19 Април, 2024
0.0321

ИНТЕРВЈУ СО ЧЕДОМИР ЈОВАНОВИЌ: Избегнавте граѓанска војна, Заев знаеше што ќе се случи утре

Објавено во: Македонија 20 Септември, 2018

Добивај вести на Viber

Чедомир Јовановиќ, лидер на Либералната партија во Србија, ја живее третата деценија како е активен на српската политичка сцена. Како студент во 1996 -97 година беше водечка фигура на протестите против Слободан Милошевиќ. Во кариерата смени многу пријателства, некои ги изгуби трајно. Му беше најдобар пријател на убиениот српски премиер Зоран Ѓинѓиќ, а подоцна некои радикални структури во Белград дури тврдеа дека тој знаел за подготовката на убиството, тврдења кои Јовановиќ остро ги отфрла. Никогаш не се докажаа неговите релации со Земунскиот клан, самиот вели дека тоа нема никаква врска. Во Србија  е познат по ставот дека Косово е независно од 1999 година, а поради некои размислувања често е мета на напади и критики. Начека и бомба во својот автомобил, а денеска неговите деца ги чува полиција во текот на целиот ден. Во ексклузивното интервју разговаравме и за актуелниот политички контекст во Македонија и во регионот.

Вие сте гостин на форумот на либералната мрежа на ЈИЕ (ЛИБСЕЕН) што се одржува во Скопје по повод 10 години од постоењето. Регионот се соочува со силни предизвици во сите тие години. Како живеевме, како гледате на актуелниот контекст?

Јас мислам дека во тоа време ритамот на животот за нас се поклопи со она што се случува во светот и премногу често, гледајќи ги тие општества околу нас всушност ги видовме сликите на нашите животи. Талкања, несигурност, неодговорни политички одлуки, демагогија, популизам. Се она што беа традиционални слабости на регионот на поранешна Југославија или Западен Балкан во меѓувреме дојдоа до израз и на тој широк план што само упатува едно на друго. И предизвикот е поголем оти  денес повеќе од никогаш зависиме сами од себе.


Како регион не надминавме многу проблеми, социјални, политички, економски. Бавно се интегрираме и во Европската Унија поради тоа. Очекувате ли брзи промени на ова тло?

-Да, тоа е еден свет грал на наште животи. Ние се интегрираме, ние сме на тој пат кон Европската унија која утврдила одредени правила сметајќи дека ние нужно мораме да се менуваме што само по себе не беше проблем, туку беше наша желба. Но проблемот настана во фактот дека нашето општество го опишуваат како премногу бавно во тие промени и во вистината дека Европа беше статична, па сега дојде време и таа да се менува. За тој период на трансформација бараа ние да се ставиме на „стенд бај“ и да почекаме додека Европа види што сама со себе. Тоа е за мене голем проблем и затоа на оваа конференција реков дека и регионот и Европа мора паралелно да ги носат своите процеси и внатрешни трансформации. Јас сметам дека е потребно да се редефинира таа интеграција на Западен Балкан во ЕУ бидејќи тоа се механизми утврдени за посткомунистички и средноевропски општества пред 30 години и тие се далеку од нашата реалност и потреба.

Истовремено, посебно е важна таа вистина која сите ја премолчуваат а е неизбежна, а која важи за регионот. Тоа е дека тој регион ќе влезе во Европската унија цел или тоа е завршна кауза која крајно ќе се прелее преку границите на таа истата Европска унија. Затоа спорот со името на Македонија и Грција и договорот кој го очекуваат меѓу Белград и Приштина и договорот внатре во Босна мора да бидат сфатени како основа за нова заедничка политика и европеизација на Западен Балкан преку механизми кои би ни овозможиле да влеземе во Европа заедно и да продолжиме да се менуваме заедно со другите држави онака како тоа го бара животот.

Македонија го потпиша договорот со Грција, следува референдумот. Ваша перцепција, за ситуацијата во Макеоднија?

-Јас често опишувајќи го хаосот на Балканот, пред луѓето и светот, Босна и Македонија ги наведував како пример најчесто.

Македонија до вчера беше земја која една држава ја растегнуваше на една страна поради религијата, друга држава го спореше името, на трета и сметаше идентитетот, на четврта територијата и јазикот. Десет години блокада на Грција и тој процес во НАТО интеграциите беше прескап за се, но беше потребно и малку среќа и мене ми е драго што Македонците на крај ја имаат бидејќи тоа што се случи по договорот кој го направи Зоран Заев и за прв пат ги обедини сите албански партии во Владата е храброст и подготвеност да се релаксираат односите меѓу Македонците и Албанците преку изедначување на македонскиот и на албанскиот јазик. Тоа беа потези кои овозможија и Албанците во Македонија да живеат во своја земја. Имаше подготовки за тој разговор со Грција кој не беше лесен и има историски карактеристики и товар од минатото на себе но... Македонија беше доволно позитивна и мислам дека Заев имал идеја што ќе се случи утре, така што сите црпеа сила за тој договор кој беше потребен и јас се надевам и сум сигурен дека референдумот овде ќе успее. Тоа не е значајно само за Македонија, тоа е многу важно и за Србија, Косово. Посебно е важно за Босна затоа што ако успееме да го решиме во овие неколку месеци статусот на Македонија, Косово, Србија, тогаш Босна ќе остане последна отворена тема и полесно ќе најдеме одговор на неа.

Што е со Србија? Вие имате став дека независноста на Косово е завршена работа. Често сте на удар поради овој став. Сепак сте против поделби во регионот.

-Не можете двапати да изгубите исто. Мене ми е жал што мојот народ толку згреши на Косово,  што во војната практично ја изгуби секоја можност за живот по старо со косовските Албанци.

Јас никогаш не мислев дека лагата води до добар исход. Косово од Србија е целосно независно но... И  Косово без разбирање на Србија и Србија без разбирање на самата себе е пред се темпирана бомба во регионот. Десет години после независноста на Косово половина свет го признава, но и понатаму Косово не го најде својот пат. Србија десет години стагнира, несвесна дека проблемот кој ескалира во Косово е всушност во неа самата. Затоа јас сметам дека решавањето на косовското прашање, односно отрезнување на тој план е предуслов за внатрешна трансформација за земјата и се надевам дека до тоа ќе дојде.  Денес е тешко да се води некоја рационална политика во Србија. Како да убедите милиони граѓани на Србија кои 30 години се труени дека треба да ја прифатат косовската независност, во момент кога Германците го апсат Пуџдемон, каталонскиот лидер, поради прогласена независност на Каталонија, а Хрватска одби да ја спроведе одлуката од Арбитражата и да препушти третина од Пиранскиот залив на Словенија. Тоа треба да го направиме во име на Европската унија, односно во момент кога германскиот Бундестаг излегува со пет различни сценарија за распад на Европската унија.

Ова е премногу лудо време и за општествата кои помалку се напатија од Србија, но ние таму живееме, јас сум политичар и моја работа е да бидам бродоломец.

Денес Вучиќ со помалку или повеќе успех ја интерпретира мојата политика и тоа мене не ми пречи. Јас мислам дека ние на крајот ќе го имаме причина за задоволство како и некои други тешки работи кои со премногу жртви сепак успешно ги завршивме.

Поради вашите ставови начекавте и бомба во вашиот автомобил, ве обвинуваат за многу работи. Имате деца, стравувате ли?

Моите деца ги чува обезбедување, полиција во текот на целиот ден. Во Белград јас никогаш не се возам во автомобил со нив, не се шетам со нив. Како најлош родител. Сепак не стравувам за себе и нема да се откажам од политиката без оглед колку го сакаат тоа од мене. Тоа е мојот стил на живот.

Како студент протестиравте против Милошевиќ, а во 2001 година преговаравте и практично го испративте Милошевиќ во Хаг. Бевте пријател со Ѓинѓиќ, ве поврзуваат со криминал, мафија, никој не знае од каде ви се парите, а вие негувате посебен лајфстајл.

-Тоа е мојот живот, јас никогаш не сум водел сметка за тоа што зборуваат за мене оние кои не ме сакаат но многу ми е важно во својот живот не повредам никој и до тоа секогаш сум се  придржувал.

Кога не можете да ја оспорите мојата политика, тогаш единствено што можете да е да ме оспорите мене. Јас сум поголем наркоман од Ескобар и сите шефови на мексички картели заедно. Јас сум најголем крадец ....За мене има многу повеќе негативни текстови и се би било идеално да не го испорачав Милошевиќ на Хашкиот трибунал. Да реков дека Косово е срцето на Србија и да пратев таму некои други деца да страдаат или овде ја поддржав ордата која дојде во Собрание да го убие Заев и да почне граѓанска војна во Македонија. Бидејќи тоа не сум и никогаш нема да бидам, тие со задоволство нека прават тоа што најдобро го можат, а тоа е да сплеткарат, клеветат и да пукаат од зад грб. Јас го правам она што единствено го можам. Да го отворам патот и на себе и на сите оние кои сакаат да живеат нормално.

Александра Томиќ


Можеби ќе ве интересира

ОСМАНИ ОСТАНУВА НА СВОЈОТ СТАВ: Владата ќе одлучи за иднината на Отворен Балкан

ОСМАНИ ОСТАНУВА НА СВОЈОТ СТАВ: Владата ќе одлучи за иднината на Отворен Балкан

ГРЕШКА СО ЗНАМИЊАТА: Македонската армија се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд

ГРЕШКА СО ЗНАМИЊАТА: Македонската армија се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд

АПАСИЕВ ЗА ИЗЈАВАТА НА МИЦКОСКИ: Не верувај им на ДПМНЕјците, дури и кога ти носат подароци

АПАСИЕВ ЗА ИЗЈАВАТА НА МИЦКОСКИ: Не верувај им на ДПМНЕјците, дури и кога ти носат подароци

Директорот на „Стрежево“ купил 4,5 пати поскап ратрак на старо

Директорот на „Стрежево“ купил 4,5 пати поскап ратрак на старо

ДАВКОВА ИЛИ ПЕНДАРОВСКИ, ТАРАВАРИ ИЛИ ОСМАНИ, ВМРО-ДПМНЕ ИЛИ СДСМ - еве кој води на најновата анкета на ЦРПЦ

ДАВКОВА ИЛИ ПЕНДАРОВСКИ, ТАРАВАРИ ИЛИ ОСМАНИ, ВМРО-ДПМНЕ ИЛИ СДСМ - еве кој води на најновата анкета на ЦРПЦ

Боки 13: Да се расчисти случајот „Рекет“ и да се каже каде се парите

Боки 13: Да се расчисти случајот „Рекет“ и да се каже каде се парите

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГЕРМАНИЈА НА ГОЛЕМИ МАКИ – најевтина кирија е 1.000 евра, во големите градови уште поскапо

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГЕРМАНИЈА НА ГОЛЕМИ МАКИ – најевтина кирија е 1.000 евра, во големите градови уште поскапо

ДИРЕКТОРОТ НА ЈП „СТРЕЖЕВО“ ЗАРАБОТИ КРИВИЧНА ПРИЈАВА: И покрај тоа што имале ратрак, тој повторно спровел постапка за набавка на уште еден

ДИРЕКТОРОТ НА ЈП „СТРЕЖЕВО“ ЗАРАБОТИ КРИВИЧНА ПРИЈАВА: И покрај тоа што имале ратрак, тој повторно спровел постапка за набавка на уште еден

СОНК не сака да одработува саботи во училиштата

СОНК не сака да одработува саботи во училиштата