ИНТЕРВЈУ СВИЛАНОВИЌ ЗА ФАКТОР: На бизнисот не му требаат совети, туку вмрежување, олеснување на давачките и решителна поддршка од владите
Објавено во: Економија, Интервјуа 27 Јули, 2021
ЕУ инвестираше големи суми пари за да им поногне на деловните луѓе од регионот да соработуваат и да го развиваат и унапредуваат својот бизнис. Стопанските комори беа носители на тој процес, па бројните договори за соработка што тие ги склучија придонесоа значително да се зголеми трговијата и на Балканот, но и нивната размена со Европската унија. Ова, меѓу другото, во ексклузивно интервју за Фактор го открива д-р Горан Свилановиќ, советник на претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија за регионални прашања. На бизнисот не му требаат совети, вели тој, туку токму она штои сега се прави, а тоа е вмрежување, олеснување на давачките од државите и решителна поддршка од владите...
Веќе подолго време сте дел до активностите за поттикнување и поддршка на
регионалната соработка во рамки на Западен Балкан. Како ќе ја зголемиме
соработката на ниво за кое реално постои потенцијал?
Во текот на изминатата деценија, ЕУ инвестираше огромни суми пари во организациска инфраструктура што треба да помогне во зајакнувањето на економската соработка меѓу земјите од регионот, да се зајакне регионалниот пазар на Западен Балкан и економската соработка на целокупниот бизнис од Балканот со европските бизниси.
Конкретно, со поддршка на ЕУ, формирани се организации кои го поддржуваат пренесувањето на европските правила за водење бизнис во нашите земји. Тоа се Енергетската заедница, ЦЕФТА, Советот за регионална соработка (РЦЦ), Транспортна заедница и Регионалната академија за јавна администрација.
Нашите стопански комори, од своја страна, ја поврзаа деловната заедница преку Коморскиот инвестициски форум (КИФ), како оригинална регионална иницијатива која е автентичен глас на деловната заедница која сака да ги искористи сите потенцијали на регионалниот балкански пазар кој работи по европски правила. Коморскиот инвестициски форум е практично интегриран во Европската стопанска комора, исто како што сите ние сакаме нашата регионална економија да биде меѓусебно интегрирана и истовремено интегрирана во европската економија.
Уште во 2017 година беше постигнат договор за Регионалната економска област и го постигнавме нашиот прв голем успех во мобилната телефонија, што на сите во регионот ни овозможува „разговори како од дома“, од јули оваа година. Во јули минатата година беше усвоен договорот за Заеднички регионален пазар 2021-2024, кој отиде чекор понатаму и ги постави темелите за целосна интеграција на сите наши мали економии во единствена економија.
Сите овие договори овозможија значително зголемување на трговијата на Балканот и натамошно зголемување на трговијата со ЕУ. Треба да се разбере дека сето ова е единствен процес, а не два паралелни процеса. Унапредувањето на меѓусебната трговија и деловно работење на Балканот е дел од подобрувањето на деловната активност и интеграцијата на балканскиот пазар во единствен пан-европски пазар што работи според регулативите на ЕУ. Во исто време, тоа е дел од процесот на пристапување на нашите земји во Европската унија.
Во иднина, очекувам најмногу од поврзувањето на таканаречената Зелена агенда на Балканот со Зелениот договор на ЕУ. Тоа е историска можност Балканот да стане дел од следната генерација на ЕУ (Next Gen EU) преку огромни инвестиции во енергетската транзиција.
Кои се предизвиците со кои се соочува Регионот. Зошто бизнисот не сака да го препознае реалниот потенцијал на регионот на Западен Балкан?
На бизнисот не му треба совет, туку точно тоа што се прави сега, поддршка за вмрежување, олеснување на сите давачки што доаѓаат од државата и решителна поддршка на владите, растоварени од непотребни економски и политички влијанија за да го најдат својот бизнис интерес. Уверен сум дека во такви околности, деловната заедница од регионот ќе ги препознае како најблиски партнери оние во нашето опкружување и заедно со нив да дејствуваат организирано на трети пазари, а во исто време и на сите кои доаѓаат од овие пазари да ја претставуваат нашата единствена дестинација - балкански пазар, која е целосно меѓусебно поврзан и работи според усогласени регулативи за инвестиции.
Она на што треба сега да се работи е постојано да се олеснува работењето на компаниите, да се намали финансискиот товар на претприемачите, постојано да се отстрануваат нетарифните бариери, постојано да се забрзува движењето на стоки, капитал и секако луѓе. Нашите политички лидери можат решително да им помогнат на деловните лидери постигнувајќи договори за патувања само со лична карта за сите во регионот, признавајќи академски дипломи и професионални квалификации, отстранувајќи ги сите пречки за движење во регионот за луѓе, стоки и капитал.
Ковид-19 кризата покажа дека соработката со соседите сериозно го премости проблемот со губење или намалување на соработката со дел од подалечните пазари од разни објективни причини. Дали тоа може да прерасне во среднорочна и пред се долгорочна стратегија на Западен Балкан. Да станеме вистински еден региони со една економија.
Среде пандемијата Ковид-19, на регионот му беше дадена можност да формира регионални ланци на снабдување во непосредното европско опкружување, за да може да се наметне како најблизок партнер на ЕУ, кој може да преземе дел од одговорноста за снабдување на пазарот на ЕУ со производи со врвен квалитет и стандарди.
Со цел да се одржат овие синџири на снабдување за време на кризата и што побрзо да се поврземе со пазарот на ЕУ, беа воспоставени т.н. Зелени коридори за движење на стоки на нашите граници. Потребни се повеќе чекори како овој. Има простор за уште поголемо забрзување на бизнисот во рамките на регионот и затоа го поддржувам договорот на трите економии, Албанија, Северна Македонија и Србија, кои мора да останат отворени за сите во регионот и да станат инклузивни веднаш штом сите други регионални економските иницијативи се инклузивни. Имаме поддршка и од Европската комисија и од Соединетите американски држави преку Атлантскиот совет, сè додека инсистираме на следниве деловни принципи:
- сите инфраструктурни проекти во кои инвестираме на национално ниво, да бидат оние проекти што како приоритетни регионални и европски проекти се договорени со ЕУ во рамките на Берлинскиот процес.
- во сите инфраструктурни проекти да се примени во целост клаузула за конкурентност, а тоа значи дека договорите се склучуваат во согласност со европските пазарни принципи.
- сите проекти да се изведуваат во согласност со највисоките еколошки стандарди, пропишани во ЕУ правилата и на тој начин да се придонесе кон интеграцијата на балканската зелена агенда во Зелениот договор на ЕУ.
- во сите инфраструктурни проекти како изведувачи и подизведувачи да работат компании од просторите на шесте економии од Западен Балкан заедно со нивните европски партнери.
Регионалната економска соработка, која сака да оди уште побрзо во формирањето на единствен балкански пазар, за што присуствуваме овие денови и во Скопје на Економскиот регионален форум, треба да се заснова на стимулации за дигитализација на јавната администрација, стимуланси за искористување на интелектуалниот потенцијал на нашите луѓе преку финансирање на иновации и креативни индустрии, стимулации за зајакнување на енергетскиот сектор преку зголемување на уделот на обновливи извори на енергија и постојана грижа за јавното здравје преку зачувување на туризмот и еколошкиот потенцијал на Балканот. За ова, ни е потребен сериозен напор за заштита на животната средина и деловната одржливост преку поддршка и целосно спроведување на принципите на циркуларната економија.
На политичко ниво, пораката мора да биде јасна: целосна отвореност и повик до Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово, во согласност со нивните интереси и изразена желба да станат членки на ЕУ, да бидат дел од единствената економска област на Балканот, кој има за цел да работи само врз принципите на деловните правила со ЕУ. Со таква меѓусебна економска интеграција едни со други и со ЕУ и со поддршка на нашите партнери од САД, ќе го олесниме решавањето на преостанатите политички прашања со целосно заемно почитување.
Д-р Горан Свилановиќ е меѓународен консултант кој ја создаде Регионалната платформа за деловно пријателство за земјите од Западен Балкан, насочена кон водење економски реформи засновани на целите на ООН за одржлив развој.
Беше генерален секретар на Советот за регионална соработка од 1.1.2013 до 31.1.2.2018 година, а на високи позиции беше и во пактот за стабилност кој подоцна се трансформира во Совет за регионална соработка.
Српски дипломат и политичар, поранешен министер за надворешни работи во Сојузна Република Југославија, од 1 јануари 2013 година до 31 декември 2018 година,
Свилановиќ е актуелен советник на претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија за регионални прашања.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.