Ќе ги позлати ли ЕЛЕМ машините за ископ во РЕК Битола?
Објавено во: Економија 19 Февруари, 2019
РЕК Битола лани во март распиша тендер за набавка на 44 машини за околу 20 милиони евра со кои ќе копа јаглен и јаловина. Паралелно со ова од јануари лани до сега ЕЛЕМ склучи десетина договори со приватни фирми за ископ на јаглен и јаловина и за тоа ќе плати до 27 милиони евра. Во ЕЛЕМ одлучиле да го поништат и во април годинава да распишат нов тендер. Анализите на РЕК Битола покажале дека треба да го чекаат новиот Закон за јавни набавки од 1 април затоа што актуелниот закон преферира најниска цена и набавката немало да го даде потребниот квалитет. Ова ќе отвори простор надворешните фирми уште една година да добиваат работа во РЕК Битола во дестици милиони евра!
РЕК Битола склучила договори и ќе плати до 27 милиони евра за ископ на јаловина, јаглен и за ангажман на механизација за ископ, покажуваат јавните податоци за тендери што ги склучи ЕЛЕМ за потребите на РЕК Битола од почетокот на 2018 година до сега. Според достапните јавни податоци на платформата на time.mk „Фактор“ ги обработи само тендерите за ископ на јаловина, јаглен и за давање услуги за градежна или помошна механизација кои се поголеми од 0,5 милиони евра. Ги има 12 на број за периодот од почетокот на 2018 година до сега. Нивната вредност надминува 27 милиони евра.
Од март лани ЕЛЕМ за потребите на РЕК Битола распиша тендер за набавка на механизација со која ќе го врши ископот на јагленот. Првичната проценка на вредноста на набавката беше околу 20 милиони евра, а стануваше збор за 44 машини. Во октомври лани, во одговорот на РЕК Битола пишуваше , цитираме: „Ова е целата помошна механизација што му е потребна на РЕК Битола за да не ангажира повеќе надворешна механизација“.
Што требаше да набави ЕЛЕМ за потребите на РЕК Битола:
Набавка опфаќаше: 8 хидраулични багери-ровокопачи, 9 булдожери, 2 грејдери,3 автодигалки, 3 утоварувачи, 2 комбинирани градежни машини-скипови, 4 телескопски чистачи на транспортни ленти, 2 цистерни за вода, 3 товарни возила со хидраулична рака за кревање и превоз на товар и 8 камиони-дампери со носивост од 30 тона.
Кој колку тендери доби од почеток на 2018 година до сега?
Битолски „Пелистер“ во два наврати за ископ на јаловина во РЕК Битола доби работа за 8,6 милиони евра. Битолскиот конкурент „Марковски компани“ за услги од градежна механизација, помошна механизација и за ископ на јаловина доби 4 тендери во вкупна вредност од 10,3 милиони евра. МИС Комерц од Скопје за ангажман на градежна механизација на повик може да земе до 4,3 милиони евра, а „Гранит“ за ископ на јаловина ќе земе 1,27 милиони евра. Битолската фирма „СБ Инвест“ за ангажман на помошна механизација и за ископ на јаловина ќе земе 1,67 милиони евра милиони евра, а „Рубитон“ од Битола за ископ на јаловина ќе добие 1,18 милиони евра. „Рудкоп“ од Битола е најмал во оваа конкуренција според вредноста на добиени тендери. Добил еден тендер вреден над пола милион евра, поточно 0,58 милиони евра, за ангажман на помошна механизација за потребите на рудникот.
На прашањето на „Фактор“ во која фаза е тендерот за набавка на механизација кој беше распишан лани во март од ЕЛЕМ го добивме овој одговор што го пренесуваме во целост:
Одговор од ЕЛЕМ (интегрално): Во март 2018 година, АД ЕЛЕМ објави тендер за набавка на помошна и циклична механизација за потребите на РЕК Битола. На огласот, се пријавија голем број на компании кои при техничкиот дијалог поставија голем број на прашања. Анализите покажаа дека со сегашниот Закон за јавни набавки, каде што цената е единствениот критериум за избор на најповолен понудувач, квалитетот ќе изостане и дека ќе бидат набавени машини и опрема кои нема да ги задоволат потребите на компанијата, а финансиските средства предвидени за оваа намена ќе бидат потрошени. Во меѓувреме, веќе беа најавени измени на Законот за јавни набавки и направените анализи покажаа дека е подобро да се сочека да влезе во сила новиот Закон, каде и квалитетот ќе биде една од можностите за избор, односно за рангирање на компаниите, при што АД ЕЛЕМ ќе може да набави навистина квалитетна опрема за потребите на РЕК Битола. АД ЕЛЕМ ја уверува македонската јавност дека по влегување во сила на Законот за јавни набавки на 1 април, компанијата ќе ги објави огласите за набавка на помошна и циклична механизација за потребите на РЕК Битола, уверена дека набавката успешно ќе заврши. Двете јавни набавки се предвидени во нашата инвестициска програма, а вкупната вредност за набавка на опремата е 40 милиони евра, средствата кои се веќе обезбедени.
Р.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.