КАКО СТРУГА НЕМА ДРУГА: Каква понуда нуди градот, зошто да не летуваме поевтино
Објавено во: Стил 20 Јули, 2018
Интерес за летување оваа сезона во Струга има. Така барем велат издавачите на апартмани во градот распослан во рамнината на Струшкото поле на двата брега на реката Црн Дрим и на северниот брег на Охридското езеро. Сепак има повеќе странски од домашни туристи. Фактор разговараше со домаќините. Тврдиме дека Струга е одлично место за одмор.
Ноќевање за двајца по цени кои може да си ги дозволи секој
За една ноќ во Струга пар за двокреветен апартман ќе треба да издвојат околу 800 денари. Приближно таа е цената во апартман во кој има целосно опремена кујна, сопствен тоалет, ТВ, интернет, балкон. За поголеми апартмани поголеми се и цените. Од 1.000 па до 1.800 ќе ве чини ноќевање во трикреветни и четворокреветни апартмани.
„Сезонава е во полн ек, и покрај временските услови кои не се баш погодни туристи има. Интересот е поголем од странците посебно од Холандија и Полска. Нашите вили се целосно букирани, а туристите ги сакаат местата во кои се чувствуваат како дома“, велат од „Апартмани Наде“ за Фактор.
Според издавачите туристите најчесто ја посетуваат Струга поради гостопримливоста и условите на сместување што ги нудат угостителите и евтините цени.
„Струга е секако прекрасна, туристите го обожаваат Дрим, сакаат да ручаат покрај река, да седат на „Версус“ и на „Женска Плажа“ а навечер да ги посетуваат добро познатите локали „Барабар“, „Грифон“ и останатите“, ни откриваат.
За да пиете кафе во струшки кафе бар ќе треба да издвоите од 30 до 50 денари, а за пиво ќе треба да платите 60 денари за едно шише.
Ако ручате или вечерате ладна даска со грчка, салата зелка или шопска ќе си платите само 500 денари. Тостови и сендвичи се движат по 60 денари.
На повидок успешна сезона
И додека дел од охридските издавачи на апартмани се жалат дека не им се полни капацитетите пред се поради временските услови, стружани се задоволни.
„Во Струга доаѓаме четврта година по ред. Луѓето топло не пречекуваат а и не е скапо. Има многу нешта што може да се видат во градот“, велат туристи од Холандија.
Од домашните туристи најбројни се Скопјани, но ги има и од другите градови.
„Овде имаме стан, и секоја прилика ја користиме за да избегаме од скопските горештини. Тука е и поевтино, а забавите навечер се одлични“, вели Наташа К. која додава дека и гостопримливоста е клучна за тоа што повеќе Македонци наместо на грчките плажи летуваат во градот под Караорман.
Цените во ресторани и кафе барови се поевтини од Скопје.
Неуредените плажи се најголема маана
Апели за уредување на плажите даваат и домаќините, но и туристите.
„Надлежните би можеле да посветат малку повеќе внимание во однос на урбанизирањето на некои делови од градот. Фокус треба да се стави на плажите, има толку пространи плажи што се тотално непривлечни и запуштени со години а кога само малку би се средиле би биле тотално привлечни за секој што сака да дојде и да си олабави и да си плива во езерото“, ни посочија дел од издавачите на апартмани.
Струга е и најсончевиот град во Македонија бидејќи во јули и во август просечната изложеност на сончева светлина стасува и до 12 часа.
foto: facebook
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.