Добивај вести на Viber
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху следната недела ќе одржи говор во Конгресот на Соединетите Американски Држави, но нема да биде примен во Белата Куќа. Тој ќе говори за контроверзната иранска политика за нуклеарното оружје и за исламистичките милитантни групи, на две недели пред предвремените избори во Израел.
„Имам респект кон САД и кон нивниот претседател, но за вакво судбоносно прашање кое може да определи дали ние (Израелците) ќе може да преживееме, морам да направам се, за да спречам една таква голема опасност, што се надвиснува врз Израел“, изјавил Нетанјаху во Ерусалим, за иранската нуклеарна закана за Израел, како и за претстојната посета на Вашингтон.
Државниот секретар на САД Џон Кери тврди дека Нетанјаху греши околу Иран и ги отфрлува неговите обвиненија, додавајќи дека спогодбата која треба да биде готова до март, ќе ја обезбеди безбедноста во Израел.
Премиерот Нетанјаху ќе го посети Конгресот и покрај сугерирањата на официјален Вашингтон да се одложат, па од таа причина потпретседателот на САД Џо Бајден, како и неколку конгресмени од Демократската партија, нема да присуствуваат на излагањето на Нетанјаху.
Израелската јавност го критикуваше својот премиер поради несогласувањата со САД, но тој сепак смета дека треба им се обрати за атомското оружје како закана од страна на Иран.
Инаку, првпат се случува еден израелски премиер да биде во главниот град на САД и да зборува во Конгресот, но да не биде примен во Белата куќа. Објаснувањето на САД е дека имаат воспоставено практика според која претседателот не се среќава со премиер на земја во која набрзо треба да се одржат парламентарни избори.
Љ.Н.