27 Април, 2024
0.0300

Андреас Сиамисис, Главен извршен директор на HELLENiQ ENERGY

ИНТЕРВЈУ СИАМИСИС: HELLENiQ ENERGY ќе достигне енергија од обновливи извори од над 2GW до 2030 година

Објавено во: Економија 24 Ноември, 2022

Добивај вести на Viber

Една од поинтересните економски вести беше ребрендирањето на вашата Групација, која се смета за значаен фактор во доминантно нафтениот бизнис, во HELLENiQ ENERGY. Можете ли да ни објасните зошто се смени името на компанијата и дали можеби тоа значи бегање од нафтата и преориентирање кон чиста енергија?

Сиамисис: Радикалното обновување на нашиот имиџ и промената на нашиот бренд во „HELLENiQ ENERGY“ е дел од нашиот стратешки план „ВИЗИЈА 2025“ кој служи за транзиција на Групацијата кон нејзината енергетска иднина. Ја изразува и ја доловува различноста на активностите на Групацијата и јасно укажува на нејзината еволуција од нафтена компанија до организација која ќе биде активна во целиот енергетски спектар интегрирајќи ги ESG критериумите (еколошки, социјални, управувачки) во своето работење.

Не е тајна дека HELLENiQ ENERGY оди брзо напред со трансформацијата кон зелената енергија. Можете ли да ни кажете каква е состојбата сега и кои се вашите цели за наредниот период, како ќе се зголеми процентот на чиста енергија во иднина?

Сиамисис: HELLENiQ ENERGY стана најбрзорастечката компанија во Грција во новите проекти за обновливи извори на енергија. Во период од 18 месеци, ја зголеми инсталираната моќност 12 пати, достигнувајќи 340MW, за 10 пати го зголеми портфолиото на проекти во развој (фотоволтаици, ветер и складирање) кои надминуваат 2GW, а и нашата првична цел беше надградена: Сега целиме да спроведеме проекти од повеќе од 2GW што ќе бидат во функција до 2030 година. Ова е значајно бидејќи ќе ни овозможи да го намалиме јаглеродниот отпечаток на Групацијата за 50 отсто.

Неодамна HELLENiQ ENERGY ја отвори соларната централа во Кожани која новинарите од нашата земја имаа можност да ја посетат. Беше најавена како една од најголемите фотоволтаични централи во Европа со вкупна инсталирана моќност од 204,3MW која ќе може да ги задоволи потребите на околу 75 илјади домаќинства годишно. Колку сте задоволни од досегашното работење на централата?

Фотоволтаичен парк Кожани, Грција

Сиамисис: За HELLENiQ ENERGY изградбата на Фотоволтаичниот парк во областа Кожани е исклучително важен проект. Станува збор за инвестиција која надмина 130 милиони евра; тоа е најголемиот проект за обновливи извори на енергија во Грција и најголемиот фтоволтаичен парк со двострани панели во Европа. Вклучува вкупно 18 фотоволтаични инсталации со соларни панели, произведува 350GWh енергија годишно, а неговите позитивни елементи вклучуваат конкурентни трошоци за енергија. Не е субвенциониран од пазарот и потрошувачот, туку субвенционира други проекти за обновливи извори на енергија со многу повисоки референтни цени. Во исто време, во критичен период во кој цените на енергенсите покажуваат значителен пораст во светот, овој конкретен фотоволтаичен парк помага да се избегне увоз на природен гас во износ од приближно 100 милиони евра. Резултатите од работењето на овој фотоволтаичен парк досега ги надминаа нашите почетни очекувања.

Инвестицијата во соларната централа е околу 130 милиони евра. Дали би сакале да ни ги кажете вашите идни планови во однос на инвестициите во обновливи и зелени извори на енергија и каков голем капитален проект во моментов се планира или реализира?

Сиамисис: Севкупно, нашиот инвестициски план поврзан со енергетска транзиција, почисти облици на енергија и намалување на емисиите на CO2 достигнува 2 милијарди евра за следните години. Нашата главна цел е развој на диверзифицирано енергетско портфолио за да може Групацијата ефикасно да одговори на современите предизвици. Но, не објавуваме планови и намери, туку конкретни договори и проекти. Ова значи дека ќе треба да ги почекате нашите официјални соопштенија кои веројатно наскоро ќе бидат објавени.

Но, имајте го ова на ум: ние ги истражуваме можностите за развој на проекти за обновливи извори на енергија во поширокиот Балкан и регионот на Југоисточна Европа. За нашата Групација, растот во областа на чистата енергија ќе дојде преку комбинација на органски раст и аквизиции, како и диверзифицирано географско присуство, земајќи ја предвид зрелоста на секој пазар, регулаторната рамка и приносите на портфолиото.

Со каква динамика ќе се одвива тој процес, дали компанијата има план за поголем број проекти кои би можеле да се реализираат во следниот период и каде ќе се обезбедат средствата за тие инвестиции?

Сиамисис: Нашиот стратешки план „Визија 2025“, кој започна во 2021 година и има за цел да нè води во нова ера на динамичен одржлив раст, јасно го опишува развојот на вториот главен столб од активностите на Групацијата во „зелената“ енергија и обновливите извори.

Во оваа насока, нашите неодамнешни инвестиции се континуирани и насочени. На пример, неодамна објавивме аквизиција на уште два активни парка на ветерни електрани со вкупен капацитет од 37,2MW во областа Јужна Евија, инвестиција во вкупна вредност од 85 милиони евра, но и аквизиција на активни паркови на ветерни електрани во источниот дел на Мани во Лаконија, со вкупен капацитет од 55,2MW и вредност од 90 милиони евра.

Во секторот за крајбрежни ветерници, склучивме стратешко партнерство со RWE Renewables, глобален лидер во крајбрежни ветерници, за заеднички да ги истражиме можностите за раст. Поставената цел предвидува дека секторот обновливи извори на енергија ќе придонесе за профитабилноста на Групацијата за 20-25 отсто во следните 5-6 години без никаков пад во нашата основна дејност.

Вук Радовиќ, Главен извршен директор на ОКТА АД – Скопје и Андреас Сиамисис – Главен извршен директор на Helleniq Energy


Како што знаеме, HELLENiQ ENERGY е сопственик на компанијата ОКТА, која исто така има инсталирано и фотоволтаична централа. Кои се плановите за земјава за следниот период во однос на инвестициите во зелена енергија?

Сиамисис: Задржувајќи ја позицијата на главен снабдувач на горива во земјата, ОКТА ја прифати „Визија 2025“ на Групацијата, пренасочувајќи го фокусот кон обновливите извори на енергија. Така, од 2018 година, компанијата започна со инвестиции во мали фотоволтаични централи. Денес, портфолиото за обновливи извори на енергија на компанијата брои 5 соларни системи инсталирани на покривите на деловните партнери со вкупен капацитет од 611kW. Определбата на ОКТА за модерна енергетска трансформација ќе продолжи да се развива и проширува во наредниот период, преку реализацијата на најголемиот проект за обновливи извори на енергија на компанијата, фотоволтаична централа од 12MW, која ќе биде изградена во рамки на инсталацијата на ОКТА во текот на 2023 година.

Колку очекувате да чини тој процес и какво значење ќе има за компанијата?

Сиамисис: Повеќе од 60 отсто од нашиот инвестициски план за 2023 година во Република Северна Македонија се поврзани со овој проект. Оваа инвестиција ќе придонесе кон диверзификација на деловното портфолио на ОКТА, овозможувајќи одржлив развој на компанијата, истовремено постигнувајќи оперативна ефикасност со покривање на 50 отсто од сопствената потрошувачка на електрична енергија на ОКТА. Со своето проценето годишно производство на енергија од 17GWh, оваа фотоволтаична централа со голем капацитет, што ќе биде изградена на земја ќе обезбеди и зелена енергија за комерцијална продажба. Еколошкиот отпечаток на проектот се проценува дека ќе постигне 8.084 тони годишна придобивка од емисии на јаглерод диоксид.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ПОРАЗИТЕЛНО: Приближно 70 отсто од фабриките во Русија се соочуваат со недостиг на работници

ПОРАЗИТЕЛНО: Приближно 70 отсто од фабриките во Русија се соочуваат со недостиг на работници

Бугарскиот „Флекс Кредит“ ќе врти кај должници и ќе бара наплата за компании

Бугарскиот „Флекс Кредит“ ќе врти кај должници и ќе бара наплата за компании

НАЦИОНАЛНО БИРО ЗА ОСИГУРУВАЊЕ: Цената на авто осигурувањето е непроменета од 2008 година, реално е покачувањето

НАЦИОНАЛНО БИРО ЗА ОСИГУРУВАЊЕ: Цената на авто осигурувањето е непроменета од 2008 година, реално е покачувањето

„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма

„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма

Трендафилов: Газдите пријавуваа исчезнување на Непалките зошто им го платија патот до тука

Трендафилов: Газдите пријавуваа исчезнување на Непалките зошто им го платија патот до тука

Кина има за цел да склучи повеќе договори за слободна трговија, ветувајќи зголемена отвореност

Кина има за цел да склучи повеќе договори за слободна трговија, ветувајќи зголемена отвореност

НАЈГОЛЕМИТЕ ЕКОНОМИИ ГИ ПОДБРАА БОГАТАШИТЕ: Милијардерите да плаќаат даноци за да ја надоместат штетата на светот

НАЈГОЛЕМИТЕ ЕКОНОМИИ ГИ ПОДБРАА БОГАТАШИТЕ: Милијардерите да плаќаат даноци за да ја надоместат штетата на светот

СТАНОВИ И КАНЦЕЛАРИИ „ТЕШКИ“ 600 ИЛЈАДИ ЕВРА ОДАТ НА БАРАБАН: еве каков имот нудат банките на продажба

СТАНОВИ И КАНЦЕЛАРИИ „ТЕШКИ“ 600 ИЛЈАДИ ЕВРА ОДАТ НА БАРАБАН: еве каков имот нудат банките на продажба

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра