Како „Уготур“ стана “пали – гаси“ за набавки во скопска „Европа“?
Објавено во: Економија 28 Мај, 2020
„Уготур“ е компанија чија дејност е подготовка и дистрибуција на храна за работничката менза на поранешниот гигант – скопската Железарница. Оваа компанија ( која лани имала вкупни приходи од 200.000 евра) сега доби ексклузивен договор како набавчик на стоки и услуги на вредност до 5,7 милиони евра кои ќе ги плати скопската кондиторска индустрија „Европа“
Скопски „Уготур“ ќе стане агент – посредник што ќе набавува стоки и услуги за потребите за кондиторската индустрија „Европа“. Вредноста на ексклузивниот договор за посредување што ќе го добие „Уготур“ од „Европа“ е до 5,7 милиони евра и може да биде составен од повеќе договори при што „Уготур“ ќе избира најповолни понудувачи за стоки и услуги на кондиторската индустрија „Европа“. Ова е содржано во предлог одлуката што на претстојното акционерско собрание треба да ја одобрат мнозинството акционери на „Уготур“ затоа што согласно со Законот за трговски друштва станува збор за голема зделка. Односно книговодствената вредност на имотот на „Уготур“ е околу 832.000 евра, а со „Европа“ ќе склучи договор за набавка на стоки и услуги во вредност до 5,7 милиони евра.
Не е познато зошто „Европа“ го одбра токму „Уготур“ за ваква зделка со која му дава овластување (веројатно за определен надоместок ? н.з.) да врши избор на најповолни даватели на услуги и снабдувачи со стоки за потребите на „Европа“. Навистина зделката е „мистериозна“ особено заради тоа што „Уготур“ е компанија чија основна дејност е подготовка на храна за работничка исхрана и лани имал вкупни приходи од 200.000 евра. Сега од „Европа“ ќе добие рамка да набавува за нејзини потреби стоки и услуги во вредност до 5,7 милиони евра.
Особено е интересно тоа што „Уготур“ станува ексклузивен посредник – снабдувач на „Европа“. Ексклузивен затоа што кога ќе се соберат официјалните податоци за збирот на ланските трошоци на „Европа“ за набавка на суровини и за исплата на услуги со карактер на материјални трошоци е 6,6 милиони евра. Годинава „Уготур“ ќе договара набавки за „Европа“ во вредност до 5,7 милиони евра. Тоа е 86 отсто од збирот на ланските трошоци за суровини и услуги со карактер на материјални трошоци.
Каде е линкот меѓу „Европа“ и „Уготур“?
Корпоративните податоци за сопственост во друштвата укажуваат на извесна поврзаност. „Уготур“ е голем акционер во „Макошпед“ (поседува 15,2% отсто од акциите н.з.) . А „Макошпед“ е компанија што е најголем поединечен акционер во „Фершпед“ (поседува 12,9 отсто од акциите). А „Фершпед“ и „Макошпед“ заедно поседуваат 40 отсто од акциите во скопска „Европа“.
Извршната директорка на „Уготур“ поднела неотповиклива оставка
„Уготур“ деновиве на берзанскиот информативен сервис СЕИ НЕТ објави предлог одлука за претстојното собрание во која се предлагаат два нови члена на Одборот на директори со што бројот на членови во врвното управувачко тело на компанијата ќе се зголеми од 4 на 5 лица. Во образложението кон предлог одлуката е наведено дека во март извршната директорка на „Уготур“ Бојана Анѓелеска поднела неотповиклива оставка. Нови предложени членови на бордот се Оливер Стојчевиќ и Душко Анѓелов.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.