Сашко Самарџиоски, Генерален директор на „Прилепска Пиварница“
ИНТЕРВЈУ САМАРЏИОСКИ: Неколку години работиме во многу неизвесни времиња, но компанијата успешно се носи со тешкотиите
Објавено во: Економија, Интервјуа 07 Ноември, 2022
Енергетската криза и предизвиците кои таа го донесе, но и кризите кои претходеа се причина за компаниите да работат во услови на криза и да ги приспособат процесите на работење на новонастанатите ситуации. Кризите, начините за нивно надминување, како и грижата за здравјето на вработените, но и воопшто здравјето на граѓаните беа меѓу темите на разговор со генералниот директор на „Прилепска пиварница“, Сашко Самарџиоски. Во интервјуто за „Фактор“, Самарџиоски истакнува дека кога ги правеле плановите за оваа година не биле свесни дека претстои турбулентна година, во смисла на зголемени цени на сите суровини и материјали, енергија, двоцифрена инфлација и пад на куповната моќ на населението.
Почитуван г. Самарџиоски, од оваа година Прилепска Пиварница се вклучува во одбележувањето на „Мовембер“. Најавена е донација за поддршка во борбата за рана детекција и лекување рак на тестиси и рак на простата... Може ли да ни откриете за каков тип донација станува збор и колкава поддршка одвојува компанијата за оваа цел?
Самарџиоски: Грижата за машкото здравје станува сè поактуелна тема во изминатите години и засега сè поголем број граѓани, кои се воедно и наши клиенти и потрошувачи. Прилепска Пиварница од оваа година се приклучува на глобалното движење „Мовембер“, кое беше инспирација за креирање кампања за подигнување на свесноста преку својот бренд Златен Даб. Во текот на кампањата Прилепска Пиварница од секое купено пиво Златен Даб во стаклена амбалажа од 0,33л и 0,5л, ќе одвојува одреден паричен износ што ќе биде наменет како донација и е предвиден да изнесува до 400.000 денари. Средствата ќе бидат наменети за набавка на потребната медицинска опрема на Универзитетската клиника за урологија во Скопје, каде што се вршат потребните прегледи за машкото здравје.
Прилепска Пиварница е препознатлива како поддржувач на заедницата, има ли планови за следниот период што опфаќаат активности во поддршка на околината и на граѓаните?
Самарџиоски: Како компанија чија дејност е производството и продажба на пијалаци, отсекогаш ни било важно да бидеме општествено одговорни и да направиме позитивен импакт врз заедницата. Секојдневно посветено работиме на унапредување на нашите процеси за да ја заштитиме нашата околината. Ја негуваме нашата долгогодишна традиција преку одговорно управување, носење внимателни одлуки и негување на корпоративните вредности, со кои се идентификуваат не само нашите вработени, туку и блиските соработници, клиенти и потрошувачи. Оваа година се одлучивме да дадеме поддршка на оние општествени сегменти што се најранливи, најзасегнати во моментот или врз кои можеме да влијаеме со позитивен пример, како што е кампањата „Мовембер“. Веруваме во заедништво, емпатија, поддршка и помош, и ги поттикнуваме и другите што се во можност да го направат тоа.
Прилепска Пиварница е препознатлив бренд на македонскиот пазар, која во своето портфолио содржи неколку познати брендови... Останувате и понатаму ли на одржување на традициите на компанијата?
Самарџиоски: Прилепска Пиварница е интересен микс од традиција и од модерно, зашто само на тој начин можеме да ги задоволиме потребите на потрошувачите, но и да останеме доследни на она што значи квалитет, иновативност и прогресивност, односно на сето она што нас нè одликува како компанија. Предизвик е да се најде баланс помеѓу сите овие работи, но кога си ја сакаш работата, имаш дополнителна мотивација да го дадеш најдоброто од себе. Секогаш сме отворени за новитети, будно ги следиме трендовите и барањата на пазарот, но внимаваме да ја задржиме препознатливоста и идентитетот на секој од нашите брендови.
Од почетокот на пандемијата, компаниите се соочуваат со многу неизвесност, која ги промени вообичаените начини на функционирање. Како Прилепска Пиварница го надмина пандемискиот период?
Самарџиоски: Како и целото општество и сите компании што беа затекнати од нешто ново со кое се немаа соочено никогаш во своето постоење, така и Прилепска Пиварница на почетокот беше затекната од целата ситуација со појавата на КОВИД-19. Никогаш дотогаш не се случило да се прогласи карантин во целата држава, да се затворат објекти, да биде забрането движењето на луѓето и сите други мерки што ги искусивме од почетокот на пандемијата. Тоа беше време на вистински предизвик за сите вработени во компанијата, но по првичниот шок мислам дека ги консолидиравме редовите и со помош на сите вработени во компанијата направивме план како да се одвиваат основните работни задачи за да може да продолжиме со предвиденото темпо. Како резултат на целата реорганизација немавме смртни случаи кај вработени лица, а да се заразиле на работа. Компанијата годината ја заврши со добивка и следната година продолжи со раст на продажбата и со зголемен профит до крајот на годината.
Како компанијата се справува со сегашните проблеми што се надвиснаа над економската заедница?
Самарџиоски: По периодот со коронавирусот, кога сите помисливме дека животот и економијата се враќаат во нормала, се случи економска криза поттикната од војната во Украина, но и од шпекулативни односи на моќните играчи на светската економија. Како КОВИД-кризата да не беше доволна, па требаше да ни се случи сега и оваа криза. Ги спомнувам шпекулативните односи во релациите на моќните играчи во светската економија затоа што дефинитивно верувам дека целата оваа состојба која сите ја припишуваат исклучиво на војната во Украина, не е целосно точна. Имено, енергетската криза се најави уште пред да започне војната. Уште од последниот квартал на минатата година цените на струјата почнаа да растат нагло и сите повторно бевме затекнати и докрај несвесни што точно се случува. Имаше најави дека тоа ќе трае до вториот квартал оваа година, но во меѓувреме започна војната и потоа сите причинители за економската криза беа припишани на ситуацијата во Украина. И повторно кај нас беше вклучено „црвено светло“ дека повторно треба да работиме во услови на криза и да ги приспособиме сите процеси во компанијата во новонастанатите услови. Сега-засега мислам дека резултатите покажуваат дека добро се носиме со ситуацијата.
Енергетската криза е уште еден проблем што се наметна над компаниите, но овој проблем наметна екстремно високи цени за бизнис-заедницата во земјава. Како Прилепска Пиварница се справува со зголемените трошоци за енергија и какви се идните планови на компанијата за обезбедување редовно снабдување со енергија?
Самарџиоски: Цената на струјата почна да расте уште во последниот квартал на минатата година, а тоа веќе беше знак дека ни следува период на енергетска криза во државава. Со почетокот на војната во Украина тоа веќе беше и потврдено. Целото стопанство и граѓанство осетивме на свој грб што значат зголемени цени на сите енергенси. Менаџментот на Прилепска Пиварница веднаш се фати во костец со новонастанатите проблеми и за многу кратко време изработивме визибилити студија околу инвестиција во фотоволтаична централа за свои потреби, и за неколку месеци беше одбран и изведувач на работите, добиена дозвола за инвестицијата и веќе можам да потврдам дека еден дел од централата е монтиран и пуштен во употреба. Во наредниов месец се очекува да се заврши целата инвестиција.
Последните резултати од работењето на компанијата велат дека почетокот на годинава беше доста успешен за Прилепска Пиварница, најавена е дивиденда, но и нови инвестиции од остварените приходи. Како Вие ја оценувате досегашната работа на компанијата годинава?
Самарџиоски: Ние во Прилепска Пиварница во сите изминати години се водиме од мотото дека треба да бидеме компанија што секогаш ќе води сметка за своите вработени, за своите комитенти и добавувачи, за заедницата и секако за акционерите што ѝ го довериле својот капитал на компанијата. Мислам дека досега успешно докажуваме дека се држиме до своето мото. Веќе неколку години работиме и живееме во многу неизвесни времиња кога е тешко што било да се планира и да се предвиди, но сепак компанијата успешно се носи со сите тешкотии во условите во кои работи, па покажува дека може да продолжи со својата политика - грижа за сите „стеикхолдери“, а во исто време да не го запре циклусот на инвестиции што значат раст и развој на компанијата.
Какви се очекувањата на раководниот тим за годишното работење, ќе се остварат ли плановите за годинава и што се планира како новина за следната година?
Самарџиоски: Морам да бидам искрен дека кога правевме планови за оваа година, воопшто не бевме свесни дека ни претстои толку турбулентна година, во смисла на зголемени цени (неколкукратно) на сите суровини и материјали, енергија, двоцифрена инфлација и пад на куповната моќ на населението. Следствено на тоа, мислам дека очекување е дека нема да се исполнат очекуваните резултати. Веќе уште по завршување на вториот квартал на годината, тоа ни беше јасно на сите во менаџментот и преминавме кон ребаланс на буџетот за до крајот на годината, а следствено на тоа, и на резултатот на крајот на годината. Целта е компанијата да ја заокружи годината без да влезе во минус имајќи предвид дека ценовните шокови не мируваат, а за следната година плановите ќе бидат компанијата да ја одржи кондицијата во која се наоѓа без преоптимистички очекувања, затоа што предвидувањата се дека во вакви околности економијата во нашата држава ќе функционира барем до првата половина на идната година кога би требало да се очекуваат првите знаци на стабилизирање на пазарот во понудата и побарувачката. Секако, ако не нè затекне повторно некоја друга кризна ситуација следната година.
Какви инвестиции и планови има Прилепска Пиварница за следната година во сегментот општествена одговорност?
Самарџиоски: Прилепска Пиварница секогаш во својот фокус од работењето, покрај улогата што ја има кон своите вработени, сериозно пристапува и кон улогата да биде важен чинител и во заедницата во која функционира и опстојува. Секоја година компанијата издвојува значаен буџет за поддршка на многу активности во заедницата, преку спортот, културата, здравството, образованието, заштитата на културното и религиското наследство во државата, помош на социјално и здравствено загрозени лица итн. Целта е таа улога да продолжиме да ја негуваме и понатаму.
Секогаш сме се труделе, и мислам дека тоа е видливо, да придонесеме колку што е тоа можно во дадената ситуација, позитивно да одговориме на сите повици од заедницата во која опстојуваме. Тоа несомнено ќе го практикуваме и понатаму и ќе останеме компанија што посветено се држи до својата општествена одговорност.
Петранка Огнаноска