ИНТЕРВЈУ ЛУКАРЕВСКА: Годинава по основ на поврат на ДДВ исплативме 593 милиони евра кон стопанството, солидарен данок треба да платат само уште четири фирми
Објавено во: Економија, Интервјуа 22 Декември, 2023
За периодот од јануари заклучно со ноември оваа година Управата за јавни приходи извршила поврат на ДДВ кон стопанството на сума од близу 593 милиони евра, или прецизно 36.455.848.313 денари. Овој податок во интервју за Фактор го открива директорката на УЈП, Сања Лукаревска. Таа нагласува дека со овие средства индиректно се обезбедени ликвидни средства за сигурно домашно производство, средства за набавка на суровини, и всушност за сите потреби што ги имаат компаниите. Во врска со солидарниот данок, пак, Лукаревска обелоденува дека останува по основ на овој данок уште четири компании да платат сума од околу 1,3 милиони евра или прецизно 79,2 милиони денари, но потенцира дека станува збор за главен долг, кон кој ќе биде наплатена и камата, која се пресметува за секој ден задоцнување до целосната исплата на долгот, како и трошоците на постапката, односно еднократна такса за присилна наплата. Со Лукаревска разговаравме и за наплатата на даночните приходи во текот на оваа година, модернизацијата на УЈП и дигитализацијата, контактите и фидбекот што секојдневно го добива од стопанството, а се интересиравме и за политички прашања...
Кога завршува една деловна година, најчесто се прават ретроспективи за тоа како таа поминала и дали била успешна. Можете ли да ни кажете како сте задоволни од наплатата на приходите, дали се реализираа плановите или можеби има подобри остварувања?
Лукаревска: Со оглед на тоа дека и оваа 2023 година беше специфична, што поради енергетската криза, што поради светските случувања и конфликтите, имам право да кажам дека сум задоволна од наплатата. Токму поради специфичните економски текови, речиси цела година на дневна основа, заедно со мојот тим ги следевме движењата, се преземаа мерки со цел навремено и соодветно да одговориме на потребите и да ги оствариме проекциите за наплата, да обезбедиме средства за потребите кои однапред биле планирани со Буџетот.
Со задоволство можам да кажам дека согласно последните податоци за месец ноември, остварен е вкупен приход од 10 милијарди денари, што е реализација од 111,76 отсто од планираниот вкупен приход за месец ноември. Овој износ е повисок за 11,76 отсто во однос на планираниот приход за ноември од 8.994.000.000 денари и за 42,55 отсто повисок во однос на остварениот приход во износ од 7.051.623.104 денaри за истиот период од 2022 година. По однос на видови на даноци, остварена е повиска наплата за 2,25 отсто од планираното кај данокот на личен доход, за 17,47 отсто повисока наплата од планот има и кај ДДВ, и за 2,07 отсто повисока наплата од планираната е остварена кај данокот на добивка.
Пред нас има уште еден краток период од оваа година, односно, треба да се реализира и наплатата за месец декември, која практично треба да биде круна на наплатата и вкупната приходна страна. Согласно со последните податоци, за месец декември, поточно за првите петнаесет дена од месец декември остварена е вкупна наплата од 3.947.677.608 денари. Овој износ спореден со истиот период во 2022 година, бележи пораст од 22,4 отсто, повисока наплата на данок на добивка за 8,54 отсто, данок на личен доход од 14,21 отсто, и повисока наплата на ДДВ за 47,84 отсто.
Како и изминатите години, и годинава очекуваме Планот кој ни беше поставен за 2023 година, да биде реализиран. Паралелно, продолжуваме низ работните процеси да ги детектираме недисциплинираните, да ги стимулираме дисциплинираните, општествено одговорните даночни обврзници, кои треба да се пример за останатите.
Од која давачка сте најзадоволни од наплатата, а од која сметате дека не ги исполнила очекувањата и зошто е тоа така?
Лукаревска: Како што кажав и претходно, имаме добри резултати и ако тие податоци ги споредиме со наплатата јануари – ноември од 2022 година, по видови даноци, остварен е повисок износ на наплата кај данокот на добивка за 7,20 отсто, остварен е повисок износ на наплата на данокот на личен доход за 14,74 отсто, и за 5,27 отсто повисок износ на наплата на данокот на додадена вредност.
Во текот на 2023 година, кон компаниите кои имаат побарувања за поврат на ДДВ, а притоа имаат и соодветна, чиста документација, во рамки на законските рокови се вршеше поврат на Данокот на додадена вредност. По тој основ, за периодот јануари-ноември, извршен е поврат на ДДВ во износ од 36.455.848.313 денари кон стопанството, со што индиректно, обезбедивме ликвидни средства за сигурно домашно производство, средства за набавка на суровини, и сè од што имаат потреба компаниите.
Последната информација за солидарниот данок е дека за осум компании подготвивте решенија за блокирање на сметките и присилна наплата. До каде е таа постапка и колку средства досега се наплатени од солидарниот данок, а колку треба допрва да се наплатат преку овие постапки?
Лукаревска: Согласно со податоците, 156 компании поднеле Даночен Биланс за данок на солидарност (ДБ-ДС) со обврска за плаќање во износ од 3,2 милијарди денари. Досега 152 компании го платиле данокот за солидарност во износ од две милијарди и 936 милиони денари. По истекот на рокот за плаќање, Управата за јавни приходи, започна постапка за присилна наплатакај осум даночни обврзници, по основ на неплатен долг за данок на солидарност, и впаричувањето во присилната наплата е започнато кај сите должници. Останува уште четири компании да платат 79,2 милиони денари, главен долг, кон кој ќе биде наплатена и камата, која се пресметува за секој ден задоцнување до целосната исплата на долгот, како и трошоците на постапката- еднократна такса за присилна наплата.
Дали некои компании се или ќе бидат казнети затоа што или не го платиле солидарниот данок, или платиле неточна сума?
Лукаревска: Компаниите уште на почетокот беа информирани и знаеја дека оваа еднократна давачка, односно данокот за солидарност, треба да го платат до крајот на оваа година, тоа практично значи дека до 31.12.2023 година, сите кои досега не ја платија оваа давачка, ќе мора заклучно со оваа година да платат. Мора да кажам дека најголем дел од компаниите беа дисциплинирани и навреме си ја исполнија обврската. Во цел изминат период им стоевме на располагање на компаниите за да им помогнеме, низ транспарентен процес да го реализираме и овој дел од работните активности. Партнерски со даночните обврзници, како и многу пати досега, покажавме дека сме на ниво на задачата, посебно затоа што тие средства преку пакет антикризни мерки, ќе се дистрибуираат повторно кон граѓаните, за најранливите категории граѓани, младите, пензионерите, како и компаниите, а во насока на надминување на продолжените ефекти од кризата.
Во моментов, Со Светска банка Управата за јавни приходи почна проект за модернизација на оваа многу значајна институција за државава. Можете ли да ми кажете што тоа точно ќе значи, какви подобрувања ќе бидат направени?
Лукаревска: Во моментов, со засилен интензитет, во соработка и поддршка и од домашните, но и од меѓународните институции, сите ресурси и активности ни се насочени кон дигитализација на деловните процеси. Во таа насока беа направени измени и дополнувања во Законот за УЈП, а по препорака на ММФ, претходните месеци воспоставивме управувачка структура, Комитет за реформи и Комитет за усогласеност, а формиравме работно тело за спроведување на Интегрираниот Даночен Информатички Систем.
Интензивно работиме и на проектот е-фактура, кој ќе овозможи да се контролира влезниот и излезниот промет на даночните обврзници, реално искажување на влезниот и излезниот ДДВ, што би значело и елиминирање на фиктивни фактури и поголем надзор на работењето на компаниите, а заради автоматизираниот процес на обработка на документите, значително ќе се намали човечкиот фактор, а со тоа и субјективноста во процесот на селекција на даночни обврзници за контрола. Исто така, следејќи ги најновите трендови во соработка со УНДП, сè направија низа обуки преку кои се зајакна капацитетот и вештините, пред сè на инспекторатот, во областите поврзани со трансферните цени, и автоматската размена на податоци кои се важен сегмент за пристапување кон ЕУ, и се од големо значење за нас. Преку оваа соработка се овозможи воведување на нови методи на контрола, со што инспекторите при Управата за јавни приходи, им се создадоа услови за споредбени анализи на пријавените и оданочените приходи на даночните обврзници, како и идентификување и вршење на контроли кај даночни обврзници кои не го пријавиле или нецелосно го пријавиле приходот од работењето. Со US Treasury, работиме на подобрување на капацитетите на даночната контрола, антикорупцијата и едукацијата.
Или да сумирам, модернизацијата и дигитализацијата треба да се спроведе на сите функции на даночната администрација. Започнувајќи со електронска регистрација на даночните обврзници, овозможување на брз и ефикасен електронски начин на поднесување на даночни пријави, користење на софтвер за брзо процесирање на даночните пријави, воспоставување на софтвер за анализа за ризик за селекција на даночни обврзници за контрола и за одобрување на поврат на ДДВ, како и ефикасен систем за наплата на даночните долгови. Паралелно, со овој процес, како институција континуирано вложуваме во развој и обука на човечкиот капитал, кој е најважна алка во сите работни процеси. При процесот на осовременување на Македонската даночна администрација, посветено соработуваме и ги унапредуваме соработките со даночните администрации од регионот. Во таа насока во изминатиот период, потпишавме низа Меморандуми за меѓусебна соработка со речиси сите даночни администрации, се со цел заеднички да ги осовременуваме и следиме случувањата, економските текови и реалната, регионална економија, како и преку соработки да превенираме евентуални неправилности.
Често одите во посета на компании, можете ли да ни кажете што најмногу тие потенцираат како проблем и какви се нивните барања?
Лукаревска:Како прв човек на даночната управа, сакам да бидам блиску до оние со кои партнерски низ годините ги постигнуваме резултатите, пред се во делот на приходната страна и заедно со даночните обврзници, обезбедуваме нормални текови на општеството. Задоволство ми е кога одам на посети, пред се затоа што низ тие средби среќавам разни профили на менаџери, различни лични бизнис предизвици, успешни приказни кои заслужуваат да бидат истакнати. Низ тие разговори не само што добивам идеи како да бидеме уште поуспешни, туку и јас како менаџер учам. Реакциите при посетите на компаниите, на занаетчиите, се различни, но, ме радува фактот што сите кај кои сме отишле во посета, се задоволни од комуникацијата и односот кој го имаат со даночните работници, што мене како директор искрено ми значи. На средбите со даночните обврзници, ги оставам тие да зборуваат, сакам да ги слушам што ги мачи, да спроведуваме дејства во рамки на Законите, со цел истите да се надминат, без разлика дали станува збор за нашата институција или други сродни институции. Сметам дека само со меѓуинституционална поддршка, разговори и отворено изнесување на предизвиците, заедничко делување, може да имаме сите корист. Во однос на барањата, компаниите бараат јасни правила, и најчесто укажуваат или бараат став за одредени дилеми кои ги имаат, многу често укажуваат на некои појави за кои секако преземаме соодветни мерки. Со оглед дека времето е пари, дел од големите па и помали даночни обврзници, бараат дигитализирани услуги, помалку хартија, за што веќе со реформските процеси за кои претходно зборував во голем дел ќе се овозможат. Ме радува фактот што низ тие средби, гледам појава на многу бизниси раководени од жени во различни дејности, млади, храбри луѓе, кои успешно водат бизниси од нашата Македонија низ цел свет, и тоа е за респект. Има многу млади кои ги наследуваат занаетите на нивните родители, но, има и такви кои прават импозантни, нови производи или услуги, и тоа е доказ дека нема пречки ако имаш талент, јасна визија и знаење. Искрено, младите ми се како ветер во грб и на посетите со уживање ги слушам нивните приказни. Од друга страна пак, бизнис патот на искусните менаџери е за респект, пред се заради нивното богато искуство со кое придонесуваат во моделирање на економската иднина, креираат стабилна основа за развој на нови инвестиции, и иновативни производи. И во иднина, овој отворен дијалог ќе продолжи и заедно со даночните обврзници, ќе продолжиме да го подобруваме квалитетот на услугите, и ќе градиме стабилна, економска средина од кои бенефит ќе имаме сите.
Ако дозволите, и едно политичко прашање. Вие сте заменик претседател на СДСМ, и во едно свое телевизиско гостување изјавивте дека очекувате Вашата партија да ја формира идната Влада. Можете ли да ни кажете на што го темелите тој оптимизам и воопшто какви се Вашите очекувања?
Лукаревска: Секој човек тежнее да има предвидлив, стабилен, и колку што е можно во денешново време, спокоен живот. Ништо од ова не добиваме со сегашната опозиција. Напротив. Единствено што е предвидливо кај нив е дека не знаете што ќе ви донесе утрото со нив. Конечно, тоа се истите луѓе кои владееја 11 години. Истите се. Истите кои едвај ги тргнавме од државните функции за кои беа „закачени“ како метастази. Ниту се покајаа, ниту се променија. Истите се. Со кој образ ќе бараат нова шанса?! Тенката жица на национализмот која со леснотија ни ја продаваат и по која нè тераат да одиме, не е пат. Тоа е опасна манипулација. И велат - ние сме подобрата опција. Тие никогаш не биле добрата опција за Македонија. ВМРО ДПМНЕ никогаш не е добра вест, а не пак опција. Исти се како оние светски лидери од Истокот што плукаат по Западот, а децата им живеат во ЕУ, САД, Велика Британија, Канада. Имаме и ние такви примери кои на нас ни порачуваат – супер е во БРИКС, а на нивните „да останат да се мачат “ на Запад. Па зарем на Запад „не се мачи“ и нивниот довчерашен лидер?! Доволно е секој да помисли до каде ќе бевме стигнати како држава да не беа нивните години на бескрупулозно владеење, а за нас години на опасно живеење. И секој оној кој ги преживеал уверена сум дека никогаш повеќе нема да им падне на истите фолови.
СДСМ не е партија чиј поглед е вперен единствено кон следните избори. Ние сме државотворна партија која гледа подалеку во иднината. Тоа е таа голема разлика меѓу политикантите и државниците. Свесни сме дека тој поглед некогаш ќе значи и послаб рејтинг на анкетите. Но, ние навистина не се водиме според анкетите туку според реалните потреби на државата. И токму затоа, вистински се бројките кои покажуваат дека државата напредува и покрај наследството од претходната власт, но и светската пандемија, енергетската и економската криза, инфлацијата и растот на цените во светот како последици на војната во Украина. Во сите овие искушенија, и за нашата држава, добро е што ДПМНЕ беше опозиција. За доброто на државата, добро е така и да остане.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.