Избори се ближат, шестката останува нерешена
Објавено во: Македонија 22 Октомври, 2016
Шестата изборна единица останува нерешена со вишокот на гласачи.
Собранието е веќе распуштено и законски не постои можност да биде вклучено во расправата за оваа изборна единица. На последната собраниска седница, предлогот за изнаоѓање решение за вишокот гласачи во шестата изборна единица, беше отфрлен од пратениците и не се најде на дневен ред. Топката се префрла кај Државната изборна комисија, а оттаму велат дека немаат никаква надлежност за решавање на проблемот во шестата изборна единица.
Во јавноста се отвори и прашањето дали оваа изборна единица може да ја доведе во прашање легитимноста на изборите кои треба да се одржат на 11 декември.
Првиот човек на Демократската партија на Албанците, Мендух Тачи во неколку наврати инсистираше на решавање на проблемот во шестата изборна единица, но подоцна се откажа од оваа намера.
И еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан при неговата последна средба со политичките партии во земјава посочи дека пред избори треба да се реши шестата изборна единица.
Оваа изборна единици има 5,28% повеќе гласачи од законски дозволеното.
Имаше предлози за прекројување на границите на сите изборни единици, и друг предлог според кој дел од гласачите од шеста може да се префрлат во петтата изборна единица, односно жителите на Дебар или на Центар Жупа да се префрлат во шестата изборна единица.