14 Април, 2024
0.0366

ИНТЕРВЈУ ТИМЧО МУЦУНСКИ: Аеродром ќе стане Еко-дром, наместо само згради ќе пораснат и растенија

Објавено во: Македонија 14 Октомври, 2021

Добивај вести на Viber

Неговото име како кандидат за градоначалник за скопската општина Аеродром во јавноста дојде како изненадување, се споменуваа други имиња, а многу повеќе се коментираше дека кандидатурата на истакнат партиски член и политичар со добри меѓународни релации за локални избори можеби е многу повеќе уназадување отколку престиж. Тимчо Муцунски од ВМРО ДПМНЕ сега ја финишира предизборната трка и според некои анкети дури има предност пред противкандидатот од СДСМ. Се разбира граѓаните ќе го имаат последниот збор, а аеродромци на претходни избори знаеле да казнат кога некој не ги исполнил очекувањата.

Ве прашувам прво зошто одлучивте да се кандидирате? Или сепак тоа е партиска одлука на која не сте можеле да кажете „не“

Муцунски: Одлуката за кандидатурата за градоначалник на општина Аеродром  ми претставува голема чест, привилегија и задоволство и таа е заедничка, односно моја и одлука на надлежните партиски органи на ВМРО-ДПМНЕ. Изненадувањето веројатно би било реално доколку во Република Македонија постоеше релаксирана атмосфера и соодветни предуслови кои нудат забрзан  политички, економски и севкупен општествен развој, што за жал според мислењето на мнозинството граѓани на нашата таковина не е случај.

Во интерес на државата, мојата општина и сите наши граѓани ќе продолжам  квалитетно и одговорно да ги одржувам односите и воспоставена комуникација со претставниците на странските држави, меѓународни организации и поедници овде и надвор од земјата. Ќе ми биде посебно мило доколку со моето знаење, искуство и контакти можам да придонесам кон забрзан развој и на една од најубавите и најголемите општини во нашата држава. И тoкму тоа го правам. Пример е мојот состанок со Андреј Вижјак претседавач во Европскиот совет за животна средина и министер за животна средина во Словенија, кој ни понуди знаење и поддршка за проектите за Аеродром во таа област и искористување на фондови за развој. Знаеме сите дека Словенија е пример за зелена земја и токму институционалната поддршка од таму ќе биде од големо значење за развојот на нашата општина.

А не е ли според вас сепак локалната власт помала цел од на пример повисоки функции во извршната или дипломатијата?

Муцунски: Последиците кои произлегоа од битката со пандемијата и нејзиното менаџирање, продуцираниот забавен  економски развој, застојот на реформските процеси, зголемена корупција и редица владини чекори и постапки кои не ветуваат реален напредок имаа големо влијание во релативизирање на просторот за избор и определување на вистинската оценка во однос на степенот на значење на функциите на сите нивоа на власт. Токму во наведена насока лично сметам дека на овие локални избори ВМРО-ДПМНЕ направи добра одлука и понуди добри кадровски решенија за советничките и градоначалнички позиции, бидејќи токму во општините и градот Скопје избраните кандидати на најнепосреден начин ќе се соочат со  решавањето на прашањата и предизвиците кои најповеќе ги интересираат  граѓаните на секојдневно ниво.

Се кандидирате за најголемата скопска општина, многу поголема и од цели градови во државата, свесен претпоставувам за предизвикот и проблемите за жителите. Многу ветувања на многу локални избори останаа празни зборови подоцна во владеењето. Во кои пунктови ги сместувате вашите приоритети ако станете градоначалник?

Муцунски: Јас искрено верувам дека ќе успееме општина Аеродром  да ја направиме многу почиста, современо организирана и модерна општина, но и хумана животна средина, во која на наједноставен начин ќе биде возможно  сите жители да ги остварат своите права и да обезбедат за себе и нивните семејства квалитетни и брзи услуги, како и достоинствен, пристоен и просперитетен живот.

Меѓу моите приоритети ќе ги набројам следните: создавање на адекватни услови за отворање на поголем број на работни места, развивање и спроведување на редица економски трансформативни иницијативи и активности (кои ќе значат дополнително привлекување на странски инвеститори), промовирање на владеењето на правото и  искоренување на корупцијата, квалитетното инфраструктурно уредување на општината, зголемување на зелените површини, континуирано и темелно чистење на сите јавни простори и соодветно управување со отпадот, зголемување на јавната безбедност и безбедноста во сообраќајот, промовирање на дијалогот, разбирањето и взаемната поддршка меѓу граѓаните, поддршка на проектите  во јавното образование, организирање на традиционални и современи културни настани, унапредување на социјалните услуги, силна поддршка на спортските клубови и поттикнување на сите категории на граѓани за нивно вклучување во спортски активности. Она на што сум многу среќен е што во нашата програма ветивме и ќе го реализираме проектот за 0 денари дополнителен трошок за семејствата за градинка и основно училиште, и ќе обезбедиме спортска субвенција од 600 денари за секое дете за спорт.


Многумина пред вас велеа дека Аеродром ќе биде зелена општина, се ветуваа од друга страна и многу капитални објекти – малку сторија претходниците и од вашата партија... Имате ли решенија и адути?

Муцунски: Верувам дека Аеродром ќе биде општина која ќе постави нови стандарди за заштита на животната средина и зелена општина. Свеста на граѓаните за подобрувањето на состојбите во околината во која живеат се на исклучително високо ниво, но за жал нашите институции најчесто заостануваат и не одговараат на потребите и барањата на граѓаните. Заради наведените причини можам да ветам реализација на бројни проекти и мерки во прилог на  обезбедување на почист воздух и поздрава средина, меѓу кои се: 100 илјади метри квадратни паркови и зеленило, паметен систем за наводнување тревници, забавниот парк Авионче ќе прерасне во мал луна парк, паркови за домашни миленици, нови сообраќајни решенија, зголемено користење на велосипеди, поставување на функционални мерни станици, гасификација за почист воздух, предлог за дислокација на претоварната депонија Вардариште во соработка со општина Гази Баба и Град Скопје, нула диви депонии, вртикално зеленило и зелени кули за 0 смог, функционална ЕКО полиција и др.

Вие сте млад политичар, имате ли страв дека ова што го говорите нема да може да се реализира, затоа што многу од работите се континуитет на кој не може да се спротивставите? Знаете ли што наследувате во буџетот?

Муцунски: Лично јас и партијата на која и припаѓам редовно го исполнуваме она што го ветуваме за што постојат многу писмени записи и други докази кои тоа го потврдуваат. Проектите и активностите кои даваат позитивен резултат и имаат свој континуитет треба да бидат поддржани, без оглед на тоа кое ниво на власт или  вид на раководство и управа ги предлагаат и спроведуваат.  Истовремено силно и одговорно ќе се спротиставам на секој обид или дејствие кое во себе вклучува  противправно дејствување на претставници на локалната администрација. Од аспект на финансиско менаџирање ќе вложам максимални напори буџетот на општината да се користи на одговорен и рационален начин и со примена на најсовремени методи на негово планирање и менаџирање и што е можно поголем процент на реализација на важните капитални инвестиции и други проекти и мерки предвидени во нашата програма.

Претходното прашање во насока на тврдењата на сите актуелни градоначаници, дека уште кога дошле на функцијата се соочиле со проблеми, па не можеле да се реализираат нивните ветувања поради неможност да сменат одлуки... Ќе треба ли да носите храбри одлуки да стопирате градби, да менувате планови?

Муцунски: Ќе ги превземам сите можни дејствија, чекори и мерки во насока на решавање на постојните проблеми и ќе го направам сето она што е неопходно за реализација на дадените ветувања. Истовремено нема да дозволам непочитување на законските прописи во однос на нелегалното градење  и  доколку има потреба ќе бидат превземени соодветни активности и мерки за стопирање или менување на плановите кои се спротиставуваат на интересите на граѓаните и нивното право да живеат во уредена и модерна урбана средина. 

Такво тврдење има и вашиот противкандидат од СДСМ кој тврди дека во Аеродром се уште се чувствувале последиците од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ?

Муцунски: Јас единствено можам да кажам дека во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ со општината Аеродром беа реализирани голем број на капитални инвестиции, беа отворени голем број на работни места, изградени и реконструирани повеќе улици, градинки и училишта, спортски сали, детски паркови, фонтани и нови зелени површини. На 17 октомври граѓаните ќе го дадат одговорот дали се задоволни од досегашното по мене несоодветно раководење на градоначалникот со оштинската администрација и од направеното или нестореното од негова страна и мнозинството во Советот на општината.

Во времето на актуелното менаџирање со општината клучен пункт на незадоволство е околу „бетонизирањето“ на општината во смисла на изградба на нови објекти за комерцијално домување во услови кога сите се обврзуваат на позеленување. Свесни ли сте дека малкумина се уште веруваат во такви ветувања?

Муцунски: Резултат на потребата на граѓаните на градот Скопје за обезбедување на дополнителен простор за домување е и силната експанзија на градежништвото, односно како што вие го нарекувате бетонизацијата на градот Скопје, вклучувајќи ја и општина Аеродром. Доколку такавата бетонизација беше придружена со задолжително обезбедување на одреден процент на зеленило тогаш веројатно денес ќе имавме многу почист воздух и многу похуман животен простор. Жално е што денес токму заради така предизвиканите претходни состојби граѓаните повеќе не им веруваат на политичарите,  а на кандидатите за општински функција оваа научена лекција би требало да им служи како патоказ при донесувањето на идните одлуки во поглед на планирањето и донесувањето на урбанистичките планови  и планирањето и изградбата на идни објекти. Јас можам да кажам за себе дека ветувањата тежат и дека конечно граѓаните ќе имаат власт во Аеродром каква што заслужуваат.

Од друга страна кои се вашите планови во однос на градењето, позеленувањето?

Муцунски: Урбанизмот, соодветното просторното планирање и позеленувањето се сржта на доброто управување со општина како што е Аеродром, а која доживува своја експанзија и треба да биде пример за добро урбанистичко планирање со силна застапеност на зеленилото. 

Во насока на подобро планирање, организирање и уредување на просторот исклучително важна задача е завршувањето на процесот на легализација на бесправно изградени објекти преку соодветно менаџирање на општинската администрација. Истовремено ќе бидат изработени детални урбанистички планови за Горно Лисиче, за Долно Лисиче, за улиците Тодор Чангов и Богомилски поход и за улицата Ѓорѓи Капчев. Ќе биде направена комплетна реконструкција (нови плочници и хортикултурно уредување) на трговскиот центар во Населба Лисиче и осветлување на патот помеѓу Горно и Долно Лисиче. Ќе се изработи проект за Маркова река со кеј на Вардар, проширување на мостот на Маркова река на потегот Горно – Долно Лисиче. Исто така ќе се постават енергетски ефикасни сијалици, ќе се изградат Смарт паркови со модерни клупи на соларна енергија и зони со бесплатен интернет, зелени тезги во Аеродром и 3.000 нови паркинг места

Во рамките на 100 илјади метри квадратни паркови и зеленило  планираме изградба на Парк на дрвјата во Прв реонски центар, на местото на проектираната општинска зграда ќе направиме нов парк, во околината на касарна „Гоце Делчев“ ќе пораснат разни видови растенија (а не единствено згради), ќе изградиме нов содржински парк во Реонскиот центар во Ново Лисиче, нов содржински парк за најмладите во рамки на Парк Аеродром, кој ќе содржи бројни детски реквизити, урбана опрема и интересни содржини за сите возрасти на деца. Потенцијалите на Аеродром се за дури и за повеќе од 100 илјади метри квадратни ново зеленило, затоа сме сигурни дека токму ова клучно ветување е едно од најзначајните за иднината на нашата Општина.

На некои анкети вие излеговте како фаворит меѓу гласачите. Правите ли и вие интерни анкети и како котирате?

Муцунски: Точна е вашата констатација дека резултатите од сите досега направени испитување на јавното мислење и спроведени анкети говорат во прилог на мојата кандидатура. Искрено се надевам дека граѓаните на општина Аеродром не само што ќе го задржат туку и ќе го зголемат тој ентузијазам и истовремено ќе ми овозможат да го употребам моето знаење искуство и да им возвратам за укажаната доверба со посветена, чесна, одговорна, ефикасна, рационална и економична  работа во насока на постигнување на заеднички усопех и од општна Аеродром да создадеме една нова, поуспешна и просперитетна општествена средина.

Вашиот противкандидат има бреме од претходниот, актуелниот градоначалник, според многумина, но имате секако и вие со вашата партија некои „минати маани“. Што ќе пресуди?

Муцунски: Моите очекувања беа дека преку борба на аргументи, проекти и визионерски пристап, но и меѓусебно почитување,  сите заедно да влијаеме кон зголемување на степенот на оптимизам  кај граѓаните и вербата кон нас како идни најнепосредни претставници во локалната самуправа, каде всушност се решаваат најголемиот дел од прашањата кои се поврзани со нивниот секојдневен живиот. Но, за жал сведоци сме сите на црна кампања кон мене и директен напад на мојата личност, што за жал е само одлика на немоќ и некреативност.

Пресудно за граѓаните ќе биде вербата на граѓаните во искреноста на личноста и нејзините ножности да го оствари она што го ветува. Јас како досега, така и во текот на оваа кампања ќе се обидам да ги уверам граѓаните во мојата целосна подготвеност да ги реализирам понудената програма и редица добро осмислени проекти и заедно со Советот и администрацијата да ги оствариме посакуваните резултати и да ги реализираме високо поставените цели и задачи кои се во наш заеднички интерес.


Набројте топ пет работи кои секако ќе ги реализирате?

Муцунски: 

1.  4 нови детски градинки;

2.  Реновирање и модернизација на училиштата;

3.  Еко-дром (Аердором вистински зелена општина);

4.  Аеродром безбеден и без сообраќаен хаос, плус Вело-дром (зголемен тренд на користење на велосипеди, електрични тронинети и мопеди);

5.   Аеродром општина со 0 корупција;

Ќе станете можеби градоначалник кога СДСМ е на власт. Ќе се прилагодите ли од тој аспект?

Муцунски: Јас искрено се надевам дека по овие локални избори и по победата на опозицијата на истите ќе се променат многу работи на македонската политичка сцена, вклучувајќи ја и опцијата за свикување на нови предвремени парламентарни  избори или составување на ново мнозинство. Но, без оглед на тоа, кој во блиска иднина ќе ја предводи Владата на Република Македонија, граѓаните на крајот на денот од сите нас како претставници на законодавната, извршната и локална власт очекуваат резултати, професионален пристап, добра соработка, како и непречена комуникација и дијалог. Нашите граѓани ни го доделуваат мандатот, со цел одговорно и ефикасно да владееме, раководиме и управуваме и да им обезбедиме мир, демократија, сигурност, правда, политичка и економска стабилност и отворени можности за силен развој и просперитет.

Владата најави дека ќе го менува законот и ќе го зголеми износот од персонален данок и ДДВ кој се издвојува  за општините. Како гледате на промената и што друго треба да се промени во смисла на децентарлизацијата?

Муцунски: Европската повелба за локална самоуправа на Советот на Европа од 1985 година која е ратификувана од страна на нашиот законодавен дом во 1997 година ги поставува основите и јасно ја поттикнува фискалната децентрализација, како силен основ за одржлив економски развој, а наша задача е да помогнеме во забрзување на процесот на целосна имплементација на овој значаен меѓународен документ. За зголемен степен на самоодржливост и секако непречен развој на општините неопходно е да се зголеми степенот на фискалната децентрализација, односно да се обезбедат стабилни финансиски средства, со што општините ќе ги направиме многу поодговорни и одржливи и ќе бидат можност да испорачуваат и поквалитетни и поефикасни услуги за граѓаните. Се надевам дека во блиска иднина извршната власт и Собранието на РМ ќе предложат законски измени со кои ќе дојде до зголемување на фискалниот капацитет на општините, односно зголемување на нивните приходи. Истовремено самите општини секако ќе треба да ја зголемат финансиската дисциплина, да ги намалат долговите и преку одговорно и домаќинско работење да ја зголемат својата транспарентност, како и  да им пружаат подобри услуги на граѓаните. 

Александра Томиќ

Можеби ќе ве интересира

Охрид СОС: „Дивелоп груп“ треба да го врати земјиштето, зошто не го изградил досега огромниот хотел

Охрид СОС: „Дивелоп груп“ треба да го врати земјиштето, зошто не го изградил досега огромниот хотел

„Новодишните“ куќарки нема да бидат тргнати од скопскиот плоштад, планирани се за настани

„Новодишните“ куќарки нема да бидат тргнати од скопскиот плоштад, планирани се за настани

Откажан митинг во Гостивар поради фатална сообраќајна несреќа

Откажан митинг во Гостивар поради фатална сообраќајна несреќа

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ го одбија „пазарот“ на ДУИ

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ го одбија „пазарот“ на ДУИ

Илир Мета: Поддршка за ВМРО-ДПМНЕ, верувам ги научи грешките од непотизмот

Илир Мета: Поддршка за ВМРО-ДПМНЕ, верувам ги научи грешките од непотизмот

Се омажи ќерката на Бранко Црвенковски

Се омажи ќерката на Бранко Црвенковски

Македонија ќе признае геноцид во Сребреница

Македонија ќе признае геноцид во Сребреница

Тошковски: Конечно најдов време за семејството

Тошковски: Конечно најдов време за семејството

Вандализирани „урни“ во Могилата на непобедените

Вандализирани „урни“ во Могилата на непобедените