24 Ноември, 2024
0.0280

ИНТЕРВЈУ СО Д-Р. НИКОЛА ПАНОВСКИ: Со ова темпо на новозарaзени, за година-две ќе се инфицира половина од населението во Македонија

Објавено во: Македонија, Интервјуа 18 Јуни, 2020

Добивај вести на Viber

Скапо ќе не чинат грешките кои се направија во водењето на оваа епидемија, а почнаа со објавување на изборната кампања, некаде на почетокот на месец мај, кога се разлабавија мерките во услови на флагрантно кршење на законите и прописите за заштита од заразни болести од страна на граѓаните, вели во интервју за Фактор, професор д-р. Никола Пановски, еден од врвните микробиолози во земјава. Одговарајќи на низа актуелни прашања кои се однесуваат на кризата со корона вирусот во Македонија, професор Пановски смета дека многу посериозна опасност имаме внатре во државата, отколку од надвор, бидејќи, како што појаснува и по отворањето на границите, туристите секако нема да побрзаат да ја посетат земјава. Лично смета дека се уште е рано за целосно спроведување на олабавувањето на мерките од третата фаза, меѓу кои и отворањето на хотелските објекти. Според професорот Пановски и покрај намалената јачина на вирусот, 10 отсто е висок процент на заболените граѓани кои бараат хоспитализација, односно имаат тешка клиничка слика, па така, како што вели, со секојдневните 15-20 хоспитализации, болничките капацитети веќе се преоптоварени. Во однос на дексаметазонот, кој се споменува како лек кој при третманот на пациентите со тешка клиничка слика ја намалува смртноста, вели дека не смее ниту да се помисли да се зема на своја рака, бидејќи ако почнат да го купуваат сега, а може да се подигне и без рецепт, оние со полесна клиничка слика, постои опасност потешко да се разболат. Да се подготвиме дека ова ќе трае со месеци, истакнува професорот во интервјуто, и нагласува дека Ковид -19 може да го има и во година ова време, но ако вака продолжиме уште една година, со по 100-200 нови случаи дневно, во Македонија вакцината ќе пристигне доцна.

Комисијата за заразни болести секојдневно одржува состаноци на кои во текот на неделава се разговара за третата фаза олабавување на рестриктивните мерки, отворање на границите, отворање на хотелите, базените...Дали повторно сметате дека ова би биле избрзани одлуки, со оглед на фактот дека последниве десеттина дена бројот на новозаразени со корона вирусот е постојано над 100?

Д-р. Пановски: Да, секако. Се надевам дека само разговараат, а ќе почекаат со предлог мерките. За отворање на хотели во оваа фаза е рано. Свесен сум за економските последици, но сепак треба да се почека. Границите можат да се отоворат, пред се за нашатите луѓе кои се надвор, а сакаат да дојдат летово. Нам ни прети поголема опасност од внатре отколку од надвор. Не очекувам дека странските туристи ќе навалат во Македонија додека бројот на заразени не падне под 20 новозаразени дневно.

Болниците веќе се преполни со пациенти. На Инфективната клиника повеќе нема слободни кревети заради што ја ставаат во функција и монтажната болница, додека во ГОБ „8 Септември“, приспособен е уште еден оддел за пациентите со Ковид-19. На што се должи преоптоварувањето на здравствениот систем, од кој толку многу се плашевме и сиве овие месеци неуморно се работеше да не дојде до ваква ситуација?

Д-р. Пановски: Се должи на големиот број на новоинфицирани, односно фактот дека на почетокот на месец мај имавме под 400 активни случаи, а сега тој број е речиси шест пати поголем.  Имаме експоненцијален раст на позитивни случаи, кои го немавме ниту на почетокот на пандемијата кај нас.

Можете ли да ни појасните, а со оглед на фактот за се поголеми бројки на почнати и новозарзани, врз основа на што здравствените власти информираат за намалената вирулентност на Ковид-19?

Д-р. Пановски: Нивните аргументи се дека бројот на асимптоматски и лесни случаи е поголем сега отколку во март и април. На пример од првите 2000 позитивни, докажани до крајот на април, 35% биле без симптоми, а сега се 65%, односно заедно со полесните случаи околу 90% се лесни случаи кој не бараат хоспитализација. Сепак и 10% се голема бројка кога имаме по 150 до 200 нови случаи денови со ред, па така по 15-20 хоспитализации дневно ги пополнија капацитетите. Оваа појава може да се должи и на поголемиот опфат на тестирање на контактите, што не беше случај на почетоткот на пандемијата.

Колкави би биле биле бројките на починати и заразени доколку вирусот ја имаше претходната јачина?

Д-р. Пановски: Бројот на позитивни би бил ист, бидејќи под намалена вирулентност на вирусот подразбираме дека предизвикува помали оштетувања на домаќинот, а ако преносливоста не му е намалена, како што е очигледно, позитивните случаи нема да се намалат, туку само процентот на сериозни случаи во однос на вкупно позитивните. Веројатно бројот на хоспитализации и смртноста ќе беше двојно поголема од сегашната, која како што реков не е мала.

Освен постојаниот раст на бројот на новозаразени, статистиката покажува дека и бројот на починати е во подем. Јунската бројка според она што до сега го гледаме многу скоро би го надминала бројот во април, кој се сметаше за пик на вирусот. Која е причината за ова, дали пациентите многу доцна бараат медицинска помош или секој што ќе почине се регистрира како починат од корона вирусот?

Д-р. Пановски: Веројатно од се по малку. Добар дел од пациентите умираат на пат кон болница или првиот ден од хоспитализацијата. За прв пат во овј период имаме смртни случаи и во инфективните одделенија надвор од Скопје. Второ, смртноста кај пациенти на механичка вентилација е екстремно висока и трето, од за мене сосема неразбирливи причини, секој оној на кој ќе му се докаже позтивен тест на вирусот во носот, па дури и осмртно, се прогласува како починат од ковид 19. Претседателот на Комисијата, одговорно тврдеше дека најмалку 30 случаи сигурно не починале од ковид 19 туку од друга причина, а сепак се водат како починати од корона вирусот. Како починати од корона се водат и случаи инаку починати од насилна смрт. Ваков начин на водење на евиденција е спротивен на протоколот на СЗО за причина за смртта. Морталитетот би бил повторно највисок во однос на регионот и без ваква нелогична и несфатлива евиденција.

Поради ваквата состојба, преоптовареноста на болничките капацитети, но и поради зголемувањето на бројот на заразени здравствени работници, болниците побараа засилување на медицинскиот кадар со сестри и лекари од останатите болници во државата. Но, дел од инфектолозите сметаат дека тие не се доволно подготвени за ваква кризна ситуација. Каков е вашиот став по ова прашање, може ли со куса обука да се одговори на предизвикот наречен Ковид-19?

Д-р. Пановски: Очигледно друг избор нема, подобро нешто отколку ништо. Голготата за инфектолозите и сите оние кои работат на инфективните одделенија допрва почнува. Секоја помош е неопходна и добредојдена.

До сега во јавноста излегоа стотици наслови за можен лек против корона вирусот, за брзо пронаоѓање на вакцина, а еве од денеска според британски експерти се говори и за дексаметазонот како терапија за потешките случаи за намалување на ризикот од смртноста од вирусот. Кое е вашето мислење во однос на терапиите за пациените болни од Ковид-19?

Д-р. Пановски: Очигледно, лек кој ќе спречи размножување на вирусот не е најден, ниту е на повидок, се пробаа сите антвирусни средства кој до сега се користеле против грип, ебола, СИДА, но нема сигурни податоци дека некој од нив навистина е ефикасен. Се уште се во фаза на испитување во многу мултицентрични студии. Хлороквинот е веќе отфрлен, дури и студијата објавена во Ланцет за неговата ефикасност е повлечена како сомнителна. На азитромицинот веќе се заборави. Се останато се лекови кои во одреден кризен момент можат да го спасат пациентот. Таков е и дексаметазонот кој се дава само кај одредни тешки случаи со цел да ја ублажи преголемата реакција на организмот кон вирусот, односно ја ублажува претерената воспалителна реакција која сама по себе може да направи оштетувања. Не смее да се зема на своја рака, бидејќи го намалува имунитетот. Ако почнат да го купуваат сега, а може да се подигне и без рецепт, оние со полесна клиничка слика, постои опасност потешко да се разболат. Значи употреба само во единици на интензивна нега, само кај одредени случаи. Други начини на лекување се со антикоагуланти (терапија против тромбоза), озонска терапија, за да се внесе кислород преку вена, кога не може преку бели дробови и крвна плазма од рековалесценти за да го неутрализира вирусот со антителата кои таа ги содржи. Секако дека смртноста на светско ниво се намалува, односно бројот на дијагностицирани дневно расте и изнесува околу 130.000, а смртност која беше 7500 случаи дневно, сега е околу 5000 на ден. Можеби ова се должи и на скромните искуства во терапиите кои ги споменав.

Кога според вас официјално ќе заврши епидемијата во Македонија?

Д-р. Пановски: Грешките кои се направија во водењето на оваа епидемија, а почнаа со објавување на изборната кампања, некаде на почетокот на месец мај, кога се разлабавија мерките во услови на флагрантно кршење на законите и прописите за заштита од заразни болести од страна на граѓаните, скапо ќе ги плаќаме уште долго по сите основи, здравствени, психолошки, социјални, економски итн. За нови рестриктивни мерки очигледно немаме веќе сили да ги спроведеме, економијата е пред колапс, остануваат апелите до граѓаните да престанат да ги прекршуваат мерките, да заборават на било какви прослави, собирања, свадби, родендени итн. Вирусот не ослабува во лето, барем не колку што се очекуваше, така што сите оптимистички прогнози паднаа во вода. Имаме по 100 смртни случаи за 14 дена, значи и со намалена вируленција, заради енормното ширење на болеста, бројот на смтрни случаи е висок. Уште десетина дена бројот на активни случаи ќе расте, потоа бројот на излечени или негативизирани ќе биде ист со бројот на новите случаи, бидејќи ќе почнат да се негативизираат или оздравуваат оние од вториот бран. Можам само да тврдам дека нема да расте бројот на активни случаи, по следните десет дена, кога веројатно ќе достигне бројка од 3000-3300, и таков ќе опстојува најмалку десет денови, а можеби и до крајот на летото.  Едноставно, да се подготвиме дека ова ќе трае со месеци, трпението и брзата адаптација на состојбава се единственото што ни останува. Секако дека може да го има и во година ова време, но ако вака продолжиме уште една година, со по 100-200 нови случаи дневно, во Македонија вакцината ќе пристигне доцна. Со ова темпо, за година-две, ќе се инфицира половина од населението. Сигурен сум дека идната пролет, ќе биде подобра состојбата од оваа пролет. За есента и зимата кои престојат, само се надевам, но не сум сигурен.  

Анита Буховски


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

ШИЛЕГОВ СПОДЕЛИ РАДОСНА СЕМЕЈНА ВЕСТ: Тој е горд татко на дипломката Симона Шилегова

ШИЛЕГОВ СПОДЕЛИ РАДОСНА СЕМЕЈНА ВЕСТ: Тој е горд татко на дипломката Симона Шилегова

Во Клиника Жан Митрев повторно успешно примената наградуваната метода за хирургија без рез

Во Клиника Жан Митрев повторно успешно примената наградуваната метода за хирургија без рез

МАКЕДОНСКИ АВТОБУС ЗАГЛАВИ ВО СНЕЖНИТЕ НАНОСИ ВО СРБИЈА, УДРИЛ ВО БАНКИНА: Невремето со снег направи хаос

МАКЕДОНСКИ АВТОБУС ЗАГЛАВИ ВО СНЕЖНИТЕ НАНОСИ ВО СРБИЈА, УДРИЛ ВО БАНКИНА: Невремето со снег направи хаос

ПУСТОШ ВО ДЕБАР, БИТОЛА, ШТИП, ВЕТРОТ ОТКОРНА 100-ГОДИШНИ ДРВЈА: Неделава со поларни температури

ПУСТОШ ВО ДЕБАР, БИТОЛА, ШТИП, ВЕТРОТ ОТКОРНА 100-ГОДИШНИ ДРВЈА: Неделава со поларни температури

МИЦКОСКИ: Ќе излеземе со нов предлог-проект за набавка на 100-120 електрични автобуси кои нема да бидат само за ЈСП

МИЦКОСКИ: Ќе излеземе со нов предлог-проект за набавка на 100-120 електрични автобуси кои нема да бидат само за ЈСП

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Се одржа протест поради проблемите со јавниот превоз во Скопје

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Се одржа протест поради проблемите со јавниот превоз во Скопје

ВЕЧЕРВА ПОЛЕСНО СЕ ДИШЕ: Куманово и Струмица се средно загадени

ВЕЧЕРВА ПОЛЕСНО СЕ ДИШЕ: Куманово и Струмица се средно загадени

ПО ШТИП, НА УДАР И БИТОЛА: Силниот ветер направи штети

ПО ШТИП, НА УДАР И БИТОЛА: Силниот ветер направи штети

ОШТЕТЕН ПОКРИВ НА УЧИЛИШТЕ И ПАДНАТИ ДРВЈА: Силен ветер направи хаос во Штип

ОШТЕТЕН ПОКРИВ НА УЧИЛИШТЕ И ПАДНАТИ ДРВЈА: Силен ветер направи хаос во Штип