинувањето на квотите за лекови кои се подигнуваат од аптека и тврдите дека сега има доволно лекови во секое време. Споменавте дека имало злоупотреби од страна на аптеките во однос на квотите. Каква била таа шема на злоупотреба и колку пари ги чинело ова граѓаните и буџетот на ФЗОМ? Ќе побарате ли одговорност?

Јас се сомневам, но не можам да бидам сигурен дека имало шема, како што вие ја нарекувате. Што ми дава причина за сомнеж е дрaстичното зголемување во последните три-четири години на бројот на издадени рецепти за истиот број луѓе кои земаат лекови. Односно од 18 милиони издадени рецепти годишно, таа бројка пораснала на 25 милиони рецепти, за истиот број пациенти односно за околу 1,3 милиони пациенти. Ова е драстично зголемување на издадени рецепти, во време кога сепак позитивната листа не изменета. Секако можно е бројот да е зголемен, ама не може да е толку драстично. Завршните анализи за октомври ќе бидат готови на крајот на ноември. Контролата можеби придонела да се издаваат помал број рецепти, но важно е и што нема гужви, порелаксирани се и пациентите и фармацевтите. А граѓаните немаат потреба да прават домашни аптеки оти сите лекови ги има во аптеките во кое било време од месецот.

Има ли финансиски ризик?

Обезбедивме дополнителна сума како потенцијална резерва во случај ако има потреба за да се покрие трошокот. Тоа може и да не се случи оти токму и аптеките укажуваат дека најверојатно нема да има поголеми трошоци.

Дополнително граѓаните сега ќе мора да се идентификуваатно и да поседуваат здравствена книшка, а некако се има впечаток дека од електронската се враќаме чекори назад.

Мислите дека ако имате пластика во џебот е чекор напред? И сега е електронски и единствено за идентификација го имате матичниот број. Ние можевме да продолжиме да купуваме пластика на која освен име и презиме и матичен број нема ништо друго. Вие се идентификувате со лична карта, а ваш идентификационен број е матичниот број. ФЗОМ веќе развива електронски систем (electronichealthsistem). Со него, сите електронски податоци за сите пациенти ќе бидат достапни во која било здравствена институција. Сега не функционира, но е во фаза на реализација. Најверојатно ќе биде за две години.


Најавивте доста реформи, за нив зборувате и јавно. Интервјуто го правиме во време кога градов и некои други во државата рушат рекорди по загаденост. Вие сте министер, доктор, ама сепак жител на оваа држава. Ви пречи ли, кои се опасностите и дали мислите дека справувањето со проблемот бара појака акција?

Секако дека има реперкусија на здравјето, меѓутоа ова е прва Влада која презема нешто конкретно. Прво, се оддели голема сума пари за да се заменат системите на греење во одредени домаќинства. Анализите покажуваат дека генератори на загадувањето се најмногу системите за греење, јавниот превоз и индустријата. Од некаде мора да се почне и знаете дека  решението не може да дојде брзо. Сепак сакаме да сме сигурни дека сме почнале да го решаваме проблемот и дека тоа го правиме на најдобар начин. Гасификацијата добро напредува. Веќе се заврши постапката  за гасификација на болницата во Чаир. Во прв момент кога ќе се заврши комуникацијата меѓу општина Куманово и болницата во Куманово, ќе се подготви проектот и ќе има тендер за гасификација на оваа болница. Проблемот бара системско решавање и верувајте се базира на стратегија и на претходни анализи.

Ќе ги добијат ли граѓаните годинава бесплатните маски против загадениот воздух што ги ветивте на почетокот на минатата сезона?

Направивме набавка без обврска да ги повлечеме и сега ќе ги активираме. Ќе им се даваат на хронично болните кои имаат проблем со белите дробови. Ќе бидат поделени околу 40.000 илјади маски.


За жал, во Македонија расте бројот на заболени од малигни заболувања – за дел од нив и загадувањето се посочува како ризик фактор. Која е вашата стратегија во овој дел?

Ако се фокусираме на малигните болести – причините го надминуваат прашањето на загадувањето и јас не би го довел во корелација само со тоа. Правиме посеопфатна и поширока стратегија како да го решиме овој проблем. Во следните два-три месеци ќе биде готов електронскиот регистар за малигни болести, кој досега го немавме. Се прави во соработка со претставници на Европската комисија и Светската здравствена организација. Но и реформите за кои зборуваме на примарното здравство се во насока на рано откривање на овие болести. Превенција за малигни болести не постои. Постои рано откривање. А тоа во одредени случаи и за одредени болести и одредена патологија може да значи и целосно излекување. Посебно кај ракот на грло на матка, ракот на дојка. Затоа изготвивме стратегија за борба со малигни болести која е широка и ги опфаќа сите малигни болести. Ја работевме со експерти од различни специјалности. Ќе значи подобрување на систем на рана детекција на рак на дојка преку мамографија. Притоа над 50 отсто од мамографите во земјава се сервисирани и повторно се ставени во функција. Во однос на карциномот на матка има нова четиривалентна вакцина за ХПВ. Во однос на карцином на простата се прави повторен повик на машката популација на ризична возрасна група од страна на матичните доктори односно на примарното здравство. Во однос на третманот на малигни заболувања – за првпат имаме триесетина нови молекули за биолошка терапија за третман на малигни болести на дојка, бели дробови, меланом на кожа, второлинсика терапија за карцином на дојка. Такви за таков тип на лекување до лани имаше само за одреден број на пациенти заради тоа што беа условни буџети. Ние ги обединивме сите буџети и направивме групна набавка за сите клиники коишто третираат малигни болести и ги опфативме сите пациенти. Значи нема пациент во земјава во моментов на којшто му е потребна терапија за било каков тип на карцином, а е или на листа за чекање или добивал терапија па сега ја нема. Во фаза сме на набавка на најсовремен акцелератор кој ќе има тип на зрачење којшто го немало до сега. При крај се и до крај на декември ќе бидат во функција акцелераторите во Клиничката болница „8 Септември“ и Клиничката болница во Битола, со тоа ќе има терапија за пациентите и во друг регион па нема да мора да патуваат и да лежат на скопската клиника. Сево ова како стратегија во месец декември ќе го прикажеме и ќе го објавиме, а ќе има и фискални импликации, а ги дизнајнираме и буџетите. Ќе се ослободат од партиципација болните од малигни заболувања за контролните прегледи, тие се ослободени од партиципација сега за време на директниот третман, но не и за контролните прегледи, но по промената целосно ќе бидат ослободени. Значи сеопфатна и широка стратегија која во периодот кој следи ќе значи и поголема достапност на терапијата. Дел од пациентите до скоро беа упатувани во странство заради тоа што во земјава не беше достапна. 

Лани го поништивте тендерот од 35 милиони евра за реагенси. Зошто се уште нема нов?

Го подготвуваме. Ја подготвуваме новата набавка. Со оглед на тоа што имаше многу шпекулации во јавноста би сакал да појаснам дека централизирана набавка значи и голема заштеда. Со таа набавка од 35 милиони евра беше предвидено тригодишно буџетирање. Значи станува збор за 12 милиони евра коишто ние во овој момент ги трошиме за набавка на реагенси и за сервис на апаратите, а нашите проценки се дека се потребни од 9 до 10 милиони евра. Централната набавка требаше да заштеди помеѓу пет и шест милиони евра за три години заради тоа што анализите покажаа дека се троши многу повеќе од што треба. Ќе илустрирам како. Има многу лаборатории коишто отвораат големи пакувања реагенси за да искористат за мал број пациенти, а после остатокот се фрла. Тоа во светот се решава со транспорт на крвта од едно на друго место. Ние сакаме ова да го направиме и тука. Постапката ќе ја повториме до крај на оваа година или почетокот на следната согласно препораките на второстепената комисија која ни укажа што треба да направиме и тоа ќе го спроведеме.


Новиот Клинички центар, како што соопштивте ќе чини 500 милиони евра, а ќе се финансира со заем. До каде е процедурата, кои се вашите очекувања? Немаше ли други опции за финансирањето – обврзница на пример?

Опциите за финансирање ги разгледуваат во Министерството за финансии и таму преговараат со потенцијалните финансиери. Ние го димензионираме процесот во смисла на потребните капацитети, кревети, опрема, проток на пациенти. Иако звучи голема сумата, мислам дека тоа е една од најдобрите инвестиции што ќе се направи во нашиот здравствен систем , а тоа ќе ја покрене и економијата. Но само таков модерен објект е вистинска инвестиција за нашите пациенти. Треба да им служи за следните години, за следните децении. Таков стандард на услуги не можеме да постигнеме со доградување и реновирање. Се знае каков е стандардот и какви се болниците во светот.

До каде е процедурата?

Сега е во фаза на конкурентен дијалог. Значи има три фази, фазата на евалуација заврши, останаа две компании германската Vamed и француската Bouygues construction коишто сега влегуваат во фаза на дијалог. Не е започнат затоа што уште трае рокот за жалби од претходната фаза. Засега нема жалба и за време на дијалогот се оди кон финалниот драфт на договорот кој ќе се тендерира. Значи преку дијалог со дискусија и разговор за она што ние го бараме од физибилити студијата од тие искусни компании, ние го дизајнираме тој договор кој ќе биде предмет на тендерирање. И тоа е третата фаза. Согласно сегашната динамика и динамиката на Министерство за финансии со преговорите со финансиерите мислам дека имаме шанси да завршиме оваа година или на почетокот на следната. На следната седница пренаменуваме средствата од Министерството за здравство од проектната единица на општина Ѓорче Петров за да се почне со локалните работи, пристапен пат, струја вода, локална инфраструктура.

Најавивте дека државата преку јавно приватно партнерство ќе обезбеди два хелихоптери за здравствени услуги. Што е впрочем предмет на тој договор, што ќе добие државата, дали ќе плати нешто, а што ќе значи ова за државата?

Тоа го води Генералниот секретаријат. Ние ќе имаме бенефит затоа што во секој момент ќе може да покриеме услуга за брз транспорт, односно кога ќе оцениме дека треба, тие ќе бидат на располагање.


Претходно со јавно приватно партнерство ја преместивте државната детска кардиохирургија, а најавувате такво и за брзата помош. Што покажуваат конкретно физибилити студиите кои ги правите? Зошто ви е толку атрактивен овој модел? Верувате ли во овој модел?

Тоа се модели кои ние сме ги виделе во другите земји и кои добро функционираат таму. Конкретно од турскиот здравствен систем каде има еден од моделите на јавно приватно партнерство, а има, грубо поделени, три форми. Едната форма е фасилити менаџмент во која што приватник стопанисува само со објектот. Втората форма е фасилити менаџмент со дел од услуги, односно на приватна компанија и се даваат на управување дел од услугите кои не се директно поврзани со здравствениот систем. На пример аутсорсинг на храната. Третиот модел на интегриран тип партнерство е кога се како обврска припаѓа на приватниот партнер, а државата само купува услуги затоа што смета дека тоа е најквалитетно и најевтино. Да потсетам дека форма на јавно приватно партнерство односно концесија е нашето примарно здравство. Десет години ние купуваме услуга, плаќаме по пациент и вие за тоа треба да се лекувате. Вашите пари ве следат вас, а вие избирате матичен лекар кој мислите дека е најдобар. На еден од состаноците со германскиот министер за здравство Јенс Шпан тој ме прашуваше зошто ние стопанисуваме со зградите. Зашто да не интересира дали тече кровот. Пример за тоа е  адултаната кардиохирургија. Ние плаќаме само услуга за пациент, а во Аџибадем Систина и во Жан Митрев кои се болници со JCI стандарди се добиваат врвни услуги.

Наспроти тоа ја имаме нашата Клиника во зграда каква што е, а ние даваме плати, купуваме опрема, реновираме, треба да платиме обезбедување. Дали да инвестираме во нешто за што државата треба да се задолжи па да плаќа за иста услуга од ФЗОМ и плус да го враќаме кредитот или да искористиме нешто што веќе има приватно за да ја плаќаме само услугата. Ете зошто ги правиме физибилити студиите. Чекаме сите да се готови и ќе организираме јавна дебата на која ќе има експерти од многу области. Експерти кои имаат искуство со Јавно приватно партнерство од други земји за да избереме што е најрационално. Затоа што сакаме да вложиме и вложуваме и сакаме да видиме ефект од тоа.

Зошто се уште не функционира Ургентниот центар на Детска клиника? Нели се направи со донација од Тика па се пренамени во лабораторија. Како се менаџираат итните случаи кај децата? Зошто се препраќаат на Инфективна клиника или во приватните болници?

Само физички е во друг дел. Функционира детската амбуланта. Дел се користи, дел е пренаменет во лабораторија. Целта е да се стави се на еден место. Се примаат итни случаи и си функционира.


Министре раководите со еден од најспецифичните ресори во Владата – а на функцијата дојдовте од внатре, од Клиничкиот центар. Сигурно ви е јасно дека граѓаните сепак не се задоволни од услугите и од функционирањето на системот. Поминаа години, проблемите се таложат, каде вие го лоцирате проблемот и што правите за тоа?

Има индивидуални искуства. И во најсовремени центри во Европа имате незадоволни пациенти. Во медицината некогаш еден и еден не се два. Затоа ние се обидуваме на решавање на проблемите да работиме системски и со сериозни анализи. Како на пример со аптеките – со контролата всушност воспоставивме ред и заштеда.

Јас како наставник на Медицински факултет знам дека студентите истовремено со студиите учат и германски јазик за да можат да се вработат таму. Но тој процес е тренд и во Германија. Затоа тие ги бараат нашите доктори. Не можеме да го запреме тој процес но можеме да влијаеме на подобрување на условите за работа овде. Милијарда денари се вложени во платите за две години, уште дополнително близу толку за 2020 година. Еден придонес е и изградбата на новиот Клинички центар кој ќе биде нова модерна зграда. Сега имаме платен стаж од 30.000 денари месечно и за младите доктори. Лекарите специјалисти имаат нови финансиски стимулации... Имаме поддршка и од премиерот за сите инвестиции во здравството. Работиме со врвни експерти, но не може се преку ноќ.

Имате ли анализа колку доктори ќе останат колку ќе си одат? Да не треба да увезуваме кадар?

Ние правевме анализи колку студенти годишно завршуваат на трите медицински факултети. Дадовме 500 согласности за работа во текот на 2018 и 2019 година. Нема ЈЗО во која не е зголемен бројот на вработени за најмалку 10 проценти. Во 2017 година во Битолската болница имало 800 луѓе додека сега се 940, а вработувањата на уште 70 се во тек. Значи 25 отсто ќе се зголеми капацитетот во 2020 година. Правиме инвестиции и во опрема и во кадар, се надевам ќе има позитивен резултат.

Александра Томиќ


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Владата ќе позајми нафта, од утре превозот во Скопје се нормализира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Владата ќе позајми нафта, од утре превозот во Скопје се нормализира

ЗА СТАБИЛИЗИРАЊЕ НА СОСТОЈБИТЕ ВО ГРАДОТ: Советот предлага продолжување на дијалогот со ЗЕЛС и други јавни претпријатија

ЗА СТАБИЛИЗИРАЊЕ НА СОСТОЈБИТЕ ВО ГРАДОТ: Советот предлага продолжување на дијалогот со ЗЕЛС и други јавни претпријатија

МИЦЕВСКИ ЗА СКАНДАЛОТ СО АПАСИЕВ: Очаен обид на таканаречениот „универзитетски професор“ да ја задоволи својата жед за медиумско внимание

МИЦЕВСКИ ЗА СКАНДАЛОТ СО АПАСИЕВ: Очаен обид на таканаречениот „универзитетски професор“ да ја задоволи својата жед за медиумско внимание

ШУТАРОВ: Да го наведеме износот од 2,5 милиони литри коишто би биле доволни за ЈСП да јa извршува функцијата до крајот на годината

ШУТАРОВ: Да го наведеме износот од 2,5 милиони литри коишто би биле доволни за ЈСП да јa извршува функцијата до крајот на годината

СТОЈАНОВСКИ: Нафтата од државните резерви сега се доставува до базите на ЈСП

СТОЈАНОВСКИ: Нафтата од државните резерви сега се доставува до базите на ЈСП

ПО ИНЦИДЕНТОТ ВО СОБРАНИЕТО: Апасиев има порака до ВМРО-ДПМНЕ

ПО ИНЦИДЕНТОТ ВО СОБРАНИЕТО: Апасиев има порака до ВМРО-ДПМНЕ

ГРАД СКОПЈЕ ЈА ПОЗДРАВИ ОДЛУКАТА НА ВЛАДАТА: Секогаш е подобро политика да се води со разум, а не со инает

ГРАД СКОПЈЕ ЈА ПОЗДРАВИ ОДЛУКАТА НА ВЛАДАТА: Секогаш е подобро политика да се води со разум, а не со инает

ДЕТЕТО ЗАВРШИ ВО БОЛНИЦА: Ученик давел соученик во Велес и му нанел тешки повреди

ДЕТЕТО ЗАВРШИ ВО БОЛНИЦА: Ученик давел соученик во Велес и му нанел тешки повреди

ПЕТРУШЕВСКИ ЗА АПАСИЕВ: Не смее да се паѓа на провокации кои се единствена алатка на ограничени и нецивилизирани умови

ПЕТРУШЕВСКИ ЗА АПАСИЕВ: Не смее да се паѓа на провокации кои се единствена алатка на ограничени и нецивилизирани умови