ИНТЕРВЈУ МАНТОВАНЕЛИ: Рецесијата е очекувана, мерките треба да бидат брзи, јасни и небирократски
Објавено во: Економија, Интервјуа 10 Април, 2020
Светска банка ќе одобри 140 милиони евра за Северна Македонија, а земјата е близу и до добивање на итен заем од 176 милиони евра од Меѓународниот Монетарен Фонд. Марко Мантованели, директор на Канцеларијата на Светска банка во Македонија во интервју за Фактор вели дека според неговите очекувања, финасиските институции и инвеститорите при носењето на своите одлуки за одобрување заеми за Македонија, сигурно ќе имаат предвид неколку позитивни факти, а тие се дека Северна Македонија пред кризата имаше стабилен раст на економијата, неодамна стана членка на НАТО, а ЕУ ја потврди одлуката за почеток на пристапните преговори. Мантованели за Фактор открива дека според сценаријата на Светска банка, економијата на нашата држава која сигурно ќе влезе во рецесија, би паднала меѓу 0,9 и 2,2 проценти, што е значително намалување во однос на прогнозата за раст на економијата од 4,1 отсто, објавена во јануари годинава. За досега донесените владини економски мерки, првиот човек на Канцеларијата на Светска банка во Скопје смета дека треба да бидат брзи, небирократски, транспарентни и со јасни правила, да се скратат сите непотребни трошоци, а мора да се остави и простор за финансирање на економијата кога ќе почне закрепнувањето. Мантованели, кој е Италијанец, искрено говори за тешката состојба низ која поминува неговата држава и блиски, и очекува дека италијанското искуство ќе ги убеди и најголемите скептици дека треба да се придржуваме кон мерките за заштита...
За надминување на последиците од економската криза во земјава, Владата најави дека ќе се задолжи кај странски комерцијални банки, но дел од
парите ќе се обиде да ги добие и од ММФ, а од Светска банка очекува да повлече
околу 140 милиони евра. Кога има шанси Светска банка, која е во целиот изминат
период еден од нашите најголеми пријатели и поддржувачи, да ни ги одобри овие
средства?
Мантованели: Светска банка мобилизира неколку инструменти, финансиски и техничка помош, за да ѝ помогне на Северна Македонија да се справи и ублажи влијанието од пандемијата. Од аспект на финансиска помош, ѝ помагаме на Северна Македонија преку итен брз проект создаден за поддршка на земјите да одговорат на КОВИД-19 пандемијата. Овие средства, кои треба да бидат достапни на крајот од месецот, ќе се користат за итните приоритети во здравствениот сектор и за заштита на семејните приходи, особено за најранливите. Во партнерство со Министерството за финансии, исто така го анализираме севкупното портфолио на одобрени проекти во земјата, за да идентификуваме средства кои сѐ уште не се алоцирани, а кои може да бидат пренаменети за справување со кризата и економското закрепнување по кризата. Како дел од тоа, разгледуваме и можност за активирање на специјален дел за итни случаи, кој е вграден во еден неодамна одобрен проект (Проект за локални патишта) за мобилизација на средства кои ќе бидат брзо исплатени, а со цел поддршка на малите и средни претпријатија негативно погодени од неопходните мерки за јавно здравје со ограничување на комерцијалните активности и по намалената домашна и надворешна побарувачка. Севкупно, се очекува дека овие програми ќе мобилизираат околу 140 милиони евра.
ПОЗИТИВНО ЗА ИНВЕСТИТОРИТЕ Е ЧЛЕНСТВОТО ВО НАТО И ОДЛУКАТА ЗА ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ
Владата очекува дека ќе добие таканаречен заем пред еврообврзница од некои комерцијални банки во светот, од околу 400 милиони евра. Дали очекувате дека би успеале да ги добиеме како држава тие пари?
Мантованели: Пред избувнувањето на глобалната пандемија, земјата имаше стабилна макроекономска состојба со голем раст на економијата, која порасна за 3,6 отсто во 2019 година, како и умерена задолженост. Дополнително, земјата стана членка на НАТО и конечно членките на Европската унија ја потврдија одлуката за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ. Ова се сите фактори кои финансиските институции и инвеститори ќе ги земат во предвид како позитивни случувања за да се спротивстави на генерализираната аверзија кон ризик на инвеститорите која се појави како последица на глобалната пандемија.
Сега секаде во светот се потребни пари, па и на пазарите нема многу слободни средства. Дали би успеале да добиеме и поголема сума на заем доколку и се итно потребни на државава?
Мантованели: Земјата е близу до добивање на итен заем од 176 милиони евра од Меѓународниот Монетарен Фонд (ММФ) во рамки на Инструментот за итно финансирање, и ЕУ нуди финансиска помош во рамките на Макрофискалната проценка (МФА) за сите земји од Западен Балкан, вклучително и за Северна Македонија. Другите меѓународни финансиски институции, како ЕИБ, ЕБРД и Светска банка активно наоѓаат најдобар начин за поддршка на економијата. Конечно, земјата влезе во криза со значителен износ на резерви, како резултат на заемите во 2018 и 2019 година. И додека е важно за Северна Македонија – како и останатите земји во регионот- да ги мобилизира финансиските можности за справување со непосредното и итно влијание од кризата, важно е исто така да одржи доволно фискален простор и простор за зголемување на долгот, за поддршка на она што може да биде долг период на закрепнување на економската состојба по справување со здравствената криза.
Владата одобри два пакети економски мерки со кои би им помогнала на најзагрозените компании да ја надминат кризата. Дали сметате дека овие мерки се доволни и дека со нив вистински ќе му се помогне на стопанството?
Мантованели: Како сите земји во светот, Северна Македонија се обидува да ги намали последиците од КОВИД-19. Тоа не се лесни решенија за секоја земја, без разлика на степенот на развој. Симетричниот шок и од страната на понудата и на побарувачката бара поддршка како на фирмите така и на луѓето за надминување на кризата. Непосредната поддршка треба да се оствари преку поголема потрошувачка на Владата со мерки за фискална политика за обезбедување поддршка на луѓето и компаниите кои се најмногу погодени, вклучително и преку овозможување на контрациклична реакција на политиките преку мерките за социјална заштита и поддршка за невработените. Сепак, ниското ниво на буџетски приходи како и капацитетот за наплатата, како и зголемените побарувања за позајмување за отплата на достасаните долгови, претставуваат значајни ограничувања. Во тој поглед, просторот за маневрирање што го има Владата не е без граници и затоа јавната поддршка треба да биде добро таргетирана и да постигне максимална можна ефикасност.
Мерките кои Владата ги донесе за приватниот сектор се насочени кон поддршка на фирмите за непосредните предизвици поврзани со ликвидноста, спречување отпуштања и избегнување на затворање и банкрот на фирми (особено во случаи кога постои ризик попродуктивни фирми да бидат затворени). Искуството од претходните кризи укажува на тоа дека овој вид поддршка треба да биде брза (не премногу бирократска), транспарентна (јасни правила и добро насочена) и временски ограничена. Сите мерки спроведени во текот на почетната фаза треба да имаат јасен временски распоред, бидејќи целта е ублажување на влијанието од кризата, наместо субвенционирање на фирми кои би биле неодржливи, дури и во отсуство на криза (на пр. фирми кои имале долгови по основ на данок и заостанати плати, неможност за плаќање на долг). Ова е важно исто така, во поглед на достапните јавни финансии, во отсуство на таргетирање на вистинските фирми, обемот на јавни интервенции - особено на среден рок и во фазата по закрепнувањето - може да бидат недоволни за оние фирми на кои им е најпотребно. Јавната поддршка, особено во форма на грантови или субвенции за плати, треба да биде условена со задржување на работниците. Социјалната заштита и осигурувањето за невработените треба паралелно да се зајакнат за да се справи со потенцијално поголем број корисници.
ДА СЕ СКРАТИ СЕКОЈА НЕПОТРЕБНА РАСХОДНА СТАВКА
Дали сметате дека ќе бидат неопходни и нови мерки?
Мантованели: Сигурно ќе има неколку фази на поддршка, во зависност од тоа како кризата во земјата ќе се развива како во Северна Македонија, така и на меѓународно ниво. Ова е криза без преседан која предизвика глобална рецесија и ќе биде потребно време за да се врати нормалното функционирање на пазарот. Сепак, важно е властите внимателно да го следат резултатот од веќе најавениот пакет мерки и да направат соодветни измени за време на нивното спроведување. Никој не може да ја предвиди оваа криза, затоа внимателното следење, проследено со флексибилно адаптирање, мора да биде важна карактеристика на каков било одговор на Владата. Како што беше случај во минатото, Светската банка е подготвена да ја поддржи земјата во анализирањето на состојбата и да помогне во носење на соодветни решенија.
Како гледате на мерката што се намалија до ниво од минималец само платите на функционерите, но не и на сите вработени во јавниот сектор, дали оваа мерка ќе ги донесе потребните заштеди?
Мантованели: Во справувањето со последиците, многу е важно Владата да размисли за секоја можна расходна ставка што може да се намали или да биде пренаменета за финансирање на неопходните потреби. Во таа смисла, оваа Уредба, како и Уредбата за кратење на сите несуштински трошоци за стоки и услуги што ги донесе Владата се добредојдени. Според нашите пресметки, оваа мерка за намалување на платите на владините функционери ќе генерира заштеда од околу 4 милиони евра, што може делумно да помогне во пренасочување ресурси за други програми. За во иднина, потребен е внимателен ребаланс на буџетот и справување со неефикасностите во јавната администрација во случај кризата да продолжи после мај-јуни.
ЕКОНОМИЈАТА НА ЗЕМЈАВА БИ СЕ НАМАЛИЛА ОД 0,9 ДО 2,2 ОТСТО
Светот е пред голема економска криза поради коронавирусот. Какви се прогнозите на Светска банка, колку ќе падне светската економија, колку работни места ќе бидат затворени и колку пари ќе бидат потребни за да закрепне економијата?
Мантованели: КОВИД-19 пандемијата претставува симетричен шок, и од страна на понудата и побарувачката што се одвиваат со невидено темпо и чие траење ќе ја одреди големината на глобалната рецесија. Како развиените економии, така и економиите во транзиција се тешко погодени од избувнувањето на вирусот што резултираше во глобална економска рецесија во март. За Северна Македонија, како и за останатите земји работиме со основно сценарио кое (можеби оптимистички) претпоставува крај на здравствената криза и мерките за заштита до крајот на мај и постепено закрепнување, како и надолно сценарио кое претпоставува постепено закрепнување после месец август (повеќе информации - пролетен Економски извештај за регионот на Европа и Централна Азија 2020
https://www.worldbank.org/mk/news/press-release/2020/04/08/europe-and-central-asia---north-macedonia-health-systems-safety-nets-and-support-to-businesses-all-critical-to-protecting-lives-and-livelihoods. ) Соодветно на тоа, рецесијата за земјата е предвидена помеѓу 0,9 и 2,2 проценти во 2020 година, што претставува значително намалување од прогнозата објавена во Глобалните економски перспективи 2020 во јануари, која предвидуваше 4,1 проценти раст. Овие сценарија се ажурираат постојано врз основа на нови расположливи податоци и претпоставки, така што ќе најдете голем број на проекции од националните и меѓународните институции. Она што е сигурно е дека треба да се подготвиме за сериозна рецесија.
За Северна Македонија рецесијата доаѓа како резултати на блиските економски врски на земјата со ЕУ, особено со Германија и Италија, кои се главно преку трговијата, дознаки од странство и инвестиции, но и преку влијанието на здравствената криза и мерките кои ги спроведува Владата, кои влијаат на потрошувачката (како главен двигател на растот) што значително ќе забави, додека инвестициите и извозот ќе се намалат. За жал, придобивките од намалување на стапките на сиромаштија во последните години веројатно ќе бидат изгубени, бидејќи фирмите се соочуваат со губење на персоналот во најпогодените сектори (туризам и производство што најмногу придонесоа за намалување на сиромаштијата во минатото). Ублажувањето на ефектите од забавувањето ќе бара значителна поддршка за економијата, особено потрошувачката на Владата која би се зголемила во обид да се поддржи економијата и справување со неповолните влијанија од кризата. Сепак, ова зголемено трошење на Владата ќе резултира со зголемување на дефицитот и долгот, што треба да се финансира од дополнителни извори на финансирање, како што е наведено погоре.
На среден рок, се очекува закрепнување на растот, поддржано од закрепнувањето на побарувачката по кризата. Започнувањето на преговорите за пристап во ЕУ, објавено неодамна, треба да ги зајакне реформите и довербата на инвеститорите, така што откако ќе заврши кризата, растот ќе забрза.
Господине Мантованели, како од овде гледате на состојбата во Италија, Ве погодува ли она што се случува таму. Контактирате ли со блиските, пријателите, како тие се справуваат со состојбата? Кога очекувате дека Италија ќе ја надмине конечно оваа здарвствена криза?
Мантованели: Состојбата во мојата земја е драматична, иако има некои знаци дека најлошото од епидемијата е поминато. Јас сум во постојан контакт со пријателите и семејството, и додека, за среќа, моето семејство е во добра здравствена состојба, за жал познавам многу пријатели и познаници кои се заболени, починати или загубиле член од семејството. И никој – дури и ако не директно погоден од вирусот – не е имун на влијанието од кризата. Мојот брат, кој е театарски продуцент, моментално користи помош за невработени бидејќи забавната индустрија е длабоко погодена од мерките за заштита. Како Италијанец, искрено се надевам дека ова драматично искуство и жртвување на мојата земја може да помогне на другите земји да се справат и ублажат влијанието од пандемијата за нивните граѓани. Ги поздравувам превентивните и итни мерки кои Министерството за здравство на Северна Македонија ги презема, вклучително и физикото дистанцирање. Искрено се надевам дека вестите од Италија ќе ги убедат скептиците во Северна Македонија дека се работи за колективна, но исто така и за лична одговорност да се придржуваме кон истите.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.