Добивај вести на Viber
Изградбата на 40 катниците и продажбата на становите во нив, ќе го раздвижи пазарот на недвижности во Скопје, и ќе придонесе за флексибилност на цените, вели во интервју за Фактор, министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
Јанакиески апелира до жителите на Патишка река да се надминат проблемите околу водоводот кој е клучен за изградба на елитната населба Сончев Град на јужните падини на Водно.
За комплексот што ќе го гради Субрата Рој во Охрид, Јанкиески потенцира дека согласно Законот за туристички развојни зони почетната цена за земјиштето изнесува едно евро метар квадратен.
Се бараат пари за изградба на автопати од Кичево до Охрид и од Скопје до Штип преку Миладиновци. Ќе се бара концесионер за изградба на патната делниоца од Скопје до Блаце, вели Јанакиески во интервјуто за Фактор.
Фактор: Дали ја следите изградбата на 40-катниците во Аеродром? Кога се очекува да бидат завршени сите четири планирани објекти ?
Јанакиески:Висококатниците во општината Аеродром се прва инвестиција во Македонија од ваков вид на градба, мошне интересна за градежниот сектор во нашата земја, земајќи ја во предвид висината и начинот на градба, сметам дека ќе бидат пример за развој на градежниот сектор, според информациите и тоа што може да се види на лице место градежните активности инвеститорот ги извршува според планираната динамика.
Од редовните контакти кои ги имам со инвеститорот, информиран сум двете згради кои се во многу напредна фаза ќе бидат вселиви до крајот на 2014 година, а целиот комплекс до 2015 година, што вклучува изградба на уште две идентични висококатници, како и трговски центар со површина од околу 26 илјади метри квадратни.
Фактор:Дали инвестицијата на Џеваир Холдинг, ќе влијае на намалување на цената на станбениот квадрат во Скопје? Имате ли информација по која цена ќе се продаваат становите во 40-катниците?
Јанакиески:Изминатите неколку години слободно можам да кажам дека главниот град е зафатена со градежна експанзија, градежниот сектор е активен и тоа е видлиово на терен, мое лично мислење е дека кога има конкуренција помеѓу градежните компании тогаш би требало да има и простор за намалување на цените.
Верувам дека инвестицијата на Џеваир Холдинг веќе позитивно влијае врз целокупниот градежен сектор, дополнително и секоја идна и претходна инвестиција, би требало да го раздвижи пазарот на недвижности во Скопје и да придонесе кон поголема конкурентност и флексибилност на цените.
Фактор: Почна изградбата на патот до Сончев Град. Имате ли контакти со Џеваир Холдинг во однос на тоа кога ќе стартува изградбата на населбата?
Јанакиески:Населбата Сончев Град станува реалност, потврда за тоа е почетокот на градба на регионалниот пат што ќе ја поврзува населбата Сончев Град со централното градско подрачје.
Станува збор за една целосна градежна парцела со површина од 83,56 хектари со намена за изградба на три типа на објекти и – домување во станбени куќи со посебен режим на користење и заштита, ова се куќи со висок стандард и вили за кои минималната површина на градежната парцела изнесува 500 метри квадратни, домување во станбени куќи, што ги опфаќа сите видови куќи со дворови, како што се самостојни, двокуќи, куќи во низови, атриумски куќи и други, како градби со максимум три посебни станбени единици.
Исто така, предвидена е и изградба на станбени згради каде се опфатени сите видови на згради – станбено-деловни и станбени згради со резиденцијални станови кои можат да бидат изградени како самостоечки, блоковски низи, терасести и слично. Во планот е предвидено и заштитно зеленило во кое спаѓаат уредени зелени површини чија основна намена е да ги изолираат зоните со инкомпатибилни намени и имаат улоги на тампон зони.
Очекуваме дека инвеститорот Џеваир Холдинг, идната година ќе почнат со изгрaдба на елитната населба.
Фактор: Освен Сончев Град, на истиот потег се најави изградба на уште три други населби од таков тип. Може ли малку подетално да објасните дали станува збор за некакви конкретни проекти, каде би се реализрале и кога ?
Јанакиески:Се работи за дополнително земјиште сопственост на Република Македонија кое се граничи со границите на населбата Сончев град. Очекувам и на овие површини да се градат нови населби.Во иднина овие проекти ќе ги развиваме во соработка со општината Сопиште.
Фактор: Обврска на државата е да го донесе и водоводот од Патишка река до Сончев Град. Пред неколку години жителите тоа не го дозволуваа поради што имаше и полциска асистенција. Дали сега работите се мрднати од мртва точка, има ли некаков договор со локалното население, од кое зависи целата инвестиција во Сончев Град?
Јанакиески:Владата на Република Македонија, преку Министерството за транспорт и врски во континуитет обезбедува средства за реализација на проектот: “Изградба на системот за водоснабдување за дел од населените места во општина Сопиште-Регионален водовод Патишка Река“, што е доволен аргумент дека Владата со буџетски средства помага во реализација на овој проект.
Апелирам и до граѓаните од тој дел, со заеднички јазик да се надминат сите препреки доколку постојат сеуште и да се овозможи реализацијата на Сончев Град а со тоа ќе се подобрат животните услови во целост за сите жители во општина Сопиште.
Фактор: Најавата за инвестицијата на Субрата Рој во Охрид – крена голема прашина во земјава. Владиката Тимотеј изјави дека со него за така важно прашање сте одвоиле едвај три минути, а црквата останува на ставот дека нема намера да отстапи нуту педа од охридското крајбрежје за инвестицијата на индискиот бизнисмен?
Јанакиески:Сите постапки кои ќе се преземат во врска со земјиштето во Љубаништа ќе бидат исклучиво во согласност со законските прописи.Владата ќе работи според закон, како се законите така ќе постапиме и никому ништо надвор од законот нема да му биде направено.
Фактор: Дали, Субрата Рој ќе го добие земјиштето за едно евро по квадратен метар, како што реагираа од ЛДП?
Јанакиески:Согласно Законот за туристички развојни зони, уредени се погодностите за инвестирање во туристичките развојни зони, постапката за отуѓување на градежното земјиште за посебна намена за изградба на туристичките развојни зони, а почетната цена согласно законот изнесува едно евро во денарска противвредност по метар квадратен за градежното земјиште кое е предмет на отуѓувањето.
Фактор: Што е со австриската Алипине. Компанијата банкротираше, а во земјава работеше на неколку објекти. Што е со проектите на кои работеше оваа компанија?
Јанакиески:Проектите ќе продолжат со реализација, но ќе биде неопходно да се изнајде друга градежна компанија притоа почитувајќи ги позитивните законски прописи. Оваа ситуација делумно ќе ги пролонгира претходно зацртаните рокови, но во секој случај проектите ќе бидат реализирани.
ПАТИШТА: Се бараат пари за изградба на автопати од Кичево до Охрид и од Скопје до Штип преку Миладиновци. Ќе се бара концесионер за изградба на патната делниоца од Скопје до Блаце.
Фактор: Во делот на патната инфраструктура, колку пари се планирани и кои проекти се реализираат во моментов?
Јанакиески: Паралелно со инвестициите во железничкиот сектор, работиме и на низа проекти за подобрување на патната мрежа во нашата земја, тоа е предуслов за привлекување на странски инвестиции и за тоа сме свесни, а воедно, граѓаните заслужуваат современи и безбедни патишта.
Во моментов активно се работи на автопатот Демир Капија-Смоквица инвестиција од над 250 милиони евра. Од пред некој ден отпочнати се градежните работи на патниот правец Сончев Град, инвестиција од 6,7 милиони евра на турскиот инвеститор. Во тек е рокнстругција на регионалниот пат Кавадарци-Мушев Гроб во вредност од 144 милиони денари.
Од Дебар до Струга и од Радовиш до Конче до крајот на годината ќе се стигнува многу побрзо, регионалните патишта кои се градат во моментов и кои очекувам да бидат завршени и пуштени во употреба годинава, проекти вредни повеќе од 400 милиони денари. За 2013 година планирано е да се реконструираат над 170 км локални патишта, со вредност од 1 милион денари, пред се од значење за квалитетот на живот во руралните места.
Посебно би сакал да ја истакнам изградба на патот до манастир Трескавец, кој ако се се одвива согласно динамиката ќе го пуштиме во употреба кон крајот на месец август.
Во однос на идните проекти, сакам да истакна дека е предвидена изградба на автопати од Кичево до Охрид и од Скопје до Штип преку Миладиновци за кои економскиот тим при Владата работи на изнаоѓање на финансиски средства.
Предвидена е и изградба на автопатна делница од Гостивар до Кичево, соработуваме со ИФЦ реномирана консултанска куќа која работи под капата на Светската банка и очекувам во текот на оваа година да имаме распишан повик за пронаоѓање на стратешки инвесторот по пат на концесија за почеток на изградба на оваа делница.
Исто така, со ИФЦ соработуваме и за изградба на патната делница од Скопје до Блаце. Оваа делница од околу 12 км, и се разгледува можноста да се гради по пат на концесија.
Патната инфраструктура во моментот е многу подобрена за разлика од минатото, сакам да кажам дека и во годините наназад имало средства кои требало да бидат наменети токму за изградба на нови патишта и подобрување на постоечките, но тогаш друго се размислувало и средставата биле користени непродуктивно.
Во изминативе неколку години, Владата за приоритет ја постави токму и патната инфраструктура, чисто ислустративно во текот на 2010, 2011 заклучно со 2012 година завршени се вкупно 197 локални патишта или 426 км патна мрежа за што се инвестирани негде од околу една милијарда денари.
Сумирано, работите одат во позитивен правец, се изнаоѓаат средства од финансиските фондови, се аплицира со нови проекти, целта е што е можно повеќе да се подобри целокупната патна инфраструктура во Македонија.
ЖЕЛЕЗНИЦА: Нови патнички и товарни вагони ќе има следната година. За товарните вагони огласот е веќе објацвен, за патничките ќе се објави за неколку недели.
Фактор: Што е со инвестициите во железничката инфраструктура, односно за кои проекти и колку пари се предвидени?
Јанакиески: Паралелно со обновување на возниот парк,работиме активно и на подобрување на железничката инфраструктура во Македонија. Станува збор за повеќе проекти во железничкиот сектор во вредност од околу 110 милиони евра, реално гледано ова значи големо придвижување во развојот на железничката инфраструктура во нашата земја, која за жал со години наназад беше занемарена.
Деновиве беше склучен договор за реконструкција на последната делница од оние три предвидени делници, тоа е потегот од Неготино до Ногаевци, инвестиција вредна околу 9,5 милиони евра. Претходно беше склучен договор и веќе е во финална фаза реконструкцијата на другите две делници. Со овие три секции кои ќе се реконструираат ќе се отстранат најцрните точки, односно местата каде најспоро се движеа возовите на Коридорот 10.
Со реконструкцијата и превземањето на градежни активности просечната брзина ќе биде од 100-120 километри на час, наместо досегашната брзина од 30 и 50 километри на час. Целокупната инвестиција ќе биде завршена некаде до крајот на наредната година. Исто така, предвидено е и ремонт со реконструкција на пругата Битола – Кременица за која тендерската документација е испратена на одобрување до Делегацијата на Европската Унија.
Фактор: Најавивте завршување на проектот пруга кон Бугарија. Имате ли проценка колку таа е исплатлива и кога ќе заврши изградбата?
Јанакиески: Во однос на Коридорот 8, пругата кон Бугарија станува реалност. Веќе е распишан повик за првата секција од Куманово до Бељаковце за избор на градежна компанија и на почетокот на септември градежните компании треба да достават финансисики понуди. Очекуваме до крајот на годината да се склучи договор и да започнат градежните работи. За втората секција, склучен е договор за проектирање на таа делница и истата треба да биде готова со 2015 година. За последната делница од Крива Паланка до границата со Бугарија имаме аплицирано за обезбедување на средства.
Нашата цел е до 2022 година, да имаме изградено пруга кон Бугарија.
Фактор: Што е со пругата кон Албанија?
Јанакиески: За овој дел од Kоридорот 8 се подготвени идеен проект, физибилити-студија и студија за влијание на животната средина за нова железничка делница од Kичево до границата со Албанија. Почнаа потребните постапки за избор на понудувач кој ќе го изготви основниот проект со кој ќе се комплетира проектната документација, и очекуваме до крајот на оваа година да биде потпишан договор.Парите се обезбедени од европските фондови во висина од 8 милиони евра. Очекувам истиот да биде готов до крајот на 2015 година и конечно ќе се дојде до еден зрел проект што во иднина ќе може да се реализира со инвестиции во градежните активности за оваа делница, која е долга повеќе од 60 километри.
Фактор:И покрај најавите за инвестиции во железничката инфраструктура, состојбата во возовите, но и на железничките станици не е во завидна состојба.
Јанакиески:Во септември минатата година обезбедивме 50 милиони евра за набавка на 4 дизел и 2 електромоторни патнички гарнитури, како и 150 товарни вагони од различни типови. Дополнително на ова се овозможи и реконструкција на пет електролокомотиви од возниот парк на „МЖ Транспорт“. Дополнително на ова се овозможи и реконструкција на пет електролокомотиви од возниот парк на „МЖ Транспорт“.Јавниот повик за набавка на нови 150 товарни вагони веќе е објавен, до 10 септември треба да бидат доставени понудите за товарните вагони по што ќе следува периодот на евалуација и потпишувањето на договорот до крајот на годината, а новите товарни вагони се очекува да бидат доставени во текот на следната година, а за патничките се очекува да биде објавен јавен повик во текот на месец август годинава. Со ваквиот чекор Македонски железници - Транспорт ќе го зголеми возниот парк и ќе ја зголеми можноста за превоз на поголеми количини стока..
Но, освен тоа ќе бодат реновирани и железничќките станици. Покрај Железничката станица во Скопје, со средстава од ИПА инструментот планирано е 10 железнички станици долж Коридорот 10 да бидат рехабилитирани. Според методологијата на приоретизација на железничките станици со мултикритерна анализа во која се земени повеќе параметри предвид како на пример број на патници, број на жители во населено место, оддалеченост од населено место итн. рангирани се железничките станици во Велес, Прилеп, Битола, Гевгелија, Богомила, Чашка, Табановце, Демир Капија, Градско, Неготино – Вардар. Веќе се изготвени тендерската и проектната документација и во следниов период се очекува усогласување и одобрување на истите од страна на службите на Делегацијата на Европската Унија. Очекувам до крајот на годинава да почне постапката, а со градежни активности да почне во првата половина од 2014 и да се заврши во текот на 2015 година.
С.Н.