Ивана Стојаноска: Горди сме на успехот на нашите учесници кои се дел од Кабинетите на многу премиери
Објавено во: Мои пари 26 Август, 2016 11:51
Млади, талентирани и успешни се јаките страни на тимот од Институтот за подготовка на глобални лидери кој се одржа по петти пат во Македонија. За почетоците, потребата за основање на Институт за глобални лидери, јубилејот, програмата и идните планови, разговаравме со Ивана Стојаноска, директор за упис и стратешки иницијативи на Институтот за подготовка на глобални лидери.
Фактор.мк: Од каде потребата да се создаде Институт за подготовка на глобални лидери?
Ивана Стојаноска: Идејата за создавање на Институтот може да се каже дека беше случајно, но несомнено неопходна. Со моите колеги се запознавме на други програми и семинари, и она што постојано ги коментиравме беа недостатоците на истите и работите кои би сакале да бидат поинакви. Во 2011 година во Прага го запознавме Сем Потоликио, професор на Џорџтоун, кој не мотивираше и инспирираше да ги реализираме нашите идеи. Заедно со Ангела Велкова, извршен директор на PGLI, и Сем како академски директор започнавме со изготвување на програмата и имплементирање на се' она што нас како млади ни недостасуваше на други програми, како и во формалното образование.
Фактор.мк: Оваа година одбележавте мал јубилеј, 5 години постоење од Институтот, ќе може да направите ретроспектива на почетоците до денеска?
Ивана Стојаноска: Кога започнавме во 2011 и самите бевме студенти со огромна желба да допринесеме за подобрување на општеството, спојување на истомисленици, млади од земји во конфликт од различни страни на светот, овозможувајќи им да излезат од нивната зона на комфорт, да се запознаат со други култури и традиции, со што позитивно ќе влијаат во нивните средини. На почетокот се соочивме со многу препреки и сомнежи, но тоа не не' спречи во лансирањето на првото издание на институтот на кој учествуваа 50 учесници од 30 различни земји. Од првото издание до сега се променија многу работи, на подобро. Многу подобра и поквалитетна програма, се' поголем диверзитет на профилите и земјите од каде ни доаѓаат учесниците, поголем тим, и безброј успешни приказни на нашите алумни.
Фактор.мк: Имате учесници од целиот свет, на кој начин се избираат?
Ивана Стојаноска: Досега сме имале околу 240 учесници од над 100 земји. Нашата главна фондација е со седиште во Вашингтон и заедно со тамошниот тим имаме креирано модел за оценување на апликациите. Имаме одлична соработка со голем број универзитети од светот кои ги номинираат своите студенти, како и организации и веб страни за промоција на програми како нашата.
Фактор.мк: Секоја година имате различни предавачи на школата, ќе може да издвоите некои од нив?
Ивана Стојаноска: Главен предавач на школата е нашиот академски директор Сем Потоликио, кој беше прогласен за најдобар професор во Америка според Принстон. Еден од предавачите е и Брендон Торнхил Милер кој е директор на одделот за психологија на Охфорд, како и проф. Клајд Вилкокс истакнат професор и директор на студиски програми на Универзитетот Џорџтаун. За женско лидерство има предавано првата жена професор по медицина од црномуреста раса на Харвард универзитетот проф. Џудит Вилкокс. Оваа година за прв пат предаваа Сиетсе Бакер, поранешен директор на Евровизија и Доналд Стил, поранешен шеф на комуникации и портпарол на BBC и еден од меѓународно најактуелните експерти за глобални кризи. На наше големо задоволство, секоја година каниме и реномирани домашни говорници од сферата на граѓанскиот сектор, политиката и бизнисот, како на пример: Коста Петров, Хајан Селмани, Бранимир Ковановиќ, Огнен Јанески- а традиционално со свечени предавања не' почестуваат и странските амбасадори во земјата.
Фактор.мк: Какви се предизвици имате преку школата особено дека Македонија не е на мапата за организирање на вакви настнаи?
Ивана Стојаноска: Веќе не станува збор за предизвик бидејќи летниот Институт за глобалното лидерство за нас беше предизвик пред неговото премиерно издание во 2012. Од тогаш наваму, знаевме дека нашата искрена мисија ќе продолжи да се препознава, поддржува и реализира токму во Македонија. Благодариме на соработката со македонските дипломатски претставништва во странство чија професионалност и навремено делување ни овозможи да го донесеме светот во Македонија. Иако од логистички причини за нас е потешко Институтот да се одржува во 3 градови, со гордост ги претставуваме убавините на нашата земја и ја ставаме Македонија на светската мапа.
Фактор.мк: Какви се' планови имате во иднина како тим?
Ивана Стојаноска: Очекуваме многу достигнувања: најпрвин нови познанства со далечни луѓе и култури, многу учење и размена на идеи и искуства, многу дружење, многу забава, пријателства за “на век”, и секако проширување на нашите идеи на сите меридијани. Горди сме на успехот на нашите лидери кои веќе станаа дел од Кабинетите на многу премиери, министри и управни одбори на меѓународни компании и организации, многу често се поврзува токму со Институтот за подготовка на глобални лидери и Македонија. Остварените пријателства и соработка на иновативни проекти помеѓу млади лидери од традиционално завојувани земји и региони, ни дава дополнителен поттик и сатисфакција да продолжиме со едуцирањето и подготовката на наредните генерации на глобални лидери. На повидок е и земско издание на Карибските острови во организација на нашите алумни од тамошните простори. Светот е потесен со секое издание на Институтот и, иако за сега не би сакала да откривам повеќе детали, уверена сум дека иднината е блескава и крие уште многу изненадувања.
Можеби ќе ве интересира
МЛАДАТА УМЕТНИЧКА ОЛИМПИЈА КАМЧЕВА-СТОЈЧЕСКА ДОБИТНИК НА ПРЕСТИЖНАТА НАГРАДА SANTIPHARMA AWARD ВО ВЕНЕЦИЈА
КАСТРИОТ АРИФИ ВО „БИЗНИС-КЛУБ“: „ОБРАЗОВАНИЕТО ТРЕБА ДА СЕ ФОКУСИРА НА РАЗВОЈ НА ВЕШТИНИ, КРИТИЧКО МИСЛЕЊЕ И МЕДИУМСКА И ДИГИТАЛНА ПИСМЕНОСТ“
„Музички вез со џез ритам“ - омаж на македонското музичко наследство
И Центарот за обука на МВР ќе се снабдува со енергија од фотоволтаична централа – донација од ОКТА
Халкбанк клучен поддржувач на македонскиот ракомет, потпишан договор за соработка и за 2026 година
Инграм Микро – Македонија, Албанија и Косово го одбележува својот десетгодишен јубилеј: декада на раст, партнерство и технолошка трансформација
Дигитална картичка веднаш! „Digital first“- нова функционалност на НЛБ Банка







