05 Декември, 2025
0.0380

Интервју со Горан Марковиќ, Главен извршен директор на Македонски Телеком: Дигиталната иднина се гради со доверба и љубопитност

Објавено во: Економија 28 Ноември, 2025 09:42

Добивај вести на Viber

Годинава Македонски Телеком слави 25 години како дел од Дојче Телеком. Низ годините, како пионер во најновите технологии, од првата оптичка мрежа, првата 5G мрежа, првата дигитална телевизија… компанијата ја создаде основата за дигитална трансформација, но и многу повеќе од тоа. Разговаравме со Горан Марковиќ, којшто од неодамна е на чело на Телеком, за приоритетите, чекорите и предизвиците од дигитализацијата, плановите за иднината, како и за тоа зошто довербата и љубопитноста се најважната основа за дигиталната иднина.

Доаѓате во Македонија со големо интернационално искуство. Кои се вашите први впечатоци за земјата и за компанијата?

Марковиќ: Тука сум само пет месеци, а веќе се чувствувам како дома. И точно е дека имам интернационално искуство, но и црногорско потекло, поради што Македонија многу брзо ми стана блиска, со сите свои убави страни и предизвици. И моето семејство веднаш се адаптираше. Децата многу лесно најдоа нови пријатели, а тоа е предизвик бидејќи често се селиме. Ова зборува многу за духот на оваа земја. Големо задоволство ми е што се придружив на Македонски Телеком, компанија којашто е лидер на пазарот и дел од Дојче Телеком веќе 25 години. Оваа компанија има богата историја, силна позиција и визија и, најважно, луѓе коишто со генерации го граделе и го градат Телеком секогаш чекор пред сите; луѓе коишто имаат страст, потенцијал и мотивација заедно да одиме напред, да се менуваме и да стануваме подобри.

Дигиталната трансформација е и национален приоритет. Која ќе биде улогата на Телеком во овој процес?

Марковиќ: Со една реченица – ние треба да бидеме моторот што ќе ја движи оваа промена. Прво, со најмодерна инфраструктура врз која се гради дигиталната економија, што подразбира големи инвестиции во таа инфраструктура. Но не станува збор само за технологија. Нашата визија е да создадеме средина во која дигиталните решенија го подобруваат секојдневието на граѓаните, економијата и функционирањето на институциите; да работиме на широка употреба на вештачката интелигенција и технологии коишто ќе го подобрат животот на луѓето, но и на сигурноста и безбедноста на тој дигитален свет, на заштита на податоците и намалување на дигиталниот јаз. Нашата цел е јасна – активно да учествуваме во градењето современо, конкурентно и еднакво дигитално општество.

Кои конкретни чекори ги преземате?

Марковиќ: Неодамна потпишавме Меморандум со Владата како партнери и два најголеми акционери во компанијата изминатите 25 години, па и понатаму, што е многу важно за зајакнување на нашата заедничка дигитална цел и агенда. До 2028годинаќе инвестираме 40 милиони евра во најсовремена инфраструктура, пристап до гигабитна мрежа за сите, како и дигиталнатрансформација на бизнисите и клучните јавни услуги. Ќе инвестираме во дата центар како клучна компонента на дигиталната безбедност на земјата. Продолжуваме активно да работиме на дигиталната инклузија за сите граѓани, без разлика каде живеат или какви можности имаат.

Оваа година славите 25 години јубилеј како дел од Дојче Телеком. Зошто е ова важно за корисниците во Македонија?

Марковиќ: Да се биде дел од највредниот светски телекомуникациски бренд, присутен во 50 земји во светот, со милиони корисници, е голема придобивка за нашите корисници, но и за земјата. Во овие 25 години имаме инвестирано 1,15 милијарди евра во инфраструктура, иновации и најдобро корисничко искуство, пионери сме во сите нови технологии, од 3G, 4G, 5G, оптика, дигитална телевизија итн. Но не станува збор само за нови технологии и квалитетни услуги, туку и за едукација, најдобри интернационални практики и развој на кадри. Ние имаме експертиза од Дојче Телеком и многу лесно ги носиме кај нас сите добри и ефективни практики. Од друга страна, многу наши луѓе изградија интернационални кариери во Дојче Телеком, но и обратно, многу експерти од Групацијата доаѓаат тука, како еден вид на hub на ресурси што го стимулира пазарот. Накратко - проток на луѓе, знаење, идеи и најдобри практики.

На пазарот се најавува трет оператор. Каков е вашиот став?

Марковиќ: Амбициозен. Нашиот дух е лидерски, а силната конкуренција е поттик да се надминеме себеси. Нашата цел не е само да бидеме најдобар телекомуникациски оператор, туку и најдобар дигитален оператор, што се прилагодува и ги користи новите алатки и технологии и секогаш делува за доброто на корисниците. Видете, ние имаме една мантра: секој член на тимот, без разлика што работи, има задача да си го постави прашањето – што направив денес за нашите корисници? И секогаш работиме во насока на тоа да нема корисник што ќе има потреба да замине од Телеком. Со години имаме највисоко задоволство на корисниците според TRI*M индексот. Но, ако застанеме и го правиме истото што и досега, нема да растеме. А растот, отвореноста, храброста за користење нови технологии, новите начини на работа и, најважно, максималната посветеност на корисниците е патот по кој ќе одиме. Тоа воедно е и единствениот пат кон успех. Од друга страна, уверени сме дека е многу тешко во Македонија некој друг да го постави овој европски квалитет на услуги со овие цени.

Каков лидер сте?

Марковиќ: Не верувам во суперхерои. Не постои човек што е подобар од тимот. Луѓето се тие коишто ја водат оваа компанија, тие се експерти. Затоа верувам во луѓето и во лидери кои овозможуваат тимот да го даде најдоброто од себе, овозможуваат тимот да работи. А ние имаме одличен тим и сакаме да ги привлечеме најдобрите тимски играчи на пазарот кај нас.Охрабрувам култура на доверба, отворена комуникација која е клучна, особено во голема компанија. И најважно љубопитност.  За 10 години оваа компанија ќе изгледа сосема поинаку и токму затоа ги поттикнувам луѓето да бидат отворени и да не се плашат од промени. Љубопитноста за учење нови работи, храброста и отвореноста се квалитети коишто ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот. Но ова важи и за корисниците, за граѓаните воопшто. Наша задача е да обезбедиме широк пристап до најсовремени алатки, но корисниците се тие коишто треба да ги користат тие алатки.

Вештачката интелигенција зема сѐ поголем замав. Како ѝ пристапувате и кои AI иновации ќе го дефинираат телко секторот?

Марковиќ: Вештачката интелигенција е најголемото технолошко достигнување на нашето време, а ние уште многу рано почнавме да ја користиме. Денес, таа ги дефинира клучните области во телко секторот, но и обратно - ние придонесуваме за развојот. Дојче Телеком работи на изградбата на современ дата центар за вештачка интелигенција што ќе биде клучен чекор кон зајакнување на европската AI инфраструктура и независност од Америка на ова поле. Ние веќе со години ја користиме вештачката интелигенција за поефикасна и автоматизирана мрежа и подобро корисничко искуство. Големи промени се случуваат и во начинот на кој комуницираме со корисниците: новите генерации чeт-ботови, алатките за поддршка на корисниците, како и системите за учење и насочување на нашите вработени ќе бидат базирани на AI. Исто така веруваме во демократизација на пристапот до овие технологии и им нудиме на корисниците вакви алатки без никаков надомест, како што е МagentaAI преку  апликацијата Telekom MK. Истовремено, свесни сме за одговорноста и за ризиците, затоа AI мора да биде соодветно регулирана.

Кои се најголемите предизвици што ги носи дигитализацијата?

Марковиќ: Најголемите ризици од дигитализацијата доаѓаат од три области. Првата, како што веќе посочив, е потребата од јасна регулација на вештачката интелигенција. AI носи огромни придобивки, но мора да се обезбеди рамка што ќе гарантира транспарентност, етичка употреба и заштита на граѓаните. Второ, заштитата на податоците и мрежите станува критична. Со зголемување на дигиталните услуги растат и заканите, па силната сајбер - безбедност е основата за доверба. И трето, технологијата не смее да создава нови нееднаквости. Живееме во интересно време во кое дигиталното општество треба да го градиме со доверба - доверба на корисниците и целото општество дека сме партнер за сигурна и безбедна дигитална иднина за сите.

Кои се плановите за наредните години?

Марковиќ: Прво, реализација на инвестициите за најдобра инфраструктура. Нашите мрежи се основа за дигиталното општество, за најдобра поврзаност на корисниците, бизнисите и институциите. Второ, но најважно – 100% посветеност на нашите корисници, најдобро искуство, најквалитетни услуги и најнови алатки. Трето – активно учество во намалување на дигиталниот јаз за сите да имаат еднаков пристап и да не заостануваат во образованието, работата и секојдневниот живот. Важно е сите да имаат пристап до интернет, дигитални услуги и дигитални вештини, за никој да не остане на маргините на новата економија. Ќе ја искористиме предноста што сме дел од светска групација и ќе ги донесеме најновите трендови во областите на сајбер безбедноста, AI и дигиталните алатки и решенија на македонскиот пазар. И ќе останеме љубопитни за сите нови предизвици и отворени да се подобруваме и да се надминуваме себеси.

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

АЛЕКСАНДАР МАНЕВ ВО „БИЗНИС-КЛУБ“: „Кадарот го создава духот на компанијата“

АЛЕКСАНДАР МАНЕВ ВО „БИЗНИС-КЛУБ“: „Кадарот го создава духот на компанијата“

Венецуела го зголеми дневниот извоз на нафта во ноември

Венецуела го зголеми дневниот извоз на нафта во ноември

Oва се земји каде трошоците растат, а квалитетот на живот е загрозен

Oва се земји каде трошоците растат, а квалитетот на живот е загрозен

Хрватска е поскапа од Тоскана и Прованса, туристите се шокирани од цените

Хрватска е поскапа од Тоскана и Прованса, туристите се шокирани од цените

Димитриеска-Кочоска: Нема задолжување надвор од предвидените за годинава

Димитриеска-Кочоска: Нема задолжување надвор од предвидените за годинава

Путин ја затвора вратата за Г8: Престанав да одам

Путин ја затвора вратата за Г8: Престанав да одам

Германија ја зголемува минималната плата од 1 јануари, компаниите најавуваат зголемување на цените и отпуштања

Германија ја зголемува минималната плата од 1 јануари, компаниите најавуваат зголемување на цените и отпуштања

Германската Heidelberg Postpress бара стабилната деловна средина и квалификувани работници - ТИРЗ Скопје и Штип меѓу потенцијалните локации

Германската Heidelberg Postpress бара стабилната деловна средина и квалификувани работници - ТИРЗ Скопје и Штип меѓу потенцијалните локации

Инженери на РМ: ВМРО-ДПМНЕ да ја повлече наплатата од 200 денари за пристап до мрежа, како што вети

Инженери на РМ: ВМРО-ДПМНЕ да ја повлече наплатата од 200 денари за пристап до мрежа, како што вети