КАДЕ ДА СЕ КУПИ ПП АПАРАТ – СОПСТВЕНИЦИТЕ НА МАЛИТЕ БИЗНИСИ БАРААТ ИТНО! Побарувачката е нагло зголемена откако засилија инспекциите
Објавено во: Македонија 28 Март, 2025 07:42
Малите бизниси низ земјава деновиве се под засилен
инспекциски надзор. Се
проверува дали поседуваат противпожарни апарати и соодветна документација за
заштита од пожари. Оние кои немаат уредна опрема се соочуваат со предупредувања
и ризик од казни, па сопствениците на фризерници, козметички студија, бутици и
угостителски објекти секојдневно трчаат
да ги исполнат законските обврски.
Но, проблемот не е само во тоа што многумина доцнат со обезбедување на потребните документи туку и во тоа што противпожарни апарати речиси и да нема на пазарот. Продавачите на ваква опрема сведочат дека залихите им се при крај, а најбараните апарати со капацитет од 6 и 9 килограми се распродадени. Некои продавници веќе прават списоци со нарачки и на клиентите им велат дека ќе бидат контактирани кога ќе пристигнат нови количини.
Во меѓувреме, бизнисите се борат со бирократските процедури, бараат потврди и документи за да можат да ги исполнат сите барања. Сопствениците велат дека инспекциите доаѓаат одненадеж и не оставаат многу простор за маневар, а за многумина оваа трка со времето е дополнителен товар врз нивното секојдневно работење.
„Имавме инспекција пред неколку дена и јас веднаш се заангажирав да купам ПП апарат, верувајте нема никаде низ Скопје. За мојот простор, отприлика 30 квадратни метри ми е потребен ПП апарат од 6 килограми. За жал останати се семо помали, па ми рекоа дека можат да ни го резервираат, но ќе пристигне дури следната недела. Ова ни создава дополнителен стрес, бидејќи и јас и сите кои имаат ваков сличен бизнис се растрчани во повеќе институции со цел да обезбедиме потврди и потребни документи. Само се надевам дека инспекцијата нема повторно да ни дојде пред да го добиеме апаратот“, вели Теодора М, сопственичка на мало козметичко студио во Скопје.
Фактор контактираше со неколку продавници што продаваат противпожарна опрема, од каде потврдуваат дека залихите на ПП апарати се речиси целосно потрошени. Во моментов, на располагање има само апарати од 1, 2 и 3 килограми, а цените се движат од 1.200 до 6.000 денари, во зависност од големината. Продавачите велат дека веќе имаат списоци со нарачки и на клиентите им ветуваат дека ќе бидат контактирани веднаш штом стоката пристигне.
„Овие денови кај нас доаѓаат десетици луѓе дневно, сите бараат поголеми ПП апарати, но за жал, ги немаме на залиха. Достапни се само оние од 1, 2 и 3 килограми, а за останатите направивме список со заинтересирани купувачи. Кога ќе ни пристигне испораката, веднаш ќе ги контактираме. Се случува некои купувачи да се налутат, но ситуацијата е таква, побарувачката е огромна, а залихите се исцрпени. Дури и нашите добавувачи се соочуваат со доцнења, бидејќи побарувачката е нагло зголемена, откако засилија инспекциите“.
Во најголем дел од училиштата во земјава постои противпожарна опрема
Освен во приватниот сектор, се работи и на обновување на противпожарната опрема во училиштата. Според министерката за образование и наука, Весна Јаневска, противпожарна опрема постои во најголем дел од училиштата во земјава, но во некои училишта, особено во внатрешноста, ќе биде неопходно да се дообнови и среди.
„Противпожарна опрема има во сите училишта, но на некои места апаратите не биле проверени во текот на годината, иако законски е предвидено тоа да се прави еднаш годишно. Тие ќе бидат проверени, а истовремено ќе се утврди дали цревата за хидрантите се на соодветното место и дали се исправни. Ова е процес што е во тек, а клучна улога во него имаат општините, бидејќи со децентрализацијата тие се одговорни за одржувањето на училиштата“ изјави министерката Јаневска во одговор на новинарско прашање за состојбата со противпожарната заштита во основните и средните училишта.
Анита Буховски
Можеби ќе ве интересира
ПОЛИЦИЈАТА ГО САНКЦИОНИРАШЕ ВОЗАЧОТ КОЈ ВОЗЕШЕ ПО ТРОТОАР - снимката беше споделена на социјалните мрежи

ИНВЕСТИТОР ОД СТРУГА ГРАДЕЛ НА ЗАШТИТЕНО ЗЕМЈИШТЕ НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО - доби кривична пријава од МВР

НЕКОЛКУ ЛИЦА КОИ СЕ НА ЛЕКУВАЊЕ ВО СТРАНСТВО И ПОНАТАМУ СЕ ИНТУБИРАНИ - шест пациенти денес се враќаат во Македонија

ВОЗЕЛ СО 173 КИЛОМЕТРИ НА ЧАС - МВР го уапси „бесниот“ возач од Вруток
„УШТЕ ЕДЕН СКАНДАЛ ВО МИНИСТЕРСТВОТО НА АНДОНОВСКИ“: СДСМ обвинува за нов случај на непотизам

„СЕ ОДЈАВИ НАШИОТ БРАТ ДИМИТАР“: Ленин Јовановски сподели тажна вест 'многу ќе ни недостасува'

ИСПЛАТА НА ПЛАТА ДО 5-ти ВО МЕСЕЦОТ И ПОГОЛЕМО ПОРОДИЛНО ОТСУСТВО - нови предлози на Левица во Собранието

„ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ НА ПОЛИЦИЈАТА ВО АПРИЛ МОРА ДА ИМА“ - НСП не отстапува од барањата

ВОЗИ ВО СПРОТИВНА НАСОКА И ПОМИНУВА НА ЦРВЕН СЕМАФОР - уште еден во низата примери на сообраќајна некултура
