ИНТЕРВЈУ КОЕВСКИ: Вонредната состојба беше неопходна, но некои човекови права никогаш не смеат да се ограничат
Објавено во: Македонија, Интервјуа 12 Јуни, 2020
Прогласувањето на вонредната состојба во државава беше навистина потребно, бидејќи таа овозможи побрзо и пооперативно дејствување на Владата и воведување на построги мерки за заштита на јавното здравје. Но по правило, секоагаш интенцијата е вонредната состојба да трае што пократко, само онолку колку што е неопходно за отстранување на заканата што ја предизвикала. Не би смеело да се стекне чуството дека вонредната состојба ќе трае неограничено, вели во интервју за Фактор професорот Горан Коевски, декан на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. За големиот број уредби со законска сила што ги донесе Владата, професорот смета дека иако тие се најефикасното средство во рацете на Владата во време на вонредна состојба, сепак, се отворија бројни дилеми околу нив, во смисла на опфатот, но и на недоволните образложенија што ги даде власта при нивното носење. Затоа, Владата треба секогаш да поаѓа од начелата на итност, неопходност, пропорционалност и недискриминација, а потребно е и постојано преиспитување на потребите од одредени мерки. Во спротивно, овие уредби лесно би станале алатка за злоупотреба на таквата моќ. Со професорот Коевски разговаравме и за тоа дали правдата конечно дојде во нашата држава, како се реализира економскиот дел од Преспанскиот договор, што ќе донесе новиот закон за стечај кој е во фаза на подготовка, како Правниот факултет ја организира јунската сесија, но и како Универзитетот „Кирил и Методиј“ успева да се справи со предизвиците што за образовниот систем насекаде низ светот ги предизвика пандемијата на КОВИД-19...
Професоре Коевски, земјава подолго од два месеци е во вонредна состојба. Ве прашувам како правен експерт, дали е тоа здраво за општеството, може ли да ги наруши демократските процеси и во колкав обем, и дали не може на некој начин да биде злоупотребена оваа вонредна состојба од страна на власта?
Коевски: Најнапред би сакал да укажам дека јавното право, поточно уставното право и нему блиски научни области, не се предмет на моја потесна научна еспертиза, но, како правник, би го дал своето видување за тоа дали вонредната состојба е „здрава“ за општеството. Самиот термин „вонредна состојба“, сам по себе, укажува дека државата и општетсвото се соочиле со некаква „нездрава“ состојба и дека институциите биле и се уште се соочени со предизвикот да се справат со таквата состојба. Тоа, секако, е пандемијата КОВИД-19.
Во нашата држава, во услови на пандемија, како проблем се наметнаа повеќе прашања: самораспуштено Собрание, Претседателот Пендаровски на предлог на Владата на Република Северна Македонија прогласи вонредна состојба на 18 март 2020 година, согласно членот 125, став 2 од Уставот; непостоење на посебен Закон за вонредна состојба, дилеми дали непостоењето на посебен закон може да се надмине преку примена на соодветно толкување на одредбите на Законот за управување со кризи или на Законот за заштита на населението од заразни болести и слично.
На прашањето, дали беше добро прогласувањето на вонредна состојба на целата територија на Република Северна Македонија, мојот личен став би бил потврден. Вонредната состојба овозможи побрзо, пооперативно дејствување на Владата и воведување на построги мерки за заштита на јавното здравје како јавнен интерес. Ова, особено затоа што во вонредна состојба самата итност на ситуацијата побара донесување мерки во брза постапка, без постоење на вообичаените строги собраниски процедури.
По својата дефиниција вонредната состојба значи привремена суспензија на начелото на поделба на власта и концентрирање на легислативната моќ во рацете на извршната власт. Извршна власт добива дури и пошироки овластувања во споредба со работата на Собранието во „редовни услови“.
Веќе во недела треба да прекине вонредната состојба, а претседателот Стево Пендаровски денеска треба да го каже својот став околу ова прашање. Дали сметате дека би било во ред таа да се продолжи?
Коевски: Ова прашање првенствено треба да се упати до здравствените власти во државата, односно Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, која располага со најголема стручност да процени и да предложи дали има потреба за ново продолжување на вонредната состојба.
Но, по правило, секоагаш интенцијата е вонредната состојба да трае што пократко, само онолку колку што е неопходно за отстранување на заканата што ја предизвикала. Не би смеело да се стекне чувството дека вонредната состојба ќе трае неограничено, бидејќи во спротивно како држава би се довеле до состојба дека живееме во некоја „нова ненормалност“. Впрочем, токму затоа националните устави определуваат максимално времетраење на вонредната состојба и нејзино потврдување од Собранието.
УРЕДБИТЕ СО ЗАКОНСКА СИЛА ШТО ГИ ДОНЕСЕ ВЛАДАТА ОТВОРИЈА БРОЈНИ ДИЛЕМИ
Дали сметате дека со бројните уредби, но и големиот број нивни измени и дополнувања кои ги донесе Владата, се создаде правен метеж во земјава? Дали со уредбите се опфатени преголем број на сфери, дали не беа донесени премногу уредби со законска сила, и дали на овој начин Владата ја искористи можноста што и ја даде вонреднбата состојба за да протурка и некои други работи? Дали, според Вас, како правен експерт, кога ќе заврши вонредната состојба, треба да престанат да важат и уредбите со законска сила? Дали полицискиот час и другите рестриктивни мерки предложени од власта не се еден вид нарушување на човековите права?
Коевски: Уредбите со законска сила се најефикасното средство во рацете на Владата за време на вонредната состојба и тие треба се донесуваат додека трае вонредната состојба.
Но, тука се наметнуваат многу дилеми: која е постапката за донесување на уредбите со законска сила од страна на Владата во услови на уставна недореченост и непостоење на посебен Закон за вонредна состојба; кој е опфатот на уредбите (дали со уредбите со законска сила може само да се менуваат, суспендираат, дополнуваат постојни закони преку наоѓање соодветни механизми за нивна примена во вонредни услови) или одредена материја може да се уреди „од почеток“ со востановување сосема нови права; дали со уредба со законска сила може да се дерогираат надлежности на одредени судски органи и тела; недостатокот на соодветно образложение при донесувањето на одредени уредби со законска сила го поставува прашањето колку тие се засновани на соодветни анализи и дали и колку одредена материја заслужува да се регулира со уредба со законска сила; дали и колку при донесување на уедби со законска сила е дозволено да се користи „креативна правничка терминологија“ непозната за пошироката правничка јавност, што во голема мера може да ја доведе во прашање правната сигурност; кој одлучува за престанок на важноста и на правното дејство на уредбите со законска сила, особено ако се земе предвид дека некои се со важност до крајот на годинава; дали и кога Собранието треба да ги потврди овие уредби по завршувањето на вонредната состојба; дали решенијата предвидени во овие уредби треба да добијат свое трансформирање во измени и дополнувања на постојни закони од страна на Собранието, кога ќе се конституира и слично. Сите овие отворени прашања даваат можнот за создавање на одреден правен вакуум и на правна несигурност во функционирањето на правниот, но и на економскиот систем во државата.
Оттука, Владата при донесување на овие уредби треба секогаш да поаѓа од начелата на итност, неопходност, пропорционалност и недискриминација. Потребно е постојано преиспитување на потребите од одедени мерки и да се остави простор за континуирана и прогресивна адаптација, за што сме сведоци во последно време со изменувањата и дополнувањата на одредени уредби.
Во спротивно, легитимната цел и моќ Владата да носи уредби со законска сила во вонредна состојба, лесно може да станат алатка за злоупотреба на таквата моќ.
Уставот на Република Северна Македонија, од своја страна, во членот 54 предвидува ограничувања - тнр. црвена линија во поглед на прашањето кога може да се ограничат слободите и правата на човекот и граѓанинот. На слична линија е и Европската конвенција за човекови права во која се определува во кои случаи државите можат да прават отстапки од утврдените човекови и граѓански права, но се дава и листа на човекови и граѓански права кои не можат да се ограничат во време на вонредна состојба.
Оттука произлегуваат и корективните механизми при вршењето на овластувањата поврзани со таквата моќ на Владата. Тука, првенствено мислам на улогата на Уставниот суд при проценката колку Владата успеала да ги избалансира начелата на итност, неопходност, пропорционалност и недискриминација од една, и она што се основни човекови права, од друга страна, а со цел заштита на јавното здравје, како јавен општ интерес. Конечно, сето ова од аспект на принципот на добро владеење, па дури и во услови на вонредна состојба. Во корективните механизми, во секој случај, би ја споменал и улогата на стручната јавност, медиумите и на невладиниот сектор. Би рекол нивната улога во вонредна состојба е уште поважна отколку во „редовни“ услови.
Владата за време на вонредната состојба донесе голем број уредби со законска сила. Дали и колку Правниот фултет при УКИМ, каде што Вие сте декан, како најреномирана високообразовна институција за право во земјава, беше консултиран при носењето на уредбите, од аспект на нивната правна издржаност?
Коевски: Ние на Правниот факултет ја почуствувавме потребата како врвна високообразовна установа од областа на правото да го дадеме нашето научно видување во врска со вонредната состојба и донесувањето на многубројни уредби со законска сила. Токму поради тоа кон крај на април годинава, организиравме on-line академска работна маса на тема: „Правно-политички и економски дискурс во време на КОВИД-19“. На расправата учество зедоа дванаесет професори од Факултет и секој од нив, согласно сопствената научна експертиза, даде свое видување на содржината на дел од уредбите. Исто така, на работната маса беа вклучени и околу стотина студенти на Факултетот. Убаво чувство беше што за дел од темите за кои се дискутираше и се коментираше, речиси истовремено, се произнесе и Уставниот суд со свои одлуки. Тоа значи дека моите колеги добро ги идентификувале, како формално-правните, така и материјално-правните проблеми содржани во дел од уредбите. Како резултат од работната маса, веќе во подготовка е зборник на трудови, кој во електронска форма ќе биде достапен за пошироката јавност во државата. Би потенцирал дека еден од главните заклучоци што проилегоа од расправата беше дека професорите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ треба што почесто институционално да бидат повикувани при изработка на уредбите со законска сила, а се со цел, давајќи го својот академски придонес,ex anteда се избегнат понатамошните недоразбирања и толкувања при толкување на истите.
ЗА ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА „ЗДРАВ“ ПРАВЕН СИСТЕМ НЕ СЕ ДОВОЛНИ НЕКОЛКУ ГОДИНИ
Една од главните идеи водилки на протестите против претходната власт беше „нема правда, нема мир“. Дали сметате дека, гледано од денешен датум, правдата дојде вооваа држава, или, пак, тоа се уште не е случај?
Коевски: Во врска со ова прашање би искоментирал дека за воспоставување на „здрав“ правен систем, кој подолго време бил девастиран и злоупотребуван, не се доволни неколку години. Потребни се континуирани, сериозни и суштински реформи. Кога велам сериозни и суштински реформи, не мислам само на формално донесување на закони изработени по меѓународни стандарди. Едно е содржина на закон, друго е негова практична примена. Затоа, за создавање држава во која владеењето на правото е врвен принцип, потребено е постигнување политички консензус и волја овој принцип да се имплементира на сите нивоа на функционирање на правната држава. Тука, секако, како пралелен процес треба да се има во предвид и градењето на капацитетот на сите засегнати институции кои треба да ги имплементираат, но и да вршат надзор во реализирањето на тие реформи. Градење на институционален капацитет првенствено преку прилагодени обуки за објаснување на потребата и бенефитите од успешна имплементација на зацртаните стратешки реформи.
Професоре Коевски, една од Вашите специјалности е меѓународното трговско право. По две години од потпишувањето на Преспанскиот договор, дали и како тој се реализира во економскиот дел? Најкоментираното прашање од него од таа област беше она за потеклото на производите и трговските марки, па би Ве прашала, какви се Вашите очекувања дека ќе се оствари овој дел од договорот?
Коевски: Една од целите на Преспанскиот договор е да ја поттикне и зајакне економската соработка помеѓу државите. Притоа, очекувано е таа да се остварува не на ниво во кое ќе има државна интервенција, туку таа соработка да се одвива директно помеѓу деловните заедници на двете држави, како носители на меѓународниот промет на стоки и услуги. Македонските и грчките стопанственици секако и до сега соработуваа и прометот се одвиваше. Според моите сознанија, во последната година зголемена е фреквенцијата во комуникацијата на коморско ниво и очекувам и се надевам дека таа ќе придонесе за поголема трговска размена. Како што забележувате и Вие, едно од прашањата во деловните односи е прашањето за правата на индустриската сопственост, особено трговските марки и називите. Договорот, условно кажано, одговорноста за ова прашање ја лоцира кај деловните субјекти кои се носители на првата од индустриска сопственост. Договорот предвидува државите да го помогнат и поттикнат дијалог и доколку постојат спорни прашања околу употребата на името на државата, регионите, но и изведените придавки, да го решаваат меѓусебно. Оттука, клучна е улогата на деловната заедница, на бизнисите кои се претставуваат и сакаат да се претставуваат и да бидат препознатливи на пазарите во Европа. Согласно договорот, формирана е меѓународната експертка група која треба да ги решава прашањата кои деловните заедници не можат самостојно да ги решат и мене ми е особена чест што како членки на ова група, од македонска страна се две професорки на Правниот факултет „Јустинијан Први“ - Скопје, врвни експертки по право на индустриска сопственост.
Една од Вашите експертизи е стечајот и стечајната постапка. Сега во фаза на подготовка е нов закон за стечај. Дали сметате дека кај нас конечно ќе се уреди соодветно таа област, се реши ли проблемот со бавните стечајни постапки и имаме ли примери на компании кои веќе ги надминале проблемите по стечајната постапка и повторно застанале на здрави нозе?
Коевски: Одговорот на ова прашање е потврден. Имено, во моментов во Министерството за економија се работи на изработка на нов Закон за стечај во кој се предвидува надминување на сите слабости што се идентификувани во практиката од примената на постојниот закон. Како претставник од науката и јас сум вклучен во работната група за изработка на новиот текст на законот. Една од главните цели на законот е главен акцент да се стави на предстечајните постапки (различни форми на финансиска и друга реорганизација и реструктурирање на должниците), а со цел, колку и кога е можно, да се отстранат негативните последици од формалното отворање на стечајните постапки. Но, и за овие новини, иако добро познати и применувани во стечајните практики на развиените земји, ќе треба да се спроведуваат континуирани обуки на сите засегнати страни, како што се должниците, доверителите, стечајните управници и други. Исто така, сметам дека и во нашата држава веќе постојат „успешни приказни“ на добро спроведени планови за реорганизација на некои големи должници, што, само по себе, покажува дека и кај нас расте свеста за потребата и користа од примена на овој модел на „спасување“ на стечајните должници, секако, доколку се процени дека таквиот модел е можен и пожелен во дадени услови.
МНОГУБРОЈНИ СЕ ПРЕДНОСТИТЕ ЗА СТУДИРАЊЕ НА ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ
Како декан на Правниот факултет при УКИМ, можете ли да ми кажете која е предноста за младите да студираат на најстариот правен факултет во државава? Откако сте декан на Правниот факултет, можете ли да ни кажете какви новини беа спроведени, кои се придобивките за студентите?
Коевски: Покрај тоа што сме најстар, најголем и најдобар правен факултет во државата, предностите за студирање кај нас се многубројни. Не случајно нашето мото е: „Јустинијан Први, секогаш ПРВИ!“
Свесни сме дека високото образование, генерално, се соочува со брзи и драматични промени како на национално, така и на глобално ниво. Во мојот мандат вложуваме многу напори високото правно образование да го направиме што поквалитетно, покомпетитивно, покомпарабилно, помобилно, а во моментов и во „од“ да се прилагодиме кон потребите за поунифицирано и постандардизирано одржување на настава и спроведување на испити во услови на пандемија. Точно е дека правото е инструмент на политиката, но нашиот пристап е дека истото треба да се фундира на трајни научни вредности, а не да се „крои“ на дневно-политичка основа. Свесни сме за фактот дека традиционалните правни усуги се менуваат и дека треба да се прилагодат кон потребите на новите клиенти, што неопходно бара нови, мултидисциплинарни вештини и компетенции. Оттука, наша предност е што под ист покрив и бренд ги организираме правните студии, полититичките студии и студиите по новинартство и по односи со јавност.
Она што сметам дека како новина го нудиме на Правниот факултет, во споредба со нашата конкуренција, се следниве факти што не прават особено горди: склучивме над 30 нови меморандуми за практиканство на наши студенти од сите студиски програми; преку веќе склучените еразмус договори за мобилност се повеќе студенти одат на европски универзитети, но и студенти од други универзитети доаѓаат кај нас; имаме 4 активни правни клиники за давање бесплатна правна помош на разни загрозени ранливи групи во општеството, преку кои на студентите им се дава можност уште во првиот циклус на студирање да работат на „живи“ случаи под менторство на професори и адвокати; во континуитет забележуваме одлични резултати на врвни меѓународни натпревари за студенти по право; обезбедуваме стипендии за дел од најдобрите студенти кои се доделуваат од наши алумни, сега успешни деловни луѓе; на факултетот активно функционираат разни форми на студентско организирање; вредноста на нашата диплома е веќе добро препознаена и призната од пазарот на труд не само во државата, туку и во регионот и пошироко, така што нелојалната конкуренција веќе ја победивме, но не се плашиме од никаква друга конкуренција; токму „потенцијалната конкуренција“ не тера постојано да сме свесни и отворени дека постојано треба да ги осовременуваме нашите студиски програми и други.
Образовниот систем секаде низ светот, па и кај нас, се соочува со силни предизвици, бидејќи наставата не може да се одвива класично како што досега бевме навикнати, туку главно онлајн. Како Правниот факултет од Скопје ја организираше наставата и како ќе ја организира јунската сесија?
Коевски: Сметам дека Правниот факултет „Јустинијан Први“, како и повеќето единици во состав на УКИМ согласно спецификите на своите наставно-научни области, мошне бргу се прилагоди на новонастанатата состојба и започна да ја спроведува наставата со примена на средства за електронска комуникација, првенствено преку видеоконференциски платформи какви што се ZOOM US, Microsoft Teams или Skype. Во оваа активност, што е сосема очекувано, предничеа помладите колеги, но во моментов најголем дел од наставниците се приспособија во користењето на овие алатки во спроведување на наставата, вежбите и другите форми на континуирана проверка на знаењето. Би рекол дека факултетите во оваа ситуација се адаптираа многу побргу пред формално-правно да се донесе соодветната Уредба со законска сила за примена на Законот за високото образование за време на вонредна состојба или другите општи акти на универзитетот и на единиците во неговиот состав. Како Факултет воспоставивме и систем на електронско најавување на студентите во службата за студентски прашања во случај на ургентна потреба на некој оригинален документ. Некој вид на „мој термин“ во пружањето на услугите и, за сега, овој пристап одлично функционира.
Во врска со начинот на реализацијата на јунскиот испитен рок, Факултетот со одлука на Наставно-научниот совет се прилагоди на Глобалниот календар на активности на УКИМ. Сесијата почна на 8 јуни: прва декада од 8 до 19 јуни, втората - 22 јуни до 3 јули, а третата 6-17 јули. Понудивме комбинирани опции за полагање на колегите студенти: on-line (виртуелно) усно или писмено и во живо, писмено или усно. Со оглед на моменталната состојба со пандемијата, усвоивме препорака од Наставно-научниот совет испитите со физичко присуство да се спроведуваат во третата декада, односно од 6 јули. По извршеното on-line пријавување на испитите, видно е дека колегите професори ја почитуваат препораката и имаме минимален број на пријавени кандидати за полагање во живо во првата декада, а најголем број пријавени за во живо се во третата декада. Би додал дека изминативе денови успешно се спроведе и полагање во живо, но со многу мали групи на студенти и со максимално почитување на сите протоколи за заштита. Секако, сите одлуки поврзани со полагањето на испитите ќе се ревидираат и усогласуваат во зависност од состојбата со пандемијата и во интерес на заштита на здравјето на сите вклучени во спроведување на испитните рокови (студенти, професори, администрација, лица одговорни за ред и хигиена и слично).
Како, според Ваше мислење, УКИМ и менаџерскиот тим на проф. д-р Никола Јанкуловски, се справува со овие предизвици, дали се пронајде добар модел студентите да не изгубат од квалитетот на наставата и од знаењата што треба да ги стекнат?
Коевски: Можам да кажам дека сите сегменти во образованието беа „затечени“ од појавата на пандемијата КОВИД-19. Во тие рамки и високото образование, вклучително и УКИМ. Но, би укажал дека при справувањето со состојбата секогаш треба да се има предвид и големината и сложеноста на организационата поставеност на секој универзитет. Органите и телата на УКИМ како најголем универзитет во државата, веднаш по донесувањето на Уредбата со законска сила за примена на Законот за високото образование за време на вонредна состојба пристапи кон усогласување на општите акти согласно Уредбата, оставајќи простор секоја единица да ги прилагоди своите интерни акти согласно спецификите на наставно-научната дејност што ја врши. Исто така, во рамки на органите при УКИМ континуирано се споделуваат искуствата на различни факултети кој како се справил со одредни предизвици, а со цел да се изнајдат најоптимални решенија кои се во интерес на здравјето на сите инволвирани во процесот од една, но и тие решенија да не влијаат врз квалитетот на наставата и стекнатите знаења што студентите треба да се стекнат, од друга страна. Во услови кога не знаеме како ќе се развива состојбата со пандемијата во наредниот семестар, лично сметам дека летните месеци ни оставаат доволно време да консултираме решенија од универзитети од поразвиени универзитети од регионот и пошироко и на тој начин од надлежните органи на УКИМ да се предложи и усвои, колку е можно, еден унифициран и стандардизиран пристап во одржување на наставата и во спроведување на испитите, што, секако, ќе ни помогне поподготвени да ги пречекаме неизвесните времиња што ни претстојат.
Нина Нинеска-Фиданоска* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.