Јитка Пантучкова, Охридска Банка: Кредитите ќе ги зголемуваме и годинава, нема место за песимистичко сценарио!
Објавено во: Финансии 12 Април, 2013 09:05
Пантучкова Македонската економија ги чувствува последиците од кризата што ја погоди Европа и не може во целост да се заштити од овие влијанија. Банките, вклучувајќи ја и Охридска банка го следеа овој тренд со воведување на, јас повеќе би рекла, внимателна, отколку конзервативна политика. Како што кажав претходно, имаме последователен кредитен раст во изминатите години далеку над банкарскиот просек. Нема да потпаднеме под песимистички сценарија и оваа година. Го анализираме поединечно секое кредитно барање со евалуација на специфичната ситуација на клиентот, неговите потреби и реални можности за сервисирање на кредитот. Крајната цел е да му понудиме на клиентот целосно решение што ќе биде најповолно за него. Клиентите што имаат храброст за мудро инвестирање и капацитет за отплата на кредитот може да се потпрат на нашата кредитна поддршка. На овој начин им помагаме на клиентите да го надминат кризниот период, но исто така и да бидат добро подготвени за во блиска иднина кога кризата ќе биде минато.
Велат, подобро е да се спречи отколку да се лечи. Поради тоа водиме сметка клиентите да не се презадолжуваат и да ја одржат сособноста да ги сервисираат кредитие кога пазарните услови ќе преминат кон неповолни.
Фактор Колку резервациите што ги одвојувате кај Народната банка, како гаранција за кредитите , влијаат врз вашата кредитна политика?
Пантучкова Резервациите и нето трошокот за ризик остануваат наш главен фокус поради сеуште нејасните перспективи за опоравување на реалниот сектор. Коефициентот на нефункционални кредити во Охридска банка е строго под контрола на ниво од 7,2% на крајот на 2012 година, значајно под просекот на банкарскиот сектор кој изнесува 10,5%.
Корпоративното портфолио е клучен двигател на трошокот за ризик поради одложените плаќања присутни кај реалниот сектор во целост. Резервациите во протфолиото на население продолжуваат да бидат на прифатливо ниво поради здравите пласмани на нови кредити кај овој сегмент во изминатите три години. Очекуваме понатамошно намалување на нефункционалните кредити и нето трошокот за ризик кај населението.
Како резултат на тоа, ќе обрнеме повеќе внимание на претпријатијата поради повисокиот трошок за ризик, во очекување на благо релаксирање на условите за вработени во кредитоспособни компании. Резервациите за целосната кредитна изложеност се во согласност со локалната регулатива во очекување на позитивно опоравување и наплата во текот на годината.
Фактор Дали може да се очекува скорешно олабавување на условите за кредитирање? Последната анкета меѓу банкарите што ја спроведе народната банка укажа на тоа дека поради присутните ризици не може да се очекува промена во кредитната политика на ниво на банкарскиот сектор?
Пантучкова Охридска банка нема што многу да промени во својата кредитна политика за комитенти-правни лица. Во изминативе години нашата урамнотежена кредитна политика ни овозможи да растеме со значително побрза динамика од банкарскиот сектор додека ненаплатливите пласмани останаа под контрола на значително пониско ниво од пазарниот просек. Со минатогодишниот резултат Охридска банка повторно освои водечка позиција на пазарот со активно, но претпазливо кредитирање на здрави, конкурентоспособни фирми и издржани инвестицииски проекти.
Со кредитната поддршка на Охридска банка голем број претпријатија успешно ја пребродија кризата и дојдоа до средства за модернизација и проширување на производствените капацитет и други вредни деловни потфати.
Фактор Дали Охридска банка наскоро планира намалување на каматните стапки за кредитите?
Пантучкова Каматните стапки кај правни лица се одредуваат индивидуелно според финансиската состојба на кредитобарателот, кредитната историја, обезбедувањето на кредитната изложеност и оценката за квалитетот и ризикот на проектот за кој се бара кредит. Оттука нема простор масовно да се спуштаат каматните стапки за пласманите кај правни лица.
Меѓутоа со зголемено ангажирање на поволни странски кредитни извори (од ЕБРД, ИФЦ и други институции) и интензивно користење на средствата од ЕИБ преку МБПР, каматните стапки кај кредитите од Охридска банка со години бележаат континуирано опаѓање. Просечните каматни стапки за комитенти на Охридска банка актуелно се движат значително под просекот на банкарскиот пазар во Македонија.
Кај населението, каматната политика останува под влијание на присуството на факторите на ризик, висината на каматните стапки на депозитите и понудата на конкурентите. Воведовме промотивни услови за кеш кредитите, автомобилските, станбените и компакт кредитот, како и кај кредитното животно осигурување.
Фактор Каква е сотојбата со депозитите ? Дали се враќа довербата во еврото?
Пантучкова Вкупната депозитна база е доминантна компонента во изворите на финансирање на Охридска банка. Депозитите се зголемија за 19,2% во 2012 споредено со претходната година. Во депозитната структура 62,4% припаѓаат на депозити од претпријатија, а останатиот дел од 37,6% на депозити на население. 60% од вкупните депозити се со ЕУР компонента , 29% во денари и 11% во останати валути. Ваквата структура потврдува дека постои доверба во евро валутата.
Фактор Каде ги позиционирате клучните ризици за одобрување на кредити годинава? Од што ќе зависи кредитирањето?
Пантучкова Кредитната активност ќе биде под влијание на нефункционалните кредити. Ова ќе има значајна улога во дефинирање на критериумите за кредитирање, особено кај корпоративниот сектор. Ако процентот на нефункционални кредити се зголеми банките пропорционално ќе го намалат апетитот за превземање кредитни ризици.
Фактор Заврши банкарската 2012-та година. Какви се финасиските резултати на Охридска банка?
Пантучкова 2012 беше најдобра година за Охридска банка од превземањето на Сосиете Женерал. Неревидираните годишни резултати покажуваат пораст на билансот на состојба од 10,7% споредено со 2011 година. Ова најмногу се должи на порастот на депозитната база и изворите од меѓународните финансиски институции. Веќе споменав – депозитите пораснаа 19,2% и кредитите 15%. Некаматните приходи се зголемија 17,4%, а трошоците останаа под контрола со незначителен пораст од 2,5%.
Ова доведе до финансиски резултат на крајот од годината од 128 милиони денари или околу два милиони евра што е три и пол пати повеќе од профитот во 2011 година. Очекувам овие резултати да бидат потврдени на претстојното собрание на акционери на банката.
Р.Ф.
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
„ЧЕКАМ ОДЛУКА И МОЛАМ БОГА ДА ПОМИНАМ СО КАЗНА, ДА НЕ МЕ ВРАТАТ НАЗАД“: Балканец во Германија за 50 евра - косење трева на црно, бил пријавен од човекот каде што работел, сам го викнал па го пријавил!
ИМА ЛИ КАНДИДАТ КОЈ БИ ПРАВЕЛ ЕКОНОМСКИ ПРЕСМЕТКИ ЗА ФИСКАЛНИОТ СОВЕТ – платата е вртоглава, а работното време вообичаено
„Од почетокот на годинава наплативме приходи од 1,95 милијарди евра“: Николовски објави дека бележат раст во сите сектори
РОДИМЕ МАЈКО СО КСМЕТ И ВРАБОТИМЕ ВО АГЕНЦИЈА – „регулираат“ железнички сектор и имаат вртоглави плати
СТАН ВО НЕА ПОТИДЕЈА - ХАЛКИДИКИ ЗА 49 ИЛЈАДИ ЕВРА! Има поглед на море и големина од 60 метри квадратни
Експерт од Microsoft се сели во Apple – Ова е новиот раководител на вештачката интелигенција
Фриленсери, издавачи на станови преку платформи, добивка од криптовалути - секој прилив од странство мора да се пријави
АКО СИТЕ ДЕНЕС НАПРАВАТ ПРЕКРШОК ОД 45 ЕВРА, ЗА 65 ИЛЈАДИ ВОЗИЛА, МВР ЌЕ ИНКАСИРА БЛИЗУ 3 МИЛИОНИ ЕВРА: Еве што вели пресметката
ПЕНЗИОНЕРИТЕ ПРЕД УСТАВЕН ГО ИЗРАЗИЈА РЕВОЛТОТ: „Се бориме за корка леб и лекови“





