23 Април, 2024
0.0285

ИНТЕРВЈУ ПЕТРЕ ШИЛЕГОВ: Ќе победам во првиот круг, бидејќи тоа што го ветив, го остварив, граѓаните знаат да препознаат

Објавено во: Македонија, Интервјуа 15 Октомври, 2021

Добивај вести на Viber

Вели дека зад себе има мандат во кој во најголем дел го исполнил она што го ветувал, градот оди во прогресивна насока, а и сега најавува реални и остварливи проекти. Тоа е една од причините што е убеден во сигурна победа уште во првиот круг на претстојното изборно соочување на кое ќе се бира локалната власт. Потенцира дека му се важни сите граѓани, и воопшто не ги дели ниту по една основа, а најмалку по етничка припадност. Во интервју за Фактор, актуелниот скопски градоначалник, Петре Шилегов, кој на овие избори ја бара довербата од скопјани за уште еден мандат, говори за бројните проекти кои ги предвидува во својата програма, меѓу кои бас рапид транспортот, кој, како што нагласува, е многу поисплатлива алтернатива од трамвајот, новиот забавен парк, новиот парк во Карпош...., но и бројни други проекти. Зборувавме и за финансиската кондиција во која сега е градот Скопје, за која тврди дека е одлична, но и за неговиот имот, кој како да е „трн“ во окото на опозицијата, но за кој вели дека е уредно пријавен до надлежните институции... За овие, но и за други интересни теми, во интервјуто на Фактор со градоначалникот Петре Шилегов.

Господине Шилегов, во недела на 17 октомври, граѓаните ќе ја оценуваат Вашата работа во минатите четири години. Со што, според Вас, се разликувате од останатите противканидати, и зошто мислите дека заслужувате втор мандат?

Шилегов: За разлика од останатите, јас веќе имам еден мандат позади себе исполнет со важни реализирани и започнати капитални инвестиции кои целосно ги менуваат и ликот и функционалноста на градот во една прогресивна насока. За тоа време граѓаните добија една јасна претстава за начинот на кој функционира градот сега и како тој би функционирал понатаму. Во мојата програма за следниот мандат нема ниту еден нереален и неостварлив проект, а од програмата за минатиот мандат реализирано е најголем дел од превиденото. Разликата е очигледна и моите сограѓани знаат да го препознаат најдоброто.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, во својата последна изјава, вели дека е убеден дека кандидатката што тие ја поддржуваат Данела Арсовска, ќе има предност по првиот круг. Се согласувате ли со тоа и што е поверојатно, таквото сценарио, или Ваше водство по првиот круг?

Шилегов: Не поверојатна, туку сигурна е мојата победа во првиот круг. Жалам што морам да го разочарам Мицкоски, но навистина не гледам на што би можел да го темели таквото убедување кога бројките во анкетите зборуваат нешто сосема друго.

Политичките „злобници“ знаат понекогаш да прокоментираат дека „лесно му е на Шилегов, за него и Али Ахмети отворено лобира, а и со причина, затоа што во изминатиов мандат многу инвестираше во општини и населби каде доминантно живеат граѓани од албанска етничка припадност“. Што ќе одговорите на таквите провокации? Верувате ли дека гласачите Албанци ќе бидат пресудни за изборот на нов скопски градоначалник?

Шилегов: Јас не ги делам моите поддржувачи по ниту еден основ, а најмалку по етничка припадност. За мене нема важни и помалку важни луѓе, важни и помалку важни општини. За СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ секој човек е важен, секоја населба е важна. Кога ова ќе го научат луѓето кои ги спомнавте, не гледам зошто и ним не би им било еднакво лесно. Благодарност за поддршката на господинот Ахмети, но треба да се има предвид дека со албанските гласачи мојата партија и јас веќе подолго време имаме директна комуникација заради тоа што СДСМ е граѓанска партија и им се обраќа на сите граѓани. 

Еден од атрибутите на сите европски, па и светски метрополи, е брз, организиран, навремен и пред се подземен јавен транспорт. Ќе дочека ли оваа генерација скопјани подземно метро?

Шилегов: Густината и бројноста на населението кое живее во Скопје не е доволно голема за да можеме да разговараме за метро во Скопје. Метроата се финансиски исплатливи инвестиции исклучиво за многу поголеми градови од нашиот, така што во блиска иднина не очекувам ваква инвестиција во Скопје.

Во Вашата изборна програма, еден од петте клучни проекти за иднината на Скопје е таканаречениот бас рапид транспорт, нов интегриран систем за јавен превоз. Дали тоа значи дека приказната за трамвај во Скопје и дефинитивно ќе биде заборавена? Се откажува ли градот од идејата за трамвај и зошто?

Шилегов: БРТ системот на брз автобуски превоз е алтернатива на трамвајот која е многу поисплатлива. Трамвајот е многу поскап систем за одржување што објективно ја доведува во прашање неговата одржливост, но тоа не е случај со БРТ кој е идеален за скопски услови. Според меѓународната методологија за рангирање на брзите автобуски системи, скопскиот БРТ систем е бодиран како сребрен стандард – меѓу највисоките светски стандарди. Во Европа таков систем има уште во Руен, Франција и во предградие на Париз.

Може ли подетално да објасните за граѓаните што ќе значи бас рапид транзит и дали тоа конечно ќе значи дека граѓаните ќе можат побрзо да стигнуваат од една до друга дестинација до Скопје?

Шилегов: Воведувањето на БРТ системот претставува огромен исчекор во унапредување на јавниот превоз на патници во градот. Системот за брз автобуски превоз е нов тип на јавен градски превоз, со физички издвоена траса за автобусите, со станици од затворен тип, со приоритет на сигнализираните раскрсници, паметни билети, АВЛ и информации за патниците во реално време. Системот се состои од модерни автобуси со голем капацитет и безбедни коридори по кои ќе се движат, со оптимална брзина. Со тоа ќе се подобри услугата и на сегашниот автобуски систем со поголем број автобуси што ќе циркулираат. БРТ системот целосно ќе се интегрира со постојниот автобуски систем. Делницата од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, предвидено е да се поминува за околу 30 минути.

Се пофаливте дека изградивте четири нови булевари, во градба се два нови моста, а реконструиравте и 40-тина градски сообраќајници. Од аспект на фреквенцијата на сообраќајот, што значи тоа?

Шилегов: Скопје станува град без сообраќаен метеж. Со изградбата на четирите булевари, два нови моста, тунелите под Лимак и клучките кај Момин поток и бул. Словенија, затварањето на северниот сообраќаен прстен на градот преку продолжувањето на бул. Словенија и изведбата на бул. Хрватска, воведувањето на БРТ системот, неговата интеграција во постојниот систем на јавен превоз, развиената мрежа на велосипедски патеки и најголемата пешачка зона во Европа која ја предвидуваме во централното градско подрачје, ги решаваме проблемите во сообраќајот во Скопје за следните 50 години.

Покрај транспортот и инфраструктурата, какви други капитални инвестиции ветувате, а со кои повторно ќе се обидете да ја освоите довербата на скопјани за уште еден мандат?

Шилегов: Ќе се обидам да издвојам неколку поголеми. Скопје конечно добива нов и модерен Забавен Парк, на местото на стариот Луна Парк. Тука е и новиот градски парк во Карпош 4 кој ќе се простира на површина од 86.000 метри квадратни. Го продолжуваме кејот на Вардар од мостот кај Хром до мостот кај Сарај при што го уредуваме на ист начин како што е уреден кејот во остатокот од градот - со минор и мајор корито, тревници, велосипедски, пешачки патеки и друго. Го покриваме Усјанскиот канал,а колекторскиот систем за собирање на отпадни води е веќе во самата завршница. Следниот чекор е проектирање и изградба на Пречистителната станица со капацитет од 625,000 еквивалент жители. Следуваат нова гимназија во Аеродром, нов спортски центар во Бутел, нова противпожарна станица во Бутел, нов културен центар во Кисела Вода, реконструкција на СЦ Сарај, нов културен центар во Шуто Оризари и многу други проекти кои може да се прочитаат во мојата програма.

Колку ќе чини новиот забавен парк кој треба да никне на местото на стариот Луна парк и на кој начин ќе се реализира таа инвестиција? Дали ќе биде тоа странска инвестиција или, пак, решение со јавно-приватно партнерство?

Шилегов: Проектот е целосно самоодржлив, за реализација на овој проект се бара изведувач кој ќе го финансира и нема да има буџетски импликации на град Скопје. Се очекува паркот да се исплати сам за три години, а потоа градот ќе заработува и ќе вложува во нови проекти. Скопјани добиваат најдобар парк во регионот практично за нула денари.

Ќе се носат законски решенија со кои повеќе пари од даноците ќе се слеваат во општините. Дали градоначалниците заслужуваат да менаџираат со повеќе пари, ако се знае дека во минатото повеќе општини „потонаа“ во долгови?

Шилегов: Таквите законски решенија се неопходни од причина што досега најголем извор на средства за општините се средствата прибрани по основ на комуналии при изградба на нови објекти. Знаеме дека во сите општини просторните услови за изградба на нови објекти се различни и тоа значи дека различни се и приходите. А од друга страна и општините во кои помалку се гради или речиси и да не се гради имаат трошоци кои во ваквите случаи генерираат долгови. Секако долгови генерира и лошото менаџирање на општините, особено во не така далечното минато кога во Скопје во централното градско подрачје на само 1 км2 потрошени се околу 700 милиони евра преку мегаломанскиот и криминален проект Скопје 2014, додека периферните општини беа запоставувани. За среќа ваквиот начин на менаџирање на општините останува во минатото.

Во каква кондиција е буџетот на Град Скопје со колкав долг го оставате или ќе го наследите градот Скопје? И, колкав според вас, треба реално да биде за да може градот да ги извршува сите ингеренции, но пред се да ја реализира зацртаната програма?

Шилегов: Градот Скопје е во одлична финансиска кондиција и редовно си ги сервисира своите долгови. Средствата се трошат совесно, транспарентно и одговорно исклучиво за вистинските приоритети и во целосна корелација со потребите на нашите сограѓани. Поголеми средства за развој на град каков што е Скопје секогаш се повеќе од потребни, но со финансиска поддршка од Владата и од европските и светските фондови кои нудат различни програми за развој, убеден сум дека не заостануваме многу во однос на многу градови со слична големина во Европа, а во многу сфери успеваме да бидеме и први во регионот.

Доколку компанијата У повер ја изгуби лиценцата за работа, како Град Скопје ќе го премости тој проблем со набавка на електрична енергија?

Шилегов: Постои законска процедура која предвидува конкретни чекори во вакви и слични случаи кои претставуваат гаранција дека градот, јавните градски површини нема да останат без електрична енергија, така што нема простор за загриженост во тој дел.

Неодамна компанијата Жикол доби тендер од 18,5 милиони евра, за изградба на кружни текови и крстосници. Ова е најголем тендер досега. На што точно ќе се трошат средствата?

Шилегов: Се работи за ултра сложени сообраќајни решенија какви што градот не изведувал повеќе децении наназад. Конкретно станува збор за Клучката кај Момин поток и клучката кај булеварот Словенија и бул. Хасан Приштина. Клучката кај Момин Поток подразбира изградба на надпатник во продолжение на бул. 8-ми септември, над бул. Никола Карев, со распон од 42 метри, потпорни ѕидови со вкупна должина од 2000м, атмосферска и фекална канализација, како и два моста на реката Серава која тече под оваа сообраќајница. За непречено одвивање на пешачкиот и велосипедскиот сообраќај предвиден е пешачко-велосипедски надпатник над бул. Никола Карев и три подземни пешачко велосипедски премини во рамки на денивелираниот јазол на спојувањето на бул. 8-ми септември со бул. Никола Карев. Проектот за клучката кај бул. Словенија предвидува денивелиран патен јазол чија конструкција предвидува пет рампи кои директно ги поврзуваат булеварите Словенија и Никола Карев и улицата Новопроектирана 6. По должина на целата сообраќајница ќе биде поставено најсовремено ЛЕД булеварско осветлување, средишно и странично зеленило, пешачки и велосипедски патеки од двете страни на коловозот. Изградбата на оваа клучка е од особено значење заради пробивањето на двата булевари, булеварот Словенија кон Карпош и булеварот Хасан Приштина кон излезот према Косово.

Зошто една иста фирма, Балкан Универзум, ги доби тендерите за реконструкција на Универзалната сала и за Турскиот народен театар?

Шилегов: Не би можел да знам за Турскиот народен театар бидејќи за таа културна институција е надлежно Министерството за култура, а кај Универзална сала согласно информациите со кои располагам се работи за најповолна понуда во тендерската постапка.

За загадувањето во Скопје велите дека двојно е намалено, но дали е тоа доволно и дали има шанси Скопје некогаш да стане чист како модерните европски градови?

Шилегов: Да бидеме попрецизни, аерозагадувањето е намалено за околу третина по однос на најспорниот индикатор – ПМ10 честичките. Секако дека не е доволно и дека останува уште многу простор за работа на тоа поле. Убеден сум дека се движиме по добар пат и дека среднорочно Скопје има услови да диши почист воздух дури и од многу европски метрополи.

Зошто решивте да ги урнете галиите во Вардар, дали не е штета кога нешто веќе е изградено, да биде отстрането само затоа што тоа некогаш им било ветено на граѓаните?

Шилегов: Најголема штета ќе настане во случај на поплава кога Галиите и целата таа урбана опрема која без размислување е ставена во коритото на Вардар по принципот „Миле ми текна“ ќе претставува потенцијална закана по безбедноста на граѓаните. А човечкиот живот нема цена и јас немам намера да дозволам ниту еден жител на Скопје да биде доведен во ризик да го плати со живот лудилото на луѓето кои одлучиле да постават галии во Вардар.

Господине Шилегов, опозицијата сериозно се занимаваше со Вашиот имот, кој, за волја на вистината, навистина не е така мал. Дали мирно спиете кога ве обвинуваат на оваа тема?

Шилегов: Мојот имот е тема со која поединци се занимаваат од моментот кога јас влегов во политиката. Она што е важно јавноста да го знае е дека целиот мој имот заедно со имотот на моето семејство, согласно закон е уредно и во рок пријавен во Антикорупциската комисија, така што убеден сум дека доколку имало нешто спорно до сега ќе имало соодветна реакција прво од комисијата, а потоа од сите останати надлежни институции.

Една Ваша прогноза за крај - во кои скопски општини, според Вас, СДСМ е фаворит на претстојното изборно соочување?

Шилегов: СДСМ е фаворит во сите скопски општини бидејќи скопјани прават разлика меѓу она што значи континуитет на европско, уредно и зелено Скопје на среќни луѓе и тоа што како алтернатива им се нуди од другата страна, така што очекувам дека речиси во сите скопски општини ќе славиме победа уште во првиот круг од изборите.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Гласаа изнемоштените, осудениците и иселениците, гласањето помина мирно

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Гласаа изнемоштените, осудениците и иселениците, гласањето помина мирно

ЗА СЛУЧАЈОТ СО ЈИЛДИЗ ВЕАПОСКА: Со супервештачење ќе се утврдува одговорноста на лекарите

ЗА СЛУЧАЈОТ СО ЈИЛДИЗ ВЕАПОСКА: Со супервештачење ќе се утврдува одговорноста на лекарите

АГЕЛЕР: Гласачите на оваа земја треба да поставуваат тешки прашања на кандидатите, а потоа мора да гласаат

АГЕЛЕР: Гласачите на оваа земја треба да поставуваат тешки прашања на кандидатите, а потоа мора да гласаат

ПО ПОЛНОЌ ЛЕПЕЛЕ ПЛАКАТИ: Тетовската полиција уапси две лица

ПО ПОЛНОЌ ЛЕПЕЛЕ ПЛАКАТИ: Тетовската полиција уапси две лица

ЌЕ БИДЕ ПРЕМЕСТЕН ВО ДРУГО УЧИЛИШТЕ: Надлежните ќе преземат мерки против ученикот кој истепа наставничка

ЌЕ БИДЕ ПРЕМЕСТЕН ВО ДРУГО УЧИЛИШТЕ: Надлежните ќе преземат мерки против ученикот кој истепа наставничка

ИНДЕКС НА ЧОВЕКОВИОТ РАЗВОЈ: Македонија лошо котира

ИНДЕКС НА ЧОВЕКОВИОТ РАЗВОЈ: Македонија лошо котира

ВО ПУСТЕЦ: Наскоро ќе биде поставена биста на Гоце Делчев

ВО ПУСТЕЦ: Наскоро ќе биде поставена биста на Гоце Делчев

ВАЖНО: Граѓаните со истечени лични документи од 24 јули 2023 година ќе можат да гласаат

ВАЖНО: Граѓаните со истечени лични документи од 24 јули 2023 година ќе можат да гласаат

УТРЕ НЕМА ДА РАБОТИ ЖИЧНИЦАТА, А АВТОБУСИТЕ ЌЕ ВОЗАТ ПО НЕДЕЛЕН ВОЗЕН РЕД: Еве што велат од ЈСП

УТРЕ НЕМА ДА РАБОТИ ЖИЧНИЦАТА, А АВТОБУСИТЕ ЌЕ ВОЗАТ ПО НЕДЕЛЕН ВОЗЕН РЕД: Еве што велат од ЈСП