ИНТЕРВЈУ СО МИНИСТЕРОТ ЗА ПРАВДА ИГОР ФИЛКОВ: Секој што злоупотребил функција нема да остане неказнет, и за тоа ќе најдеме соодветно решение
Објавено во: Македонија, Интервјуа 01 Септември, 2024
Реформи во правосудниот систем се неопходни и тие ќе се случат. Министерот за правда, Игор Филков објаснува дека во периодот кој следи имаат многу предизвици со кои ќе треба да се справат. Борбата со корупцијата останува во фокусот.
Министре Филков, работата ја
започнавте мошне решително, зафаќајќи се со стари проблеми како екстрадицијата
која се провлекува со години и нови одлуки како цената на нотарските услуги.
Дали овие два чекори ја навестуваат работата на Министерството во следниот
период?
Започнавме со работа со една и единствена цел - да го зацврстиме владеењето на правото и правниот систем во државата. А тоа значи преиспитување на законите и правилниците, случаите од корен и сите важни и суштински правни аспекти. Има толку многу што треба да се направи во правниот систем на државата и сето тоа е приоритетно. Започнувањето со случај што се провлекува повеќе од 10 години, како екстрадиција на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ и последната спорна одлука за зголемување на цената на нотарските услуги, значи токму тоа, дека еднакво ќе се посветиме на теми и решавање проблеми кои се во интерес на граѓани но и на оние, заостанати прашања што директно се однесуваат на владеење на правото и на ефективноста на правниот систем во државата. Започнуваме со воведување реформи, колку и да некој во минатото имал одбивност и неприфаќање, реформите во правосудниот систем мора да се случат. И започнуваме со транспарентно внесување на реформите, со дискусија со сите засегнати за секоја една промена, стручна јавност, академска, граѓани, бизниси, во зависност од прашањето. На овој начин повторно ќе го воспоставиме системот, којшто досега го немаше и тоа во секој сегмент, затоа што сите знаеме дека во основата на секоја просперитетна активност во државата е функционален правен систем. Оттука започнува сѐ, а основната забелешка на граѓаните е дека нема систем што функционира, па затоа ќе го создадеме, издигнеме и унапредиме. Тоа е нашата насока и агенда по која ќе се движиме.
Да се навратиме на нотарските тарифи, зошто обравте токму со оваа одлука да го означите почетокот на вашата работа?
Затоа што се однесуваше директно на граѓаните и граѓаните ќе беа оштетени. Со ваквата одлука на претходниот министер Кренар Лога, освен што беше направен обид да биде донесена и протната на мала врата изразено штетна одлука, уште и сериозно ќе посегнеше во џебот на граѓаните. Оваа, сега веќе неславна одлука, претпоставуваше најголемо поскапување за составувањето на нотарски акти од помала вредност кои се чести кај граѓаните, а кај актите од стотици или илјадници евра речиси и да немаше промени или поскапувањето би било минимално. Дали е во ред тоа да се дозволи – секако не! Дали на ваков начин се гради правичен систем во државата – не и ние тоа нема да дозволиме и ова се однесува за секое прашање. Одлуката стапува на сила од 1 септември и не значи дека кој било ќе биде оштетен. Со отповикување на штетната одлука ветивме и транспарентност во нашата работа и дискусија со засегнатите страни, така што во иднина може повторно да биде иницирано измена во нотарскиот тарифник, но тоа претходно ќе опфати широка анализа и дискусија, за никој да не биде оштетен.
Едно од покрупните прашања што е поврзано со суштинско спроведување на законите, со владеење на правото и со искоренување на корупцијата е прашањето на следење на потеклото на имотот. Дали се прави нешто по ова прашање?
И борбата против корупцијата, всушност посебно овие случаи треба да се водат врз основа на владеењето на правото и функционирањето на системот. И токму тоа го правиме. Искоренувањето на корупцијата е суштинско но и комплексно и сеопфатно прашање, кое го има неславниот примат на најголем проблем во државата и најважно прашање. И затоа суштински влегуваме во решавање на овој проблем. Првото што го направивме е стапувањето во сила на меѓународната спогодба за размена на податоци за проверка на изјави за имотна состојба и Конвенцијата на Советот на Европа за пристап до официјални документи. Да појаснам зошто е ова важно. Оваа меѓународна спогодба е значаен инструмент кој на органите на државите им овозможува соработка за директна административна размена на податоци и информации за проверка на изјавите за имотна состојба.
Примената на спогодбата ќе ги унапреди механизмите за превенција и борба против корупцијата во согласност со меѓународните стандарди за заштита на податоци кои ги утврдуваат ограничувањата на прекуграничната размена на податоците. Исто така, е во корелација со судската пракса на Европскиот суд за човекови права, која покажува оправданост на објавувањето на податоците за имотна состојба и интересите, имајќи го предвид легитимниот интерес на општата јавност за информираност во однос на финансиската состојба на функционерите. Во спроведувањето на оваа спогодба, Државната комисија за спречување на корупцијата, пристапува до бази на податоци кои се водат во други органи и институции и ДКСК ќе соработува со национални тела на други држави, како и со меѓународни организации на полето на спречување на корупцијата. На тој начин ќе се разменуваат информации со надлежни тела на други држави и меѓународни организации, врз основа на обврски преземени со ратификувани меѓународни договори.
Додека пак пристапувањето кон ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за пристап до официјални документи, целосно кореспондира со стратешката определба на Владата на Република Северна Македонија за почитување на човековите права и спроведување на меѓународно преземените обврски.
И Спогодбата и Конвенција се ратификувани во Собранието на 13 август 2024 година и со тоа нашата посветеност на борбата против корупцијата и транспарентност се вкоренети во сите идни одлуки и реформи што како Министерство ќе ги преземеме.
Се уште е актуелно прашањето со бегството на Блерим Рамадани и одлуката на судијата. Дали се уште сте на ставот дека судијата Пајазити донесе погрешна одлука и каде ќе води разрешницата?
Одлуката на судијата не само што е погрешна туку е во спротивност на досегашната пракса. А нашата цел е целосна примена на законите во државата за секого без исклучок. Ова прашање треба да има приоритет а веќе 10 дена го чекаме Судскиот совет да одлучи дали судијата Пајазити постапил согласно законите, што не е така и доколку се разгледаат сите докази, аргументи и факти ќе биде констатирано дека не, не одлучил правилно. Ако бидеме искрени ќе признаеме дека во одлуката на судијата Пајазити е отсликано сето она што го поткопува правниот систем во државата и против кое безусловно ќе се бориме да го смениме. Затоа ни се потребни темелни реформи. Оваа постапката и оваа одлука укажуваат дека мора да спроведеме реформски процеси за да изградиме правен систем каде ќе има еднаква правда за сите. Систем каде ќе доминираат вистински професионалци, законски и правни принципи а не други интереси или пак уште полошо партиски послушници.
Решени сме да создадеме систем каде вакви и слични ситуации нема да ни се случуваат.
Со една од реформите што ја најавивте е опфатен и Судскиот совет за што, повторно се крена бура од реакции од разни страни што некои го протолкуваа како мешање во работата на Советот. За каква реформа станува збор и до каде е работата на ова прашање?
Судскиот совет треба да биде независно тело кое во одлуките се раководи токму од индивидуалната дисциплинска одговорност на членовите на Советот, нивната професионалност и нивната посветеност на законските парадигми и токму во таа насока е и предвидената реформа. Нашата цел беше и е создавање на целосно независно судско тело, независно во секој аспект на неговото функционирање и тело кое ќе носи аргументирани и законски и правно поддржани одлуки. Започнавме со тоа да независноста на ова тело биде постигната не со предлозите од владата, од парламентот, од претседателот, туку напротив предлозите за нови членови да дојдат од самите судии и обвинители, самите да ги изберат најдобрите и најпринципиелните меѓу нив. И затоа дадовме време Советот односно самите со гласање или каков и да е механизам да ги изберат своите членови. Но, од нивна страна се уште нема никаков одговор нити некаква реакција нити одлука.
Во изминатава година една од најгорливите теми беше и Кривичниот законик, сега вие навестувате повторно работа и повторно измени. Само да се потсетиме дека негативните реакции не изостанаа и од Европската Комисија кои во Извештајот за земјава за 2023 година изразија сериозна загриженост за така донесените измени. Што е она што ќе биде донесено сега како измена, што да очекуваме?
Пред една година македонската казнена политика беше ревидирана во пропишувањето на кривични дела и казни и тоа со контроверзни одлуки. И сосема оправдано тоа предизвика бурни реакции, насекаде. Она што е извесно и она што може да го ветам е дека се работи на итни, приоритетни и реформски измени со кои ќе се анулира настаната состојба и државата повторно ќе се врати на патот на европските политики во сферата на борбата со организираниот криминал и корупција, а законодавството ќе биде усогласено со важечките директиви и меѓународни конвенции.
Има коментари од стручната јавност дека измените што ги носите, нема да ја отстранат штетата од актуелниот КЗ, само ќе превенираат во иднина сторителите да не се огрешат пред законот. Како ќе ги решите тие случаи кои веќе се под актуелниот Кривичен законик?
Секој што злоупотребил функција нема да остане неказнет, и за тоа ќе најдеме соодветно решение. Ако Законот не дозволува да се примени ретроактивно, има и други механизми и правдата на овој или оној начин ќе биде спроведена. Решени сме да создадеме функционален и стабилен правен систем, кој што ќе биде во служба на правото и граѓаните и кој што ќе биде усогласен со европското законодавство каде овие приоритети се посебно потенцирани.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.