Добивај вести на Viber
Владимир Тодоровиќ, кандидат од ВМРО ДПМНЕ за градоначалник на скопската општина Центар. Роден е на 7 јануари 1957 во Скопје. Во 1983 година дипломирал на Градежниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”. Во својата работна кариера, по дипломирањето работел во Проектантското биро „Хидроелетропроект” во Скопје, а од 1990 година влегува во светот на бизнисот, ја основа и станува сопственик на компанијата “Тинекс”, со синџир од 35 маркети низ целата земја. Бил претседател на Трговската комора од 2005 до 2007 година, а сега е член на Управниот одбор на Сојузот на стопанските комори на Македонија.
Член е на Ротари-клубот Скопје, чиј претседател бил во текот на 2005-2006 година. Во 2009 година е избран за градоначалник на Општина Центар Скопје, на која што позција се наоѓа и сега.
Фактор: На претстојните локални избори се кандидирате по втор пат, кои општински проекти би ги издвоиле во изминатиот мандат?
Тодоровиќ: Од кога постои градот никој не се сетил да го затвори отворениот канал во должина од 300 метри спроти ООУ „Кочо Рацин’’ кој преставуваше опасност и за пешаците и возилата. За прв пат една локална самоуправа изгради два пешачки моста, Мост на Уметноста и Мост ОКО (кој се наоѓа во завршна фаза), се изгради катна гаража во непосредна блзина на МРТВ со капацитет од 500 возила и деловен простор од 2.000 метри квадратни. Од кога постои ООУ “Гоце Делчев”, никој не собра сила, средства и енергија да изгради фискултурна сала, изградбата на таа сала сега е во завршна фаза.
Како важни проекти во мојот мандат би дги издвоил и Сквер Јадран, кај хотелот Јадран, потоа новиот лик на улицата Никола Вапцаров, а во тек се градежните работи за изградба на уште еден капитален објект, тоа е катната гаража до поранешната зграда на
НИП “Нова Македонија”. Во повеќе населби се воведе ред со паркирањето, особено во најгусто населената населба Капиштец, каде проблемот постоеше 20 години, се изгради монтажен паркинг, преку 60 улици се комплетно реконструирани и обновени, 40 години пред блоковите од Градски зид не беа реконструирани тротоарите, за прв пат Општина Центар донесе детални урбанистички планови за Мадџир маало, Крњево и Ново маало.
Фактор: Општина Центар изминативе четири години го измени ликот и доби најголем дел од проектите на “Скопје 2014”, а дел од тие проекти се жестоко критикувани. Како Вие гледате на овој проект?
Тодоровиќ Проектот “Скопје 2014” е Мега проект, кој тешко би можел да го реализира било која власт во било која земја. Тоа што опозицијата го напаѓа неаргументирано е само да си ја оправда својата неспособност кога таа била на власт .
Фактор: Кој ќе бидат клучните проекти на кои ќе се посветите доколку по втор пат ја добиете довербата на граѓаните?
Тодоровиќ Изградба на ново училиште со спортска сала во населба Капиштец, изградба на нова детска градинка со двојно поголем капацитет на местото на постојната градинка на улицата Козара во Капиштец.
Ќе изградиме пензионерски дом во соработка со ВРМ и приватен партнер и ќе отвориме дополнителни клубови за пензионери и стари лица на територија на Општина Центар. Ревитализација на ресторан Езерце и враќање на неговиот поранешен сјај по пат на јавно приватно партнерство, изградба на целосна инфраструктура (улици, фекална и атмосферска канализација, водовод, нисконапонска мрежа) во ново проектирана модерна населбите Маџир Маало, Ново Маало и Крњево.
Во нашата Програма е и изработката на студија и програма за побрза реализација на ДУП-овите, преку ангажирање на консултант кој ќе биде контакт помеѓу општината, граѓаните и потенцијалните инвеститори заради побрза реализација на ДУП-овите. Потоа ќе направиме план за модернизација и реконструкција на спортската сала „Градски парк“. Проширување и реконструкција на сите улици со комплетна инфраструктура (улици, фекална и атмосферска канализација, водовод, нисконапонска мрежа) во населбите Долно Водно, Старо Водно и Тасино Чешмиче согласно новиот ГУП (Белградска, Финска, и други).
Ефикасна и достапна општинска администрација преку воведување на е-општина и контакт центар на општината. Ќе изградиме монтажни паркинзи на повеќе локации во општината, спортски сали во ОУ “Кирил и Методиј” и ОУ “Кочо Рацин”, во соработка со Агенција за млади и спорт и Министерство за образование и наука, и секако во клучните проекти е вклучена и изградбата на нова општинска зграда
Фактор: Кој е клучот за успешен градоначалник, како гледате на Вашата досегашна работа?
Тодоровиќ: Клучот е, добар менаџер кој има чуство за потребите на граѓаните. Досегашната работа Ја оценувам многу успешна, во четиригодишната работа зад себе имам сработено капитални проекти и инвестиции колку за две други општини .