Како тече учењето онлајн кога ученикот е во планина на 30 километри од градот и нема стабилен интернет дома?
Објавено во: Македонија, Корона Вирус 11 Октомври, 2020
Дел од децата се вклучуваат на компјутери, а дел на мобилни телефони за да следат онлајн настава, но не секогаш конекцијата е идеална во селото Бајловце, во Општина Старо Нагоричане.
Oва планинско село е лоцирано на 30 километри од Куманово, или 40-тина минути возење со автомобил. Во селото има 13 ученици, од кои 8 следат онлајн настава, а другите учат со физичко присуство, како што наложија властите. Вклучените во образованиот процес во време на пандемија велат дека е тешко, но прават напори за да се помине во најдобар ред.
„Се случува едно од децата во подрачното училиште во Бајловце да нема стабилен интернет, и наставничката го посетува во селото, му носи материјали за учење. Не е лесно, но сите се трудиме да се заштитиме себеси и децата. Во контакт сме сите меѓусебно, родители, наставници, со цел наставата да не трпи. Се надеваме дека ова прво полугодие ќе го истуркаме без проблеми. Во централното училиште немаме некои поголеми проблеми со онлајн наставата“, раскажува директорката на централното основно училиште „Христијан Тодоровски Карпош“ од Младо Нагоричане, Марија Додевска.
Во Старо Нагоричане откако почна пандемијата имаше мал број на случаи на коронавирусот, и средината е релативно безбедна. Но, следејќи ја ситуацијата во државата жителите не можат да не бидат загрижени.
„Малите деца одат во училиште, а другите учат онлајн, но ниту од дома ќе можат нешто да научат како што треба, ниту да одат на настава е сигурно и безбедно. Ризик секогаш ќе има. Децата се вклучуваат на мобилни телефони за да учат, инаку селото е испустено, оддалечено, превоз нема, стабилен интернет нема“, вели повозрасен жител на селото кој додава дека во Бајловце има евдај 30-тина куќи сосе викендици.
Во Македонија веќе има неколку наставници кои се позитивни, а позитивно на коронавирусот е и второодделенче од радовишкото село Подареш.
Средношколците од Куманово, Струга, Дебар, Тетово, но и родителите во Македонска Каменица веќе протестираа и бараа настава со физичко присуство.
Од друга страна бројката на заразени со коронавирусот расте, и на повидок се нови рестрикции во движењето.
Сања Атанасовскафото Фејсбук
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.