Ќе „фрчат“ казни за 1 мај: Не палете оган на отворено – казна е 200 евра!
Објавено во: Македонија 29 Април, 2015
Први мај и продолжениот викенд ни тропаат на врата.
Ова се деновите на кои сите им се радуваме. Некои поради дружењето со пријателите,некои пак поради продолжениот викенд во кој ќе можат да одморат од работа.
Ова се денови во кои повеќето од вас ќе се одлучат да заминат во природа. Затоа наше е да ви ја пренесеме оваа информација која ќе ве интересира.
Имеено од Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, апелираат до граѓаните коишто планираат претстојниот празник 1 Мај и деновите од продолжениот викенд да го поминат во природа, особено на местата како што се: Парк –шумата Водно, Парк на природата Гази Баба, СРЦ Сарај, Езеро Треска, кањонот Матка и други излетнички места, да не палат оган на отворен простор и да не фрлаат отпад.
Воедно велат дека екипи на Градот и ЈП „Паркови и зеленило“ во согласност со мерките и надлежостите за одржување и заштита на градското и вонградското зеленило, ќе преземаат мерки и активности за превентивно дејствување и ќе бидат присутни и ќе вршат контрола на јавните површини.
Потсетуваат дека казната за палење оган на јавна површина е 200 евра, а за фрлање и оставање отпад 50 евра.