19 Април, 2024
0.0287

Душан Пецовски, претседател на Управниот одбор на „Реплек АД“

ИНТЕРВЈУ ПЕЦОВСКИ: Забрзан развој на „Реплек“ преку зајакнување на позициите на постојните пазари и освојување нови

Објавено во: Економија, Интервјуа 20 Април, 2022

Добивај вести на Viber

Една од најпознатите македонски фармацевтски компании - „Реплек АД“ објави дека почнува со реализацијата на нова развојна стратегија. Со неа се предвидува натамошна модернизација, освежување на портфолиото на производи и зголемување на продуктивноста и ефикасноста. Целта е забрзан развој на компанијата, зајакнување на нејзините позиции на постојните и освојување нови пазари. Во остварување на ваквите амбициозни цели значајна улога ќе има и новиот производствен погон, чија јавна промоција  беше директен повод за разговорот што го имавме со претседателот на Управниот одбор и главен извршен директор на „Реплек АД“, Душан Пецовски. 

Инаку, Пецовски е претставник на македонската менаџерска елита од помладата генерација кој своето високо образование и професионална експертиза од областа на финансискиот менаџмент и информатичките технологии ја стекнал на универзитетите и банкарскиот сектор во Австрија, а целокупната своја досегашна професионална кариера и искуство го стекнал извршувајќи високи раководни функции во сегментот посветен на развојот и пласманот на производите на „Реплек АД“ на странските пазари. 

Господине Пецовски, вашата компанија најави финализирање на инвестиција вредна три милиони евра во опрема и простории за зголемување на производните капацитети, инвестиција која е значајна за домашната економија, особено затоа што доаѓа во време на криза од која е погоден целиот свет. Можете ли поконкретно за јавноста во земјава да објасните што ќе се произведува во новиот погон?

Пецовски: Забрзан развој, освојување на нови пазари и зајакнување на позициите на компанијата е наша цел, а за нејзино остварување имаме голема поддршка и од сите засегнати страни. Цврсто веруваме дека „Реплек АД“ има голем потенцијал за натамошен раст и развој, и во таа насока работиме на зајакнување на нашето портфолио и воведување нови технологии кои ќе ја зголемат конкурентноста на пазарите. Дел од таа развојна стратегија е и новиот погон со кој ќе се зголеми обемот на производство, што е важен дел на стратегијата за освојување на нови пазари на што сме фокусирани. Во погонот се вложени над три милиони евра и тој ќе овозможи двојно зголемување на капацитетот за производство на полуцврсти дозажни форми, а за 30 проценти ќе се зголеми и капацитетот за производство на течни дозажни форми. Ќе имаме и нови современи форми на пакување како резултат на новата софистицирана опрема со која располага погонот.

Во процес сме на интензивна комуникација која треба да ни овозможи заокружување и финализација на процесот на целосна усогласеност на производството во новиот погон со регулаторните барања на Агенцијата за лекови и медицински средства - МАЛМЕД, со која традиционално градиме и одржуваме долгорочна соработка на полето на усогласувањето на сите производни процеси со законската регулатива и принципите на добра производна пракса, имајќи ја предвид заедничката цел - постигнување на највисоките европски стандарди во фармацевтската индустрија во нашата земја.  

Паралелно со ова, фокусирани сме на креирање на нови потенцијали за нашата компанија и веќе имаме позитивни резултати. Уверени сме дека ќе создадеме нови вредности и за вработените и за акционерите, но и за општеството воопшто.

Во првиот квартал од годинава „Реплек“ оствари раст на приходите од продажба од 5,7 отсто, за што изјавивте дека е убедливо најголемиот раст на приходите во еден прв квартал на компанијата од почетокот на нејзиното постоење. Најавивте и дека до крајот на годината е планиран раст на приходите од 20 отсто. Како тоа планирате да го постигнете и каде ги гледате најголемите предизвици?

Пецовски: Токму резултатите од првиот квартал во 2022 година се позитивен индикатор на нашата стратегија и поттик за реализација на сите наши планови. Навистина сме горди што и во услови на турбуленции на пазарите предизвикани од здравствената и воената криза успеавме да оствариме раст од 5,7 отсто на приходите од продажба, во споредба со истиот период минатата година. Ова е најголема реализација што компанијата ја остварила во прв квартал од почетокот на нејзиното постење. Овој факт нѐ радува и е показател дека се движиме во вистински правец. Дополнително сакам да потенцирам дека остваривме раст на приходите од продажба од извоз. Во услови на воена криза и отежнато движење на стоки и услуги, што креираше нови услови во меѓународната трговија, бележиме раст на приходите од продажба на странски пазари од 3,7 отсто. Тоа е навистина оптимистички сигнал, кој ни дава за право да се фокусираме на реализација на нашите планови и покрај пречките кои се реални, а произлегуваат од нестабилноста на пазарите. 

Иако светот е во криза, како што често се вели „кризата е и шанса“. И тоа е навистина така. Како што напомнавте, нашите таргети за годинава се позиционирани на зголемување на приходите од продажба за 20 отсто. Оваа цел ќе ја оствариме преку новата извозна стратегија за зајакнување на позициите на глобалниот пазар. Извозната стратегија дополнително се базира на диверзификација на извозот, зголемување на портфолиото и секако на освојување на нови пазари. Во таа насока, компанијата за прв пат го осигура извозот на производите од своето портфолио, со што значително се намалува ризикот. Ги зајакнавме и позициите на пазарите во Европската Унија и Асоцијацијата на југоисточните азиски нации (АСЕАН) преку  проширувањето на портфолиото на производи кои се достапни во овие земји. Паралелно, го продолжуваме и пробивот во Африка и Азија, па наскоро ќе бидеме присутни и на пазарот во Јордан. „Реплек АД“ е извозно ориентирана компанија која на странските пазари пласира 75 отсто од своето производство, додека останатиот дел од 25 проценти отпаѓа на домашниот пазар. Производите на компанијата се присутни на повеќе од 25 пазари во целиот свет, а бројот на пазари ќе расте, заедно со растот на нашето портфолио и со зголемените капацитети за производство.

Во втората половина на минатата година, Вие го презедовте најголемиот акционерски пакет, но и управувањето со компанијата. Можете ли да ни кажете кои се вашите цели и во која насока ќе се развива компанијата во иднина?

Пецовски: Како што веќе спомнав, ние во „Реплек АД“ поставивме и започнавме со реализација на нова развојна стратегија. Со неа се предвидува натамошна модернизација на компанијата, освежување на продуктното портфолио и зголемување на продуктивноста и ефикасноста, што треба да придонесе за зајакнување на сите перформанси, како и развој на човечките ресурси. Живееме во свет на брзи промени и клучен фактор за успехот е да ги предвидиме и имплементираме новите трендови. Тоа особено се однесува на воведување на иновации во технологијата, дигитализирање на процесите, како и модернизирање на целокупното работење на компанијата. Работиме посветено во таа насока, бидејќи континуираниот развој е формула за успех.

Истовремено, го менуваме и нашиот настап на пазарите. Со нов пристап на теренот ќе се обидеме да го издигнеме брендот и свесноста за него, а истовремено го јакнеме и присуството на странските пазари. Го освежуваме и нашиот корпоративен идентитет, со што внесовме нова енергија во нашата работа, но и во перцепцијата на брендот. Според планот, оваа година ќе воведеме неколку нови производи во нашата понуда, а тоа ќе продолжи и наредните години. Уверени сме дека нашата стратегија ќе продолжи да носи позитивни резултати за вработени, за акционерите, соработниците и партнерите, за потрошувачите и се разбира за земјата во целина.

Она што сега ги загрижува сите финансиски аналитичари и деловно ориентирани луѓе е инфлацијата, а пред сѐ високиот раст на цените на енергенсите, кој засега како да нема изгледи дека ќе се стабилизира. Како инфлацијата се одразува врз Вашата компанија, колку се зголемени Вашите трошоци во последниов период и како тоа се одразува врз развојните планови?

Пецовски: Растот на цените на енергенсите предизвикани пред сѐ од воената криза се навистина загрижувачки, бидејќи значително ги зголемуваат трошоците на производството. Тоа пак, како домино ефект врши притисок врз крајните цени на производите. Дополнително, сево ова влијае и на стабилноста на странските валути, што директно нѐ тангира како извозно ориентирана компанија. Имено, нашите договори за извоз се врзани со нив, па оттука овие трендови влијаат на нашето работење. 

Но, ситуацијата која е полна со предизвици мора да ја прифатиме како реалност и да ја менаџираме. Секојдневно ги анализираме случувањата, ги проценуваме ризиците и преземеме конкретни чекори за нивно намалување. Дополнително на тоа, притисокот врз странските валути и ризикот што произлегува од него нѐ тера да бараме иновативни и алтернативни пристапи кои ќе ни овозможат да ги зајакнеме нашите позиции во овие турбулентни времиња. Токму оваа наша мобилност ни овозможи да ги преструктуираме тековните позиции согласно потребите. Истовремено, за да се намалат трошоците за енергија во производството сѐ повеќе компаниите инвестираат во обновливи извори на енергија. Ние ги разгледуваме и овие опции што за нашата компанија ќе значат евтина енергија, стабилно снабдување, но и придонес кон процесот на декарбонизација.

Какви се Вашите прогнози за развој на светската економија, што е она што ќе му се случува на светот и како со тие ризици ќе можат да се носат македонските компании, колку ќе бидат погодени и кои од нив најмногу?

Пецовски: Тешко е да се прогнозира, бидејќи работите се менуваат многу брзо. Она што е јасно, гледајќи од денешна перспектива, е дека многу работи кои во деловниот свет биле стандард повеќе нема да важат. Правилата се менуваат, но се отвораат многу нови можности. Ние со големо внимание ги следиме сите промени за да можеме полесно да се прилагодиме, но и да ги препознаеме можностите. Мислам дека флексибилноста на компаниите, како и можноста за воведување на брзи промени во работењето ќе бидат клучни. Ова е особено важно за македонските компании, кои доаѓаат од мал пазар.

Фармацевтските компании во светски рамки профитираа од ковид кризата, кај сите нив имаше енормно зголемување на приходите и на профитите. Колку „Реплек“ имаше или немаше бенефит од таа пандемиска криза?

Пецовски: Здравствената криза беше предизвик за сите без исклучок. Фармацевтските компании имаа поголема продажба и побарувачка на своите производи, но се соочија и со новите потреби што ги наметна кризата. Можеби тие, поради својата дејност, беа во предност пред другите во оваа ситуација, но сепак завршувањето на  здравствената криза што поскоро, е од голема важност за сите нас. Се надеваме дека многу скоро ќе се нормализира состојбата и ќе се отворат многу нови можности за сите.

Како ја оценувате бизнис климата во земјава, дали сметате дека Владата успешно се справува со силните економски предизвици, и има ли, според Вас, мерки кои требаше, а се уште не се донесени?

Пецовски: Сметам дека создавањето на поволна бизнис клима е континуирана обврска и одговорност на сите чинители во општеството, почнувајќи од државните институции, правосудните органи, граѓаните и нивните организации и, секако, на самиот бизнис сектор и компаниите што го сочинуваат. Во делот на одговорноста што ја има бизнисот, сметам дека токму успешните компании со своите добри деловни практики можат многу да придонесат за унапредување на вкупната бизнис клима во земјата. 

Тргнувајќи од ова, ние во „Реплек“, како современа, извозно ориентирана компанија која прави одлучни и храбри чекори за да го динамизира својот одржлив развој, се трудиме да бидеме компанија која ќе придонесува за добрата бизнис клима и воедно да биде пример и за останатите. Но, за подобрување на бизнис климата од исклучително значење е тесната соработка помеѓу приватниот и јавниот сектор. Само преку дијалог помеѓу овие два чинители може да се донесат вистински решенија од кои ќе произлезат придобивки и за приватниот и за јавниот сектор. Имено, за институциите да можат да донесат соодветни регулативи кои ќе создадат подобри услови за водење бизнис неопходно е да ги знаат потребите на компаниите. Оттука, сметам дека мораме да работиме на интензивирање на тој дијалог. Во таа насока е направен голем исчекор преку Стопанската комора на Македонија и другите коморски здружувања и овој процес треба да продолжи.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

СТРИМИНГ ГИГАНТОТ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: наспроти забраната за делење лозинка - голем раст на профитот и претплатниците

СТРИМИНГ ГИГАНТОТ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: наспроти забраната за делење лозинка - голем раст на профитот и претплатниците

Марко Бислимовски останува вонреден претседавач на Бордот на регулатори на Енергетската Заедница

Марко Бислимовски останува вонреден претседавач на Бордот на регулатори на Енергетската Заедница

ЕСКАЛАЦИЈАТА И ТЕНЗИИТЕ НА БЛИСКИОТ ИСТОК ЈА КАЧИЈА ЦЕНАТА НА НАФТАТА: Еве како да тргувате со црно злато

ЕСКАЛАЦИЈАТА И ТЕНЗИИТЕ НА БЛИСКИОТ ИСТОК ЈА КАЧИЈА ЦЕНАТА НА НАФТАТА: Еве како да тргувате со црно злато

„АЛКАЛОИД“ СЀ ПОБЛИСКУ ДО ЕВРОПА: Компанијата регистрираше ново друштво во Хрватска, осми по ред правен субјект основан во земја членка на ЕУ

„АЛКАЛОИД“ СЀ ПОБЛИСКУ ДО ЕВРОПА: Компанијата регистрираше ново друштво во Хрватска, осми по ред правен субјект основан во земја членка на ЕУ

„НАЈСРЕЌЕН СУМ КОГА ГО СОБИРАМ СЕМЕЈСТВОТО И ОДИМЕ ДА ПАКУВАМЕ МЛЕЧНИ ПРОИЗВОДИ“ - познатиот бизнисмен Дабевски ексклузивно за „Бизнис муабети“ на Фактор

„НАЈСРЕЌЕН СУМ КОГА ГО СОБИРАМ СЕМЕЈСТВОТО И ОДИМЕ ДА ПАКУВАМЕ МЛЕЧНИ ПРОИЗВОДИ“ - познатиот бизнисмен Дабевски ексклузивно за „Бизнис муабети“ на Фактор

ЗА ПОМАЛКУ ОД 2 МЕСЕЦИ: Кој директор на државна фирма успеа да потроши 35 милиони евра?

ЗА ПОМАЛКУ ОД 2 МЕСЕЦИ: Кој директор на државна фирма успеа да потроши 35 милиони евра?

ЗА ПЛОЧКАР, МОЛЕР, ФАСАДЕР МОЖЕ ДА СЕ СЛУЧИ ДА ЧЕКАТЕ СО МЕСЕЦИ: Дали се ова „златни времиња“ за занаетчиите?

ЗА ПЛОЧКАР, МОЛЕР, ФАСАДЕР МОЖЕ ДА СЕ СЛУЧИ ДА ЧЕКАТЕ СО МЕСЕЦИ: Дали се ова „златни времиња“ за занаетчиите?

„ДЕБАРСКИ БАЊИ-ЦАПА“ НАЈАВУВА ИНВЕСТИЦИИ ЗА ГОДИНАВА ОД 163 ИЛЈАДИ ЕВРА - и дивиденда за акционерите, сепак, ќе има

„ДЕБАРСКИ БАЊИ-ЦАПА“ НАЈАВУВА ИНВЕСТИЦИИ ЗА ГОДИНАВА ОД 163 ИЛЈАДИ ЕВРА - и дивиденда за акционерите, сепак, ќе има

Финансиските инспектори лани биле страв и трепет за функционерите

Финансиските инспектори лани биле страв и трепет за функционерите