Кинескиот претседател поттикнува раст на акции на фабрики за производство на туршија
Објавено во: Свет 10 Септември, 2013
Откако беше откриено дека кинескиот претседател Си Џинпинг сака туршија, на берзата се случи вистинска „побарувачка“ за акциите на компании производители.
Имено, откако кинеската агенција Синхуа пренесе дека Си во авион за време на централноазиска турнеја јадел „џакај“, коренест зеленчук во туршија, акциите на компанијата Фулинг џакај, за која туршијата е главен артикал, пораснаа за 10 отсто, што е дозволен максимум.
Тоа не е првпат семејството на кинескиот претседател да привлекува внимание на јавноста за некои од домашните производи.
Пенг Лијуан, сопруга на Си со својот модел стил за кој се заслужни кинески дизајнери на облека, предизвика големо интересирање на своите сонародници со облеката „made in China“.
Според западни медиуми, џакај и без претседателскиот „поттик“ е многу популарен во Кина особено меѓу работниците и војниците. Кинеските власти дури и користат резултати од продажба на туршија за да следат полесно движење на работната сила во државата, јавуваат западни медиуми.