05 Декември, 2025
0.0335

Интервју Мојсоска: Левица ја врати надежта кај македонскиот народ, тука не смееме да потфрлиме

Објавено во: Македонија, Интервјуа 06 Октомври, 2025 10:16

Добивај вести на Viber

Левица е млада партија со постојан раст на последователните изборни циклуси и според анкетите во повеќе општини претставува втора партија по рејтинг или „главна“ опозиција. Левица настапи со интересна стратегија на локалните избори, особено во општините од Западна Македонија каде владејачката ВМРО-ДПМНЕ нема свои кандидати и целосно ќе го поддржи владиниот коалициски партнер ВЛЕН.

Дали тој вакум простор ќе биде доволен за „изненадување“ на Левица, но и што може да се очекува од кандидатите во урбаните општини низ Скопје, разговараме со Јована Мојсоска, кандидат за градоначалник на општина Струга, како и актуелна пратеничка на опозициската партија. Главните критики кон Левица овој циклус се дека пратениците кои се кандидираа за градоначалници од нивните редови не си поднесоа оставки. Истовремено премиерот Мицкоски ги обвинува дека се „коалиционен“ партнер на СДСМ и ДУИ. Мојсоска возвраќа дека токму триото ВМРО-СДСМ-ДУИ последните децении се амнестира меѓу себе за најголемите корупциски скандали. За локалните проблеми и партиските политики прочитајте го целото интервју со Мојсоска. 

Вие сте актуелна пратеничка од редовите на Левица која се реши да се кандидира за градоначалничка функција на претстојните локални избори во општина Струга. Како ја водите досега кампањата, имате ли време и за обврските во Собрание и за средби со гласачи, и како ќе одговорите на критиките дека своевремено вашата партија бараше од актуелни функционери да се поднесат оставки кога се учесници во изборен процес?

Мојсоска:  Мојата кампања не е фокусирана само на Струга, иако природно и како пратеник кој доаѓа од овој град, должност ми е постојано да бидам во комуникација и да ги артикулирам потребите на жителите од мојот град. Како пратеник од изборната единица 5, и за време на кампањата мојата агенда ги опфаќа сите градови од оваа изборна единица, особено после невидениот преседан со цензура на парламентарна партија - ние сега ќе бидеме уште поактивни на улиците, непосредно меѓу народот. За политичките преседани на нашите противници, ние и претходно сме кажале - еден ден преседаните ќе им се удрат од глава. Левица не прави преседани во криминални зделки, партиски пазарења и распродавање на државните интереси, ама за политичките преседани нема да им останеме должни на оние кои не избираат средства и методи да го угушат гласот на разумот во ова општество.

Левица го „нагази“ теренот во 2021 година на локалните избори со солиден број освоени мандати во советите на општините, што беше најава за раст на поддршката, а тој тренд продолжи и со освоените пет пратенички мандати. Дали овие локални избори ги гледате како шанса за наметнување како втора или трета политичка сила на македонската партиска сцена, што ќе значи успех, поголем број на освоени советнички места и имате ли капацитет да „изенадите“ во градоначалничките трки?

Мојсоска:  Нашата борба е на долг рок и она што ни дава мотив е постојаниот раст во поддршката кон Левица, која на секој изборен циклус се зголемува  Да сакавме да се шитнеме за привилегии и фотелји, тоа можеше одамна да го направиме. Ама Левица израсна од оној непривилегиран слој на општеството, оние кои се критички глас на секоја власт, оние кои се уште веруваат дека промена не само што е можна - туку промена е нужна.

На овие избори очекуваме доминација особено во урбаните средини, каде Левица и на минатите парламентарни избори во некои општини беше втора партија. Не би сакала да прејудицирам со бројки, ама очекувам да видиме кандидати за градоначалници на Левица во вториот круг. 

Може ли да се разјасни каква е вашата поставеност во однос на СДСМ и ДУИ. Ве обвинуваат дека на ниво на локални самоуправи солидно соработувате и дека сте во коалиција. Исто така се нафрлаат квалификации дека Левица ќе биде „гумата за спасување на ДУИ“ во Струга и други општини каде има мнозинско албанско население?

Мојсоска:  Единствена гума за спасување е криминалното трио ДПМНЕ-ДУИ-СДС, кои 35 години меѓусебно се амнестираат и за нивните функционери магично се отвораат границите со секоја промена на власт (како бегството на Никола Груевски и Артан Груби). Впрочем, токму СДС и ДУИ ги донесоа скандалозните измени на Кривичниот законик, со кои застарија делата на 80 функционери на ДПМНЕ. Откако постои Левица на политичката сцена, ние сме предмет на спинови произлезени од безидејноста на истрошените партии. Кога протестиравме против францускиот предлог, тогаш за СДС бевме во коалиција со ДПМНЕ. Сега партијата на Мицкоски (после убедливо најлошиот старт на една влада) бидејќи нема ништо конструктивно да понуди на народот, во паника е навлезена со црна кампања и шиканирања против Левица, која воопшто не поминува кај разумната јавност. 

Вашата кандидатура во Струга доаѓа како освежување на политичката сцена, но и своевидно изненадување, што може да ги промени досегашните „математики“. Имено, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе го поддржи владиниот партнер ВЛЕН, а ДУИ го „препушти“ градоначалничкиот кандидат на крилото на Алијанса на Села. Исто така во игра е и независен кандидат кој има раст на популарноста. Како ја проектирате Левица во оваа трка, со кого би коалицирале и соработувале, и што очекувате во вториот круг, без оглед дали ќе се пласирате или не?

Мојсоска:  Струга убедливо е феномен на овие избори, затоа што двете партии во власта (ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ) немаат свој кандидат за градоначалник, туку се одлучија за поддршка на независен кандидат. Од друга страна, тука се разобличуваат манипулациите на владејачката партија и лагите кои секојдневно ги пласира, затоа што  вицепремиерот Николовски пред само една недела во интерву „се извини“ што поддржале независен кандидат за Град Скопје минатите локални избори и изјави дека тоа нема да се повтори. Додека, токму во Струга поддршката за власта е за независен кандидат, па се наметнува логично прашањето - дали и во Струга доколку победи независниот кандидат поддржан од Мицкоски, може да го очекуваме истото сценарио и опструкции во кое четири години беше заглавен главниот град? 

За нашиот ангажман во Струга, сигурни сме дека на овие локални избори Левица за прв пат ќе има свои претставници во Советот на општина Струга. Единствената наша цел и заложба е преку нашите советници конечно да се зголеми транспарентноста во работата на Советот и да бидеме гласот на стружани преку кој ќе бидат пласирани голем број предлози и проекти за подобрување на условите за живот во мојот град.

Левица подолго време ја пласира мантрата „Пасокизација на СДСМ“. Сметате ли дека тој процес може да се забрза на овие локални избори, се гледате ли како замена на СДСМ не само во левиот политички спектар, туку и како следна политичка сила која понатаму ќе биде водечка опозиција која ќе „нишани“ кон ВМРО-ДПМНЕ. Тука се ЗНАМ, како партија и движење кое настана како одговор на револтот кон социјалдемократите која претендира на левиот политички спектар, но се чини дека има пад на рејтингот и независните граѓански листи кои повеќето „атакуваат“ на левориентираните гласачи. 

Мојсоска:  Во изминатата година дена, јавноста можеше да посведочи дека пратеничката група на Левица е единствената опозиција во Собранието, пред едно млитаво и очигледно уценето СДС. Како гласна опозиција на еден десничарски режим, забележлива е мобилизацијата на прогресивните умови од општеството токму околу идеалите на Левица. Секој кој ја следи парламентарната активност на Левица, ќе увиди дека нашите предлог-закони се конструктивни и социјални мерки, насочени кон подобрување на социјалната беда под која преживуваме, како и предлози насочени кон заштита на најранливите категории. Но, во услови на една авторитарна десничарска власт, заглавена во тешка партиска ароганција и суета, сите предлози на Левица беа одбиени. Македонското општество една година е заробено од неспособна и игорантна клика, која ги цензурира медиумите, ги шиканира новинарите, незаконски следи пратеници на опозицијата и го гуши секој критички глас - затоа што само во насилни методи го гледаат спасот за својот рејтинг од ужасното владеење. 

Не сакам да изнесувам прогнози, но очекувам пасокизацијата на социјал-демократите која започна на парламентарните избори да продолжи и на овие избори и заслужено Левица да го освои левиот спектар од политичкиот блок, како единствена работничка партија која не е под заложништво на милионери-политичари и олигархијата.

Своевремено вашиот партиски лидер Димитар Апасиев изјави дека не го интересира премногу локалната политика и дека не е директно вклучен во тие процеси. Дали се уште е така ако се земе во предвид што дел од вашите советници се „одметнаа“ во текот на мандатот и денес се користат како сурогати токму против идеологијата на партијата и партиското единство. Покажа ли Левица дека е порозна по ова прашање, како од аспект на избор на кадрите на кои им ја доверувате можноста да бидат дел од советничките листи, така и од аспект на можност за корупција кај дел од избраните советници, се наруши ли вашиот слоган „непоткупливите во општините“?

Мојсоска:  Левица е несомнено млада партија, која на својот пат се соочува со бројни предизвици и која се уште ја гради својата структура во услови на една извитоперена демократија, заробена од тоталитарните методи на секоја власт. Ако нашите политички непријатели сакаат претходниот систем да го квалификуваат како „едноумие“, тогаш тие во овие три децении дефинитивно изградија систем на безумие. Она што за нас е најважно е постојано да се подобруваме во нашето делување, да одговориме на предизвиците кои се пред нас и најважно, да ја оправдаме довербата пред народот - затоа што нашиот најзначаен успех е што ја вративме надежта кај македонскиот народ и тука едноставно не смееме да потфрлиме.

Левица несомнено е популарна кај младите гласачи и тоа може да се види и според видот на нападите од вашите политички опоненти. Дали младите гласачи, но и воопшто големиот контигент на разочарани граѓани ќе бидат вашиот таргет на овие избори?

Мојсоска:  Бидејќи и јас мојот политички активизам го започнав уште во студентските денови, низ разни форми на делување, цврсто сум убедена дека младите се оние кои се спремни да гинат за идеали. Впрочем, гледано и историски, македонските партизани и народни херои немале повеќе од 25 години и токму тие успеале да ја конституираат македонската држава на антифашистичката и победничка страна на историјата. Природно е младите да се пронајдат во Левица, како една неконвенционална партија која во себе го носи револтот кон еден трул систем, кој го убива потенцијалот и надежта кај секој млад човек. 

Искреноста не може никогаш да се одглуми, а ние ги делиме истите проблеми кои ги мачат младите: животот во руинираните студентски домови, безперспективноста во систем кој ги фаворизира само партиските послушници, непотизмот кој ги брка најдобрите млади умови. Она што ме радува е дека Левица веќе не е само партија на младите, туку таа добива поддршка и од повозрасните генерации, што само го потврдува потенцијалот кој допрва треба да кулминира. 

Кои се главните приоритети во вашата програма за општина Струга, но и во останатите општини на кои ќе настапи Левица, на што ја базирате изборната политичка платформа и зошто токму вам да ви ја доделат довербата на претстојните избори?

Мојсоска:  Би издвоила неколку клучни мерки од програмата за Струга:  ревизија на договорите за концесија на струшките плажи и ослободување на просторот на плажите до 50% од јавниот простор; итна дислокација на дивата депонија, ревитализација на земјиштето и иницирање одговорност; воведување современи практики за управување на отпадот и негова реупотреба;  неселективно отстранување на дивоградбите кои ја загрозуваат безбедноста и кои се наоѓаат во заштитено подрачје. Бидејќи општина Струга е на дното по транспарентноста, уште првиот месец советниците на Левица ќе поднесат иницијатива за конечно воведување online пренос на седниците. 

Дополнително, сметам дека нашата програма изобилува со социјални мерки и мерки за општествена вклученост на најранливите категории, по која е препознатлива Левица. Ќе наведам само дел од нив: отворање на народна кујна за сиромашни лица; воведување посебен интервентен јавен Фонд за социјално загрозени семејства; изградба на шелтер центар за жртви на семејно насилство; предност при вработување на самохрани родители и лица со попреченост; бесплатно членување во спортски клубови на децата од социјално ранливите групи; изградба на дневен центар за поддршка на деца и лица со попреченост, како и програми за вработување и самовработување на лицата со попреченост.

Х.С.

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Одбраната на поранешните градоначалници Папазов и Илијев тврди дека немале никаква надлежност и одговорност за „Пулс“

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Одбраната на поранешните градоначалници Папазов и Илијев тврди дека немале никаква надлежност и одговорност за „Пулс“

CNN ЗА МАКЕДОНИЈА: Постои една прекрасна јужноевропска земја со вкусна храна и одлично вино

CNN ЗА МАКЕДОНИЈА: Постои една прекрасна јужноевропска земја со вкусна храна и одлично вино

(ВИДЕО) Пожар изби во Старата скопска чаршија

(ВИДЕО) Пожар изби во Старата скопска чаршија

Телото на Миле Тодоров било пронајдено пред половина месец

Телото на Миле Тодоров било пронајдено пред половина месец

УХМР за утре сподели „жолт хидроаларм“ - каде се можни излевања?

УХМР за утре сподели „жолт хидроаларм“ - каде се можни излевања?

ТАЖЕН КРАЈ: Исчезнатот Миле Тодоров од Неготино е најден починат

ТАЖЕН КРАЈ: Исчезнатот Миле Тодоров од Неготино е најден починат

Костадинов ги отфрла наводите во кривичната пријава: „Стојам на располагање на надлежните“

Костадинов ги отфрла наводите во кривичната пријава: „Стојам на располагање на надлежните“

Град Скопје со препораки: Затоплувајте се само со суво и чисто дрво

Град Скопје со препораки: Затоплувајте се само со суво и чисто дрво

Одбраната на поранешните градоначалници на Кочани, Папазов и Илијев тврди дека немале никаква надлежност и одговорност за „Пулс“

Одбраната на поранешните градоначалници на Кочани, Папазов и Илијев тврди дека немале никаква надлежност и одговорност за „Пулс“