Изгласан законот за екстра данок, врие меѓу големите компании
Објавено во: Економија 19 Септември, 2023
Со 61 глас „за“ попладнево во Собранието беше изгласан Законот за солидарен данок со кој екстра ќе се оданочуваат добивките на големите компании кои оствариле приход од над 10 милиони евра, а при тоа таа добивка е поголема во однос на претходните години. На денешната седница беа изгласани и измените на законите за данок на добивка и на тој за данокот на додадена вредност.
Овој таканаречен „кризен“ закон треба да дополнително да собере од 50 до 80 милиони евра во државната каса, а ќе ги опфати компаниите од трговијата, енергетскиот, металуршкиот, финансискиот сектор, како и претпријатија од други дејности. Според претходните анализи на Управата за јавни приходи, станува збор за околу 150 до 200 фирми.
Стопанските комори веќе реагираа жестоко дека со тужба ќе го оспорат ова ново законско решение пред Уставниот суд, бидејќи како што рекоа, државата „ги дестимулира плаќачите, а ги стимулира неплаќачите на данок“.
Одредени компании, неофицијално, веќе својот протест сакаат да го изразат со тоа што ќе ја преселат својата дејност во странство. Спорно за нив беше и тоа што законот по втор пат влезе во Собрание по скратена постапка, односно со европско знаменце.
Според информациите на „Фактор“, Управата за јавни приходи, ќе бара овој данок да се плати за еден месец, односно до 25 октомври, што би ја нарушила и ликвидноста на претпријатијата.
Од компаниите веќе стигнуваат реакции дека ваквите деловни трошоци не се поклопуваат со нивните деловни годишни планови и дека меѓу нив има акционерски друштва чии сопственици веќе ја поделиле дивиденда.
По изгласувањето, се огласи и Министерството за финансии како предлагач, од кад евелат дека станува збор за еднократно решение кое се воведува во вонредни услови, во услови на криза.
„Главната карактеристика на овој данок е што со него се обезбедуваат средства за справување со кризата. Односно, средствата кои по овој основ ќе се слеат во Буџетот ќе бидат планирани во посебната програмата за справување со кризатаи наменети за антиркизни мерки за поддршка на компаниите и граѓаните. Опфаќа компании кои оствариле промет над 615 милиони денари во минатата година, а ќе го опфати делот кој претставува зголемување на добивката за 20 отсто во однос на просекот од претходен 3-годишен период. Основната карактеристика на овој закон, кој претставува и препорака на ЕК, е солидарноста на дело, а ќе има и позитивно влијание врз одржување на нивото на јавниот долг.“, објави Министерството за финансии.
А.К.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.