КАРДИОВАСКУЛАРНИТЕ ИЛИ МАЛИГНИТЕ ЗАБОЛУВАЊА НАЈЧЕСТА ПРИЧИНА ЗА СМРТЕН ИСХОД: И покрај целосната вакцинација против ковид
Објавено во: Македонија 07 Септември, 2021
Четвртиот бран на
корона вирусот избувна во Македонија од почетокот на август. Нагло се зголеми
бројот на новозаразени, а како последица на тоа почна и преполнувањето на
болничките капацитети, посебно во Тетово, Гостивар, Кичево, Струга,
Струмица..., како и Инфективната клиника во Скопје. Особено алармантен е
податокот за починатите. Во официјалната светскат статистика, според податоците
од Университетот Џонс Хопкинс, Македонија е на врвот, односно четврта рангирана
со стапка на смртност од 3,4 отсто и со 291 починат пациент на 100.000 жители.
Вчера починаа 32 пациенти, но изминатиов месец, бројката е константно над 20, па точно за еден месец, од 6.август до 6.септември во земјава поради компликации на корона вирусот починаа 591 пациенти. Меѓу нив има и многу млади луѓе. Најмладата пациентка е 15-годишно девојче од Тетово, кое почина минатата недела на Инфективната клиника. Од оваа институција соопштија дека девојчето било донесено во многу тешка состојба, но имало и прекумерна телесна тежина, што според лекарите е еден од најголемите ризик фактори за настанување компликации на корона вирусот. Освен 15-годишната пациентка, поради компликации на болеста починаа и неколку 20-годишни момчиња. Ниту еден од овие млади не бил вакциниран против корона вирусот. Затоа здравствените власти посочуваат дека во овој момент е најважно опфатот на вакцинација да биде што поголем токму кај оваа популација, над 18 години.
Но, македонската јавност е многу позагрижена од фактот дека и целосно вакцинирани луѓе не успејаа да се изборат со болеста.
Од 6.август заклучно со 2. септември, од вкупно 480 починати има 51 пациенти кои се целосно вакцинирани, односно ги имаат примено двете дози од вакцината против корона вирусот и се изминати најмалку 14 дена по примената втора доза кога според експертите веќе постои одреден степен на антитела. Иако се уште нема официјални податоци дали и меѓу 111 починати од петокот до вчера има вакцинирани пациенти, процентот е далеку од занемарлив, односно е 13 отсто.
Во оваа насока, Фактор побара одговори од Министерството за здравство, од каде велат дека сите починати кои се вакцинирани целосно примиле вакцини од различни производители. Меѓу нив, како што истакнуваат, има и луѓе кои биле вакцинирани во странство со вакцината на Модерна и Џонсон и Џонсон.
-Граѓаните кои се вакцинираат на територијата на нашата држава, се вакцинираат со сите достапни вакцини кои ги имаме на располагање. Најчеста причина за компликации и смртен исход кај пациентите покрај спроведената комплетна вакцинација, се хроничните болести најчесто кардиоваскуларни или малигни заболувања, велат од Министерството за здравство.
Посочуваат и дека нема опасност за уништување на вакцините, сите вакцини се уште имаат рок на траење, а интересот на вакцинација се зголемува. Во период од јули до крајот на август, како што велат од Министерството за здравство, според епидемиолошките анализи,најголема смртност кај пациенти со ковид имало во градовите каде имало најнизок процент на вакцинирано население. Во градовите како Гевгелија, Кавадарци, Ресен и Берово каде што опфатот со вакцинација е помеѓу 54-61%, бројот на починати е најмал, за разлика од Тетово, Гостивар, Кичево, Струмица, каде што и бројот на новозаразени нагло се зголеми, и истовремено се направи најголем притисок врз болниците.
Затоа, како што апелираат здравствените власти,
-Министерството за здравство повикува на одговорност од граѓаните во почитување на мерките. Сите засегнати страни на кои се однесуваат мерките потребно е активно да учествуваат во процесот за борба против вирусот, а тоа подразбира и целосно почитување на сите мерки кои се на сила. Министерството за здравство има воспоставено систем на креирање и препознавање на веродостојноста на сертификатите за вакцинација, а надлежните органи за контрола истите ги употребуваат при индентификација на документот, велат за Фактор од Министерството за здравство.
Анита Буховски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.