Извршител за Петар Наумоски наплати безмалку 400.000 евра од Владата
Објавено во: Економија 19 Март, 2021
Извршител на доверителиот Петар Наумовски, поранешен кошаркар а сега бизнисмен, изминатата недела наплатил безмалку 400.000 евра од Владата за „Агрокомбинат Македонија“, од каде мнозински удел со приватизација му беше доделен во негова сопственост пред 20-тина години. Побарувањето на Петар Наумоски по однос на пресудата е пренесено на неговиот син Андријан Наумоски со Договор за дар.
Извршителот Павел Томашевски за Наумоски наплатил 14.148.079 денари како основен долг, а каматата што е наплатена изнесува 9.035.426 денари, иако според одговорот што го добивме од Владата, онаа што ја барал тужителот била многу поголема и изнесувала 30.490.177 денари. Извршителот си наплатил и награда за себе, а. „Фактор“ ја контактираше и канцеларијата на Томашевски, додека од таму ни рекоа дека не сакаат да зборуваат, почитувајќи го начелото на заштита на клиентот. Наедно на Наумоски му се исплатени и судските трошоци.
Уделот во „Агрокомбинат Македонија“ поранешниот најдобар македонски кошаркар го купил во 2002 од Агенцијата за приватизација со конвертибилни сертификати како штедач во пропадната штедилница. Според одговорот од Владата, Наумоски во два наврати барал да се спогоди со Владата во 2014 и 2015, но тогаш не добил одговор.
„Во неколку наврати од страна на содружникот Петар Наумоски до Владата на Република Македонија доставено е барање за исплата на парични средства во висина од 14.148.079 денари, како совесен купувач на уделот од продавачот Агенција за приватизација на Република Македонија (која престанала да постои согласно закон) и Комисијата за приватизација на Владата на Република Македонија.
Истиот од Владата на Република Македонија побарува да му се вратат средства и затезна камата на вложените средства во износ од 30.490.177 денари или вкупно 44.638.256 денари кој доказ е утврден и со економско вештачење на Бирото за судски вештачења .
Тужителот во неколку наврати се обидел вонсудски да се реши спорот. До Генералниот секретаријат на Владата доставени се две барања и тоа на 19.09.2014 година и 07.04.2015 година, но не добил одговор.
Тужителот поднел Тужба за стекнување без основ до Основен суд Скопје 2 Скопје“, гласи одговорот од Владата.
Удделот купувачот го купил со конвертабилни сертификати (хартии од вредност кои државата ги исплаќала на штедачите физички лица согласно Закон за регулирање на побарувањата на штедачите од штедилниците „ТАТ" Битола, „Алфа С" Скопје и "Лавци" Охрид со налог за плаќање со конвертибилен сертификат од 2002 година, уплатил износ од 14.148.079 денари преку Централен депозитар за хартии од вредност и станал сопственик на удел во вкупна вредност од 441.984 евра кој претставува 66,21 отсто од главница на „Агрокомбинат Македонија“.
Во 2003 судот го поништил овој купопродажен договор на барање на Владата, а на барање на Државното правобранителство направена е промена на содружничкиот сооднос во Централниот регистар на Република Македонија во 2015 со кое е запишан удел на Влада во износ од 441.984 евра, но не му бил вратен паричниот износ на Наумоски.
„По завршување на оваа постапка Владата согласно одредбите на член 96 од ЗОО е должна да го врати паричниот износ по основ на Договорот за купопродажбата на уделите на купувачот, Петар Наумоски.
Според Член 96 од ЗОО, секоја договорна страна е должна да и го врати на другата договорна страна она што го примила врз основа на таквиот договор, а ако тоа не е можно, или ако природата на она што е исполнето му се спротивставува на враќањето, ќе се даде соодветен надомест во пари, според цените во времето на донесување на судската одлука, доколку законот не определува нешто друго“, објаснуваат од Владата.
А.К.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.