ИНТЕРВЈУ МИЦКОСКИ: Калкулации со позајмувањето не однесоа во бездна, ни претстои тежок период
Објавено во: Македонија, Интервјуа 02 Април, 2020
Секој работодавач да добие по 50 отсто од бруто трошоците по вработен, а дел од парите од приватните пензиски друштва, државата да ги пренасочи во првиот задолжителен државен столб. Ова се дел од мерките кои како решение на економската криза предизвикана од пандемијата на Ковид-19 ја предлага опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Лидерот Христијан Мицкоски во интервју за Фактор вели дека последиците од оваа ситуација ќе бидат исклучително тешки за македонската економија. Сепак, вели дека сета одговорност е кај креаторите на политиките, кај власта. Тврди дека повеќето од нивните потези биле чисто политикантство, а намерите нечесни. Македонија е пред еден од најголемите предизвици во историјата, па го прашав прво какви се неговите прогнози во овој момент.
Мицкоски: Пандемијата не е наивна од медицински и здравствен аспект. Ваква информација имам од докторите кои ме информираат и луѓето кои ги користам за совет. Но, истовремено ефектот на оваа пандемија во некои други области ќе биде исто така катаклизмичен. Тука пред се мислам на паниката којашто се создаде во светот, но и за економската криза што ќе следува, на санитетската криза, кризата во образовните системи во светот. Ќе има многу негативни последици во многу области, но после сето ова ќе има и сериозни поместувања во светот на политиките. Мислам дека ние како држава, ако успееме да ја препознаеме таа шанса, би било добро, но јас лично не гледам капацитет во оваа политичка гарнитура. Гледам исплашени, испаничени политиканти кои се обидуваат да профитираат од сето ова. Но, профитот некако не им поаѓа од раце па, сега се повеќе се обидуваат да ја поделат одговорноста со опозицијата или со народот. Затоа ќе испадне дека опозицијата ќе биде виновна дека создавала паника, народот ќе биде виновен бидејќи не ги почитува препораките кои што ги кажува владата. Сите ќе бидат виновни освен Зоран Заев, Оливер Спасовски и останатите. А тоа е всушност типичен прототип на таков вид политиканти кои што за жал денеска ни се во владата. Но, да сумирам, очекувам сериозни светски поместувања во политиката и очекувам поинакви текови во блиската па, и во подалечната иднина во светот.
Ќе зборуваме за пензискиот систем, но од овој аспект сметате ли дека ФЗОМ е загрозен?
Мицкоски: Ваков каков што е, нема да може да издржи. Затоа што едноставно, трошоците се зголемени повеќепати, а од друга страна нема ребаланс, не гледаме дека некој се грижи да го засили буџетот на здравствениот фонд. Единствено нешто што може да се случи е да се обидеме да добиеме некаква донација од странство. Практично, засилувањето на капацитетите на здравствениот систем во државата се темели на милост. Дали некој ќе ни донира. Не на некоја стратегија која што требаше веќе да ја имаме.
Првичната реакција на владините мерки вчера ви беше дека се шминка, не се системски и нема да го решат проблемот. Ако сме свесни за македонската економија, за нејзината кондиција, за здивот, каков одговор може да се понуди?
Мицкоски: Кога се случи пандемијата во Кина, ние овде бевме во предизборна треска. Посебно тоа беше силно изразено кај политиканите во Владата, кај Зоран Заев кога беше премиер, а потоа и кај техничкиот премиер Оливер Спасовски. И никој во тој момент не сакаше да ја согледа реалноста односно не сакаше да анализира што може да се случи ако оваа пандемија се прошири.
Да, ама во тоа време тоа не го правеа и во поразвиените земји?
Мицкоски: Тие го правеа и уште тогаш предупредуваа за можните последици, но не беа доволно гласни можеби. Но ние како држава воопшто, во тој момент не ни анализиравме што може да се случи. Ни гласно, ни тивко. Им беше приоритет како да донесат што повеќе популистички закони во Собрание затоа што доаѓаат избори.
Ниту вие не сугериравте дека треба тоа да се прави...
Мицкоски: Во февруари кажав дека ќе дојде криза со набавките од Кина, која што ја користат посебно инвеститорите во Технолошко индустриските развојни зони, и ќе имаме пад во економијата. Но еве во ред, ВМРО-ДПМНЕ како опозицициска партија предупредуваше, можеби не била доволно гласна сепак. Но мене ме чудат оние скапо платени советници во Владата. Никој тоа не го виде и никој не им даде анализа на маса и на Заев, на Оливер Спасовски, Шеќеринска не им рече дека работата е сериозна. Не им кажа да ги баталат тие три или четири илјади закони во Собрание, да им рече да го баталат трошењето пари, туку да го реорганизираат општеството.
Навикнати се граѓаните да нема приоритети во одлучувањето во Македонија. Партиски калкулации на сметка на граѓанските интереси имаше и пред оваа Влада.
Мицкоски: Затоа сме таму каде што сме. Но повторувам - ние предупредувавме. На состанок кај Спасовски тврдеа дека министерот Венко Филипче одлично се справува со кризата. Од тој состанок кој беше на 12 март до 21 март впрочем видоа дека ѓаволот ја однел шегата, па од ситуација дека блескаме и дека буџетот е ликвиден се најдовме во ситуација кога, како што тврдеа, не само што буџетот не е ликвиден, туку прашањето е како понатаму, егзистенцијално ќе издржиме.
И тогаш велевме, дека е потребен еден сет од мерки, дека ни треба робусна акција и дека има потреба веднаш да побараме пари на меѓународен пазар, затоа што парите ќе станат скапи. Сега се плашам дека нема да најдат доволно. Инаку завчера Министерството за финансии организираше аукција на државни хартии од вредност на која Министерството не успеа да ја запише бараната сума. Немаше интерес кај банките затоа што сега и банките имаат ризик. Друг е ризикот сега 20 дена потоа, друг е ризикот пред 20 дена кога во светот имаше 3-4.000 починати луѓе и стотина илјади болни и друго е денеска кога се ближиме кон милион болни околу 30 илјади починати и кога гледаме дека светската економија застана. Но не слушаа, ја имаа таа нивна политикантска надменост. Тоа навистина за мене е неразбирливо.
Но сега е потребна поголема конструктивност и од вас. Што предлагате конкретно?
Мицкоски: Само уште 2-3 збора за мерките на Владата. Суштинската мерка им е доделена субвенција до 14.500 денари по работник за работодавачите, сразмерно со бројот на работни ефективни часови за месеците април и мај. Сега еве јас ќе ве прашам вас вие сте искусен новинар во оваа област. Имате вонредна состојба која ќе заврши претпоставувам некаде 15-20 април и најверојатно ќе се продолжи уште најмалку еден месец или два, но еве да претпоставиме дека ќе продолжи уште еден месец. Тоа значи дека вие во април, поради мерките на владата и вонредната состојба нема да сте во можност да имате број на ефективни работни часови и впрочем ќе добиете нула субвенција. Тоа е првиот трик.
Вториот трик е што на 26 декември, Зоран Заев во парламентот вели - економијата блеска, се поклонувам на резултатите, така парафразирано. На просечен работодавач кој што остварил профит оваа година од неколку илјади евра по таа изјава на премиерот прво што му доаѓа на памет е добивката или дел од таа добивка да ја распредели. Но во март, истиот тој или власта вели дека ситуацијата не е таква, дека всушност ние сме биле во тешка состојба. Тоа што сте поделиле дивиденда, што сте биле успешни, што сте го полнеле буџетот сега не важи, власта вели дека тие фирми не можат да ги користат овие субвенции. Тогаш е навистина лицемерно, не е честито и чесно спрема тие луѓе, затоа што тие врз основа на изјавите правеле политика и планови за иднината. Имале поинаква информација, таа била информацијата од највисоките и најодговорните луѓе во државата и врз основа на тоа граделе менаџмент во сопствената компанија. Сега уште им велите дека не смеат да испуштат вработени до септември, почнувајќи од март, а впрочем за март не ни важи мерката. Како во март да беше идеално во светов, како ние да немавме во март 20 дена вонредна состојба.
Што треба да се стори, кои се вашите предлози и зошто сметате дека тие ќе помогнат?
Мицкоски: Ние имаме сет на мерки и велам потребна е одлучна робусна акција да најдеме начин како до јуни да го премостиме ова, да ги задржиме бизнисите и вработените до јуни. Предлагаме мерка која ќе важи за месец март, за април и за мај, односно работодавачот да добие субвенција во април за март, во мај за април и во јуни за мај. Нашиот предлог е секој работодавач да добие 50 проценти од бруто трошоците кој што тој ги има по вработен. Значи да се субвенционира половина од вкупниот бруто трошок односно од нето платата плус придонесите и персоналниот данок. Ако ги добие секој работодавач овие олеснувања ќе си рече дека државата му е негов партнер, ќе сака да најде начин да го задржи бизнисот и потоа ако го задржи бизнисот до крај на јуни според некои наши калкулации, нема да има потреба да отпушта работници ниту во јули, ниту во август, ниту во септември. Нема потреба мерката да е репресивна однсоно да ги условуваме да ги задржат за да создаваме артифицијален притисок врз работодавачите. Со нашиот предлог, самите тие ќе бидат мотивирани да работат, да остваруваат, да приходуваат и да уплаќаат придонеси.
Дали ова ќе важи за сите фирми?
Мицкоски: Ќе поднесеме во текот на денешниот ден една уредба со сила на закон до Владата каде се содржани сите детали за предложената мерка.
Втората мерка што ја предлагаме е веднаш средствата кои што се уплаќаат во Фондот за вториот задолжителен приватен пензиски столб, државата да ги пренасочи во првиот задолжителен државен столб. Зошто? Тоа го прават држави во криза, тоа го прават Балтичките земји Летонија, Литванија, Естонија, тоа го направија две централни европски земји како што се Полска и Унгарија. Во Словенија на пример вие немате втор задолжителен приватен столб денеска, имате државен задолжителен и потоа се приватни доброволни фондови во кој уплаќа кој колку сака. Оваа година вториот столб е предвидено да акумулира околу 10 милијарди денари. Во првите два месеца односно во јануари и февруари се исплатени 1, 46 милијарди, што значи дека еве доволно се зголемило нивното портфолио. Остатокот од 8 ипол милијарди пренесете го во Буџетот, привремено, нема да им се земаат парите за трајно. Кога ќе дојдат подобри времиња ќе им се вратат назад. Но, сега нека влезат во првиот задолжителен пензиски фонд.
Ви замеруваат дека тоа е извесна национализација на овие срдства, а парите се на осигурениците.
Мицкоски: Осигурениците нема да изгубат ниту дени. Моментно државата носи мерка каде што наместо парите да ги става во две купчиња, ќе ги става во едно.
Таа пензиска реформа беше носена на времето, во соработка со Светска банка и кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт.
Мицкоски: На ваков начин ќе обезбедиме ликвидност, ние сега треба да преживееме. Прашањето е ако продолжиме вака дали ќе дочекаме пензија и дали воопшто ќе имаме можност да ги користиме тие средства.
Трета работа која исто така е во функција на ликвидност во буџетот. Да се свикаат сите банки во државата, да им се каже дека на државата и требаат пари. Гуверенрката еднаш ја намали основната каматна стапка, може тоа да го направи и дополнително со што благајничките записи на Народната банка ќе ја намалат атрактивноста. На сметка на тоа државата ќе објави едногодишни хартии од вредност со поголема каматна стапка од благајничките записи. Дел од овие 25 милијарди што се во записи ќе ги запише државата на свое конто и на тој начин ќе обезбеди барем половина милијарда евра, кои што во овој момент се важни. После ќе биде полесно за економијата.
И уште нешто, сметаме дека потребна е веднаш безусловна реализација на капиталните инвестиции, да се обезбеди работа. Тоа е оној план кога вие имате услови на криза и морате да ја зголемите потрошувачката да обезбедите повеќе пари онаму каде што е трудово интензивна дејноста. Морате капиталните инвестиции да ги интензивирате за да се создаде еден вид на спирала на потрошувачка. Тоа е она кое што ние го бараме.
Реализација на капитални инвестиции да, тоа е клучно, носи иден раст. Нели треба закрвавеното стопанство да го решаваме со мерки кои ќе имаат ефект веднаш?
Мицкоски: Еве пример ќе ви дадам во градежниот сектор вие треба да реализирате повеќе од 100 милиони евра, за тоа сте инвестирале во машини, сте инвестирале во луѓе, сте инвестирале во знаење. Ако вие не добиете работа, машините се амортизираат и тоа е трошок за вашата компанија, работниците полека, ако не примаат личен доход ќе ве напуштат и знаење нема да добиете. Кој губи? Сите.Ние зборуваме за вин вин комбинација, кога ќе се обезбедат пари, ќе се вбризгаат во економијата и сите овие ќе бидат задоволни. Затоа велам многу е важно овие три месеци широка акција па после ќе биде полесно ако овој период квалитетно го пребродиме. Ако овој период го задушиме стопанството, ако ја задушиме јавната потрошувачка со години нема да се оправиме. Тоа е најпогрешната политика која што во овој момент може некој да ја води. Ако некој мисли дека ќе заштеди на тоа што ќе ја намали јавната потрошувачка односно куповната моќ кај граѓаните се лаже. Напротив тие пари нема да бидат пренасочени кон другите гранки. Владата води таква политика, а од друга страна никој не се откажува од партиските вработувања, никој не се откажува од друг тип на привилегии, од договорни услуги. .
Сепак, многу е полесно да лицитираме со мерки кога не сте креатор на политиките. Велите дека ситуацијата е лоша, а дека има решенија. Така велеше ВМРО-ДПМНЕ кога СДСМ ја критикуваше за политиките.
Мицкоски: Мала корекција, кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, а СДСМ опозиција, во таа техничка влада Кире Наумов пишуваше писма по светот и практично ставаше дополнителен камен во чевелот на тогашната влада. Ние напротив безусловно го подржавме задолжувањето, потпишавме. Во ниту еден момент нашиот заменски технички министер во финансии не направи проблем, напротив, толку беше конструктивна Гордана Димитреска Кочоска што дури можам да кажам дека не само што министерката не ја заслужува таа конструктивност туку на моменти е и навредлив нејзиниот однос кон Кочоска затоа што само во услови кога треба нејзиниот потпис ја контактираат, за ниту една друга консултација таа не добива информации.
Кога сме во финансии, колку пари ќе и требаат на Македонија?
Мицкоски: Буџетот пред ова криза беше димензиониран дека ни треба екстрено финансирање од околу една милијарда евра. Затоа што треба да се обезбеди буџетскиот дефицит којшто беше и е некаде околу 17 ипол милијарди денари и другото е за обврски кон заемодаватели, обврзници итн. Ние правевме анализа ако падне прибирањето во буџетот на приходната страна за 30 до 35 проценти. Во моментов за да ние успееме да го одржиме буџетот стабилен ќе ни требаат покрај оние 1 милијарда, најмалку уште 1,2 милјарди. Така што тоа се сериозни пари. А требаше да јануари барем да распишат интерес за еврообврзница – тие одлучија да позајмат од домашните банки 150 милиони евра со рочност од една година. Мислеа да ги премостат така изборите и таа беше политиканска логика. Но, тоа е погрешно, сега се виде дека тоа е бездната во којашто потонавме. И сега кој треба да е одговорен, тие што уживаат во политички привилегии и што носат одлуки или некој друг? Ние сме опозиција, ние можеме да кажаме како не чини, но тие треба да сносат одговорност.
Вас ве прозиваа во јавноста во однос на вашиот став, кога зборуваме за солидарноста во оваа ситуација, за парите со коишто се финансираат партиите.
Мицкоски: Не е чесно, лицемерно е човекот во чиешто семејство возниот парк е неколку милиони евра, каде што има Мјабах, Бентли, да зборува за солидарност. Нема легитимитет тој човек тоа да го збори, да не ги споменувам сите афери поврзани со неговото име. Не е тоа солидарност, друго е солидарност, не можат тие да зборуваат за солидарност. Ја уништуваат смислата на зборот солидарност. Јас во своето обраќање реков дека доаѓаат тешки времиња да, треба да се намали платата на јавната администрација, да има кратење, за месец март според нашите анализи треба тоа да биде до 10 отсто, а потоа ќе носиме одлуки месец за месец врз основа на информациите со коишто ќе располагаме. Но, тоа не може да биде „урамниловка“, тоа ни во најболшевичките држави не е така. Да, се сложувам дека треба да има определена редукција, но ајде да видиме како да го направиме тоа да биде како што треба.
Но, прва точка на владина седница нека биде именуваните функционери да работат про боно до крајот на нивниот мандат, втора точка веднаш да биде укинување на финансирањето за политичките партии. Еве и ние имаме функционери, сложни се и тие да работат про боно.
Мицкоски вие имавте и пред да се случи сево ова една економска програма, мерки нудите и сега. Со кој ги креирате овие економски мерки? Кој е вашиот економски тим?
Мицкоски: Мислам дека далеку посупериорен тим имаме споредено со нашиот политички конкурент. Јас имам тројца стратешки соработници коишто се надвор од нашата држава, кои се на реномирани европски универзитети, едниот е професорот Караско којшто доаѓа од Кралскиот универзитет во Мадрид, вториот е професорот Гоце Андревски којшто доаѓа исто така од Квинс универзитетот во Канада, тука е Јанко Баждавела, Влатко Гигов, тоа се луѓе коишто работеа заедно со мене и уште неколку коишто се надвор од структурите на ВМРО-ДПМНЕ, коишто се дел од Европската народна партија, истакнати економисти, поранешни министри за финансии, професорот Славески се разбира, комисиите партиски за финансии и економија, поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, сегашни претседатели на партиски комисии. Така што сериозно економско тело работеше на програмата за економија на ВМРО-ДПМНЕ. И таа се темели на сериозни анализи, не на ад хок и блиц решенија.
Останувате ли на
сите мерки предложени во таа програма?
Мицкоски: Да почекаме да видиме каква ќе биде состојбата, да видиме воопшто во
каква кондиција ќе ја начекаме државата, но пред тоа ние секако ќе мора да
димензионираме нешто додека трае предизборната кампања. Не би избрзувал со било
какви одговори по тоа прашање. Дека ќе има ревидирање, ќе има, тоа е неминовно.
Не би бил искрен ако речам дека би ја задржале бидеќи е прилично амбициозна.
Неколку реформи се предвидуваа. Дел од тие реформи ќе ги интензивираме, дел од
тие реформи ќе ги сторнираме, дел од проектите ќе ги интензивираме, дел од
проектите ќе ги почекаме.
Македонија е сега полноправна членка на НАТО и земјата доби датум за преговори, тоа се приоритети на оваа држава ако ги цениме изјавите на сите политичари во изминатиот период вклучувајќи Ве и Вас. Вие сте во опозиција во време кога се случува сево ова, како се чувствувате?
Мицкоски: Кога ВМРО-ДПМНЕ зборувало за НАТО и ЕУ, синовите на поранешните комунисти не знаеја уште што е тоа. Ние го поддржавме сето тоа, ќе го поздравиме и тука нема дилема. Сето останато е политиканство, кодошлук и така натака, за тоа не сакам ниту да коментирам, ниту пак заслужува било какво сериозно внимание. Но, народот има една огромна горчина бидејќи се чувствува излажан, се чувствува понижен, опустошен, навреден, затоа што жртвата која што се случи е огромна. Тоа што го направи Зоран Заев на никој не му паѓаше на памет да го направи. Ги слушаме секојдневно предупредувањата посебно во делот на интеграциите во ЕУ. Пред некој ден ме прашаа дали требало да има договор, одговорив да. Договараа и преговараа влади но дали требаше вака да испадне?! Тоа е суштинското прашање. Ние никогаш како сериозна политичка државотворна партија не сме рекле дека не треба да се разговара и преговара околу разликите со нашиот јужен сосед, но дали ваков договор требаше да се постигне? Тоа е суштинското прашање и тоа е она што нас не боли и пече. Но истовремено велиме дека реалноста не ја игнорираме, таа е реалноста таква каква што ја направи Зоран Заев, не можеме да ја игнорираме, но ние нема да ја креираме новата реалност врз основа на оваа. Таа реалност си ја донел Зоран Заев и тука нема никаква дилема кој е виновникот за сето ова што се случува. Ќе продолжиме да работиме во иднина како влада, да ги направиме сите потребни реформи, да може државата да биде на брза трака и да стане полноправна членка.
Александра Томиќ* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.